Интервјуа

Белопета: Чудо е како опстојуваат ОФФест и Џез-фестивалот

Во последниве 5-6 години се доведува во прашање одржувањето на фестивалите, вели во интервју за БИРН, директорот на Скопскиот џез-фестивал, Оливер Белопета

На бирото има планина документи складирани во папки, расфрлани визит-картички и заборавени брошури од постари изданија на ОФФест, а на ѕидовите закачени постери од Скопскиот џез-фестивал во нивниот препознатлив минималистички дизајн.

Буквално секоја рамна површина околу бирото е натрупана со цедеа, меѓу кои го има и она на ѕвездата на овогодинешниот ОФФест, африканската музичарка Фатума Диавара. Toa e нејзиниот последен албум, кој со насловната слика нѐ носи во пустина, некаде во Мали.

Вака изгледа зад сцената, во канцеларијата на директорот на Скопскиот џез-фестивал (СЏФ), Оливер Белопета, една недела пред стартот на 18-то издание на единствениот ворлд мјузик-фестивал во земјава.

Овогодинешниот ОФФест беше повод да го посетиме Белопета во дирекцијата на Скопскиот џез-фестивал, во скопско Дебар Маало. Зборувавме за проблемите што неговите фестивали ги имаа со паричната поддршка од Министерството за култура и за сето она што од година во година го отежнува постоењето на овој и на постариот Скопски џез фестивал.

Доцнат парите за ОФФест

„ОФФест на неколку дена пред почетокот на фестивалот нема добиено ниту денар!“ | Фото: БИРН

Жестоки реакции имаше откако Министерството за култура првично не одвои пари за годинешните изданија на фестивалите што ги организира Оливер Белопета.

„Бевме изложени на доста подметнувања, што не е некое изненадување за мене.“

По критиките во јавноста, Министерството ја ревидираше одлуката и на фестивалите им додели половина од парите што ги добиле минатата година. Белопета се жалел и на втората одлука, бидејќи со тие пари ОФФест и Скопскиот џез-фестивал можел да ги сведе само на манифестации од локален или од строго балкански карактер.

„Јас за таква варијанта воопшто не бев подготвен да размислувам, размислував друго – да ставам точка на обата фестивали.“

По новата жалба, сумите се вратиле на минатогодишните, меѓутоа сега, пак, парите доцнат.

„ОФФест на неколку дена пред почетокот на фестивалот нема добиено ниту денар!“

Во првиот момент кога Скопскиот џез-фестивал и ОФФест не добија пари, Белопета реагираше дека овие манифестации се изоставени поради лични причини на членови на комисијата.

„Знаев дека постои лична причина кај еден човек, класичен шутрак, во буквална смисла на зборот. И некој над него, веќе добро познат, кој го ‘потапшал’ по рамото за тоа. Да, шутрак и периферна фигура, но човек кој во процедурата можел да направи идиотштини.“

Белопета бил шокиран од официјалното образложение дека не ги доставил сите потребни документи на конкурсот и тврди дека тоа не е вистината.

Естрадата пред културата

„Не може да бидат помагани концерти на големите балкански поп-звезди“ | Фото: БИРН

Во медиумите и по социјалните мрежи се коментираше како тоа државата во првиот наврат одлучи да даде пари за помалиот Џез-фестивал во Тетово, меѓутоа не и за Скопскиот џез-фестивал, кој е далеку пореномирана манифестација.

„И на Тетово му е потребен џез фестивал!“, дециден е Белопета и аргументира дека во соседните земји има далеку повеќе џез-фестивали споредено со Македонија.

Тој гледа друг проблем во врска со државната поддршка на културата. Има впечаток дека во последниве две години, во реализацијата на конкурсот за Годишната програма за финансиска поддршка постојат два посебни дела, македонски и албански.

„Како да функционираат две паралелни министерства, до степен на некаква кантонизација, која најмалку ни е потребна.“

Дилемата за болнички коли е евтина замена на тези
Околу настапот на Тамара Тодевска на Евровизија имаше коментари дека подобро е да се купат амбулантни возила со парите потрошени за тој настап.
„Тоа е многу евтина и најдолна замена на тези. Државата има и образование, здравство и култура и треба да има доволно пари за сè“, смета Белопета.
Тој вели дека може да се постават многу потешки прашања за тоа како се трошат народните пари.
„Има доволно скандали со години наназад. Како и на што се трошеле пари во проектот Скопје 2014? Болнички коли може да се купат и со парите што се отидени за мебел од телешка кожа во МЕПСО!“

Оваа власт, за разлика од претходната, ги објавува сумите што ги дели на културните манифестации преку годишната програма.

„Одеднаш се појави една транспарентност, но знаете што? Ако тие годишни програми навистина се скандалозни, какви што се, таа транспарентност станува дрскост. Зашто вие можете да реагирате, ама тоа нема многу да промени.“

Уште еден аспект од културната политика сериозно му пречи на директорот на Скопскиот џез-фестивал. Белопета вели дека воопшто не се разликува што е музичка уметност, а што е естрада.

„Не може да бидат помагани концерти на големите балкански поп-звезди, кои сами по себе се многу профитабилни.“

Според него, јавноста малку знае што е заднината зад ваквата поддршка на естрадата. Последицата од поддршката на ваков тип концерти, вели Белопета, е ослободување од плаќање ДДВ за влезни билети.

„Да ја тргнеме Европа на страна, ова го нема никаде ни на Балканот, ниту во Србија, Босна, Хрватска или во Словенија.“

„Тука е суштината на приказната околу поддршката на естрадата. Тоа може да е работа и за Антикорупциската комисија. А можеби и посериозно, затоа што се работи за свесно ‘олеснување’ на буџетот на државата со потпис на министерот за култура.“

„Постоењето на фестивалите како СЏФ е чудо“

„Во последниве пет-шест години, двата фестивали се работат во ненормални услови“ | Фото: БИРН

Со стимулирањето на естрадата, вели Белопета, државата ја воспитува младата публика во таа насока. А, според него, негативна улога имаат и електронските медиуми, кои се ширум отворени за балканските поп-ѕвезди, но не и за културата.

„Затоа тешко оди со новите генерации за сериозните музички настани, класична музика, џез, па дури и за рок-музика. Дополнително, иселувањето на младите од земјава може да се забележи и во салите. Токму младите и образувани луѓе се таргет-група на убавите концерти.“

Осипувањето на публиката е само дел од проблемите.

„Во последниве пет-шест години, двата фестивали се работат во ненормални услови. И често виси варијантата на завршување на нивната приказна. Во еден момент бев дури решен и тоа да го направам.“

Покрај финансиите и доцнењето со државната поддршка, Белопета набројува и други фактори што ја отежнуваат реализацијата на Скопскиот џез-фестивал и на ОФФест. Универзалната сала е затворена и не се знае кога ќе биде реновирана, а воопшто не била едноставна дислокацијата на фестивалите на други неприродни места.

Сега тие главно се одржуваат во објектот на Македонската опера и балет, меѓутоа во еден момент и таа зграда не била достапна. Опција не е ниту новата Македонска филхармонија, бидејќи, како што тврди директорот на СЏФ, таму акустиката е соодветна за сериозната музика, меѓутоа е катастрофална за џез-концерти.

Има проблем и со ОФФест. Фестивалот се одржува на почетокот од јуни и Белопета вели дека тој си бара отворена сцена, „впрочем сите фестивали во Европа во тој период се држат на отворено“.

„Скопје нема летна сцена и не верувам дека ќе ја добие, иако тврдам дека за такво нешто сигурно има пари и не е прескапо да се направи.“

Понатаму, Скопскиот џез-фестивал е познат по тоа што носи големи пијанисти, а сега е сведен на едно, како што го опишува Белопета, веќе неупотребливо пијано, кое секоја година го носат од Охрид.

„Тоа е жив срам и огромен ризик.“

Поради сите овие состојби, тој смета дека секоја година е чудо што, сепак, се одржуваат фестивалите.

„Ланското издание на Џез-фестивалот го сметав како негова лебедова песна, со ексклузивноста на програмата на која бев многу горд. Годинава со ОФФест исто имам некое мислење дека оваа, јас најдобро знам – извонредна програма, ќе го донесе и последното издание на фестивалот. Сепак, останува она вроденото – оптимизам, сега веќе измешан и со скептицизам.“