Регион

Борба за видливост: Албанските жени во Хрватска се борат со предрасуди и со патријархални норми

Можно ли е работите да се сменат?

Мрија Кајтази и Вера Лекај Дедај се преселиле од родното Косово заедно со своите фамилии. Двете дошле во Хрватска со временска разлика од десет години. 

Кајтази заминала од Косово во 1989 година, годината кога српскиот лидер Слободан Милошевиќ ја укинал автономијата на тогашната српска покраина. Лекај Дедај заминала во 1999, кога НАТО ја бомбардираше Србија за да го спречи бранот на убиства и етничко чистење од страна на српските сили, кои се обидуваа да ги уништат косовските бунтовници.

Кајтази се доселила во планинскиот град Госпиќ, лоциран на 45 минути возење од јадранското крајбрежје, а Лекај Дедај го нашла својот дом во пристанишниот град Риека. 

Различен период, различни места. Сепак, нивните искуства од животот во Хрватска се мошне слични. Тие ја одразуваат конзервативната традиција помеѓу некои албански семејства, која ја дефинира улогата на мажот како „глава“ на семејството додека жената ја гледа претежно како домаќинка, како и предрасудите во хрватското општество кон Албанците.

„Во тоа време му помагав на сопругот и седев дома“, вели 68-годишната Лекај Дедај, која сега е пензионерка со внуци, чиј сопруг порано имал продавница за сребро во Риека. 

„Наутро, ќе појдев до продавницата каде што работеше маж ми. Потоа ќе се вратев дома за да приготвам ручек, а доцна попладнето ќе отидев повторно да му помагам на сопругот“.

Нејзиниот круг на пријателки се состоел од други жени Албанки од градот.

„Јазикот (хрватски) го знаев сосема малку. Не можев целосно да разговарам со некого. Сега го знам подобро“.

Кајтази, која поминала дваесет години во Хрватска пред да се врати на Косово, исто така ги минувала деновите меѓу работа под дома и помагањето на сопругот, кој држел пекарница.

„Наутро продавав“, навечер чистев, вели таа.

Тоа бил, а за некои сѐ уште е, начин на живот што придонел многу Албанки во Хрватска да станат познати меѓу локалното население како „невидливите“. Сепак, постојат знаци дека ова се менува.

„Мажот е секогаш во преден план“, вели Шенида Биљали од Асоцијацијата на жените Албанки во Хрватска „Кралица Теута“. „Тој е оној што се бори, зборува. Така сѐ уште функционира, без разлика што мажот ги извршува работите на еднакво рамниште со жената“.

„До пред десет години не можевте да најдете жена Албанка да работи на каса“. 

Мрија Кајтази со сопругот Тон во Косово. Фото: БИРН/Фјори Синорука

Економска миграција

За време на последниот попис во 2011, во Хрватска имало 17.513 Албанци, најмногу во Загреб, долж северниот полуостров Истра, како и во другите градови долж крајбрежјето како што е Риека.

Но, тие почнале да се доселуваат во Хрватска многу пред Кајтази и Лекај Дедај.

Првите траги датираат од осумнаесеттиот век, кога Албанците католици од северна Албанија почнале да се населуваат во приморскиот град Задар, бегајќи од исламизацијата на Албанија, која во тоа време се наоѓала под Отоманска власт.

Познати како Арбанаси, или Арбенеши, потомците на овие луѓе сѐ уште живеат во задарската населба, која исто така се вика Арбанаси.

Околу 300 до 500 од нив, сѐ уште говорат на еден од најретките дијалекти или јазици во Европа, комбинација помеѓу дијалектот на „Гегите“ од северна Албанија, далматинскиот дијалект и малку италијански.

Повеќе Албанци мигрирале и во шеесетите години, во време на Југославија, бегајќи од тогаш најсиромашните делови на земјата, Косово и Северна Македонија, во потрага по работа во Хрватска.

„Со текот на годините овие бројки биле релативно константни“, вели професорот Бесим Агусај, родум од Хрватска, но со албанско потекло од Косово. „Сепак, во текот на 1980-тите години имаме нови придвижувања, како резултат на големите економски кризи и српските политички прогони“.

Марте Прекпалај, активистка за женски права од Косово, објаснува дека повеќето Албанци работеле во мали бизниси, особено во пекарници и продавници за накит.

„Во Југославија движењето беше слободно. На почетокот тие одеа во Србија, во Војводина, но по некое време почнаа да се населуваат низ цела Хрватска“, вели Прекпалај.

По војната во Косово (1998 – 1999), „тие почнаа да одат затоа што беше лесно да се добие виза, а платите беа повисоки“, вели таа.

Новинарот Августин Палокај, етнички Албанец кој живеел во Хрватска, а сега известува од Белгија за хрватски и косовски весници, за БИРН вели дека „Хрватска беше прозорец за дискриминираните Албанци. Многу Албанци кои подоцна станаа дел од општествената елита во Косово, се едуцираа на Универзитетот во Загреб“.

Успех и покрај предрасудите

Животот не беше лесен за жените од албанските семејства кои се населија во Хрватска, вели Прекпалај.

„Повеќето од нив работеа цело време во пекарниците и во домовите“, вели таа. „Тие не беа многу интегрирани во општеството“.

Јазикот е голема пречка, но не до толкава мера за некои помлади Албанки, отворајќи им ја вратата на некои од нив кон високото образование и кон градење успешна кариера.

Ќерката на Лекај Дедај, Ермина Лекај Прљаскај е пратеник во хрватскиот парламент од 2015 година. Таа е доказ колку многу се сменија работите. Но, патот не беше лесен.

„Требаше да се борам за она што го постигнав“, вели Лекај Прљаскај (49) за БИРН. „Имаше многу предрасуди“.

Како дипломиран правник на факултетот во Риека, Лекај Прљаскај стана  раководител во одделот за човечки ресурси на јавното претпријатие за вода, од каде што се сеќава на прашањето: „Сигурна си дека си Албанка? Ти не си како нив“

„На ова јас одговарав со прашањето: „Како мислиш не сум како нив, па јас сум – тие“.

Многу Албанки во Хрватска доживеале слични предрасуди, вели Лекај Прљаскај. Општеството „на некој начин, не дозволува нивна интеграција“.„И тие се повлекуваат“.

„Се соочуваат со потсмев и исмејување што не им дава поттик да се социјализираат и повеќе да се интегрираат во хрватското општество“.

Јазикот претставува пречка

Семејството Кајтази има мал музеј во нивниот дом, посветен на животот на косовските Aлбанци и на Aлбанците воопшто. Фото: БИРН/Фјори Синорука

Уште еден проблем за албанските жени е тоа што многу од нив не поседуваат хрватски документи или права на кои можат да се потпрат. Многу првично дошле со намера да останат само привремено и сега се плашат од можна депортација, вели Билали од здружението „Кралица Теута“.

Хрватското Министерство за внатрешни работи за БИРН изјави дека 290 граѓани на Албанија, Косово и Северна Македонија во моментов се регистрирани како апликанти за државјанство, од кои 141 се жени.

Сепак, активистите велат дека јазикот останува најголемата пречка за интеграција на албанските жени во хрватското општество.

„Постојат многу Албанки што не знаат ниту еден збор на хрватски“, вели Билали. Нејзиното здружение планира повторно да започне да организира часови по хрватски јазик кои што беа запрени поради недостиг од ресурси, „и мислам дека со тоа ќе постигнеме голема работа“, вели таа.

Мира Перлеши од здружението на жени албанки, „Дрита“, вели дека тоа е проблем и за мажите Албанци, како и перцепцијата кај хрватските работодавци дека на Албанците не им треба работа затоа што лесно ќе најдат работа во рамките на својата заедница.

„Она што најмногу се слуша е: „Имаш свои луѓе, твоите ќе те вработат“ , вели Перлеши.

Лекај Прљаскај, која како пратеник работи на правата на националните малцинства во Хрватска, вели дека знае некои Албанки кои интензивно работеле да го научат хрватски јазик, „но тоа се помладите генерации“ вели „кои сакаат да го совладаат јазикот што е можно побрзо и да бидат дел од општеството“.

Но, сите тие се соочуваат со предрасуди. „Само кога би можеле некако да го спречиме тоа“, вели Лекај Прљаскај, „или барем да го ублажиме“.