Актуелно

Директорот на УЈП Горан Трајковски си оди од функцијата

Неофицијално, од извори од раководството, дознаваме дека причината за оставката се различните позиции меѓу Трајковски и министерот за финансии Зоран Ставрески.

Трајковски раководеше со УЈП од 2006 година, откако дојде на власт ВМРО-ДПМНЕ

Трајковски раководеше со УЈП од 2006 година, откако дојде на власт ВМРО-ДПМНЕ

Горан Трајковски, директорот на Управата за јавни приходи, денеска поднел оставка од функцијата, потврдија за БИРН извори од Управата.

Неофицијално, од извори од раководството, дознаваме дека причината за оставката се различните позиции меѓу Трајковски и министерот за финансии Зоран Ставрески.

На социјалните мрежи веќе кружи електронската пошта која Трајковски ја поднел до надлежните институции, во која се вели дека „заклучно со 4 ноември, повеќе нема да ја обавува функцијата директор и нема да биде дел од раководството на Управата за јавни приходи“.

Кирил Миновски – нов директор на УЈП

„Можам да потврдам дека на вчерашната владина седница Кирил Миновски е именуван за нов директор на УЈП. На досегашниот директор Горан Трајковски му истече мандатот. Ние сме благодарни за неговиот ангажман и придонес, како и за реформите и резултатите што ги постигна. Планирано е соработката со Трајковски да продолжи и натаму и тоа на друга одговорна функција“, изјавија за БИРН од Владата.

Инаку, Кирил Миновски е досегашниот директор на пазарниот инспекторат.

За оставката на Трајковски се зборуваше уште пред неколку месеци, кога беше распишан оглас за нов директор на УЈП. Стануваше збор за периодот откако министрите за внатрешни работи и транспорт и врски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески дадоа оставки од функциите, исто како и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, по објавувањето на „политичките бомби“ на опозицијата и настаните во Куманово.

Сепак, Владата, во август, по распишаниот оглас, повторно го именуваше Трајковски за в.д директор на Управата за приходи, по што паднаа во вода шпекулациите дека тој си оди од функцијата.

Трајковски раководеше со УЈП од 2006 година, откако дојде на власт ВМРО-ДПМНЕ. Ова беше негов трет мандат како прв даночник.