Пораката на Зорба

„Имам 43 години и ова прашање останува отворено 43 години“, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас за време на декемвриската посета на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Атина, во однос на кипарското прашање. А тоа не е единствениот спор во европското досие на Грција.

И Ципрас и Заев имаат 43 години и двајцата се обидуваат да стават крај на спорот помеѓу Грција и Македонија. Заев се надева дека тоа ќе биде генерацијата која ќе стави крај на спорот. И двајцата имале по 18 години кога „квасецот“ почнал да го нараснува тешко замесеното политичко тесто, од кое сега и двајцата се обидуваат да произведат решение и иднина достојни за граѓаните во двете земји.

Почнаа со 14 мерки за градење доверба и со многу добра волја. Процесот, колку што зависи од временската рамка (крајот на јуни) многу повеќе зависи од заемната решеност да се повлечат храбри потези. Од сегашните реакции во двете земји, проверени низ мотото на Ангела Меркел („компромис е кога двете страни се подеднакво незадоволни“), може да се извлече паушален заклучок дека процесот е на добар пат.

Секако, во тоа не спаѓаат грчките шпекулации дека „прифатливо решение би можело да биде Република ГорнаМакедонија, споено во еден збор“. Ако не треба да се залажуваат со лингвистички акробации (како што вели Коѕијас), поточно со лингвистичка саботажа за идентитетски редизајнирања, таквите идеи доколку навистина ги има – треба енергично да бидат отфрлени. Во овој случај, лингвистиката не може да ѝ помогне на политиката. Во тој корпус влегуваат и разни кованици преку кои името Македонија би се маскирало во придавка од типот Горномакедонска или Новомакедонска Република, на пример.

Она на што можеме да се гордееме, е што кај нас нема ни „и“ од таков вид на, како што велат Грците, иредентизам. За жал, тоа станува одредница на нивните протести. Иако Грците тврдат дека се спротивставуваат на „монополот“ кој ние го бараме за името Македонија, всушност, тие се тие што го бараат тој монопол само за себе

Ако треба да постои неексклузивитет во употребата на името Македонија, тоа значи дека колку што Грција има право да го употребува, толку има право и Македонија. Она што политиката треба да го направи е да ги убеди граѓаните во двете земји дека името Македонија не треба да ги конфронтира туку да ги зближува.

Од тој аспект, ми се чини дека во текот на овој процес Република Македонија покажува многу поголема зрелост, такт, мудрост и воздржаност околу темите за кои сега се водат разговори. Почнувајќи од конструктивните изјави од нашиот политичкиот врв, па сѐ до изјавите на новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ кои исто така рефлектираат волја и поддршка да се најде решение.

Она што особено прави разлика, е воздржаното однесување на граѓаните. Не дека не ги интересира, напротив, но видлива е растечката свест дека решавањето на овој спор е од исклучителна важност за иднината на земјата. Да, и овде има протести, но далеку и од масовноста и од реториката што ја имаше на протестот во Солун, но и во најавите за следниот протест во Атина. Што беше главната порака од протестот во Солун? „Македонија е само грчка.“

Она на што можеме да се гордееме, е што кај нас нема ни „и“ од таков вид на, како што велат Грците, иредентизам. За жал, тоа станува одредница на нивните протести. Иако Грците тврдат дека се спротивставуваат на „монополот“ кој ние го бараме за името Македонија, всушност, тие се тие што го бараат тој монопол само за себе.

Република Македонија покажува многу поголема зрелост, такт, мудрост и воздржаност околу темите за кои сега се водат разговори. Почнувајќи од конструктивните изјави од нашиот политичкиот врв, па сѐ до изјавите на новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ кои исто така рефлектираат волја и поддршка да се најде решение

Па и на веб-страницата на грчкото МНР во објаснувањето на историјатот на спорот, јасно пишува дека „терминот ‘Македонија’ географски се однесува на поширокиот регион кој се протега и на територијата на разни балкански земји, при што најголемиот дел од регионот е во Грција и во помали делови во Поранешната Југословенска Република Македонија, Бугарија и Албанија“.

Значи, не бараме ни повеќе, ни помалку од она што ни припаѓа, а во име на пријателството и соработката се согласуваме да се направи разлика од нашата и грчката Македонија.

Секако, мора јасно да се истакне дека се видливи напорите и волјата на грчката влада да го стави процесот на конструктивни шини, но, за жал, Ципрас во моментов е на силен удар од опозицијата која на спорот за името заработува популистички поени. На удар е и на анкетите на јавното мислење во кои 60 проценти од Грците се противат името Македонија да биде дел од решението за името. На удар по тоа прашање е и од коалицискиот партнер – партијата АНЕЛ.

На удар е и од бројни националистички организации кои од протест повторно ќе му испратат порака да не го дава името Македонија. По таков жесток отпор, не случајно „Фајненшл тајмс“ му предвидува дека во случај на компромис би можел да стане своевиден Ото фон Бизмарк на Балканот. Доколку тоа се случи, најмалку двајца со задоволство ќе можат да го делат тоа признание.

За жал, Ципрас е на удар и од т.н. супермаркет интелектуалци, кои вредносните ставови не ги градат врз факти и аргументи туку врз моменталниот бран на расположение. На тој бран јава и композиторот Микис Теодоракис, најавен како говорник на протестот во Атина.

А токму тој можеше да биде една од личностите што отвораат нови страници во историјата меѓу двете земји. Неговата музика за филмот „Гркот Зорба“ (награден со три „Оскари“) е инспирирана од романот на славниот грчки писател, Никос Казанѕакис, односно од главниот лик Алексис Зорба, зад кој се крие младиот Георгиос кој пролетта во 1922 година со возот од Солун пристигнал на железничката станица во Скопје.

Следните две децении, негов дом бил градскиот хотел „Ловец“, локалните кафеани, особено гостилницата „Маргер“, каде што се дружел со пријателите. Последните денови од животот поминат во раководење со ископ на руда и шкрилец, ги поминал во бескрајно долги разговори и преписки со Казанѕакис, раскажувајќи му ја атмосферата во градот и сопствениот живот. Починал од срцев удар 1941 година, неколку месеци откако Казанѕакис на хартија го запишал насловот на својот нов роман – Гркот Зорба. Бил погребан на старите гробишта на Водно, а со промената на урбанистичките планови, во 1954 година коските на Зорба се префрлени на гробиштата во Бутел.

На тој гроб дојде Теодоракис 1996 година, а во Македонската опера и балет го претстави своето музичко дело „Гркот Зорба“ во присуство на тогашниот македонски претседател, Киро Глирогов. Наместо на „Синтагма“, Теодоракис може повторно да дојде во Скопје, на местата каде што некогаш седел младиот Зорба и каде што го кажал она што Казанѕакис внимателно го запишал: „Едно време ги делев луѓето на Бугари, Турци, Македонци и Грци, сега ги делам на добри и лоши. А еден ден и тоа нема да го правам, затоа што сите заминуваме во една иста почва…“

Ако треба да учиме од историјата, ова е повеќе од поука. Може да биде инспирација за некоја нова музичка композиција, некоја нова „Ода на радоста“, во која ќе ги славиме вредностите што не поврзуваат.

Зорба почина 1941 година, Казанѕакис 1957 во Фрајбург, Германија, а неговите останки се погребани во родниот Крит. Микис Теодоракис има 92 години. Му посакувам следниот роденден (29 јули) да го прослави во одлично здравје, реалаксиран од „иредентистички“ стравови и инспиран за креативен поздрав на новата страница во грчко-македонските односи. Ако Грција е местото каде што се родила демократијата, и негова, и обврска на сите наши пријатели и соседи е да овозможат таа да живее, а не таму да биде и убиена.

Во име на заедничките европски евредности, тоа е и наша обврска.