Контрадемократија

Кога ќе кажеме дека Македонија се соочува со најголемата политичка криза во кратката историја на своето независно постоење, чувството што прво нè обзема е дека на сите ни е јасно колку длабоко сме заглавени во калта, но и дека никој не нуди системска анализа или решение на проблемот.

Навикнати сме на проблемот да му пристапуваме од дневно-политички аспект или од аспект на квази решенијата кои ни ги нудат партиите, странците, најразличните аналитичари, без да земеме предвид од каде поаѓа нашата системска криза и како конечно, на долги патеки, би излегле од неа.

Константната и, секако, нужната ламентација од режимизацијата и злоупотребите се претвори во излитена сувопарност на квази опозиционерство, додека реалноста ни говори за едно суштинско изедначување на наводно поделените политичко-општествени актери.

Иронијата на нашето општество е што паралелно со поделбите и атомизацијата, самата природа на нашата партиско-политичка борба не успеа да ги одржи или нагласи реалните различности, за да понуди навистина поинаква визија. Напротив, поделбите во општеството и политиката останаа, додека актерите, идеите, вредностите на спротивставените кампуси се приближија, се огледуваат едни во други, дополнително потхранувајќи ги конфузијата и бесперспективноста.

Никој повеќе не верува во политиката, дека таа може нешто да промени, затоа што сме свесни дека токму политиката нè доведе таму кај што сме

Се соочуваме со проблемот што нашиот историски влез во плурализмот, транзицијата кон повеќепартизмот, произведе политички елити, кои откако нормативно и про-форма поставија демократски инстутиции, никогаш не се нафатија со процесот тие институции да имаат реална независност и функционалност.
Таквата поставеност можеби се толерираше додека владееја поспособни политичари и додека општествените контролори сè уште имаа некакво влијание, виталност и квалитет.

Со подемот на ДПМНЕ и нивното дефинитивно стекнување монопол над националните идеи и вредности, економско-финансиската доминација, ни стана јасно колку всушност теренот бил подготвен за комплетна партизација не само на државните инстититуции туку поконкретно, на секоја индивидуа или група засебно. И тоа е големата разлика помеѓу системот пред ДПМНЕ и тој за време на режимот.

Клиентелизмот и корумпирањето на клучните, но сепак способни актери, или придобивањето на нивната идеолошка приврзаност, се замени со целосно истребување или маргинализирање на способните, наметнување на апсолутна потчинетост и купување на секоја личност, група, категорија, корисна во процесот на креирање една малцинска, но во смисла на репрезентативност и консензус, мнозинска медиумска, (квази)интелектуална и културна, репресивна и пред сè, гласачка машинерија.

Без да навлегувам во детални описи, јасно ни е до кои граници партиско-режимскиот Левијатан успеа да навлезе во секоја пора од нашето општество и институциите, создадавајќи перцепција на семоќ и неуништливост.

Иако таа перцепција е длабоко нагризана, свесни сме дека системската поставеност на режимот, во отсуство на моќна опозициска идеја и визија за промена на нашето општество, и понатаму има контрола над наводно демократските механизми за задржување на власта, иако тие механизми се комплетно испразнети од значење и суштина, задржувајќи ги само привидноста и инструментализацијата.

Послушноста е автоматизирана

Соочени сме со ужасната реалност дека режимот не можеме да го победиме низ макар и еден привиден демократски процес, а притоа не преземаме ништо тој процес да го замениме со дијаметрална спротивставеност, која потоа би го исцрпила својот легитимитет преку поставувањето иден суштински и реален демократски модел.

Тука, всушност, се соочуваме со нашиот најголем проблем. Недостатокот е што опозицискиот кампус, кој поради инхерентното слично функционирање со партиско-општествените логики на режимот, не е способен да го мобилизира и обедини реалното мнозинство во државата.

Тоа што не го разбираме е дека наместо изедначување како предуслов за преврат над режимот, наместо пропагирањето на истите идеи и систем или идејата дека ќе ги победиме ако наликуваме на нив, потребно беше да се одржи апсолутната различност, да се истрае на патот на жигосаноста и маргинализацијата, оттаму за да се поведе идентификацијата со реалното мнозинство во нашата земја.

Не разбираме воедно, дека сè додека постои главна опозициска партија која настојува да го одржи својот монопол, не можеме да се соочиме со партијата која врз истиот принцип ја држи под окупација целата држава и општество. Малкумина разбраа што значи процесот на опозициска демонополизација на СДСМ, односно нужноста, опозициската партија да се жртвува во обидот да прерасне во национално движење за ослободување од режимот.

Неколку тези ќе објаснат зошто институционалната битка со режимот, обидите тој да се реформира преку заедничко владеење, макар и со надворешна помош, иако можеби ќе доведат до негово ослабнување, нема да ја променат суштината на нашиот антиполитички и антиинституционален систем, сè додека и понатаму владеат партиските монополи, клиентелизмот и корупцијата, кои тие неизбежно ги потхрануваат.

Дека нашите партии се „султан“ партии не претставува никаква новина. Симпатизерите, па дури и самите функционери, од најниските, до највисоките, не вредат пет пари. За сè одлучува султанот, опкружен со верните „јаничари“. Некогаш исцрпните форми на регрутирање, од младина до „политички школи“, изгубија секакво значење.

Денес, важни се надворешните консултанти, спин докторите, продавачите на магла, ширачите на омраза, најразличните сондажисти. Оддалеченоста помеѓу султанот, тесниот круг околу него, самата партија, сфатена како структура на симпатизери или, едноставно, гласачи, се чини мошне тотална.

Со евидентната разлика дека партијата на власт има моќ и средства тој вакуум да го купи или присили на послушност, додека кај опозицијата таквите практики не само што дејствуваат патетично туку и се контрапродуктивни.

Наместо изедначување како предуслов за преврат над режимот, потребно беше да се одржи апсолутната различност, да се истрае на патот на жигосаноста и маргинализацијата, оттаму за да се поведе идентификацијата со реалното мнозинство во нашата земја

Нашите изборни собранија, било тоа да е Парламентот или општинските совети и сè она што произлегува од таканареченото „претставништво“, денеска немаат никаква вредност. Биле пратеници или советници, денес немаат ама баш никакво влијание, движејќи се во јато по налозите на султанот и неговите блиски соработници.

Послушноста е автоматизирана, но свесна во напорите да се влезе во орбитата на „вистинската моќ“ или барем да се приближи до неа, на тој начин претворајќи се во инфериорни или безначајни патрони, со сопствени мали групи на клиенти. Законодавната моќ е комплентно потчинета, разорена, и со тоа, целосно исфрлена од нашиот политички систем.

Судската власт и репресивниот апарат се претворени во партиска афилијација, која не може да биде демонтирана преку номинална промена на министрите или креирање специјални или паралелни институции. Механизмите на моќта и понатаму остануваат во рацете на режимот, додека новите институции произлегуваат од договор на самите политички актери кои потоа треба да бидат процесуирани.

Медиумите денес не се извори на влијание, уште помалку слободно информирање. Се претворија во центри на моќ, во сопственост на двете партии. Иако дискрепанцијата помеѓу медиумската моќ на власта и опозицијата никогаш не била поголема, формата и практиката да бидат под целосна контрола и построеност на политиката е речиси идентична.

Македонија е партија на неопределените

Постојат уште многу аспекти кои потврдуваат дека суштинската изедначеност на партиските модели, логики и ментални конструкции, не може да доведе до поинаков систем од тој што веќе го произвел овој режим или што пак овој режим го надградува, одржува и алиментира.

Со други зборови, моменталното договорање помеѓу двете клучни партии нема и не може да има реална реформаторска моќ, но има голем потенцијал да ни се удри од глава како реставрација или ново легитимирање на режимските логики и веќе застарените партиски модели.

На крајот на сите меѓупартиски договорања и дилови, како да забораваме дека добиваме преодна влада со рок од неполни три месеци, со испреплетени вета кои гарантираат непроменливост, со личности кои до пред три години не ни помирисале сериозна политика, а сега божем ќе нè спасуваат со нови почетоци.

Тука не станува збор за градење демократски институции, станува збор за личности и функции кооптирани од партиите, фактички пред очи гледаме како се врши дополнителна партизација, партиска поделба на државните институции, без учество на експерти и способни кадри, без транспаретност, со оправдување дека тоа е цехот за фер и демократски избори. А, најголемата заблуда сè уште е дека изборите се губат, затоа што не се фер и демократски.

Улогата на странскиот фактор, посилна од кога било, сметам дека свесно се движи во насока на ослабување на постојните механизми, давајќи им подеднаква улога на партиите во нивното идно самоуништување. Проблемот е што партиите се свесни за тој процес и ќе напраат сè за да го закочат, како што странците се свесни дека демонтажата на ДПМНЕ ќе биде долг и мачен процес, за кој ние сè уште немаме соодветна алтернатива.

Кај нас не постои само фрустрација и апатија од режимот туку, пред сè, постои една галопирачка разочараност дека демократијата воопшто може да постои

Крајно неблагодарно е да се предвидува исходот од нашите следни избори. Денес владее апсолутен хаос, но и силната заблуда дека на крајот од овој процес, без системска подготвеност да ги промениме работите од корен, ќе излеземе некако променети.
Тоа што мене ме интересира и што го сметам за клучно, без притоа да предвидувам како ќе дојдеме до таквите можности, е надежта дека „политичката моќ“ или поточно, „партиската моќ“ ќе биде доволно ослабена за воспоставување идна форма на техничка влада, составена од експерти кои ќе бидат одделени од партиите и чија главна цел ќе биде да се изградат институциите на контрадемократија. Тоа, сметам дека е единствениот начин да се надмине актуелната антидемократија која владее во Македонија.

Ако нашите институции се режимски, ако нашите партии се клиентелистички, ако нашата политика е посветена само на креирање страв или лажна надеж, можеби е време политиката да се суспендира на определено време.

Која е повеќе смислата на нашето право на глас? Одлично знаеме дека за моделирање на чувството за демократичност во една држава гласањето не е доволно. Таквите права треба да бидат искористени, на граѓаните да им биде овозможено да дејствуваат политички, не само како гласачки машини.

Зарем некое право вреди ако не се искористува или го искористуваат само партиските машинерии? Што вреди и правото на уметност, на култура, на наука, на новинарство, ако личностите кои на тоа право треба да му дадат живот не го спроведуваат? Македонија е партија на неопределените и оние кои одбиваат да гласаат. Како може да е демокатска земјата во која огромно мнозинство од граѓаните не гласаат!? Кај нас не постои само фрустрација и апатија од режимот туку, пред сè, постои една галопирачка разочараност дека демократијата воопшто може да постои.

Меѓу граѓаните доминира антиполитичкото и антипартиското чувство, не затоа што на секој чекор сме сведоци на корупција и клиентелизам туку проблемот е веќе многу поинтериоризиран и суштински. Граѓаните денес не велат дека сите се исти, затоа што сите се нечесни и имаат путер на главата. Сметаат дека сите се исти во својата некорисност и бесмисленост како политички актери. Затоа, никој повеќе не верува во политиката, дека таа може нешто да промени, затоа што сме свесни дека токму политиката нè доведе таму кај што сме.

Овој режим ќе се надмине само доколку развиеме тиранофобија и тој реален страв нè натера да изградиме институции кои ќе ја оддалечат политиката од економската и општествената сфера, доколку политиката се оддалечи од сферата на човековите и граѓанските права. Но, за политиката да се оддалечи, не е доволно граѓаните да држат дистанца од неа. Неопходно е сите квалитетни луѓе, судии, адвокати, новинари, експерти, интелектуалци, бизнисмени, сите оние луѓе и категории кои утре ќе треба да бидат дел од градењето вистински институции, да се ослободат од стегите на партиите и да создаваат нова политика.

Тие луѓе треба да се идните „гаранти на правдата“, контратежа на партиските политики, гаранти на јавната доблест. Во ситуација на корумпирани политички елити, треба да истапат силни индивидуи и да им пресудат, во име на граѓаните, на трулите политички сили.

Треба да се констатира веќе еднаш недовербата која постои кон актуелните политички актери и, преку конституирање силно движење на контрадемократија, како што би ја нарекол францускиот филозоф и политиколог Пјер Росанвалон, да ставиме крај на антидемократијата и да создадеме реална демократија на тежи и контратежи, на контрола, на набљудување, на коригирање, на демократска контрола која се израѓа од севкупната недоверба.

И тука не се доволни само експерти и техничари туку и сите граѓани кои преку движења, комитети, преку групирање, ќе бидат двигател на промените.

Не смееме да заборавиме, дека недовербата во корумпираните и недемократски, партиски елити, е една од најголемите демократски доблести. Тука не зборувам за напуштање на претставничката демократија, секогаш сум верувал дека треба да постојат „професионални политичари“, и дека демократија без партии, не постои.

Но, време е да размислиме што може да направат, и како да се политизираат, во институционална смисла и во смисла на јавното добро, што поголем број граѓани и категории граѓани.