Скулпторот, Миодраг Живковиќ, роден во 1928 година, кој почина минатиот петок во Белград, создаде низа монументални дела посветени на битките, хероите и жртвите на борбата против фашизмот во Втората светска војна во Југославија.
Меѓу неговите најзначајни дела создадени во поранешна Југославија, во текот на 60-тите и 70-тите години се спомен-паркот Шумарице кај Крагуевац, Србија, посветен на над 2.000 луѓе кои беа стрелани од германските окупаторски сили во 1941 година, како и 19 метри високиот споменик посветен на битката на Сутјеска во Босна и Херцеговина.
Негово дело е и споменикот посветен на битката кај Кадињача, која се одигра во Втората светска војна, во близина на Ужице, во Србија, како и спомен-паркот „Востание и револуција“ посветен на партизанскиот командант, Сава Ковачевиќ, во Грахово, Црна Гора.
Веб-страницата spomenikdatabase, која ги документира спомениците од југословенската ера, пишува дека делата на Живковиќ ги „карактеризираат остри геометриски апстрактни форми“ и дека имаат „карактеристичен и моќен стил кој тера на длабоко размислување“.
Значењето на неговите дела беше повторно препознаено во 2018 година, кога неговиот опус беше дел од изложбата во Музејот на модерната уметност во Њујорк со наслов „Кон бетонска утопија: Архитектурата во Југославија, 1948-1980 година“.
Покрај спомениците во поранешна Југославија, тој е автор и на бројни други во странство-во Австрија, Италија, Чиле и во Египет.