Регион

Белград: пресуда за сексуално злоставување во војна

Влезот во зградата на Вишиот суд и на Обвинителството за воени злосторства на Србија. Фото: БИРН

Вишиот суд во Белград,  го осуди Милош Чајевиќ, поранешен припадник на интервентниот вод на резервниот состав на полицијата во Брчко, за воени злосторства врз цивили.

Тој беше прогласен за виновен за заплашување и нехуман третман, бидејќи принудил двајца браќа на сексуален однос и затоа што им се заканувал на други цивили во Брчко.

Судот го осуди на седум и пол години затвор, но бидејќи тој веќе издржува шестгодишна казна за убиство, судијата го осуди на единствена казна од 13 години затвор.

Со пресудата беше утврдено дека во средината на мај 1992 година, Чајевиќ принудил затвореник во логорот „Лука“ во Брчко, да го удри својот брат, кој, исто така, бил затвореник.

Имено, Чајевиќ натерал еден од браќата да лиже сок од под, а потоа ги принуди двајцата да имаат меѓусебни сексуални односи.

Браќата, идентификувани со иницијалите М.А. и С.А., сведочеа пред судот дека во просторијата со Чајевиќ, додека ги терале на сексуални односи, биле присутни и други војници, кои ги гледале и се смееле.

Со пресудата, исто така, беше утврдено дека Чајевиќ се заканувал дека ќе убие 11 цивили во стан во Брчко, на крајот на мај 1992 година, вклучувајќи и две малолетни лица.

Чајевиќ беше ослободен од обвинението дека донел Бошњачка приведена во куќата во која престојувал тој и другите членови на неговата единица, и оти секојдневно ја присилувал на сексуален однос со нив.

Жртвата, идентификувана со иницијалите Н.А., пред судот сведочеше дека била принудена да има сексуален однос спротивно на нејзината волја и дека Чајевиќ, во една прилика, го држел пиштолот покрај креветот, а во друга прилика донел две кучиња, добермани, и ѝ рекол дека се гладни, по што три дена ја оставила сама со нив.

Чајевиќ ги негираше сите обвиненија.

Тој пред судот изјави дека зел некои затвореници од логорот „Лука“ и ги однел на испрашување во полициската станица, но дека потоа ги вратил и дека никогаш не влегол во самиот логор.

Тој посочи дека една од задачите на неговата единица била да ги проверува становите во градот и да води евиденција за бројот на луѓе во нив, но дека никогаш не тепал, ниту малтретирал некого.

Тој истакна дека никогаш не ја видел жртвата на силување во куќата каде што била затворена.

Чајевиќ, во септември 2016 година, беше осуден за убиство извршено во Брчко, за време на војната.

Имено, Апелацискиот суд во Нови Сад го осуди на шест години затвор, за убиството на 66-годишна Бошњачка, во мај 1993 година.

Пресудата е првостепена и на неа може да се вложи жалба.