Три со три

Блинков: Пожарите ни донесоа зголемени ризици од поплави и од ерозија

Разговор со Иван Блинков, професор на Шумарскиот факултет во Скопје

Дождот што паѓаше изминативе два дена ги изгасна сите пожари во земјава, со што стави крај на една од најдраматичните летни сезони во историјата на Македонија, во која во некои денови беа активни и повеќе од 50 пожари.

Колку годинава беше полоша од претходните покажа и податокот од Европскиот информациски систем, според кој во 2024 година изгореле над 90 илјади хектари шума, или 3,6 отсто од целата територија на земјата, што е девет пати повеќе од просекот на државата меѓу 2006 и 2023 година.

Очекувањата се дека опасноста од пожари сè повеќе ќе се зголемува во иднина. Државата, од друга страна, е недоволно подготвена за да се справи со овие ризици, па и наредните години ќе се бара спас во дождот, ако заврне.

Но, гасењето на пожарите не значи дека проблемот целосно исчезнал. Колку повеќе шумска површина се опожарува, толку поголем станува ризикот од лизгање на земјиштето и од поројни поплави.

За овие ризици разговаравме со Иван Блинков, професор на Шумарскиот факултет во Скопје.

БИРН: Според Европскиот информациски систем за шумски пожари, изгореле девет пати повеќе шуми во државата од просекот на пожари од 2006 до 2023 година. Какви последици може да предизвика намалувањето на шумските површини за квалитетот на почвата и каков синџир на реакции може да предизвика во животната средина?

Блинков: Констатацијата дека е далеку надмината просечната опожарена површина е точна. Дури оваа година се надминати и рекордните вредности од 2000 и 2007 година. Шумскиoт екосистем не е едноставно множество од дрва, туку претставува заедница на растенија, животни, микроби и сите други организми во интеракција со хемиските и физичките карактеристики на нивната околина.

Пожарот има ефект врз својствата на почвата – на нејзината водопропусливост, стабилност, структура, густина, на хемиските својства како количеството на органска материја, односно намалувањето на микробиолошката активност и друго. Се нарушува и хидролошкиот режим во шумата, а како последица се зголемува истекот и појавата на поплавни пикови поради обесшумување и промени на почвените својства. Но, се намалува и надополнување на аквиферите и издашноста на изворите.

По пожарите значително растат подложноста на ерозија и пикот на поплавните бранови, вклучувајќи го и количеството на седимент во поплавниот флудид. Доколку се обесшуми помало сливно подрачје кое гравитира кон некое населено место, значително расте не само опасноста од поројна поплава (изразена во физички единици – површински опфат на поплавување и длабочина на вода), туку и ризикот кој се изразува во други параметри, како на пример бројот на засегнати лица, економски штети и друго.

БИРН: Со оглед дека овој проблем станува сè посериозен, што мора да направи државата за да се спречи или барем ограничи штетата од пожарите?

Блинков: Секоја непогода има свои карактеристики. Затоа и пристапот за справувањето со одредена непогода се разликува, па дури се разликуваат и поројна од речна поплава. Генерално, за справување со природна непогода има превентивни активности, активности за време на настанот и пост-настански активности.

Кај непогоди кои траат, се мобилизираат луѓе: противпожарни единици, вработени во јавни претпријатија, доброволци, хеликоптери итн., а се делува додека трае настанот. Слично е и кај речните поплави – поплавите од поголемите реки каде исто се мобилизираат луѓе, се ставаат вреќи песок, се користи механизација за поправка на насипите, се делува додека трае т.н. висока вода.

Во мојата област, особено поројните поплави при кои има и многу нанос, кој е продукт на ерозијата, има превентивни мерки и пост-настански мерки. Се случува краткотраен силен дожд и невреме, и одеднаш надојдува поројот и прави хаос. Сето тоа може да трае помалку од еден час. Тука нема време за никава реакција и нема активности за времетраење на настанот. Затоа тука се круцијални превентивните мерки.

БИРН: Што треба на кус и на долг рок да се направи со опожарениот терен за делумно да се спречи деградацијата на почвата и да се ублажат загубите?

Блинков: Прво, мора да биде отстранета опожарената дрвна маса, која може да биде извор на зараза со разни инсекти и патогени. Согласно важечката легислатива, сопствениците на опожарената површина се должни да извршат пошумување на пожаришта. Како при пошумувањето на опожарените површини, така и при други помасовни пошумувања, треба особено да се внимава при изборот на видови, а треба да се форсираат автохтони видови, како дабот, каде што е можно. Но, постојат и екстремно деградирани земјишта со многу плитка каменлива почва каде тој избор е лимитиран па, мора да се употребуваат т.н. пионерски видови меѓу кои е и црниот бор, а тој, пак, е доста подложен на опожарување. По пошумувањето вообичаена пракса која редовно ја спроведуваат државните институции кои стопанисуваат со шуми е преземање одгледувачки и заштитни мерки во новоподигнатата шума.

Генерално за справување со деградација на почвата особено ерозијата, доволно е да извлечеме поука од минатото. По Втората светска војна се донесени Закон за пошумување (1951) и Закон за заштита од ерозија (1952). Постоела дури и Републичка дирекција за порои, а постоеле и специјализирани институции за заштита од ерозија и порои, како на пример Претпријатие за пошумување и уредување на порои Водно (1950), но и проектантско научни институции како Порој – проект, Завод за водостопанство – секција за ерозија и порои итн.

Сето тоа резултирало со масовно справување со ерозијата и уредување на пороите како и масовно пошумување на голини. Во минатите 110 години се пошумувани околу 250.000 хектари, максимумот е достигнат во периодот на постоење на Фонд за пошумување на голини (1971-90) кога се пошумени половината од вкупната бројка. А најдобар пример во државата е уредувањето на Водно каде во 1951 (по катастрофалната поплава на Скопје од Водњанските порои) имало само 450 хектари шума, а сега има 2.670 хектари, и најголем дел од пороите кои го загрозуваат градот се уредени. И тоа треба да се чува затоа што тоа е највредната заштитна шума во државата.

Од независноста, оваа активност е речиси потполно занемарена. Нема посебна легислатива, туку проблематика е вметната со по неколку члена во други закони, а нема ни специјализирани институции. По катастрофалните поројни поплави во 2015 и 2016, со помош на странски донатори почнаа да се имплементираат некои проекти.

Како компонента во еден таков проект е и подготовката на Законот за заштита на почвата. Националниот акциски план за борба со опустинувањето, обврска согласно ратификуваната Конвенција на Обединетите Нации за борба со опустинување, сè уште не е донесен, иако техничкиот дел е подготвен одамна. Треба да се изработи и стратегија за почва. Но, треба и да се зајакнат капацитетите на институциите како на национално ниво – Министерствата за животна средина и за земјоделство, шумарство и водостопанство,  така и на локалната самоуправа. Во Турција одамна постои и посебна Дирекција за борба со ерозијата и опустинувањето, а во некои држави, како Австрија и Франција, има посебни сектори за справување со пороите.