Интервјуа

Култура на интернет како борба со културата на стравот

Oсвен вработените во културните институции, сè друго е на колена

Шекспир е онлајн. Секако, не буквално, туку симболички. Вонредната состојба со корона вирусот низ светот мотивираше поголема група англиски актери, во живо пред нивните веб-камери да изведуваат чин од култната „Хенри IV“, како дел од проектот „Шоуто мора да продолжи онлајн“. Роберт Мајлс, авторот на оваа платформа, вели дека Шекспир отсекогаш бил „утеха за оние кои се во мака и изолација“.

И кај нас, националните институции од културата, веќе две недели објавуваат видеоснимки од постари претстави и концерти во обидот да ја одржуваат во живот, културата и потребата од култура.

За тоа како оваа „виртуализација“ влијае врз културната индустрија кај нас, БИРН разговараше со Никола Гелевски, уредник на порталот за култура „Окно“ и долгогодишен проследувач на културните политики во земјава.

Култура на стравот

Можно е да се променат и културните навики на луѓето | Фото: Ј. Белиќ

Гелевски вели дека во најопшта смисла, и болестите и начините како се справуваат луѓето со нив, се културно прашање, а не само биомедицинско, тргнувајќи од етимологијата.

„Впрочем, латинскиот збор култура има врска и со вирусите: Викаме „култура на вируси“. Освен во биохемијата, зборот е уште жив и во земјоделието, бидејќи првично токму значел земјоделие, одгледување, облагородување… Во поширока смисла, култура значи преработка и усовршување на нешто, некоја градба, некој материјал, за одредена цел“, вели Гелевски, додавајќи ја досетката на Едуар Ерио дека „Културата е она што останува кога сè ќе заборавиме.”

Тој недвосмислено смета дека новиот корона вирус значајно влијае врз културната сфера, во која работа ќе изгубат милиони луѓе, а „можно е да се променат и културните навики на луѓето, можно е „културната индустрија“ и на среднорочен план да доживее удари, редефинирања и репозиционирања“.

Гелевски ги поддржува мерките за изолација, но во еден поширок контекст, раскажа дека му пречи културата на стравот и паниката, кои вирално се шират, особено низ социјалните медиуми.

Ајде да ги спасиме следниве месец-два тие 1.000 луѓе во Македонија, ама ајде следната година да ги спасиме и оние 1.200 што треба да умрат од загаден воздух.

Нив, како што вели, ги шират „локални херои кои се спремни на најтврди полициски мерки за дисциплинирање на граѓаните; самите се нудат како урнеци на дисциплината“.

Како контрапункт, за Гелевски се неодговорните, типични за овие простори. Но, му пречи „тоталитаризмот“ во размислувањата за сè построгите полициски мерки.

Покосена културна индустрија

Со културата преселена на интернет предничат независните културни работници | Фото: БИРН / В. Маглешов

Разговарајќи за влијанието на вонредната состојба и изолацијата, Гелевски го аспектира тоа што културните индустрии во повеќето западни земји учествуваат во бруто-националниот производ од 5 до 10 проценти.

„Станува збор за исклучително моќни општествени сегменти во кои работат многу луѓе, се вртат големи пари, и често се извршуваат влијанија позначајни од дипломатијата или војската (Холивуд е доволен пример)“. Но, тоа е во странство. Кај нас, состојбата е поинаква.

„Во финансиска смисла, на колена се сите, освен вработените во културните институции“, вели Гелевски, додавајќи дека вонредната состојба ја покосила културата кај нас.

„Културата во нашата земја, сфатена како културна индустрија, е слаба. За жал, немаме јасни податоци за целото поле: колку луѓе работат во сферата, колку пари се вртат и што воопшто опфаќа таа сфера. Но, сферата сигурно не е ни за занемарување. Во поширокото поле на културата, сигурно директно работат барем десетина илјади луѓе, а индиректно многу повеќе“, раскажува Гелевски.

Тој потенцира дека порано институциите биле речиси единствени произведувачи на културни содржини, а последниве години праксата е спротивна.

Сега според него, институциите се затворени во себе и сè помалку имаат волја да продуцираат културни артефакти, а голем придонес имаат независните иницијативи, приватниот и невладиниот сектор.

„Дури и сега, во кризава, со културата преселена на интернет, пак предничат поединците и независните културни работници. Луѓе од дома организираат концерти, читања, изложби, театар… И кај нас има такви одлични иницијативи, сајтови за деца, креативни уметници, информативни и одговорни медиуми…“, вели тој, потенцирајќи дека хрватското Министерство за култура деновиве ќе објави програма за поддршка на онлајн-културата.

Гелевски смета дека средишната институција на културата во Македонија, Министерството за култура, е „застарена, заостаната, и неефикасна институција“, а токму тоа е причината поради која, немаме јасна слика за себе, за тенденциите, за сегашноста и за минатото.

„Како и да е, Министерството за култура е единствениот фактор, кој колку-толку може да го амортизира ударот врз културните работници. Не знам колкави се нивните можности за мобилизација во вакви тешки моменти, но не сум оптимист“.

Април без традиционалниот Саем на книга

Македонците, ем слабо читаат, ем слабо купуваат | Фото: БИРН / В. Маглешов

Гелевски раскажува дека нив, како издавачи, Саемот на книгата, кој поради корона вирусот нема да се одржи во април, им е најважен настан во годината – единственото место каде што можат да се заработат малку повеќе пари, кои би се вложиле во нови проекти и во исплата на долгови.

„Од издаваштвото, иако и тука немаме прецизни бројки, живеат неколку илјади луѓе кај нас. Издаваштвото ги помага и печатниците, дизајнерите, уметниците, писателите…“, вели Гелевски.

Проблем е и што многу луѓе од широко сфатениот културен сектор (и не само од тој сектор) работат во „сивата зона“, надвор од радарите на Управите за јавни приходи, надвор од системот, впрочем.

Тоа индиректно ќе влијае врз издаваштвото, кое, како што вели тој, и онака е неразвиено.

„Македонците, ем слабо читаат, ем слабо купуваат. Книжарниците едвај опстојуваат, библиотеките пропаѓаат и немаат пари за откуп, не постои критика, не постојат кредибилни здруженија на издавачи (што значи, се разбира, дека вината во голема мера е кај самите нас) итн.“

Културата ќе треба одново да се согледува

Кога ова ќе заврши, ќе треба одново да се согледува целокупната слика на културата | Фото: БИРН / В. Маглешов

Ова продолжено време на „домашна евакуација“, Гелевски го користи да чита. За БИРН вели дека повторно ја прочитал „Генеалогија на моралот“ на Фридрих Ниче и книгата на Сузан Сонтаг, „Болеста како метафора“.

Издвои цитат од Сонтаг, во контекст на состојбата, кој вели: „Болеста е ноќната страна на животот, пострадалната. Секој што е роден има двојно државјанство, во царството на здравите и во царството на болните.“

На прашањето кој филм најсликовитно би ја отсликал сегашната состојба, Гелевски го препорача „Светилникот“, филм од 2019 година на Роберт Егерс, со Вилијам Дафо и Роберт Патинсон, каде што двајца луѓе се наоѓаат на изолиран остров, а „друштво“ им прави еден светилник.

„Сè е многу прецизно, а рамката, контекстот (светилник, изолиран остров, сурова природа) се совршено избрани и искористени. Се разбира, бегство од лудилото и судбината нема дури ни во светилникот на изолираниот остров“.

Кога ова ќе заврши, ќе треба одново да се согледува целокупната слика на културата, во сите нејзини разгранати значења, и нејзината улога во општеството, вели тој.