Истражувањa

Бомби и куршуми: Страв и омраза во северниот дел на Косово

Една година по убиството на српскиот политичар од Косово, Оливер Ивановиќ, убиството и бомбашките напади во северниот дел од Косово во кој владее целосно беззаконие и понатаму остануваат нерешени

Анѓела Миливојевиќ Митровица, Звечан, Приштина, Белград

Прво го разнесоа неговиот автомобил. Го запалија седиштето на неговата партија. Влегоа во неговиот дом и ѝ се закануваа на неговата сопруга. Потоа повторно го разнесоа неговиот автомобил.

„Сторија сé што можеа до сега – освен да ме застрелаат”, рече Оливер Ивановиќ, истакнат политичар на косовските Срби, шегувајќи се за време на едно телевизиско интервјуво ноември 2017 година.

Речиси три месеци подоцна, околу 8.10 часот изутрината на 16 јануари 2018 година, Ивановиќ пешачел кон седиштето на неговата партија во Митровица, град во северниот дел на Косово, кога шест истрели биле испукани од возило во движење. Застрелан во грбот, тој бил мртов за помалку од еден час.

„Секогаш ми велеше: ‘Знаеш дека Косово е мојот живот’, и на крајот, тој навистина го даде својот живот за Косово”, изјави неговата вдовица, Милена Ивановиќ Поповиќ, за Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН) непосредно пред првата годишнина од неговата смрт.

Во времето на пукањето, на Ивановиќ му се судело за воени злосторства извршени против цивили, косовски Албанци од крајот на конфликтот во 1990-тите, обвинение што тој го негирал. Но, во градот синоним за поделбата меѓу Србите и Албанците, малкумина сметаа дека убиството на Ивановиќ е етнички мотивирано.

Во неколку изјави дадени во јавноста, Ивановиќ ги обвинувал криминалните елементи во заедницата на косовските Срби за негово заплашување во минатото. Тој, исто така, тврдел дека тие имале врски со српската партија на Косово, поддржана од Белград.

Партијата се вика Српска листа, а Ивановиќ бил нејзин гласен критичар.

Полицијата го навела Милан Радоичиќ, потпретседател на Српска листа, како осомничен за убиството. Радоичиќ, кого Ивановиќ еднаш го  опишал како клучна личност во српските енклави во северниот дел на Косово, го избегнал апсењето и сѐ уште е на слобода. Тој негирал дека бил вмешан во убиството.

Косовската полиција во меѓувреме уапсила двајца српски офицери од неодамна интегрираните полициски сили во земјата и еден член на клубот фудбалски навивачи на „Партизан“, во врска со убиството, иако Специјалното обвинителство на Косово досега не било во можност да го идентификува лицето кое го повлекло чкрапалото.

Една година откако убиството на Ивановиќ стигна на насловните страници на светските медиуми, истрагата на БИРН открива дека криминалот е само врвот на сантата мраз кога станува збор за нерешените случаи во кои постои сомнеж за политичко насилство во рамките на српската заедница во северниот дел на Косово.

Додека убиството фрла сенка врз напорите на ЕУ за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина, БИРН регистрираше 74 напади врз косовските Срби во кои имало вклучено оружје, гранати, палења или експлозивни направи од 2014, година кога Српската листа за првпат забележала голема победа на локалните избори кои беа од големо значење.

Цел биле политичари, припадници на полицијата или безбедносните сили, новинари, претприемачи и претставници на државните институции.

Косовската полиција не третира ниту еден од овие случаи како етничко насилство, што значи дека не сметаат оти косовските Албанци стојат зад нападите.

Освен убиството на Ивановиќ и уште еден опозициски политичар четири години претходно, ниту еден од инцидентите не бил смртоносен, иако локалните жители велат дека нападите го зголемиле нивото на страв во овој дел од Косово, долго познат по владеење на беззаконие.

Повеќето инциденти вклучувале уништување на автомобили или имот и се случувале доцна во ноќта, што ги натерало водечките експерти за криминал да шпекулираат дека сторителите можеби биле повеќе заинтересирани да испратат порака отколку некого да повредат или убијат.

Во времето на објавување на оваа статија, не било покренато обвинение за ниту еден случај.

„Не сум задоволен”, изјави за БИРН Шикири Сила, главен обвинител на Основното обвинителство во Митровица. „Гледате дека има случаи од 2014 година и никој не е идентификуван. Поминаа четири години и колку повеќе поминува времето, толку е потешко да се откријат сторителите”.

Наодите на БИРН се резултат на шестмесечно чешлање на написите во локалните медиуми и интервјуирање на локалните жители и функционери.

БИРН ги потврди деталите за секој од овие случаи со локалното обвинителство и Косовската полициска дирекција – Север, која што има полициски станици во општините предводени од Срби, Северна Митровица, Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ.

Тешко е да се прават споредби со нивоата на криминал пред 2014, годината кога биле формирани интегрираните косовски полициски сили за целата земја, според договорот посредуван од ЕУ за ставање крај на етничката поделба во Косово. Точните статистики за енклавите со кои раководат Србите едноставно не се достапни.

Но, запрашани за бомбашките напади и другите инциденти пред 2014 година, од Одделот за сериозни кривични дела во Основното обвинителство во Митровица велат дека полицијата отворила само пет истраги за такви случаи помеѓу декември 2000 и декември 2013 година. (Сите и понатаму остануваат нерешени).

Иако нема докази дека лидерите од Српска листа самите фрлаат гранати или молотови коктели, критичарите ја обвинуваат партијата за создавање атмосфера на страв и заплашување за која некои велат дека е еднакво на поттикнување на насилство.

Тие, исто така, велат дека владејачката Српска напредна партија (СНС) во Белград е среќна што се разгорува пламенот на раздорот, со што некои велат дека се легитимизираат нападите во делот од Косово што долго време се спротивставува на етничка интеграција.

„Не знам како поинаку да го наречам освен ‘криминал поддржан од државата’ што се случува под изговор за задржување на српската заедница на север”, вели Бојан Елек, истражувач во Белградскиот центар за безбедносна политика.

Ниту Српска листа ниту СНС не одговорија на барањата за интервју или писмените прашања за наодите од истрагата.

Милена Ивановиќ Поповиќ, сопруга на покојниот Оливер Ивановиќ, пред камерите во седиштето на српската влада во Белград. Фото: Стефан Миливојевиќ

Поделени светови

Мостот на реката Ибар во централна Митровица е траен симбол на етничките непријателства во градот. Србите живеат на север, Албанците на југ. Реката Ибар е граничната линија меѓу нив.

Мостот долг 30 метри претставувал озлогласено жариште за време и по косовската војна во 1990-тите. Денес, сè уште е затворен за сообраќај. Но, за пешаците, тој нуди извонреден увид во различните и поделени светови.

Од јужната страна, продавачи кои зборуваат албански продаваат на своите штандови албански и американски знамиња. Од банкоматите се земаат евра. Џамијата доминира на раздвижениот плоштад каде се наоѓа пазарот.

Од северната страна, продавачите кои зборуваат српски тргуваат со динари додека ѕвонат камбаните од православните цркви. Знаците се напишани на кирилица. Повеќето бизниси не прифаќаат кредитни картички и не издаваат сметки, а некои автомобили немаат регистарски таблички, знак на законската неизвесност во српската енклава.

Три блока североисточно од мостот е канцеларијата на граѓанската иницијатива „Слобода, демократија, правда“ (СДП), главната локална опозициска партија во северниот дел на Косово.

Токму овде Оливер Ивановиќ се обидувал да ја заживее својата политичка кариера, кандидирајќи се за градоначалник на северна Митровица на локалните избори во октомври 2017 година, само неколку месеци пред да биде застрелан.

Тој само што бил излезен од затвор по три години поминат во притвор додека му се судело за наводното давање наредба за убиство на албански цивили на Косово во април 1999 година, кога бил еден од „чуварите на мостот” во Митровица, термин кој се користел за да се опишат српските националисти кои се залагале етничките Албанци да останат надвор од северниот дел на градот.

Мурал во северниот дел на Митровица со кои се слават српските војници кои се бореле под боите на југословенското знаме за време на конфликтот на Косово во 1999 година. . Фото: Стефан Миливојевиќ

Во јануари 2016 година, Европскиот суд го осудил на девет години затвор. Ивановиќ поднел жалба, тврдејќи дека судењето било политички мотивирано. Во февруари 2017 година, апелациониот суд во Приштина ја поништил пресудата, наредил повторување на судењето и го ослободил.

Ивановиќ бил парадокс: наводен воен злосторник со репутација на умерен политичар; верен противник на независноста на Косово, кој зборувал течно албански и се залагал за мирен соживот со своите несрпски соседи.

Преминувајќи во националната политика по неговите денови како „чувар на мостот”, неговите ставови омекнале. Тој станал поборник за поствоен дијалог со Албанците, кои според последниот попис сочинуваат 91 отсто од населението на Косово.

Помеѓу 2008 и 2012 година, тој бил државен секретар за Косово во српската влада, наметнувајќи репутацијата на човек со кој Приштина може да соработува.

Бидејќи Србија не ја признава независноста на Косово, косовските Срби во поранешната покраина може да се кандидираат на српските национални избори.

Во 2012 година, Ивановиќ ја формирал СДП, барајќи од косовските Срби да си помогнат себеси со преземање позиции во косовските институции, вклучувајќи ја и полицијата и судството. Тој се кандидирал за градоначалник на северна Митровица на локалните избори во 2013 година, губејќи од новоформираната Српска листа.

Автомобилот на Оливер Ивановиќ проголтан од оган по експлозијата подметната од непознати напаѓачи во јули 2017. Фото: КоССев

Повторени напади

На Ивановиќ не му биле непознати заплашувањата.

Контроверзни врски
Милан Радоичиќ, потпретседател на српската партија на Косово, Српска листа, поддржана од Белград, е обвинет од страна на косовската полиција во врска со убиството на опозицискиот политичар на косовските Срби, Оливер Ивановиќ. Тој негира дека учествувал во убиството и останува на слобода.
Судските документи добиени од БИРН покажуваат дека Радоичиќ има неколку претходни судири со законот.
Во 2010 година, Основниот суд во Краљево, град во централна Србија, во близина со косовската граница, го осудил за фалсификување лична карта. Судот му дал условна казна од три месеци затвор, ако изврши друго кривично дело во рок од една година.
Следната година, обвинителството за организиран криминал во Белград, го обвинило Радоичиќ за незаконско присвојување на 32 камиони што ги изнајмил и ги пренел преку границата кон Косово. Специјалниот оддел за организиран криминал при Високиот суд во Белград го прогласил за невин.
Во 2013 година, обвинителите во Пирот, град во јужна Србија, го обвиниле за незаконско профитирање од градежните работи на еден проект за изградба на автопат во Србија, заради ископ на чакал без соодветно одобрување од министерството за рударство.
Повторно, бил прогласен за невин, овој пат од страна на Високиот суд во Пирот.

Непознати напаѓачи два пати го разнеле неговиот автомобил, во 2005 и 2017 година. Пред локалните избори во 2013 година, во канцеларијата на неговата партија бил подметнат пожар, иако никој не бил повреден, вели Ксенија Божовиќ, заменик-претседател на СДП.

Неколку месеци подоцна, натрапник провалил во домот на Ивановиќ додека тој бил излезен, заплашувајќи ја неговата сопруга, Милена.

„Човек со качулка влезе во станот и почна да ги крши сите стаклени работи”, се присетува таа. „Мојот син [Богдан], кој тогаш беше бебе, спиеше во другата соба. Богдан почна да плаче, а човекот ме удри по лице и ми рече: ‘Тоа е за твојот сопруг’, и побегна”.

Полицијата никогаш не го фатила натрапникот.

„Тоа е како живот под хунта, но наместо војската ние сме управувани од криминална банда”, Ивановиќ изјавил за БИРН непосредно пред неговата смрт. „Криминалните структури кои стојат зад локалната самоуправа сега се вистински извор на моќ во Митровица, а не политичарите или институциите”.

Во своето последно интервју за БИРН пред неговата смрт, Ивановиќ го идентификувал Радоичиќ,  тогаш малку познат собирач на долгови и сопственик на камиони, како клучна фигура во мрачниот систем на власт во деловите од северно Косово, управувани од Србите.

„Центарот на моќ не е во општинската зграда, бидејќи општинската зграда му припаѓа на овој, неформален центар на моќ”, рече Ивановиќ.

Откако Српска листа го назначила Радоичиќ за потпретседател во летото 2018 година, изненадувачки многу коментатори кои никогаш не слушнале за него, во медиумите објавиле дека тој има блиски врски со политичките елити во Косово и Србија, вклучувајќи го и српскиот претседател Вучиќ и косовскиот премиер Рамуш Харадинај.

Харадинај се соочил со критики во јули  откако го примил Радоичиќ во неговата канцеларија на состанок со еден пратеник од опозицијата, Арменд Земај, а состанокот бил опишан како „свечен прием” на „осомничен за организиран криминал, изнудување, насилство и заплашување на граѓаните на северна Митровица”.

Рада Трајковиќ, која раководи со невладината организација на Косово наречена Европско движење на Србите од Косово, изјави за БИРН: „Кога зборувам со Харадинај и тој вели: ‘Тој [Радоичиќ] е човекот кој ми дава гаранции за сè што се договараме за северот и исполнува сè’, тоа значи дека ја има поддршката од [српската] држава да ги прави работите по свое без одговорност и да го заврши бизнисот што му оди во прилог на Вучиќ и неговите политики”.

Во ноември, косовската полиција ја претресла куќата на Радоичиќ во врска со убиството на Ивановиќ. Но, тогаш тој бил во Србија, која нема договор за екстрадиција со Косово.

Радоичиќ и понатаму е на слобода, а БИРН не можеше да го контактира за коментар.

По вестите дека Радоичиќ е баран од страна на косовската полиција, истакнати српски функционери го бранеле. Марко Ѓуриќ, директор на канцеларијата за Косово во српската влада, го нарекол „вистински патриот”.

Претседателот Вучиќ изјавил за српскиот јавен радиотелевизиски сервис РТС: „Милан Радоичиќ не е убиец на Оливер … Специјалните единици на косовската полиција сакаа да го убијат во операција за апсење со цел да ја предадат одговорноста за убиството на Оливер Ивановиќ на Белград. Таквите обвинувања ќе ја ослабат преговарачката позиција на Србија [во тековните разговори во Брисел со Косово за нормализирање на односите]”.

Членовите на Српска листа се појавиле во јавноста со бели маици на кои е прикажана мапа на Косово украсена со боите на српското знаме и сликата на Радоичиќ, заедно со зборовите „Сите ние сме Милан”.

Во ноември, косовската полиција уапсила тројца други осомничени за вмешаност во убиството: Драгиша Марковиќ и Недељко Спасојевиќ, двајцата припадници на косовските полициски сили, и Марко Росиќ, Црногорец, идентификуван како член на фан-клубот на „Партизан”.

Во документот до кој што дојде БИРН, косовското специјално обвинителство вели дека уапсените, како и оние кои сé уште се бараат за да бидат уапсени, се осомничени за помагање во убиството, нудејќи објекти или прикривајќи докази.

Рада Трајковиќ, претседател на Европско движење на Србите од Косово, дава интервју во својот дом во Белград. Фото: Стефан Миливојевиќ

Политичка порака

Освен Ивановиќ, шест други политичари на опозицијата од косовските Срби, исто така, биле нападнати и тоа повеќе од еднаш, од страна на неидентификувани напаѓачи во текот на изминатите четири години, покажува истрагата.

Димитрије Јаниќијевиќ (35) бил застрелан пред својот дом во Митровица во 12.20 часот на 16 јануари 2014 година, четири години пред убиството на Ивановиќ.

Јаниќијевиќ и Ивановиќ биле пријатели. Според вдовицата на Ивановиќ, Ивановиќ бил кум на четирите деца на Јаниќијевиќ.

Како член на општинското собрание во Митровица, Јаниќијевиќ се кандидирал за градоначалник на локалните избори како претставник на Независната либерална партија.

Според лекарот кој го прегледал неговото тело, тој се здобил со над 10 рани од куршум во градите и стомакот. Никој не бил уапсен за убиството.

Во друг инцидент три години подоцна, канцеларијата на Славиша Ристиќ во Митровица била опожарена. Ристиќ бил поранешен градоначалник на Зубин Поток, и е независен пратеник во српскиот парламент од 2016 година.

„Практично само што се преселивме во канцеларијата”, изјави Ристиќ за БИРН во интервјуто направено во едно кафуле во Белград спроти парламентот. „Околу еден месец после тоа, тие ја запалија. Полицијата не направи ништо”.

Пожарот ја зафатил канцеларијата на 7 февруари 2017 година. Полицијата била повикана во шесткатната зграда во 3.35 часот, откако жителите пријавиле мирис на чад, соопштил портпаролот на полицијата.

Еден локален жител се потсетува како луѓето во становите што се наоѓале над канцеларијата на ДСС користеле врзани чаршави за да побегнат. Четири деца завршиле во болница заради вдишување на чад, објавиле медиумите.

Не е јасно како започнал пожарот, но Ристиќ вели дека е сигурен оти бил подметнат. Ниту, пак, тоа било првпат неговиот имот да биде цел на напад, вели тој.

Во текот на ноќта на 24 април 2016 година, додека СНС ја прославувала својата победа на парламентарните избори во Србија од почетокот на демократските избори во 2000 година, Ристиќ ги следел резултатите на телевизија во својот дом во Зубин Поток.

„Целото мое семејство беше во куќата, и мојот брат, и ги следевме изборните резултати со неверување кога слушнавме та-та-та- истрели пред куќата”, вели тој.

„Сите легнавме на подот, децата и мојата сопруга, а потоа по неколку минути кога се смири, брат ми и јас излеговме во мракот за да видиме што се случува”.

Некој го разнел автомобилот на Драгиша Миловиќ, доктор кој се кандидирал за градоначалник на Звечан, во јули 2017 година. Фото: БИРН

Тие виделе скршени прозорци, а надворешниот ѕид од куќата бил изрешетан со куршуми. Следниот ден, неговата сопруга нашла неексплодирана бомба во тревата.

За Ристиќ, нема сомнение дека сторителите биле косовски Срби, а не етнички Албанци.

„Албанците ги напаѓаат Србите во енклавите на југот [од Косово], но на северот мислам дека сите овие напади се поврзани со Српска листа, бидејќи се случуваат само на луѓе кои не ја почитуваат партиската линија”, вели тој.

Локалните медиуми објавиле случаи  како косовски Албанци напаѓале српски верници кои оделе кон православните цркви во делови од Косово јужно од реката Ибар.

Во јули 2017 година во северниот дел на Косово, некој го разнел автомобилот на Драгиша Миловиќ, доктор кој се кандидирал за градоначалник на Звечан на локалните избори таа година.

Иако од друга партија, Миловиќ влегол во неформален сојуз со Ивановиќ против Српска листа.

„Тоа утро бев шокиран – исто како и моето семејство”, изјави Миловиќ за БИРН во интервјуто во Здравствениот центар во Митровица, каде што работи како ортопедски хирург. „Ми беше јасно дека ова е закана и политичка порака”.

Запрашан каква е таа порака, Миловиќ вели: „Имаше само една цел, а тоа беше дека Српска листа мора да победи. Пораката за мене беше да се повлечам од изборите, а за другите да не гласаат за мене”.

Драган Јаблановиќ, поранешен член на Српска листа, кој станал независен политичар, бил градоначалник на Лепосавиќ, кога врз неговиот дом била фрлена бомба во октомври 2015. Никој не бил повреден. Во мај 2017 година, некој испукал куршуми во зградата каде што одржувал состаноци неговиот градоначалнички кабинет.

Во меѓувреме, неидентификуван напаѓач фрлил бомба во домот на Дражен Стојковиќ, претседател на општинскиот одбор на Српската народна партија во Митровица, околу 9 часот навечер во една декемвриска ноќ во 2016 година, оштетувајќи ја фасадата.

Небојша Влајиќ, пријател и адвокат на Ивановиќ, беше реален во врска со насилството. „Така функционираат работите тука: начин да се борите против вашиот противник е да кажете, ’Ајде да фрлиме бомба’,“ вели тој.

Јањиќ од Форумот за етнички односи вели дека бомбашките напади во северно Косово биле толку вообичаени што луѓето се навикнале на нив до тој степен што забораваат дека тие се, според неговите зборови, „терористички дејства”.

„Тоа е средство за воведување правила кога нема владеење на правото”, вели тој.

Јањиќ додал дека во северно Косово најчесто се бираат рачни гранати од југословенската ера и домашни „бомби во шишиња”, или молотови коктели.

„Тој [Молотовиот коктел] е предупредувачка бомба”, вели тој.

Небојша Влајиќ, пријател и адвокат на починатиот Оливер Ивановиќ, говори за насилството во северно Косово во неговата канцеларија во Митровица. Фото: Стефан Миливојевиќ

‘Модел на заплашување’

Сите политичари интервјуирани од БИРН рекоа дека веруваат оти биле цел на нападите поради нивното противење на Српска листа а, со тоа и на СНС во Белград.

Српска листа ги оспорила локалните избори на Косово што се одржувале на крајот од 2013 и почетокот на 2014 година, околу две години откако СНС дошла на власт во Србија.

Партијата сега е дел од коалициската влада во Приштина. Држат девет од десет места резервирани за косовските Срби во собранието составено од 120 пратеници, а Српска листа има и тројца министри во владата.

Барем на хартија, Српска листа и СНС се посветени на ветувањата дадени со договорот од 2013 година потпишан меѓу Србија и Косово во Брисел за интегрирање на паралелните државни институции во Косово и обид да се отстранат пречките за нормализирање на односите.

Но, ниту една партија не ја признава независноста на Косово од 2008 година, а голем дел од нивната јавна реторика е во спротивност со официјалната политика кон политичкиот процес поддржан од ЕУ, велат набљудувачите.

Аналитичарите велат дека Српска листа и СНС се незадоволни од недоволниот напредок во формирањето на здружение на српски општини, кои ќе ги претставуваат интересите на Србите во Косово, дел од договорот во Брисел, на кој остро му се спротивставуваат косовските пратеници од опозицијата.

На својата веб-страница, Српска листа се претставува како единствена партија на косовските Срби поддржана од српската влада. И, секако, СНС и даде на партијата ексклузивна поддршка пред локалните избори во 2017 година.

„Победата на Српска листа е од национално и од суштинско значење за Србите во Косово”, изјавил Дарко Глишиќ, шеф на извршниот одбор на СНС, на состанокот со кандидатите од Српска листа за локален советник, додека гостувал во Звечан во октомври истата година.

Повикувајќи ги Србите да излезат и да гласаат за партијата, Александар Вулин, српскиот министер за одбрана и поранешен шеф на владината канцеларија за Косово, вели: „Тие најдобро знаат дека Српска листа е врската со српската влада…”.

Ѓуриќ, актуелниот директор на Канцеларијата за Косово во Србија, на предизборен митинг во Звечан, рекол: „Српска листа е единствената врска на луѓето од Косово со Србија”.

Медиумите кои се про-СНС ориентирани во Србија и Косово, исто така, започнале кампањи против лидерите на опозицијата, кои критичарите ги осудиле како валкани.

Неколку дена пред отворањето на гласачките места, ТВ Пинк во Србија и ТВ Мост на Косово емитувале едноминутни политички реклами секој час, покажувајќи сенка од лицето на Ивановиќ врз албанското знаме. Нараторот велел дека тој ги претставува „луѓето кои ја предадоа нашата доверба, луѓето кои имаат поддршка од Приштина”.

Пет здруженија за медиумски права во Србија издале заедничка изјава со која силно ја осудиле рекламата, нарекувајќи ја „жестоко кршење на новинарските стандарди и кодекси, но исто така и кршење на изборните правила”.

На крајот, Српска листа извојувала голема победа во сите 10 општини во кои Србите се мнозинство. Во северна Митровица нивниот кандидат за градоначалник Горан Ракиќ добил околу 67 отсто од гласовите, во споредба со речиси 19 отсто за Ивановиќ.

„Кампањата за време на првиот круг на изборите беше нарушена од длабокиот модел на заплашување во повеќето заедници на косовските Срби, насочени кон политичките ентитети и гласачи кои не се на Српска Листа”, пишувало во извештајот на набљудувачите од ЕУ од февруари 2018 година.

Тие додале: „Пред официјалниот почеток на кампањата се случија насилни инциденти, вклучувајќи и опожарување на возила на двајца истакнати кандидати на опозицијата за градоначалник. Институциите што функционираат во рамките на ‘српскиот систем’ кои работат на Косово беа вклучени во вршење притисок врз кандидатите кои не се на Српска листа и нивните семејства, а во некои пријавени случаи овие притисоци довеле до отпуштање од работа”.

Изгорената фасада на зградата во Митровица го покажува степенот на пожарот што ја зафатил канцеларијата на Славиша Ристиќ, пратеник на опозицијата од косовските Срби во српската влада. Фото: Стефан Миливојевиќ

‘Да им ги скршиме коските’

Заедно со политичарите, многу од нападите идентификувани од страна на БИРН се чини дека се насочени против српски бизнисмени од Косово, претставници или поединци кои одбиле да ги бојкотираат косовските институции.

Надворешноста на кафулето „Долче Вита“ во Митровица била запалена во август 2016 година, откако косовскиот министер за дијалог Едита Тахири пиела кафе таму. Четири месеци подоцна, градскиот хотел „Саса“ бил бомбардиран откако го посетила Тахири.

„Код Дражевица“, српски ресторан на езерото Газивода, во близина на косовско-српската граница, бил бомбардиран откако косовскиот претседател Тачи отишол таму кон крајот на септември 2018 година.

Српските полицајци од Косово, исто така, се цел на напаѓачите. Во изминативе четири години, на 11 лица им биле запалени автомобилите додека на тројца им биле оштетени домовите од експлозиви, открива истрагата на БИРН.

Сите жртви биле членови на новоинтегрираните косовски полициски сили формирани во 2014 година според договорот од Брисел.

Околу 280 косовски Срби ги поминале безбедносните проверки таа година да се приклучат на косовската полиција, според Бесим Хоти, заменик регионален командант на косовската полиција за северна Митровица. Од тој момент, тие ефективно станале цел, вели тој. Добиле многу писма во кои ги нарекувале „предавници” и содржеле смртни закани.

Во некои случаи, тие биле цел „затоа што ја извршувале својата работа правилно”, вели обвинителот Сила, повикувајќи се на примерот на двајца офицери чии автомобили биле запалени откако ги истражувале сомневањата за шверц со дрога од страна на лица од подземјето – косовски Срби.

„Понекогаш не е во интерес на одредени луѓе нешто да се истражува”, вели тој. „На оние кои најмногу работеа, им беа запалени автомобилите”.

Во меѓувреме, на двајца припадници на Косовските безбедносни сили (КБС) инаку косовски Срби им биле запалени автомобилите, покажа истрагата.

КБС се контроверзни воени сили чиј мандат е ограничен на одговор во кризни ситуации. Тие биле формирани во 2009 година, според планот поддржан од ОН, кој предвидувал да станат редовна армија по пет години. Во декември Приштина го одобрила предлог законотсо кој таквата промена ќе стапи на сила, на што Србија енергично се противи.

Од 137 косовски Срби кои се приклучиле на КБС кон крајот на 2018 година, околу половина, или 77 лица, побарале да ги напуштат силите, вели заменик-министерот за КБС, Агим Чеку.

„Тие беа под притисок од Србија”, изјави Чеку за БИРН во интервјуто во Приштина. „Им беа испраќани анонимни пораки, нивните семејства беа загрозени, и беа малтретирани кога ја преминуваа границата со Србија”.

Во јануари 2018 година, општинскиот комитет на Српска листа во Зубин Поток издал соопштение во кое ги осудило регрутите повикувајќи да бидат избегнувани.

„Сите оние што се обидуваат да ја најдат својата иднина во институцијата ‘Косовската армија’ ќе се соочат со жесток бојкот од страна на српската заедница”, пишувало во соопштението на комитетот.

Еден месец подоцна, цел Зубин Поток бил преплавен со флаери, ставени под бришачите на паркираните автомобили и залепени на влезовите од јавните згради.

Потпишани од „Северна армија”, на флаерите биле наведени имињата на седум косовски Срби обвинети за пристапување во КБС, нарекувани „предавници” на кои не треба да им биде дозволено да живеат или да работат во Зубин Поток.

„Ајде да им ги скршиме коските”, пишувало на нив, додавајќи: „Ние српските патриоти свечено со нашите животи се колнеме дека ќе го спречиме тоа”.

Канцеларијата за Косово во Белград го подигнала влогот во април 2018 година, кога директорот Ѓуриќ изјавил на националната телевизија дека сите Срби кои се приклучуваат на КБС би можеле да добијат до 10 години затвор за приклучување кон нелегална странска војска.

Шикири Сила, главен обвинител на Основното обвинителство на Митровица, вели дека многу жртви не сведочат од страв. Фото: Стефан Миливојевиќ

Страв од одмазда

Обвинителите потврдиле дека до јануари 2019 година не бил покренат судски процес против никого за ниту еден од 74-те напади што ги идентификувал БИРН.

„За нас најтешките злосторства за решавање се експлозиите на автомобили”, вели заменик-регионалниот командант Хоти. „Нема траги, а граѓаните не го пријавуваат на полицијата тоа што го знаат затоа што се плашат”.

Хоти вели дека сметал оти бројот на луѓе што стојат зад нападите е прилично мал.

„Не дека 200 луѓе го прават тоа. Постојат две или три групи кои ставаат бомби под автомобилите”.

Многу жртви не сакаат да зборуваат поради страв од одмазда, вели Сила, главен обвинител на Основното обвинителство на Митровица.

„Би рекол дека тие повеќе се плашат за своите животи, дека некој може да открие оти сведочеле, а не дека немаат доверба во полицијата”, вели тој. „Тие не сведочат заради тој страв”.

Одбивајќи да биде идентификуван, еден бизнисмен чиј имот двапати бил бомбардиран, вели: „Никому не му верувам. Не можам и нема повеќе да зборувам за тоа. Јас живеам овде. Имам семејство. ”

Дупка од куршум се гледа на прозорецот во седиштето на независниот медиум КоССев во Митровица. Фото: Стефан Миливојевиќ

Една ноќ во јуни 2015 година, некој пукал од пиштол седум пати во прозорецот на канцеларијата на независниот портал за вести во Митровица наречен КоССев. Во тоа време никој немало внатре. Посетителите сѐ уште можат да видат дупки од куршуми во стаклото и знаци од полициската форензичка работа.

„Живееме на опасно место и најмногу ме плаши што извршителите никогаш не се пронајдени”, изјави за БИРН главниот уредник на КоССев Тања Лазаревиќ.

Пет месеци подоцна, една ноќ во ноември околу 2 часот наутро, напаѓачите го разнеле автомобилот кој ѝ припаѓал на новинарката на КоССев, Невенка Медиќ.

„Не можам да дадам некоја посебна причина зошто се случи ова, но факт е дека пред и по ова, во овој град се казнува сé што е во спротивност со официјалното мислење на локалните власти и политичари”, вели Медиќ.

Елек од белградскиот Центар за безбедносна политика го опиша делот од северно Косово предводено од Срби, како зони во кои владее беззаконие и кои се контролирани од структури слични на мафијата.

„Од една страна, се чини дека Приштина нема волја или начин да го контролира северот, освен преку институции [кои се во процес на интегрирање]”, вели тој. „Од друга страна, Белград има интерес да ги задржи работите такви какви што се”.

Аналитичарите велат дека состојбата со контролиран хаос во северно Косово би можела да ја зајакне позицијата на Србија во разговорите Белград-Приштина и да ѝпомогне на Србија да ги задржи енклавите во кои доминира српското население, дури и ако тоа заврши со потклекнување пред меѓународниот притисок за признавање на независноста на Косово.

Некои српски и косовски политичари неофицијално ја покренаа можноста за размена на територија – замена на областите со мнозинско албанско мнозинство во јужна Србија за оние со српско мнозинство во северно Косово.

„Мислам дека Белград е свесен оти мора да го признае Косово”, вели Елек. „Но, бара да добие нешто од процесот на преговори, така што ова признание ќе биде полесно да се прифати од граѓаните на Србија, во смисла дека можат да речат: ‘Ние не го изгубивме цело Косово. Го добивме северот’.”

Во Белград, една година по убиството на нејзиниот сопруг, Милена Ивановиќ Поповиќ сѐ уште чека да дознае кој го оставил нејзиниот седумгодишен син без татко.

„Не можам да загубам надеж”, вели таа. „Оливер заслужува – сите ние заслужуваме – да откриеме кој стои зад ова убиство, кој го наредил. Мислам дека за секој чесен и праведен човек во Србија тоа е важно”.

Анѓела Миливојевиќ е српска истражувачка новинаркаУредник Тимоти Ларџ. Оваа статија е изработена како дел од Балканската стипендија за новинарска извонредност, поддржана од Фондацијата ЕРСТЕ и Фондациите Отворено општество, во соработка со Балканската мрежа за истражувачко новинарство.