До август 1992 година, Градското собрание служеше како национална библиотека, каде што беа сместени повеќе од два милиони книги, списанија и ракописи со неизмерна културна и историска вредност.
„Сараево беше изложено на силно гранатирање на 25 август 1992 година и „половина од градот гореше“, изјави за БИРН, Омер Шетиќ, еден од првите пожарникари што пристигнале до пожарот.
Набргу по пристигнувањето на пожарникарите, Шетиќ и неговиот тим сфатиле дека не можат да го спречат пожарот што се шири со само еден камион и ограничени резерви вода. „Навистина бргу го испразнивме резервоарот за вода“, ни рече Шетиќ. „Беше речиси под контрола, но додека чекавме да се наполни камионот, пожарот повторно почна да се шири“.
Кога пожарникарите конечно сфатија дека не можат да го стават пожарот под контрола, Шетиќ им се придружи на локалните жители, уметниците и работниците во спасувањето на културното наследство во Градското собрание. Тој ден беа зачувани околу 17.600 книги, вклучително и некои од таканаречената „специјална колекција“ на библиотеката. За жал, повеќе од два милиони книги, списанија и ракописи беа изгубени засекогаш.
Меѓу изгубените парчиња уништени од пламенот предизвикан од еден проектил имаше дела што сведочеа за мултикултурното, мултиконфесионално и мултиетничко општество на Босна и Херцеговина.
Реновираното Градско собрание беше повторно отворено во јули 2014 година, речиси 22 години откако беше опожарено.
Но, откако зградата повторно беше отворена, во неа е сместена само градската администрација. Националната и универзитетска библиотека на Босна и Херцеговина е преместена во кампусот на Универзитетот во Сараево, каде што условите се лоши.
„Не ни е дозволено да се вратиме во оваа зграда, ниту во третина од неа“, изјави за БИРН, Исмет Овчина, директор на Националната и универзитетска библиотека.
Тој тврди дека им било ветувано оти библиотеката ќе се врати во Градското собрание до 30-годишнината од пожарот, но тоа не се случило.
„Многу сме вознемирени поради тоа“, рече Овчина. „Можевме да користиме друг израз, но јас избирам зборови. Тоа покажува игнорантски и нецивилизиран однос, не само кон библиотеката, туку и кон културното наследство“.
Популарната „вијечница“ била изградена кога Австро-унгарија владеела со Босна, поранешната отоманска провинција што ја окупирала во 1878 година и ја анектираше во 1908 година.
Архитектурата на зградата, која беше отворена во април 1896 година, беше дизајнирана да ја одрази чувствителноста на новата влада кон големата муслиманска заедница во Босна, со пренагласени псевдоотомански и неомавритански атрибути.
Објектот првично беше дизајниран од Александар Витек, кој почина пред да биде готов, па го наследи Цирил Метод Ивековиќ.
Салата најпрво му била дадена на Градскиот совет, кој ја користел до 1949 година, кога била претворена во библиотека. Таму учеа и подготвуваа испити генерации сараевчани.