Сигурни чекори по коцката на улицата. Mалку бавни од тежината која ја носат во дланките. Ќесите се големи. Тивко се пробиваат меѓу автомобилите паркирани пред Младинскиот културен центар. И не се десетмина, дваесет…. Стотици луѓе, дотерани и товарени, познати и непознати, се отпоздравуваат и ги оставаат ќесите полни со облека во фоајето на МКЦ, на пунктот на „Мрдни со прст“.
Една врз друга, збиени, бројот на ќесите полни со облека се зголемуваше, додека река од луѓе се сместуваше на столчињата на горниот кат, во Дансинг салата на МКЦ, за да го проследи финалното шоу, модната ревија на акцијата „Сите стоплени во зима“.
„Ние сме од училиштето Кирил и Методиј“, од Стајковци, дојдовме да ја донесеме облеката што ја собиравме претходните два дена, ја видовме Ана на телевизија“ – се претставија двете наставнички.
„Слободно, оставете ја облеката тука и качете се на ревијата“ – ги упатија од пултот, не знаејќи дека ќе им треба помош, бидејќи цел гепек од автомобил требаше да се испразни.
„Но, ние не сме дојдени за ревија. Сакавме само да помогнеме, бидејќи лани летото во Стајковци преживеавме од солидарност“ – одговорија наставничките, оставајќи ги ќесите, „Се надевам дека ќе има облека за сите“ – ни мавтаа како поздрав со сега веќе празните дланки.
Два месеци кафулиња и компании во Скопје, беа претворени во пунктови за собирање користена зимска облека која преку двете здруженија „Љубезност“ и „СОС детско село“ ќе им биде подарена на многу наши сограѓани кои немаат доволно топла облека за преку зимата.
Акцијата тргна со убавата мисла дека „ќе се собере потребната облека, само дотогаш нека е блага зимава“, а во од стануваше сѐ подлабока и поширока. На првичната скица, се надоврзаа 15 македонски водечки дизајнери, кои подготвени со своите алатки, се нафатија да реоживеат дел од користената облека. Добија задача да направат мода, со која ќе пратиме порака за љубов, сомилост и емпатија. Оттаму излезе и срцето од котелци.
„Светот се буди од заспаноста и заборавеноста за себе. Сите промени што сакаме да ги видиме, почнуваат од нас“ – ни кажа графичката дизајнерка Ем Елефантски кога ја прифати поканата.
Почнавме од нас и малото мрдање со прст.
„Големите работи се прават со мали нешта направени заедно. Чест ми е да бидам дел од екипата креативци со кои заедно ќе покажеме дека можеме да бидеме ‘големи’ и да придонесеме кон акцијата ‘Стоплени во зима’“, ни потврди Јана Ацевска „Капка“ која ја вклучивме последна во акцијата, сакајќи да покажеме дека користената облека може да стане и накит, со малку вештина и фантазија.
И пред да станат конечни комбинациите, заклучивме дека „пораката“ со нив треба да е ко на вибер, видено и одговорено. И затоа модели станаа жени – порака во движење и еден господин, со нив нашата скица веќе стануваше цела слика.
Огнен Јанески, Јана Бурческа, Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Емра Куртишова, Јелена Богојевиќ, Дани Димитровска, Дарија Андовска, Леа Таки, Матеја Киселичка, Анастасија Данчевска, Јана Мишо, Сара Миленковска, Наташа Мијата, Елена Зисовска, Ана Петрушева, Сара Климовска, Соња Михајлова, Сандра Грибовска, Снежана Сани Богдановска, Анастасија Богдановска, Милена Атанасова, Ивана Павлаковиќ и Билјана Тануровска-Ќулавковски. Пејачки, новинарки, кураторки и танчарки, заедно со 15 дизајнери, многу волонтери, активисти, шминкери од Кариера Плус, МКЦ… Поттикнаа котелецот да се плете, и тоа не само на две игли… Се собра над тон и пол користена облека.
„Чувството од почетокот ми беше топлина и љубов. Целaта битолска екипа имаше еднаква радост. Убава беше енергијата која кружеше во салата, затоа што сите имавме заедничка цел. Бевме поврзани, сплотени, бидејќи вечерта солидарноста живееше таму“ – вели актерката Соња Михајлова која вечерта го носеше моделот на Благој Мицевски.
Единствениот маж модел, Огнен Јанески, облечен во костум потпишан од дизајнерката Лидија Георгиева, се надоврзува:
„Кога ќе посведочиш дека тие на кои им е најпотребна солидарност, доаѓаат први на помош, тогаш се враќа вербата во човештвото. Солидарноста изразена преку обезбедување топлина за нечие срце во зима е еднаква на спокој во душата. Ние, граѓаните, солидарноста постојано ја покажуваме на дело, а не само на зборови“ – вели тој.
Во земја во која деца се лекуваат преку социјалните мрежи, телевизијата е СОС телефон, интитуциите немаат капацитет за решавање на проблемите на граѓаните, граѓанското здружување не е само мрдање со прст. Тоа станува движење, затоа што солидарноста живее тука.