Даблин
Книгата на американскиот историчар, Макс Бергхолц, „Насилството како генеративна сила: Идентитетот, национализмот и сеќавањето во една балканска заедница”, зборува за масакрите што се случиле во 1941 година, во и околу Кулен Вакуф, град на границата меѓу северозападна Босна и Херцеговина и Хрватска.
Масакрите во Кулен Вакуф, во кои околу 2.000 мажи, жени и деца биле брутално убиени од нивните соседи во оваа мала, рурална заедница, во рок од два дена и две ноќи, меинстрим историографијата во голема мера ги игнорира, а на некој начин, тие се обвиткани и со мистерија.
Книгата на Бергхолц, вонреден професор по историја на Универзитетот Конкордија во Монтреал, зборува за ненадејната ерупција на смртоносно насилство во мирната мултиетничка заедница. Таа беше прв пат објавена на англиски јазик во 2016 година, а неодамна, за прв пат, издавачката куќа Бајбук (Buybook) од Сараево, ја преведе и на босански јазик.
За да ги опише настаните, кои во голема мера се непознати за јавноста, Бергхолц, во книгата, користи документи на југословенската комисија, која во 80-тите години собирала факти за овие злосторства, како и други документи од 12 архиви во регионот, но и интервјуа.
За масакрите во Кулен Вакуф дознал случајно, во 2006 година, кога барал одредени документи во Архивот на Босна и Херцеговина во Сараево.
Според неговите истражувања, „насилството меѓу заедниците (во Кулен Вакуф) во 1941 година“, не било „резултат на деценискиот локален национализам и антагонистичките национални поделби“.
„Имено, уникатен сплет на настани брзо зајакнал мали групи, чии членови точно ја почувствувале новата можност да профитираат и преку насилство на национална основа, да создадат локални конфликти еднаш и засекогаш“.
„Во регионот на Кулен Вакуф, насилството што тие го покренале за да ги постигнат овие свои цели, брзо довело до уште повеќе убиства, што на крајот, во септември 1941 година, кулминирало со масакри“, вели Бергхолц за БИРН.
Главното стојалиште на Бергхолц, како што сугерира и самиот наслов на неговата книга, е дека насилството всушност помогнало во формирањето на националните идентитети и меѓуетничките односи во Кулен Вакуф. Локалните убиства „создадоа нови перцепции за националната припадност – за своите, за наводните ‘браќа’ и за оние кои се сметале за други“.
„Како последица на тоа, ова насилство создало нови заедници, нови форми и конфигурации на моќ, но и нови практики на национализмот. Историјата на оваа мала заедница, на овој начин, била обележана со неочекуван излив на локално насилство од страна на неколкумина, кое функционирало како огромна генеративна сила во трансформацијата на идентитетите, односите и животот на многумина“, објаснува тој.
Со овој аргумент, Бергхолц се обидува да воведе нов пристап во објаснувањето на насилството меѓу заедниците, кој не се базира само на идејата дека тоа е предизвикано од етничката припадност и од национализмот.
Криење на смртоносната вистина
Пет месеци пред убиствата во Кулен Вакуф, извршени во септември 1941 година, хрватското фашистичко усташко движење, ја основа Независната Држава Хрватска (НДХ).
Среде усташкиот прогон на Србите, Евреите, Ромите и антифашистите, усташките единици во регионот на Кулен Вакуф, составени речиси исклучиво од локални жители, до крајот на јули 1941 година, убиле околу 700 свои соседи од српска националност.
Како одговор на ова, локалните Срби, заедно со некои локални поддржувачи на Комунистичката партија, кои подоцна им се приклучиле на партизаните, започнале вооружено востание против НДХ. За време на востанието, комунистичките револуционери, во неколку села, убиле локални Хрвати и муслимани.
Паралелно со зголемувањето на бројот на револуционери, во почетокот на септември, силите на НДХ, како и хрватските и муслиманските жители на Кулен Вакуф и соседните села, се нашле во обрач. Кога пропаднале преговорите меѓу силите на НДХ и револуционерите, колона од околу 5.600 луѓе се обидела да избега од опколениот град и да замине во Бихаќ.
Но, револуционерите ја нападнале колоната и убиле помеѓу 400 и 500 лица. Околу 3.100 успеале да побегнат, но околу 2.000 биле заробени од страна на револуционерите, кои, во и околу Кулен Вакуф, меѓу 6 и 8 септември, убиле околу 1.500 луѓе, од кои голем број биле жени и деца. Сепак, мал број револуционери и други лица, успеале да заштитат околу 500 луѓе.
Бергхолц, објаснувајќи ги локалните усташки злосторства, пред почетокот на вооруженото востание против НДХ на крајот на јули 1941 година, не ги ограничува своите објаснувања за причините за насилството на „геноцидната” природа на НДХ и укажува дека имало и други причини.
Некои од усташките злосторства биле извршени со изговор дека станува збор за „превентивно масовно насилство и насилство во самоодбрана”, а мотивот за насилството драстично се разликувало кај командантите кои дале наредба за злосторствата и кај нивните извршители.
Иако книгата дава детали за бруталноста на убиствата, како и шокантни сведоштва на неколку преживеани, Бергхолц повеќе се фокусира на објаснувањето на причинско-последичната врска помеѓу настаните и дава детална анализа на мотивацијата на сите вклучени актери.
Иако Бергхолц признава дека одмаздата била критичен фактор за злосторствата извршени во Кулен Вакуф од 6 до 8 септември 1941 година, тој објаснува оти убиствата, исто така, биле резултат на неуспехот на револуционерите, истите да ги спречат.
„Овие лица се обиделе да го изравнат резултатот со усташите, но тие не сакале да им наштетат на оние за кои усташите тврделе дека ги претставуваат, односно, на оние кои во тоа време биле сметани за Хрвати”, објаснува тој.
По војната, во социјалистичка Југославија, за злосторствата извршени во Кулен Вакуф за време на востанието, јавно не се дискутирало, делумно поради тоа што некои команданти и учесници во злосторствата, имале важни позиции во Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) и во Југословенската народна армија (ЈНА), објаснува Бергхолц.
Исто така, југословенската комисија за воени злосторства, соопшти дека убиствата биле извршени од револуционери кои биле „четнички настоени”. Оваа приказна за воената историја во регионот, овозможи да се направи јасна разлика меѓу револуционерите од 1941, на „оние кои ги извршиле убиствата во Кулен Вакуф, за кои, од денешна гледна точка, може да се размислува како за четници, и на оние кои не биле извршители на убиства, иако борци и од двете групи всушност им се приклучиле на партизаните“, додава Бергхолц.
„Сепак, оваа историја била широко позната меѓу оние кои таа година го преживеале насилството. Но, за оваа вистина, локалните жители наскоро научиле да не зборуваат, барем не јавно, поради повоениот политички контекст“, истакнува тој, додавајќи дека „чуден молк“ околу овие злосторства го обележува повоениот период во регионот на Кулен Вакуф.
Секоја година во јули, заедницата на хрватските Срби и антифашистичките групи, го одбележуваат почетокот на востанието против НДХ, а екстремно десничарските групи протестираат, зборувајќи за злосторствата над Хрватите во селата Боричевац и Бротња во Кулен Вакуф. Екстремните десничари, кои користат усташки слогани и симболи, сметаат дека востанието не било антифашистичко, туку дека го подигнале четниците.
Сепак, Бергхолц вели дека овие злосторства не можат да се дефинираат ниту како четнички, ниту како партизански, иако дел од учесниците потоа му се приклучиле или на едното, или на другото движење.
Кога станува збор за справувањето со злосторствата извршени во регионот на Кулен Вакуф, тој се залага за фер пристап, земајќи ја предвид сета комплексност, како што е улогата на некои локални жители на Боричевац, во извршување на злосторства на нивните соседи Срби.
„Нападот на револуционерите на Боричевац, бил резултат на политиката на дискриминација и насилство на НДХ, што ја спроведувале локалните усташи”, објаснува тој.
Сепак, иако некои локални жители биле активни усташи, многумина и не биле, но, и покрај ова, дел од нив биле убиени во напади на востаниците, додава тој.
Затоа, антифашистичките групи не треба да инсистираат оти востаниците не биле виновни за насилство над жителите на Боричевац и за напад на нивните имоти, а десничарите не треба да инсистираат дека сите селани биле невини маченици, жртви на неиспровоцирани напади.
Масовното насилство го уништува соживотот
Иако не е истражувач на војните од 90-тите во поранешна Југославија, тој верува дека насилството имало одредена генеративна улога во понатамошната радикализација на овие конфликти.
„Многу студии покажаа дека локалните општествени односи пред насилството во 90-тите, во суштина, не биле, во голема мера, антагонистички. Покрај тоа, масовното насилство беше генерално неопходно за драматично менување на локалните екосистеми на меѓунационалниот соживот, што постоеле со децении“, нагласува тој.
„Во оваа смисла, во текот на 90-тите, може да се каже дека насилството на малите групи делувало како генеративна сила за трансформирање на суштината на чувството за идентитетот, национализмот и сеќавањето кај многу луѓе. А ова насилство резултирало и со создавање на огромни расцепи меѓу многу луѓе, од кои повеќето претходно живееле заедно во мир“, додава тој.
Бергхолц го гледа преводот на неговата книга на босански јазик како можност за локалните истражувачи, но и за пошироката јавност, да ги испитаат причините и динамиката на локалното насилство, извршено надвор од урбаните центри, во руралните средини.
Тој се надева дека неговата студија ќе помогне во спротивставувањето на широко распространетата перцепција во регионот дека „историјата се повторува”, што често се споменува кога луѓето зборуваат за наводната врска помеѓу Втората светска војна и конфликтот во 90-тите.
„Историјата во овој дел од Балканот, како и историјата насекаде во светот, не се повторува мистично. Луѓето ја прават историјата и тоа го прават со донесувањето на одлуки“, истакна Бергхолц.
„Во мојата приказна за оваа историја, идентитетот, национализмот и сеќавањето, често не се она што предизвикало насилство, за да се уништат животите на многумина; наместо тоа, многу помалку луѓе избраа да извршат насилство, и на тој начин создадоа антагонистички форми на идентитетот, национализмот и сеќавањето“, додаде тој.
„Дури и денес, тие се наѕираат во животот на многу луѓе во овој дел од светот. И тие прават етнички поделената сегашност и иднина, да изгледаат речиси неизбежни“, вели тој, заклучувајќи оти се надева дека неговата книга ќе помогне „да се отворат нови видици, за да се замислат различните мината и, уште повеќе, алтернативната иднина“.