Што ѝ се случува на Македонија?
Што му се случува на нашето општество?
Што ни се случува нам?
Што ми се случува мене?
– Дали се ова четири различни или едно исто прашање?
– Едно исто, затоа што јас сум вие, јас и вие сме ние, ние сме нашето општество, а нашето општество е Македонија.
Јас како професор и како научник ќе се обидам на ова единствено прашање да му пристапам преку споредбениот метод и тоа во рамките на една симболошки, односно семиотички мотивирана компарација. Некому овој потег ќе му заличи на убава и можеби малку патетична поетска метафора. Тоа секако ќе бидат оние кои не ја знаат или не веруваат во спознајната функција на симболите, вечните предвесници, модулатори и придружници на рационалната мисла. Конечно, анализата по принципот на аналогија во науката е сосем легитимна, особено кога предметот на истражување е обвиен во тајност, односно целосно недостапен за едно понепосредно набљудување.
Ако се земат предвид посочените изедначености, сегашните состојби во нашево општество можат да се споредат со заболен организам. Притоа, функциите на компонентите што ги предизвикуваат проблемите во него ме доведоа токму до дијагнозата „Канцер“.
– Зошто сред толку болести се решив токму за оваа, а не за некоја друга, како на пример, некаква бактериска или вирусна инфекција?
Затоа што кон неа ме насочуваат симптомите на болеста, нејзината физиологија и концептите на дејствување. Канцер, затоа што и нашава општествена болест не ја предизвикува видлив екстерен окупатор во вид на некаков микроорганизам или паразит. На некој начин предизвикувачот сме самите ние, нашиот организам, односно некои негови мутирани клетки. Токму во тоа, всушност, се состои и неговата главна моќ, затоа што матичното тело не го третира како нешто туѓо туку како свој сопствен дел, поради што, во принцип (особено во раните фази на болеста), воопшто и не се брани од него туку има склоност да го прифати како дел од себе. Кога Канцерот зафаќа некој општествен орган или систем, тој орган и натаму си постои, навидум со него сè е во ред, иако често знае да биде зголемен (хипертрофиран), натечен или со израстоци (туморозен) и помалку или повеќе дисфункционален.
Но, со развојот на болеста зафатениот орган постепено престанува да му служи на својот сопственик. Започнува да троши сè повеќе од ресурсите што му се неопходни за живот (кислород, храна, енергија) и енормно да се шири, така што со својот нараснат волумен и отоци го отежнува и блокира функционирањето на другите органи. На крајот, иако наликува на некогашниот, заболениот орган сè помалку ги врши своите вистински функции, а сè повеќе создава проблеми. И што е најлошо – започнува да метастазира. Ги расејува своите мутирани клетки низ останатите делови на телото од кое настанал, така што тие предизвикуваат исти состојби и во другите негови органи и системи.
Зад името Канцер, всушност стојат клетки одметнати од својот матичен организам кои постојат и функционираат самите за себе, а не за него и поради него. Согледано од една надворешна гледна точка, крајната интенција на оваа болест е всушност прекодирање на организмот со цел тој да работи во негова полза. Ова согледување е условно, затоа што самите клетки на Канцерот немаат ум, па оттука ни систем на однапред планирано и интенционално однесување, согласно некој зацртан систем или програма. Поради тоа не може да им се припише ни некаква посериозна и подолгорочна стратешка доктрина. Нивната стратегија е апсолутно краткорочна. Секој иден чекор е импровизација која ниту Тој самиот не може да ја предвиди и тоа од едноставна причина, затоа што постапките се секогаш диктирани од моментната констелација и насочени кон само една цел – сопствено преживување и експазија и тоа главно од денес до утре.
Како и секоја друга болест и оваа го зафаќа нашиот организам поради одредени надворешни или внатрешни причини. Но, овие прашања нема тука да ги допирам, оставајќи ги како предизвик за некоја друга анализа.
Фази и стратегии на болеста
Нашето општество веќе долго време боледува од оваа болест. Секоја од општествените сфери што ја има зафатено може да се изедначи со органите и системите во еден човечки или животински организам.
Но, ајде да ги проследиме во наредните пасуси како своевидна „историја на болеста“.
Најпрво беа зафатени дигестивниот и респираторниот систем на нашето оштество т.е. стопанството и економијата кои него го снабдуваат со основните животни супстанции. Тоа се ресурсите и финансиите – неговиот кислород, храна и вода.
– Зошто токму нив?
– Затоа што тоа се системи преку кои Канцерот ќе може да се снабдува со основните витални компоненти неопходни за сопствено опстојување и раст, но и контрола на снабдувањето со нив на останатите органи.
Потоа следуваа коските, мускулите и крвотокот, односно инфраструктурата и енергетиката – материјалното тело на Македонија, нејзината статика и динамика.
На ред дојде имунолошкиот систем застапен преку правото, судството и полицијата, за да се оневозможи одбраната на организмот од Него.
По зафаќањето на овие витални системи мораа да се појават и првите јасно видливи симптоми на болеста: бледило, немоќ, атрофија, видливи тумори и крварења. Организмот започна да покажува знаци на мобилизација, поради што мораа да дојдат на ред и медиумите, односно сетилата на општеството и тоа најпрво како блокада на видот и слухот, со што започнавме да ја губиме реалната слика за себе. Канцерот покажува исклучителна лукавост, особено на кратки патеки. Свесен дека неговите дејствија предизвикуваат болки и депресии, Тој преку истите системи започна да му вбризгува на организмот разни коктели од анестетици и наркотици во форма на шарени слики и херојски приказни од минатото. Секој ден се мобилизира цела војска пластични хирурзи, козметичари и шнајдери кои со огромни количества силикони, пудри, шминки, блескави чипки и тантели се обидуваат од петни жили да ги покријат крвавите подливи и гангренозните ткива што секојдневно ни растат по телото. Осамнуваат новите кулиси на престолнината, новоскроеното лице на Македонија, чии фасади само што не распукале под притисокот на болните тумори зад нив.
Во своите краткорочни чекори на преживување, Канцерот избира монструозни решенија. Најперфидни се секако алергиските, односно автоимуните реакции. Насочени се кон ставање на организмот во ситуација да се бори самиот со себе, со цел, окупиран од таквата бесмислена борба, да го остави на раат вистинскиот противник. Секоја здрава иницијатива и здрав процес насочен кон одбрана од болестта Тој ја клонира, создавајќи двојник – сурогат, комплементарен на него и тоа со една единствена намера – да го опструира, релативизира и поништи автентичното дејствување на оригиналниот иницијатор. На ниво на психата, овој концепт резултира со шизофренија, двоење на личноста на заболениот на два или повеќе ентитети што е најдобар начин за блокирање на која било негова иницијативност и дејственост.
Последни стадиуми на болеста
Денес по долго боледување нашиот организам е неподвижен, анемичен, блед, неисхранет, дрогиран, парализиран, а притоа воедно и слеп, глув, нем и со заматена свест. Не знае што му се случува, ниту пак, е свесен за својата болест, едноставно затоа што не ги гледа, не ги чувствува ниту пак, ги разбира нејзините симптоми.
Веќе одамна се зафатени и сферите на образованието, односно мозокот на нашето оштество. Голем дел од него е веќе во служба на Канцерот, наместо да биде инцијатор и раководител на борбата против него. Нашиот ум веќе долги години страда од непрокрвеност, халуцинации, агорофобија и какви уште не фобии и комплекси. Поделен е на повеќе паралелни личности, така што сè помалку функционира како единствен духовен стожер и двигател на телото.
Се чини дека ова е последниот стадиум на болеста. На организмот му нема спас.
Но, и Канцерот има мани. Тој не може да постои самиот по себе, затоа што е во основа апсолутно нефункционален и автономно неодржлив. Неопходен му е друг функционален организам кој ќе му ги обезбедува условите за опстанок. Од друга страна, како што веќе реков, тој е всушност едно исто со организмот што го напаѓа. Затоа, во крајна инстанца, колку што повеќе се шири толку повеќе работи и на своето уништување. Всушност, тоа е најслабата точка на оваа болест. Не знае да запре во својата бесмислена и безгранична алчност, па затоа е осудена да умре со гаснењето на телото што го зафатила, заборавајќи дека, всушност, е негов составен дел.
– Но, зарем единствен начин да ја снема оваа болест е да умре општеството што таа го зафатила?
– Сепак не, затоа што Животот секогаш има адут повеќе. Да не е така, ни ние денес не би постоеле.
Тој адут се матичните клетки – млади, свежи, нерасипани, неинфицирани, неспецијализирани, но и некорумпирани, полни со непотрошен живот и волја. Тие денес со помош на ум и знаење можат да се поттикнуваат во создавањето разни нови клетки и нови ткива со кои се победува Канцерот. Потребно им е само малку грижа, воспитување и специјализација, од нив за да настанат нови органи и нови системи кои препознавајќи ја болеста ќе создадат механизми за нејзино елиминирање од организмот.
Токму овие денови на претсмртен очај, ни се случува наплив од илјадници нови такви клетки во крвотокот на Македонија. Ги видов како течат како нескротлива река низ закрчените артерии на нашата престолнината. Ги видов како ги натопуваат свенатите паркови кои наликуваат на гробишта. Ги видов како го заруменуваат избледеното лице на градот. Бев дел од таа „Река од Живот“ којашто и мене ме понесе, ме подмлади и ми даде надеж.
Никој, ама баш никој, никогаш и никаде не ја победил младоста. Таа секогаш наоѓа начин да се појави и да покаже дека постои. Постојано нова, дотогаш невидена, оригинална и отпорна на болести. Доколку некој досега ја беше победил, тогаш немаше ни нас денес да нè има.
Проблемот не постои сè додека не го согледаш, односно не го вообразиш и именуваш. Со него не можеш ни да се бориш ниту пак, можеш да го победиш сè додека не го определиш како слика и збор.
Името и образот на нашиот проблем е Cancer Macedonicum.
Авторот е археолог