Несоодветни споредби меѓу ропството во Америка и животот во Османлиското Царство

Официјалното ропство на територијата на САД траело од 1620 до 1865 година, два и пол века, а во цела Америка од почетокот на XVI век. Многу слично. Неколку века.

Второ и поважно, ропството на црнците во Америка било многу поразлично од животот на христијаните во Османлиското царство. Да, христијаните биле граѓани од втора класа, но за најголемото мнозинство животот бил ист како под Византија или христијанските локални кралства. За тоа време робовите биле буквално третирани како домашни животни, споредливо со живуркањето во концлогорите на нацистите (само со „мала“ разлика дека крајна цел на системот била експолатација, а не истребување).

Можете да замислите што значи тоа човек да се третира како домашно животно? На исто ниво како да речеме, говедата. Да биде постојано, секој ден подложен на тепање за да му се всади стравот во коски да не смее да подигне поглед, а камоли да помисли на слобода. Ако е женско да биде подложена на секојдневно силување. Секојдневно. Секој ден. (Да, исто како голем дел од современите жртви на ропството, кои ги присилуваат на проституција.) И така со генерации? Едно 20 генерации.

Да, и под Османлиите, како и под власта на христијанските феудалци, имало повременото грабање жени и девојки. Сте го гледае Брејвхарт, знаете за „prima nocte“ што веројатно било „нормален“ обичај низ цела Европа. Ама тоа биле исклучоци. Кога ја грабнале Калеш Анѓа се дигнал бунт во цело Мариово. Прашање е колку такви грабања имало вон периодите на војни, а колку потоа се романтизирало. Феудализмот во Османлиската Империја официјално траел некаде до првата половина на XIX век (в. Танзимат).

Во Америка робовите немале право на семејство, децата биле одвојувани од родители, сопружници меѓу себе, по волја на господарите. Може да замислите каква трагедија било тоа? Колку крв и солзи пролеале тие луѓе, кои биле испограбани од дома, им било забрането да го зборуваат својот јазик, приморани да прифатат туѓа вера (спореди со односот направославната црква, која била интегрален дел од Османлискиот државен апарат и еден од најголемите феудални поседници), да заборават сè за себе.

На југот на САД било забрането со закон да научиш роб да чита, под закана за смрт и за учителот и за ученикот.

И да, робовите и во тие услови се бунтувале. И ако земеме да броиме, веројатно за тие три и нешто века вкупно ропство во Америките ќе изброиме многу повеќе робовски востанија по глава на жител отколку што имало востанија во Македонија. И тоа биле востанија во кои се знаело дека сите активни учесници ќе бидат убиени ако не успеат. Нема сургун, нема апсаана. Прво страшно јавно садистичко измачување за поука на пасивните што ќе преживеат, па сигурна смрт.

PS

Модел за ропството во Америките било античкото ропство, како што го практикувале античките Грци, Македонци, Картагинци и Римјани. Дури, во духот на класицизмот (што би рекле денес антиквизација) робовладетелите имале реиздадено и некои картагинско/римски прирачници за како да се одгледуваат робови на плантажи. Имало и дополнети изданија во кои како основа покрај всадувањето страв од газдите било сеењето омраза меѓу самите робови, поттикнување меѓу себе да се кодошат и глодаат преку разни поделби, на пр. според нијанси на боја на кожа, возраст, занимање… Една разлика била воведувањето на боја на кожа/расно потекло како фактор (и самото воведување на поим „раси“ на луѓе, кој денешната наука не го применува).

Во антиката и до средниот век роб можел да стане секој. На пр. народите што зборувале словенски јазици биле честа цел на ловци на робови, на пр. на Балканот главни трговци биле Венецијанците, во источна Европа викинзите. Од друга страна, во Америките тоа било резервирано само за луѓе со неевропско потекло – африканци и индијанци. Кај американското ропство имаме комбинација на концепти од сточарство (раси) и христијанство, оти оправданието било најдено во библиски митови како оној за Ное чиј еден син, црномурен, бил назначен да им биде подреден на другите, побели (клетвата на Хам).

Текстот е превземен од блогот на авторот.