Пет години по донесувањето на новиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер во 2019, алатка што ја користат новинарите, граѓанските организации и граѓаните, за да добијат податоци што ги имаат институциите, формирана е работна група за негова промена.
Иницијативата доаѓа од Агенцијата што го штити правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, која ја менаџира Пламенка Бојчева. Овие измени се предлагаат во време кога новинарите и граѓанските организации сѐ почесто реагираат дека институциите ги изигруваат нивните барања и не им ги даваат информациите со кои располагаат.
За тоа што сѐ предвидуваат новите законски измени, и како гледа на затворањето на институциите, разговаравме со Бојчева.
БИРН: Госпоѓо Бојчева, во Министерството за правда, на Ваша иницијатива, се одржа првиот состанок на работната група за промена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Зошто сега измени и што тие предвидуваат?
Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер е во сила и се применува веќе цели 5 години. Тој период беше повеќе од доволен за да се утврди кои одредби треба да се изменат и дополнат, со цел да се овозможи што подобро и поефикасно остварување и практикување на ова основно човеково право, имајќи притоа предвид дека од остварувањето на ова право во голема мера зависи остварувањето и на другите човекови права.
Во работната група членуваат и претставници од Агенцијата, од Министерството за правда, судии на Управниот суд, како и претставници од невладиниот сектор и новинари. Измените кои очекуваме да се адресираат се: кратење на рокот од 20 дена; редефинирање на прекршочните одредби и предвидување на прекршочни одредби против раководните и одговорни лица; зголемени надлежности на Агенцијата во насока на зголемување на проактивната транспарентност на имателите на информации; воведување посебен дел во Законот во однос на животната средина; изнаоѓање решение за состојбата со иматели на информации кои немаат сопствени веб-страници и сл.
Тоа се тие неколку основни предлози, за кои, ние од Агенцијата, сметаме дека се потребни измени и дополнувања на Законот, а секако како што веќе нагласив сѐ со цел за подобро, поекспедитивно и поефикасно остварување на правото на пристап до информации во нашата земја, за што, од страна на Министерството за правда добивме уверување дека ќе биде остварено.
Измени и дополнувања на Законот за слободен пристап до информации се предвидени во Националната стратегија за лица со попреченост 2023-2030, Стратегијата за транспарентност на Владата на РСМ 2023-2026 и во Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023-2030. Покрај тоа, во август годинава Собранието на Република Северна Македонија ја ратификуваше Конвенцијата на Советот на Европа за пристап до официјални документи поради што е неопходна потребата од усогласување на домашното законодавство со одредбите на Конвенцијата.
БИРН: Во последниов период зголемена е тенденцијата да не се одговара на барања за слободен пристап од институциите, а во други случаи по усвојување на жалбите од Aгенцијата, добивате тужби. На што се должи ова и дали е можно понатамошно затворање на институциите во однос на јавноста?
За жал т.н. „молчење на управата“ е проблем кој се провлекува низ годините, и кој, и покрај сите обиди на Агенцијата за надминување, сѐ уште е реален проблем.
За илустрација од вкупно 298 примени жалби во Агенцијата од први јануари до денес (24.10.2024 година), 212 или 71% се поднесени поради непостапување по барања за пристап до информации.
Но, од друга страна за 55 поднесени жалби поради молчење или приближно за 26%, постапката е запрена по барање на барателот, заради тоа што е добиена бараната информација.
Нагласувам дека е неопходно градење на институционална култура и свест за транспарентност кај имателите на информации, само на тој начин субјективниот фактор, односно промената на раководната структура ќе нема влијание врз транспарентноста, отвореноста и отчетноста на институциите.
Еден од начините за надминување на оваа негативната тенденција и за градење на институционална култура и свест е воспоставување на интерни процедури, како за постапување по барање за пристап до информации така и за активно, самоиницијативно, навремено и ажурирано објавување на информациите кои имателите ги создаваат или со кои располагаат како резултат на извршувањето на работите и работните задачи од нивна надлежност.
Во однос на тужбите, кои имателите на информации ги поднесуваат против решенијата на Агенцијата, наместо да постапат по нив, тоа се практикува со единствена цел за одлагање на објавувањето на бараните информации и/или намалување и губење на интересот за бараната информација.
Делумно тоа се должи и на фактот дека Управниот суд и Вишиот управен суд немаат изградено конзистентна пракса за тоа дали воопшто имателите на информации имаат активна легитимација за поднесување тужба.
БИРН: Со оглед на тоа дека сè почесто институциите одбираат да се оглушат на барањата, па дури и кога Агенцијата ќе им наложи дека мораат да одговорат, какви се вашите предлози да се адресира овој проблем со новите измени на законот? Какви други мерки, освен зголемени казни, може да се воведат со кои би се гарантирал пристапот до информации од јавен карактер?
Управниот суд и Вишиот управен суд да заземат заеднички став и да воведат конзистентна пракса дека имателите како првостепени органи задолжени за постапување по барања за пристап до информации во управна постапка, не може да бидат тужители, посебно во постапка каде од суштинско значење е остварувањето на јавниот интерес. Од тој аспект ме радува што во работната група за измени и дополнувања на Законот има претставници од Управниот суд.
Друг предлог, како што веќе споменав, е предвидување прекршочни санкции за раководните и одговорни лица кај имателите на информации поради необјавување на информациите и оневозможување на пристап до информации. Tранспарентноста е една од алатките за борбата со корупцијата.