Актуелно

Договорено во Пржино: Телевизиите не смеат да донираат, нема казни за старите „бомби“

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Медиумите нема да бидат донатори на партиите, а фирмите и луѓето ќе донираат помалку пари. Популарниот закон за „бомбите“ нема да важи на досега објавените разговори, додека новинарите и уредниците се исклучени од каква било одговорност, е дел од договорот што, според извори во СДСМ, е постигнат вчера.

По договорот од Пржино се намалува можноста за корупција на медиумите за време на изборите

По договорот од Пржино се намалува можноста за корупција на медиумите за време на изборите

Изборите остануваат на 24 април 2016 година брифираа денеска во најголемата опозициска партија, ден по постигнатиот договор во Пржино и демантираат дека СДСМ вчера или било кога барале одложување на изборите, како што тврдеше премиерот Никола Груевски.

Од партијата велат дека изборниот законик ќе се менува со тоа ќе им се забрани на медиумите и на нив поврзани лица да им донираат на партиите, нешто што досега на големо се практикуваше, а промени ќе има и при донациите од фирмите и од обичните луѓе. Досега компаниите смееја да донираат до 50.000 евра, додека физичките лица до 5.000, а отсега овие суми ќе паднат на 30.000, односно на 3.000.

Ќе се регулира и рекламирањето на телевизиите, велат од СДСМ, бидејќи во минатото опозицијата не можеше да купи маркетинг простор со образложение дека целиот е веќе распродаден. Сега осум минути во еден час ќе може да откупи власта, исто толку и опозицијата, додека по една минута им следува на малите парламентарни и вонпарламентарни партии. Промените предвидуваат бесплатното претставување на МТВ да може да биде и со рекламни материјали, не само како обраќање, што беше случај до сега.

Договорено е и само половината од билбордите да се користат за кампања, а од таа половина власта и опозицијата може да откупат најмногу по 40 отсто, додека малите парламентарни и вонпарламентарни само по 10 проценти.

На денешниот брифинг за новинарите во СДСМ беше кажано дека за разлика од досега Јавниот сервис МРТВ ќе има законска обврска да спроведе предизборна дебата.

Популарниот закон за „бомбите“, всушност ќе се вика Закон за заштита на приватноста и тој ќе се однесува само на нелегално снимените материјали во периодот од 2008 до 2015 година, но тој не предвидува никакви казни доколку се употребуваат веќе објавените телефонски разговори, нешто што докрај јасно не го предвидуваше првата верзија на овој закон.

Забраната за објавување важи само за снимки кои се од приватна природа, а под приватно се подразбира објавување на нечии семејни и лични односи, религиска или етничка припадност, политичка припадност или здравствена состојба, велат од СДСМ.

Затвроски казни за оние што ќе ја нарушат приватноста

Затвроски казни за оние што ќе ја нарушат приватноста

Истовремено предвидено е да се зголеми казната за евентуално снимање и дистрибуција на приватни разговори и снимки и оној што ќе го направи тоа ќе може да добие од една до пет години затвор, додека новинарите и уредниците се исклучени од одговорност, а прекршочно може да одговараат само медиумите како фирми. Санкции се можни и за телефонските оператори коишто ќе овозможат прислушување. Доколку се утврди нивна одговорност, може да добијат глоба од 10 проценти од нивниот профит.

Законот ќе почне да важи шест месеци по неговото донесување и во меѓувреме ќе биде пратен до Венецијанската комисија. Сите забелешки на комисијата ќе мора да се имплементираат во законот.

Вчера конечно е договорен и таканаречениот закон за свиркачи, кој официјално ќе се вика Закон за заштита на укажувачите и тој ќе ги штити соработниците на правдата и во државните институции и во приватните компании. Укажувачи ќе може да бидат вработени, волонтери, кандидати за вработување и за волонтирање и луѓе кои на било каков начин биле ангажирани или се во деловен однос со институција или со приватна фирма, која има повеќе од десет вработени.

Укажувачите ќе треба да ги пријавуваат незаконските работи на своите претпоставени, доколку тие не реагираат може да пријават во соодветна институција и на крај во медиумите, меѓутоа ако проблемот е всушност самото претпоставеното лице тоа може да се скокне како прва инстанца. Укажувачите може да одат директно во медиумите, меѓутоа само во случаи кога станува збор за итна опасност или некое дејство што може да предизвика голема штета.

Законот ќе почне да важи четири месеци од неговото изгласување.

Договорена е и собраниската комисија која ќе го носи името Анкетна комисија за скандалот со прислушувањето, а во рок од шест недели ќе се испитуваат сведоци. Секоја партија ќе може да предложи по тројца сведоци.

Комисијата ќе има 16 члена, со мнозинство од власта, а претседател и заменик ќе предложи СДСМ, членовите ќе имаат право на малцински извештај или таканаречено одвоено мислење.

Седниците ќе бидат јавни, освен ако не се утврди сериозна потреба да се затворат, додека во рамките на комисијата ќе има и посета на Управата за безбедност и контраразузнавање и членовите ќе може да повикаат и експерти. Извештајот на комисијата, наместо во ноември, ќе треба да биде готов во јануари, поради поместувањето на роковите од договорот.

На средбите било договорено и зголемување на бројот на жените на пратеничките листи со тоа што сегашното правило – од секои тројца предложени на листата една да е жена, се дополнува со решение дека во првите десет кандидати за пратеници да има плус уште една жена. Со ова се претпоставува дека жените ќе бидат најмалку 40 проценти од пратеничкиот состав.

Според СДСМ министерот за внатрешни работи за кој е договорено да биде генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, ќе ги има сите ингеренции, со тоа што неговиот заменик, предложен од ВМРО-ДПМНЕ, ќе има право на вето само за прашања поврзани за изборите.

Доколку има несогласување за тоа што е изборно прашање, ќе пресече Државната изборна комисија. Новиот министер ќе може да ги менува началниците, меѓутоа на новиот раководител ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи и заменик со врзан потпис, брифираат извори во Социјалдемократскиот сојуз.