Истражувањето на БИРН објавено минатата недела, детално говори за тоа како озлогласените српски паравоено борци на Аркан, успеале да ја избегнат затворската казна за воените злосторства што наводно ги извршиле во војните во Хрватска и Босна и Херцеговина. Но, ниту еден медиум во Србија не ја следеше сторијата – зошто?
Дали е тоа така, оти не е вест тоа што сé уште нема пресуди за злосторствата извршени пред две децении? Или поради тоа што ова не е сторија за воени злосторства против Срби? Или можеби затоа што не е еден од оние денови во годината, кога се сеќаваме на жртвите на некое злосторство, само за да заборавиме на него веќе следното утро?
Или тоа беше само лош тајминг за објавување на истрагата за некои од најголемите злосторства во војните во 90-тите години, кога најмладиот син на Аркан, Вељко, го прослави својот 18-ти роденден?
Српските медиуми детално ја покриваа роденденската забава на младиот Вељко, во хотелот Хајат во Белград, на која присуствуваше џет-сетот на земјата и нејзините врвни политичари, без да спомнат ниту еден збор за наводите за воените злосторства, кои се постари од тинејџерот Ражнатовиќ.
Новинарите брзаа да објават информации за најскапиот или најневообичаен подарок што Вељко го добил од некој од неговите 400 гости. Неговата мајка, турбо фолк ѕвездата, Цеца Ражнатовиќ, му ја исполни желбата на својот покоен сопруг и му го даде аркановиот златен Ролекс на својот син, дознавме од српските медиуми, меѓу другите објавени „ексклузивни детали“ од прославата, што тие побрзаа да „ги истражат“.
Сите поканети, меѓу кои и министерот за надворешни работи, Ивица Дачиќ, министерот за енергетика, Александар Антиќ, претседателот на Европската кикбокс асоцијација, Борислав Пелевиќ и поранешниот политички сојузник на Аркан, Драган Марковиќ Палма, мораа да поминат низ детектор за метал, поставен на влезот од хотелот, пред да влезат на забавата.
Сето тоа беше организирано од Цеца, „фолк дивата“ што во 2011 година плати казна од 1,5 милиони евра, за да избегне затвор, откако се изјасни за виновна по обвиненијата за малверзации со средства од трансфер на фудбалери на ФК „Обилиќ“, клуб кој некогаш беше во сопственост на Аркан, како и за нелегално поседување на огнено оружје.
Министерот за надворешни работи Дачиќ, стар пријател на Цеца и редовен гостин на нејзините забави, дури и го „грабна“ микрофонот за да им отпее серенада на присутните. И додека во некои други држави, владините претставници што присуствуваат на еден ваков настан, можат да се најдат на удар на јавната критика, читателите на српските таблоиди едвај чекаа да видат кој присуствувал на забавата на Ражнатовиќ.
Истражувањето на БИРН „Аркановите паравоени сили: Тигрите што ја избегнаа правдата“ беше на широко објавено во другите медиуми во регионот. Во еден од најтиражните дневни весници во Босна и Херцеговина, „Дневни аваз“, во хрватскиот дневен весник „Слободна Далмација“, како и во медиумите во Косово, Македонија, Црна Гора и во Албанија.
Тигрите на Аркан не беа регрутирани од Македонија, ниту, пак, се бореа во Македонија. Тие најчесто доаѓаа од Србија и се бореа на свој начин во БиХ и во Хрватска. Иако Српската доброволна гарда беше распуштена во 1996 година, дел од нејзините членови, се бореа и во војната на Косово.
Но, македонските медиуми, се чини, најмногу сакаа да им ја пренесат на своите читатели сторијата за крвавата патека на српските паравоени сили во воените 90-ти години; таа беше објавена во некои од најпознатите интернет портали во земјата, како што се НоваТВ, Локално.мк, Либертас и Призма.
Истрагата ја објавија и „Ал Џезира“ на англиски и на турски јазик, како и радио Дојче Веле на својата интернет страница на хрватски и босански јазик.
Но, во матичната земја на Аркан, земјата што му обезбедуваше средства за неговите воени „подвизи“ и го користеше за пропагандни цели, додека беше жив, немаше ништо.
Не станува збор за игнорирањето на српските новинари на сторијата на БИРН. Се работи за нешто многу поважно. Ова, всушност, покажува дека медиумите во државата, немаат интерес да се соочат со она што се случило во блиското минато.
Целиот свет ја виде фотографијата на американскиот фоторепортер, Рон Хавив, на која еден човек на Аркан, удира со нога мртво тело на бошњачка жртва во источниот босански град Бијељина. Ниту еден член на „Тигрите“, досега не е осуден за злосторства извршени во овој град, иако пресудите на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, утврдија дека во април 1992 година, најмалку 48 лица биле убиени од српските паравоени сили.
Аркан беше обвинет од судот на ООН, за воени злосторства во Сански Мост, но не доживеа да ја слушне пресудата, бидејќи беше убиен во Белград во 2000 година. Само една од неговите борци е осуден за воено злосторство, извршено додека бил припадник на „Тигрите“, за убиство на еден брачен пар во Хрватска во 1992 година. Тој беше осуден во отсуство.
Нема судења, нема пресуди, нема надомест за жртвите. Дали тоа, всушност, значи дека не биле извршени злосторства?
Ова е клучниот аргумент на оние што веруваат дека Аркан и неговата единица, се невини патриоти. Како што Борислав Пелевиќ, некогашен најблизок соработник на Аркан, праша: „Поминаа 20 години од војната, како е можно никој да не е обвинет од Хашкиот трибунал или српското обвинителство за воени злосторства, во последните 20 години?“.
Да, 20 години подоцна, злосторствата требале да бидат истражени, извршителите изнесени пред лицето на правдата, а жртвите компензирани. Но, ова не се случи.
Тоа е причина зошто се поставуваат прашања за она што се случило и зошто ова треба да биде поважно од скокотливите приказни за забавата на 18 роденден на неговиот син.
Милка Домановиќ е еден од авторите на истражувањето „Аркановите паравоени сили: Тигрите што ја избегнаа правдата“.