Танасис Кукакис е сигурен во едно: „Кога имате систем како Предатор, не го користите само за двајца луѓе“.
Истражувачкиот новинар Кукакис е во центарот на скандалот со недозволено следење во Грција, откако во март откри дека неговиот телефон бил заразен со Предатор, специјалниот шпионски софтвер.
Неговиот случај ќе беше заборавен и ставен под тепих, смета тој, ако четири месеци подоцна, во јули, не се откриеше дека и опозицискиот политичар Никос Андролакис бил цел на истиот шпионски софтвер.
Премиерот Кирјакос Мицотакис негираше дека владата има врска со скандалот, меѓутоа по него оставки поднесоа шефот на тајната полиција, Панајотис Контолеон, и генералниот секретар на владата, инаку внук на Мицотакис, Григорис Димитријадис
Премиерот Кирјакос Мицотакис негираше дека владата има врска со скандалот, меѓутоа по него оставки поднесоа шефот на тајната полиција, Панајотис Контолеон, и генералниот секретар на владата, инаку внук на Мицотакис, Григорис Димитријадис.
Комисијата при Европскиот парламент, која ја истражува употребата на Предатор во Европа, го покани Кукакис да приложи докази на 30 август.
Во интервју за БИРН, новинарот вели дека очекува нови откритија околу скандалот.
Само минатата година, според извештајот на регулаторот за комуникации и приватност на земјата, издадени се 15.475 наредби за почнување, продолжување или суспендирање на надзорот врз основа на националната безбедност.
Тоа е зголемување во однос на 13.751 наредба во 2020 година.
„Овие работи се без преседан и се случуваат само во Грција. Колку други новинари се следени? Колку други политичари? Не сме само јас и Андролакис“.
Сомнежите се потврдија
Приказната на Кукакис со софтверот Предатор е како сценарио од холивудски трилер. Само што ова не е фикција.
Кукакис е уредник на рубриката за финансии на Си-ен-ен Грција и соработник, меѓу другите, на Си-ен-би-си и на Фајненшл тајмс. Неговата работа предизвика сериозни потреси во владата на Мицотакис.
Во 2020 и во 2021 година пишуваше за контроверзните промени во грчкиот Кривичен законик, законодавството за перење пари и даночните регулативи, за кои критичарите велат дека се чекор назад во борбата против банкарските неправилности и даночното затајување.
„Нашите текстови предизвикаа реакција на владата, која испрати протестно писмо до Фајненшл тајмс преку министерот без ресор, Јоргос Герапетритис.“
„Овие текстови направија од мене ‘мета’ и ја мотивираа владата и кабинетот на премиерот, кои ја контролираат Националната разузнавачка служба, да почнат да ме следат“, вели тој за БИРН, оспорувајќи го самото негирање на Мицотакис дека владата некого шпионирала.
Кукакис почнал да се сомнева дека нешто се случува во 2020 година, кога неговиот „ајфон“ почнал необично да се однесува. Повиците се прекинувале и батеријата се празнела многу бргу. Тој ги контактирал изворите што ги развил како новинар и прашал дали е под надзор.
Кукакис почнал да се сомнева дека нешто се случува во 2020 година, кога неговиот „ајфон“ почнал необично да се однесува. Повиците се прекинувале и батеријата се празнела многу бргу
Одговорот што го добил бил: „Да“.
Шокиран, Кукакис се пожалил на надзорното тело, Грчката управа за безбедност и приватност на комуникациите, АДАЕ, но на одговор чекал цела една година.
Во меѓувреме, во март 2021 година, владата го измени законот и му го одзеде овластувањето на АДАЕ да ги известува поединците доколку им е повредено правото на приватност на комуникациите, што практично им овозможи на властите да не објавуваат информации за луѓето што се под истрага врз основа на националната безбедност.
Кон крајот на јули 2021 година, АДАЕ го информираше Кукакис дека, според сегашниот закон, немало прекршување на приватноста при неговите комуникации.
Секако, тој не можел никако да знае дека Предатор веќе „роварел“.
Две недели претходно, Кукакис добил порака на својот нов телефонски уред од непознат број.
„Танасис, дали го знаеш ова?“, гласела пораката што била придружена со линк до она што изгледало како вест од областа на финансиите.
„Го отворив линкот, иако не го препознав бројот, го немав во своите контакти“, се потсетува тој.
„Вака се заразив со шпионскиот софтвер Предатор. Софтверот беше активен до 24 септември 2021 година, значи отприлика три месеци.“
„Заканите не нè плашат“
Дури на крајот на 2021 година, Ситизен лаб, лабораторија на Универзитетот во Торонто, и Мета, матичната компанија на Фејсбук, го открија постоењето на малициозен софтвер за прислушување Предатор, создаден од компанија наречена Сајтрокс во Македонија.
Граѓанската лабораторија соопшти дека открила шпионски софтвер во телефоните на двајца египетски државјани – политичар и новинар – и дека понатамошното истражување Предатор открило можни клиенти на Предатор во голем број други земји, вклучително и Србија и Грција.
Во извештајот пишува дека луѓето биле измамувани со линкови од лажни интернет-страници. Кукакис ги контактирал авторите на извештајот и по форензичката анализа, Ситизен лаб, во март годинава го известила дека телефонот му бил „заразен“.
Дури на крајот на 2021 година, Ситизен лаб, лабораторија на Универзитетот во Торонто, и Мета, матичната компанија на Фејсбук, го открија постоењето на малициозен софтвер за прислушување Предатор, создаден од компанија наречена Сајтрокс во Македонија
Тој повторно се обратил во АДАЕ, барајќи истрага.
Три грчки медиуми, „Инсајд стори“, „Репортерс јунајтед“ и весникот „Елфимерида тон синтактон“ и „ЕфСин“, објавија приказна што ја открива врската меѓу генералниот секретар на владата, Димитријадис, и Интелекса, компанија што го продава шпионски софтвер Предатор во Грција.
Приказната, сепак, не доби голем публицитет во најголемиот дел од грчкиот печат, каде што политичките и деловните интереси имаат значително влијание, сè до крајот на минатиот месец, кога се откри дека Андрулакис, лидер на третата по големина политичка партија во Грција, ПАСОК, и член на Европскиот парламент, исто така бил цел на „Предатор“ во септември минатата година.
Владата беше под голем јавен притисок и затоа Димитријадис и Контолеон, шефот на Националната разузнавачка служба поднесоа оставки на 5 август.
Истиот ден, Димитријадис ги тужеше Репортерс јунајтед, ЕфСин и Кукакис и тој потег наиде на осудување во медиумската заедница.
Случајот допрва треба да почне.
„Тужбата е застарена и не е во согласност со фактите“, вели Кукакис за БИРН.
„Тоа секако го покажува неговиот менталитет – дека новинарите може да бидат малтретирани и поткупувани. Важно е новинарската работа да продолжи. Заканите на г-дин Димитријадис не нѐ плашат“.
„Понатамошното известување ќе фрли повеќе светлина „врз улогата што ја одигра тој [Димитријадис], кабинетот на премиерот и членовите на владата.“
Скандалот „смрди“, додаде тој.
Легалното шпионирање на владата на Мицотакис
Обраќајќи ѝ се на нацијата на 8 август, Мицотакис негираше какви било информации за операцијата за набљудување против Андролакис.
Тој не спомна други таргети.
Кукакис смета дека премиерот намерно избегнал да се осврне на другите случаи.
На политичкиот фронт, се зголемуваат шпекулациите дека Мицотакис можеби попрво ќе бара предвремени избори отколку да се справи со континуираните последици од скандалот со шпионирање
„Тоа е вид однесување што автоматски го инкриминира и го докажува она што се зборуваше во последниве години за владеењето на правото во Грција – дека новинарството е под надзор и, во многу случаи, новинари се гонат“.
Во обид да одговори на бурата од критики, владата набрзина го врати правилото, според кое, секоја наредба за следење во Националната разузнавачка служба бара потпис од двајца обвинители, а не само еден, како што претходно беше случај.
На 5 август, медиумите објавија дека обвинителот Исидорос Догиакос почнал кривична истрага за протекувањето доверливи информации на новинарите што ја објавија приказната. Тој не покрена истрага за употребата на надзорот, но таква истрага веќе спроведува обвинителството во Атина.
Владата ќе го поддржи барањето на Андрулакис за парламентарна истрага за тоа како тој станал таргет.
Во меѓувреме, Кукакис треба да се обрати до Комисијата за истрага на Европскиот парламент за употребата на Предатор на крајот на август.
„Истрагата оди напред и септември ќе биде многу силен месец“, рече тој.
На политичкиот фронт, се зголемуваат шпекулациите дека Мицотакис можеби попрво ќе бара предвремени избори отколку да се справи со континуираните последици од скандалот со шпионирање.
„Не би сакал владата да избега директно преку избори“, рече Кукакис за БИРН.
„Би сакал да преземе целосна политичка одговорност за она што го направи во случајот за надзор, а не само во овој случај“.
Призма минатата година истражуваше дека скопската фирма „Сајтрокс“ е дел од групација вредна милиони, која нуди софтвер и технологија за разузнавачки операции.