Регион

Болниот пат на жртвите на воено силување

Комисијата на косовската Влада на над 220 жени им ја отфрли апликацијата за признавање на статусот ‘жртва’

Додека во војната, илјадници косовски Албанци, раселени од своите домови, оделе од едно во друго село на периферијата на Глоговац, барајќи безбедно прибежиште, Садије се грижела за нејзиниот најмлад син, кој имал шест месеци и бил болен неколку дена.

Таа се сеќава дека било сончево попладне, 30 април 1999 година, кога трупите на Војската на Југославија пресретнале колона раселени Албанци, во која била и таа, на пат кон Србица.

Ноќта ја поминале покрај патот, а веќе утредента српските полицајци и војниците ги одвоиле жените од мажите, и ги одвеле во две куќи.

Вечерта, тие зеле неколку жени и ги силувале во околните објекти, вели Садије. Ова не е нејзиното вистинско име, бидејќи таа сакаше да остане анонимна.

„Имаше 11 или 12 жени во тие две куќи, но јас не ги препознав“, вели таа. Фактот дека не ги знаела имињата на другите жени, подоцна се покажал како пресуден, при нејзиниот обид да докаже што ѝ се случило.

Садије објаснува дека била задржана во притвор три дена и дека двајца војници и еден полицаец систематски ја силувале.

„Едниот од нив, полицаецот, беше малку дебел и со кафеава коса. Го ословуваа со ‘команданте’“, се присетува таа.

Кога полицајците насилно ја одвлекле во магацинот за да ја силуваат, левата нога ѝ била повредена. Три месеци подоцна, по завршувањето на војната во Косово, таа се оперирала. Но, бидејќи сè уште имала болки во ногата, во 2007 година била подложена на уште една операција.

Во февруари 2018 година, косовските власти започнаа да примаат апликации за доделување на статусот ‘преживеана жртва на воено сексуално насилство’. Со добивање на овој статус, официјално се признава страдањето на жртвите, на кои им се дава можност да добијат и месечен надомест од 230 евра.

Од своето основање до денес, владината Комисија за признавање и верификација на статусот ‘преживеани жртви на воено сексуално насилство’, добила повеќе од 1.220 апликации, од кои на над 900 статусот им бил признат.

Но, 222 апликантки се одбиени. Меѓу нив е и Садије.

Постојано вртејќи се во нејзиниот стол, таа двапати заплака. Садије вели дека разговорот со Комисијата за верификација ѝ бил непријатен.

„Тие повеќе ме прашуваа за мојата финансиска состојба. Не ми дозволија да зборувам многу“, вели таа.

Садије додава дека ѝ наметнале чувство како да ја „мами“ Комисијата.

Поради нејзината нетретирана траума, конфузијата и менталната дисоцијација, како и недостигот на сведоци и документи со кои би го поткрепила своето тврдење дека била силувана, нејзиниот настап за Комисијата за верификација бил неубедлив и неверодостоен. Згора на тоа, нејзиното барање го пополнил адвокат кој не бил од невладина организација која за тоа има лиценца од косовската Влада.

Имено, Владата им додели лиценци на четири невладини организации –на Медика Ѓакова, на Медика Косова, на Косовскиот центар за рехабилитација на жртвите на тортура и на Центарот за унапредување на правата на жените, кои им помагаат на жртвите да ги комплетираат и да ги достават своите апликации.

„Повеќето одбиени апликантки се оние чии апликации не се пополнети од лиценцираните невладини организации“, вели за БИРН, Фериде Рушити, директорка на Центарот за рехабилитација на жртвите на тортура.

Во повеќето случаи, Комисијата за верификација бара медицински извештаи од апликантките, особено од оние кои претходно не биле регистрирани како воени жртви или кои немаат сведоци кои би ги поддржале нивните наводи.

Членовите на Комисијата негираат дека критериумите за апликација се строги или премногу комплицирани. Претседателот на Комисијата, Минира Бегај, за БИРН нагласува дека сите апликации биле разгледани на „професионален и сериозен“ начин.

„Причините за одбивањето се во случаите кога Комисијата не е убедена во наводниот трауматски настан“, вели Бегај.

„Комисијата не вели дека тврдењата не се точни, но вели дека не дошла до заклучок дека статусот треба да се одобри“, објаснува таа.

Мустафа Пренку, шеф на Здружението на инвалидни и цивилни жртви на војната, посочува дека „навистина е разочарувачки како Комисијата ги отфрла жртвите и бара само медицински извештаи или сведоци“.

Стравот од општествено отфрлање е една од причините зошто многу жени веќе немаат медицинска документација, со која би го докажале својот случај, нагласува Пренку за БИРН.

„Многу жртви ја уништиле својата документација, затоа што се плашат дека ќе се дознае. Комисијата треба да биде повеќе фокусирана на нивната траума“, објаснува тој.

Психолошката траума на жените, е главниот доказ“

Васфије Красниќи Гудман, во интервју за РТК, во октомври 2018 година, во кое таа зборува за военото сексуално насилство што го преживеала. Фото: БИРН.

Вепроре Шеху, директорка на Медика Косово, која обезбедува психосоцијална, правна и економска поддршка на жртвите на воено сексуално насилство, е загрижена дека отфрлените случаи ќе ги обесхрабрат другите жртви да се пријават.

„За некои членови (на владината комисија), пристапот кон овој процес бара верификација заснована на докази, додека за повеќето жртви, психолошката траума на жените е главниот доказ“, вели Шеху.

„Некои отфрлени апликации беа одраз на недоследностите или дисоцијациите во опишувањето на трауматските искуства, што доведе до сомнеж во нивниот кредибилитет“, додава таа.

Во случаи во кои жртвите се пријавиле преку четирите лиценцирани невладини организации, при што пријавата им била одбиена, апликантките имаат можност да се жалат на одбиеницата.

Доколку апликантката повторно добие одбиеница, тогаш може одлуката да ја обжали на суд. Но, честопати, оние кои ги доставиле своите апликации директно до комисијата, не знаат како да ја обжалат одлуката, ниту пак како да ја оспорат пред суд.

Шеху нагласува дека на некои апликантки, барањето за добивање на статус ‘жртва на воено сексуално насилство’ им било одбиено, поради неможноста жртвите да обезбедат документација и сведоци. „Тие ги уништиле медицинските извештаи, затоа што се плашеле да ги сочуваат. Исто така, во повеќето случаи, тие не ги познавале другите жртви“, вели таа.

Ова го потврдува уште една жртва на воено силување, чија апликација првично била одбиена, но потоа била одобрена, откако судот пресудил во нејзина корист.

„Бараа од мене да обезбедам очевидци (на силувањето), но јас не ги познавав другите што беа во истата куќа“, вели оваа жртва за БИРН.

Повеќе од две децении, жртвите на воено силување се борат да бидат признати, но откако се отвори процесот на верификација, голем дел од нив не сакаа да се пријават, плашејќи се од стигматизација и од отфрлање од општеството.

Васфије Красниќи Гудман, која во војната била силувана, а која неодамна беше избрана за пратеник во косовското Собрание, посочува дека процесот на верификација треба да биде почувствителен и поемпатичен, бидејќи поради продолжената траума, некои жртви не можат јасно да востановат што им се случило.

„Мислам дека нивната психолошка состојба е доказ за она што го доживеале. Повеќето од нив сè уште страдаат од физичка и психолошка траума, поради ужасите што ги доживеале“, истакнува, Красниќи Гудман, за БИРН.

„Се надевам дека оние што сè уште се двоумат дали да аплицираат или не,  нема да бидат обесхрабрени“, додава таа.

Рушити нагласува дека на жртвите што немале психолошка помош, им е тешко да поднесат апликација. Тие, исто така, се приморани долго да чекаат на судска разрешница на нивниот случај, а крајниот рок за пријавување за добивање на статусот ‘жртва на воено сексуално насилство’ е 2023 година.

„Го замоливме претседателот на Основниот суд во Приштина, да ги третира овие случаи како приоритет. Исто така, побаравме од Собранието да го продолжи мандатот на владината Комисија за верификација, со цел да се продолжи времето за аплицирање, бидејќи за овој процес ни преостануваат помалку од две години, а многу жртви не се пријавиле“, објаснува Рушити.

Еден месец по одбивањето на нејзиното барање, Садије е сè уште многу вознемирена поради тоа. Таа вели дека искрено ѝ кажала на владината комисија што ѝ се случило.

„Кога размислувам за ова, уште повеќе ми се крши срцето“, нагласува таа и додава: „Им раскажав како што умеев и онака како што можев да се изразам, а господ ми е сведок“.