По повод сторијата „Државното ин витро не е ниту бесплатно ниту брзо“, објавена нa Призма од новинарот Владе Ѓорчев во рамките на Повикот за истражувачки стории, реагирашеФондот за здравствено осигурување. Авторот реагира на демантот:
Да се нападне начинот на пишување на текстот во т.н. демант од ФЗОМ за сторијата „Државното“ ин витро не е ниту бесплатно, ниту брзо, е погрешно разбирање за тоа што е улогата на новинарот, а што на институцијата, во овој случај Фондот за здравство. Како поинаку може да се толкува вашиот допис во делот: Зборовите како „трнливи патишта“, „голгота“ и слично се неточни, некоректни и тендециозни? Дали со ова ФЗОМ предупредува како треба новинарите да пишуваат, со оглед дека станува збор за новинарски израз и оценка, вредносен суд кој новинарот има право да ја даде во овој тип новинарски производи. Впрочем, новинарската експресија се доловува од исказите на соговорниците, пред се од пациентките кои го поминале „трнливиот пат“ на голготата наречена „државно инвитро“.
Но, да одиме со другите поконкретни забелешки во вашата рекација.
Кога ФЗОМ пишува дека нема рокови за одговор за добивање на ваучер за инвитро кого демантира, себе си или текстот? Затоа што во демантот стои: Иако во правилникот за ин витро нормално дека не се опишани рокови, секој кој имал допирна точка со било која државна институција знае дека се работи согласно роковите од ЗОУП. Тоа што во правилникот „нормално нема рокови“, исто така е нормално да го нема ниту во текстот. Од каде инаку би се црпеле информациите. Од (ЗОУП) Закон за општа управна постапка? Ние не пишувавме за правните лавиринти, туку за човечките, моралните, финансиските моменти од голготата.
Во делот каде се демантира/реагира до доктор Татјана Гуржанова, фактички се повторуваат нејзините идеи. Точно, Гуржаново го лоцира проблемот во тоа што приватните ординации не можат да упатуваат пациенти на државните клиники и го посочува како еден од начините кои би можел да се промени во интерес на пациентите. Што е тука спорно. Што Гуржанова има мислење како може да се подобри целата постапка?
И што се однесува на делот дека не се потребни четири инсеминации, повторно ФЗОМ се демантира себе си. Во демантот стои: Правилникот за инвитро во зависност од типот на стерилитет побарува 0,2 или 4 инсеминации. Значи сепак побарува инсеминации. Само кај апсолутните индикации за ин витро, инсеминации не се потребни. Кај апсолутните! Тоа значи, купишта документи, илјадници денари за направени испитувања, големо истрошено време кое може да се скрати и десетици и десетици непотребни километри. И на крај како што инсистирате, читаме повторно од правилниците, а таму во делот за услови за остварување на БПО постапка во случај на апсолутни медицински индикации стои:
Траење на необјаснета неплодност подолга од 3 години по неуспех на други методи на лекување на индукција на овулација со IUI спроведена 4 пати во здравствена установа, која има дозвола од Министерството за здравство за вршење на таа дејност.
Почитувани од ФЗОМ, вашиот демант, практично не е демант, туку реакција. Реакција на текст кој не ви се бендисал, оти со разработката на оваа тема, преку нашите соговорници и преку читање на документите, се доаѓа до констатација дека многу работи можат да бидат и подобри и поинакви и поправедни за пациентите, кога веќе државата решила да им излезе во пресрет и да им помага при решавање на едно вакво тешко прашање. Оттука, во нашиот, мојот текст нема ни Т од тенденциозност, која сепак ја наоѓаме во вашата реакција наречена демант.
Авторот е новинар