Спектаклот почна да ги врти своите магични пептиди. 20.000, спектакуларна бројка. Спектаклот кој е длабоко врежан и го дефинира животот на секојдневното општество ќе го проголта целиот потенцијален политички гнев. Поривот за рециклирање, ремоделирање, редизајнирање, исмевање е појак од свеста за сфаќање на суштината на политичкиот систем во кој живееме. Бомбите спектакуларно и романтично не внесуваат во „западниот свет“ на големите скандали, на хипермедиското воајерство, лигушење, естетски натпревар на докажување на способноста за подобро покажување на „комичноста“ која не владее. Во попладнето на објавувањето на една ужасна и гадна вистина која сите ја знаевме, сè е спектакуларно мирно. Сите го чекаат утрешниот ден на ист начин на кој се чека следната епизода на божествените турско-шпански серии. До каде може да оди? Што е следно? Колку многу е? Нашата потреба е потреба за повеќе спектакл. Колку и да се нашите животи одредени од политиката, нашиот интерес е сепак аполитичен. Нашето искуство е сериско, па затоа и иднината ќе ни биде уште една епизода!
И сега за нешто сосема различно
Владата ќе падне! Општеството на лешинари и дебелокожни маструбатори ќе остане тука да си го живее своето секојдневие. И да ни го условува искуството. Сите се надеваат на партијата претворена во новинска агенција. Владата ќе падне, но дали ќе се покрене ново општество?! Разоткривањето на криминалот, местенките и теророт само ќе не соочат со бездната која мнозинството на граѓани ќе продолжат да ја обиколуваат. А таа само ќе се шири и шири, ние се повеќе ќе станеме општество на маргините, маргинално општество, без некоја суштина, само со огромна желба за спектакл. Оваа влада мора да падне! Таа ќе падне само ако главниот уредник на партијата-новинска агенција одлучи да објави спектакуларни докази со кои самиот сектакл нема да може да се носи. Спектаклот може да пукне во сеопшто политичко доживување само со екстремизирање на логиката на спектаклот. Најдемократската држава во светот, убивала, мачела и прислушувала не само свои туку и граѓани на цели други нации, но сепак се води од нобеловец со награда за мир.
Општеството мора да се одбрани
Промената од политиката каква што е кон политиката каква што сакаме да биде, не поминува преку политиката, туку преку општеството. Помалку спектакл а повеќе градење. На спектаклот му се потребни милиони индивидуи со пристап до виртуелниот вирус на циркулација и размена. На општеството и се потребни илјадници на улици со чувство на припадност на ново заедништво и нова идеја кон ново време на политиката. Само тогаш нашето искуство ќе биде политичко, и само тогаш нема да биде возможно пресметување на нишките на вистината, туку вистината ќе збори со својот јазик на мноштво и единство. Затоа, борбата за општеството трае бесконечно. Таа се протега од минатото во сегашноста и повикува кон иднината, не повикува на мобилизирање, „Нема правда нема мир“, „Правда, правда, социјална правда“, тие се само некои имиња на вистинската политика. Победата никогаш не се прогласува, за неа се бори секогаш живеејќи ја во сите нејзини помали или поголем облици на слобода која засекогаш останува едно посакувано ветување. И нè повикува. Сите.
Блогот е преземен од фејсбук профилот на авторот.