Израснав во центарот на Скопје, во Градскиот ѕид како проект осмислен од јапонскиот архитект Кензо Танге по земјотресот што го уништи градот во 1963 година. На неколку чекори од мојот дом се наоѓаше Телекомуникацискиот центар и зградата на Македонски пошти, каде еднаш месечно со дедо ми одевме да ги платиме сметките за домаќинство.
Дизајнирана од познатиот македонски архитект Јанко Константинов, модернистичката Пошта беше издигната во чекор пред своето време, футуристичка креација која за мене, како дете, го побудуваше чувството како да влегувам во вселенски брод, очекувајќи ја средбата со некој вонземјанин од вселената.
Со кубистичките мурали исцртани од македонскиот уметник Борко Лазески, Поштата беше радикална појава дури и за почитуваната обнова на Скопје по земјотресот, која издигнувајќи се како архитектонска скулптура во јазикот на модерната го толкуваше Скопското кале од другата страна на реката Вардар.
Три децении по моите редовни посети на Поштата, спомените се речиси сѐ што остана од таа зграда. Пожарот од 2013 година ги проголта муралите на Лазески и ја уништи славната купола, ставајќи го под клуч објектот за кој до денешен ден ништо не е направено за негово реставрирање во претходната состојба.
Самиот објект не е вреден ниту за споменување на официјалната веб-страница на Македонски пошти. Наместо таму, Поштата се најде на листата на 700 загрозени „бруталистички” згради во светот – #SOSBrutalism – составена од Германскиот архитектонски музеј и Wüstenrot Stiftung како дел од кампањата за нивно спасување. Осумдесет и две од овие згради се наоѓаат во источна Европа, од кои шест се во Скопје.
За хрватскиот архитектонски критичар Мароје Мрдуљаш, Скопје, во архитектонска смисла, бил веројатно најинтересниот град во поранешна Југославија.
„Збирката на модернистички згради изградени во шеесеттите и седумдесеттите години од минатиот век, но и пред тоа и оттогаш, е неверојатна”, вели тој. „Толку многу протагонисти учествувале во овој процес, од Кензо Танге и архитекти од Словенија, Хрватска, Полска, Швајцарија и други земји, до локалната заедница на архитекти која… успеа да создаде автентичен архитектонски јазик.“
И додека архитектонските критичари со стравопочит гледаат наназад кон периодот по земјотресот во Скопје, архитектите заслужни за тоа полека се забораваат. Во Скопје не можат да се најдат улици, плоштади, училишта или културни центри што ги носат имињата на Танге или Константинов, на Љубе Пота, на Радован Мишчевиќ, Федор Венцлер или кој било од останатите архитекти кои придонеле кон обновата. Само Адолф Циборовски, прославениот полски архитект кој беше назначен од Обединетите нации да ја надгледува повторната изградба на градот, ја имаше таа чест да добие една мала уличка со негово име на периферијата од центарот на градот.
Во обид да осознаам колку добро се памети оваа епохална генерација на архитекти меѓу граѓаните на Скопје, направив една мала анкета, приоѓајќи им на жителите и продавачите на улицата „Адолф Циборовски“ со едно едноставно прашање: „Дали знаете кој бил Адолф Циборовски, човекот чиешто име го носи оваа улица?” Од 10 души, само две постари жени знаеја за неговиот придонес за овој град.
„Никој не знае”, вели една од жените, по име Билјана. „Да немав Гугл, ни јас немаше да знам.”
Иако бев непријатно изненаден од деморализирачките резултати од мојата аматерска анкета, сфатив дека тоа кажува многу за немата реакција на моите соседи и сограѓани кон владиниот проект „Скопје 2014“ како кичесто, неокласично реновирање на градот што уништи многу модернистички структури во македонскиот главен град – нивната рамнодушност има корен во изгубените колективни сеќавања на неверојатното издигнување на Скопје од урнатините, како и на мажите и жените кои го направија тоа возможно.
Бојан Блажевски пишува за веб-страницата за македонска архитектура, градежништво и урбан развој – Build.mk. Како дел од Балканската стипендија за новинарски достигнувања, тој известува за архитектонските авторски права во контекст на реновирањето на градот од страна на Македонската влада, наречено „Скопје 2014“. Блогот е објавен на „Балкан инсајт“