Анализи

Без независно судство, Титаник ќе продолжи да плови

Политизираното судство и кратките рокови што ги има тимот на Катица Јанева за постапување, под знак прашалник го става целиот процес на докажување на едни од најтешките кривични дела кои пред себе ги има Специјалното јавно обвинителство и целиот правосуден систем во земјава

Ексиминистерката Јанкулоска го напушти судот по 9 часа распит

Ексиминистерката Јанкулоска го напушти судот по 9 часа распит

Целиот Кривичен суд во Скопје треба да биде изземен од постапување во случајот „Титаник“, смета претседателката на „Транспаренси Интернешнл Македонија“ Слаѓана Тасева, откако за првпат во историјата на македонското судство, за едно од најсериозните дела, „злосторничко здружување“, судот одлучи да не биде определен притвор на осомничените лица.

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска вчера околу 22 часот го напушти судот по извршениот распит, а неколку часа претходно не му беше одреден притвор ниту на Исмет Гури, член на општинската изборна комисија во Чаир. И Кирил Божиновски, генералниот секретар на Владата, како и уште две други лица, К.Т. и Н.В, „куртулија“ од притвор.

Ден претходно, слободни од судот излегоа и поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески и градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко. Кривичниот совет сè уште се нема изјаснето во однос на жалбите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во однос на притворот.

Невозможно е формирање на специјален суд

Тасева: Треба сериозно да се разгледа прашањето на непристрасноста на судиите

Тасева: Треба сериозно да се разгледа прашањето на непристрасноста на судиите

По ослободувањето на осуммината осомничени за случајот „Титаник“ од притвор, во јавноста сè повеќе се отвора прашањето за можните сопки на кои ќе наидува Специјалното јавно обвинителство во иднина, кое е исправено пред два предизвици.

Првиот се институциите, за кои е сè поизвесно дека не се расположени за соработка со СЈО, а вториот е тесниот рок од 18 месеци (од кои речиси три веќе изминаа) во кои специјалното обвинителство треба да ја заврши својата работа. Оттаму се зачна и прашањето за формирање специјален суд, но, формално – правно, за тоа постојат голем број пречки, а и отворање и менување на Уставот.

Токму затоа, дел експерти сметаат дека треба да се најде друг начин за судството да се ослободи од политичките спреги и да постапува независно. За Тасева, тоа е распуштање на Кривичниот суд, додека за поранешниот антикорупционер, а актуелен адвокат Јован Трпеновски, тоа е промена на свеста кај актулените судии.

„Треба сериозно да се разгледа прашањето на непристрасноста на судиите со оглед на веќе познатите факти, анализи и сведочења за тоа дека судството не е независно, а некои од судиите и директно биле во контакт со лицата опфатени со пријавата“, вели Тасева и додава дека „доколку Судскиот совет е независен, самата информација за постоење на одредени имиња во тефтерот на Јанкулоска, односно нејзиното влијание за нивно назначување за судии, треба да биде доволна причина за изземање не само на судиите туку и на целиот Кривичен суд во Скопје“.

Трпеновски: Ова е голема пресија за судиите од Кривичниот суд

Трпеновски: Ова е голема пресија за судиите од Кривичниот суд

„Ова е голема пресија за судиите од Кривичниот суд“, вели Трпеновски, додавајќи дека ќе биде потребно време за тие да го тргнат политичкиот притисок што го чувствуваат и да почнат да одлучуваат независно.

„Неодредувањето на притвор на осомничените, за нас, познавачите на правосудниот систем не беше неочекувано. Сепак, СЈО си ја изврши задачата професионално, делата за кои се теретат овие лица се тешки, но сметам дека нема да биде тешко да се докажат. Пресија чувствуваат и судиите, но тие ќе мора да ја сменат свеста, тоа би требало да дојде само по себе, кога ќе почнат да се отвораат доказите“.

Специјален суд, според експертите е невозможно да се оформи, бидејќи тоа не е предвидено со Договорот во Пржино, а станува збор за долг процес во кој треба да се менува и Уставот. Тој долг процес е невозможен, бидејќи Специјалното јавно обвинителство има само 18 месеци пред себе за да ги реши сите случаи.

„Не мора да биде специјален суд. Можеби може да се размислува за определување на искусни судии за кои не постои сомнеж во нивната непристрасност и за избор на суд надвор од Скопје каде ќе се спроведат постапките“, вели Тасева.

Што понатаму?

Тимот на Катица Јанева веднаш поднесе жалби до Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1, во врска со неодредувањето мерка притвор на осомничените лица за случајот „Титаник“. Иако, според СЈО, советот, по жалбите за неодредувањето притвор за Јанакиески и Темелко требаше да се изјасни до вчера, до 22 часот, од судот соопштија дека тие поинаку го толкуваат законот и дека рокот за изјаснување од 48 часа почнува по приемот на одговорот на жалбата.

Обвинителката Фатиме Фетаи, која ја разбранува јавноста со својот настап при образложувањето на делата на осомничените, на потпишувањето на заклетвата во Специјалното јавно обвинителство | Фото: БИРН архива

Обвинителката Фатиме Фетаи, која ја разбранува јавноста со својот настап при образложувањето на делата на осомничените, на потпишувањето на заклетвата во Специјалното јавно обвинителство | Фото: БИРН архива

Сепак, сосема очекувано е дека Кривичниот совет ќе биде на иста линија со судиите во претходна постапка, кои одлучија да не им определат мерка притвор на Јанкулоска, Јанакиески, Гури, Божиновски и останатите осомничени.

„Специјалното јавно обвинителство може повторно да побара притвор за осомничените, доколку наиде на нови докази дека осомничените влијаат или пак се обидуваат да влијаат на сведоци“, вели Трпеновски.

Специјалното јавно обвинителство може повторно да побара притвор за осомничените, доколку наиде на нови докази дека осомничените влијаат или пак се обидуваат да влијаат на сведоци

Со оглед на тоа што овој случај досега беше во фаза на предистражна постапка, по прес – конференцијата на тимот на Јанева, почна истрагата за случајот. Неизвесно е колку таа ќе трае, но откако ќе биде оформено обвинението, случајот ќе се најде пред суд, доколку обвинението биде прифатено.

Тука впрочем се доаѓа и до најголемата пречка, бидејќи судот е крајната инстанца на одлучување, а големи се сомнежите за неговата независност од политичките инстанци.

„Сериозно се сомневам во капацитетот на судството да одговори на соодветен начин и непристрасно да ги води постапките по овие случаи“, вели Тасева.

Освен ова, роковите утврдени со законот се исклучително кратки со оглед на комплексноста на случаите, па оттаму е неизвесна, како судбината на „Титаник“, така и на останатите предмети кои ги работи тимот на Јанева.