Притисокот врз судиите мора да се засили

debata-nezavisno-sudstvo

Од вчерашната тркалезна маса на тема независност на судството / Фото: БИРН

Македонските судии, по втор пат последниов месец, на јавна дебата сами пред себе, но обраќајќи ѝ се на јавноста, соопштија дека немаат или не чувствуваат политички или економски притисоци туку само притисок од медиумите.

Во јавните ставови за медиумскиот притисок, два пати по ред најдалеку отиде судијката на Основниот суд Скопје 1, Дијана Груевска Илиевска, која претставувајќи 80 судии зад себе, рече дека најголемиот притисок во работата го чувствува од медиумите и нивните извештаи, за што, како што вели, не било пријатно кога суди некој предмет од организиран криминал со денови да си го слуша името по телевизии или да го чита по весници.

Тркалезните маси на кои судиите решија јавно да проговорат за притисоците во судството ги организира Судскиот совет, се одржуваат во просториите на Академијата за судии и јавни обвинители, но новинарите се само неми регистратори на судиските кажувања, без можност да се вмешаат во дебатата (ако еднонасочните обвинувања можат да се сметаат за дебата?) и да одговорат на нападите.

Па, драги мои, доколку македонското судство, за кое перцепцијата и натаму е дека е неажурно, неефикасно, до одреден степен корумпирано, под партиски и политички влијанија, кое носи политички, а не правни пресуди и не може да се одвои од дното на мерливата скала, има проблем само со медиумите, тогаш мора гласно да констатираме дека судството едноставно нема проблем!

Ќе речете, како? Проблемот кој го посочуваат судиите, притисок од јавноста, односно медиумите, воопшто не е притисок туку легална демократска алатка за мониторинг, па ако сакате наречете го и влијание врз судиите. Оттука, јас со своето речиси две децениско известување за судството и судиите, ги повикувам медиумите максимално да го зголемат притисокот врз судството, па притисокот кој сега го чувствуваат одредени судии да стане видлива алатка за решавање на вистинските проблеми кои се чини дека единствено не ги гледаат само судиите.

Како прво, судиите се избрани функционери, судството е еден од столбовите на државата, независна трета власт, која треба да ги контролира другите две власти. Овие судии, сѐ уште носат пресуди во ИМЕ НА ГРАЃАНИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА. Колку и да тврдиме дека станува збор за клише или форма на пресуда, сѐ додека ова не се промени, главниот контролор на тие кои го црпат легитимитетот од граѓаните се ГРАЃАНИТЕ, јавноста или медиумите како нивни репрезент, модерно таканаречени „кучиња чувари на демократијата“.

Судството не смее и не треба да биде надвор од „контролата“ на јавноста, од сериозна дебата во стручните кругови и медиумите по прашањата како што се стручноста и непристрасноста на судиите, нивното кариерно напредување (а не по „партиско списоче“, кога позицијата се добива со квалитет и знаење, а не со купување „бисери“, со „учинување“, со трампање позиции меѓу коалициски партнери), прашањата на квалитетот и времето потребно за пишување на одлуките, за должина на изречените притвори…

Тезата дека судските одлуки не смеат да се коментираат туку нив ги цени само повисок суд, одамна е напуштена во демократските земји, па имаме и низа пресуди на Европскиот суд по прашањето за коментирање или анализа на одлуките.

Само за потсетување, извештаите на Европската комисија, на Стејд департментот или извештајот на Прибе се местата во кои се спомнуваат политички судења, политички процеси, слабости во судството. Дали пренесувањето и на овие извештаи и посочување на предметите во нив судиите го сфаќаат како медиумски притисок?

Новинарите, а и јавноста, имаат право да истражуваат и да знаат дури и детали за моралниот лик на одреден судија, неговото однесување надвор од судница, па дури и детали од неговиот семеен живот (брачен, вонбрачен), доколку постојат индиции дека тоа ја нарушува непристрасноста на судијата во водењето на одреден случај, има конфликт на интереси, ризик да биде пристрасен и слично, што е и основа во законот за разрешување судија.

Една американска судијка побарала Етичкиот комитет во нејзината држава да ѝ одговори дали може да се доведе во прашање непристрасноста во нејзината работа, само затоа што нејзината ќерка почнала да се забавува со синот на обласниот обвинител, чии обвиненија би можеле да дојдат кај неа на судење!?

Следејќи го овој, за нас сѐ уште далечен пример, македонските медиуми имаат целосно право да прашуваат за зделките со опремата од Израел која ја договара сега актуелна судијка на Вишиот управен суд, да се интересираат за „накитот од Сваровски“, за тоа што ѝ должи власта на судијката од скопска апелација за да мора да ѝ „учинува“ и да ја избере нејзината сестра за судијка, да знае дека по „снегот во Охрид во декември“ ќе го памтиме изборот на млада судијка во скопскиот суд, а веста за изборот лично ѝ ја соопштува тогашниот директор на тајната полиција! Судијката понатаму станува и главен „кадровик“ за другите судии што треба да се изберат.

Медиумите имаат целосно право да знаат кои судии се избрани во Кратово и во Скопје, за чии места тогашната претседателка на Судскиот совет реферира кај секретарката на Премиерот, а сега седи на масата заедно со судиите кои велат дека немаат партиски притисоци. Одговорите на овие прашања не можат и не смеат да бидат оквалификувани како медиумски притисок врз судиите! Јавниот интерес е секогаш над сѐ, па секое затскривање зад тогата (независно дали е заслужена или не) не може да ги претставува судиите како жртви.

Судијката Груевска илустрирајќи ја „Ликвидација“ или предметот за новинарот Томислав Кежаровски, направи дури и намерно извртување на фактите, наведувајќи ги медиумите дека осудените се виновни, за тоа имало докази во ПИ мерките, ама медиумите не ги слушнале овие докази?

Судијке Груевска, неколку пати ја прелистувам пресудата, ги разгледувам ПИ мерките што сте ги цитирале, но не најдов никаде дека од ПИ мерки утврдувате вина кај Кежаровски? Како евентуални ПИ мерки од 2008 и 2009 вие употребивте во 2013/2014 година? Ги антидатиравте? Кој, Вие или некој друг? Зошто не ги цитирате нив во пресудата за да нѐ убедите дека ова што го говоревте на јавниот настап е вистина? Во текот на судењето не дозволивте да се види наредбата за ПИ мерките, а зарем таквото истакнување на повредите во постапката го сметате за медиумски притисок?

Ако некој врши притисок, тоа сте токму Вие, со вашите закани кон адвокатите во „Ликвидација“ да не викаат новинари, бидејќи би се вршел притисок. Се сеќавате, зборувам за повторениот дел на „Ликвидација“ во кој Вие се исплашивте од моето присуство во судница, па им одржавте лекција на адвокатите, зошто викнале новинари!? Но, свесна сте дека поради моето професионално присуство во судница моравте да судите во „петорка“, а дојдовте сама, па трчавте по ходници да го барате вториот судија за да не направите битна процесна повреда.

Не е точно дека медиумите не Ве сакале поради случајот со Кежаровски. Ако е вистина дека не ве сакаат, тогаш, тоа е сигурно од судењата за клеветите, од случајот „Резервни армиски делови“ и некои други.

На следната средба, претседателот на Судскиот совет Бранко Ушковски нека ги повика и новинарите како говорници, барем нека им овозможи елементарно право на одбрана. Зашто, ваквите обвинувања не водат никаде. Судиите треба да разграничат што е јавна опсервација на нивната работа, а што лична дисквалификација. Ако има дисквалификации само затоа што некој суди одреден предмет, кој го добил во работа без ниту трошка сомнеж, јас би бил првиот кој би застанал во нивна одбрана.

А, дотогаш, ако медиумите се главните виновници за лошата состојба во судството, треба да го зголемиме тој притисок и на тој начин да ги решиме судските проблеми.

Авторот е новинар