Една недела по повторените парламентарни избори во Бугарија, на кои политичкиот новајлија „Има таков народ“, со освоени 24,08 отсто од гласовите, ја надмина долготрајната владејачка партија ГЕРБ, која освои 23,05 отсто, мали се шансите да се формира коалициска влада.
Бугарија влегува во непознати политички води, но едно е сигурно. „Има таков народ“ ќе предложи владин кабинет, но нема да бара учество во него од потенцијалните партнери, туку само тивко одобрување.
Со оваа стратегија „земи или остави“, лидерот Слави Трифонов ги уништи шансите за соработка со другите две главни опозициски партии, Демократска Бугарија и „Исправи се! Мафијашите надвор!“, кои, исто така, произлегоа од минатогодишните немири против ГЕРБ.
Трифонов повеќе не се доживува како некој од кој другите може да очекуваат да примени пореалистичен пристап и да ги покани во коалиција, туку како некој што го наследил автократското однесување на лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов.
На 12 јули, Трифонов изјави дека неговата партија нема да почне разговори за формирање коалиција и претстави цел владин кабинет од главно непознати професионалци, со неколку контроверзни решенија, од кои никој не беше дел од неговата пратеничка листа на изборите.
По реакциите на 16 јули, партијата ја одржа својата прва прес-конференција и најави дека ќе понуди ревидиран владин кабинет, а другите партии ќе имаат слободен избор дали да го поддржат или да го одбијат.
Трифонов, сепак, беше отсутен. Неговиот партнер Тошко Јорданов го објасни неговото отсуство со „Тој е на работа“.
Двајца лидери со одредени сличности
„Сличноста меѓу Трифонов и Борисов сега е очигледна“, рече Николај Хаџигенов од „Исправи се БГ!“, во интервју за бугарското национално радио во четвртокот.
Христо Иванов, копретседателот на Демократска Бугарија, исто така го заостри тонот во интервју за БТВ во средата: „Очигледно дека „Има таков народ“ не ја сака активната поддршка од луѓето што минатата година излегоа на улиците“, рече тој.
„Тоа е така бидејќи граѓаните протестираа токму против овој тип одлучување од еден човек. Таквите одлуки се носат далеку од институциите, претставуваат нејасни интереси и нема дијалог во процесот“, додаде тој.
Во една неодамнешна изјава беше забележливо дека Трифонов престана да зборува за судската реформа како клучна за обновувањето на Бугарија, и тоа го критикуваа гласачите и политичките коментатори.
„Тешко е да се каже кој е најреалистичниот пат нанапред, кога ситуацијата е толку надреална“, вели за БИРН филозофот, новинар и есеист Тони Николов.
„Мислам дека партиите што произлегоа од минатогодишните демонстрации, Демократска Бугарија и „Исправи се! Мафијашите надвор!“, нема да го проголтаат тоа што им го нуди Слави Трифонов, а што е само преработка на политиката на Симеон Втори од раните 2000-ти“, додаде тој, реферирајќи на поранешниот премиер и бугарски престолонаследник Симеон Сакскобурготски.
„Во меѓувреме, се чини дека сето ова го радува поранешниот премиер Борисов, кој изгледа дека е во добро расположение на неодамнешните прес-конференции“, додаде тој.
Многумина ја споредија понудата за состав на влада на Трифонов со храбрите, но неостварени ветувања на Симеон Втори и со неговото внесување на млади образовани професионалци од странство во локалната политика.
Првиот избор на Трифонов за премиер беше економистот Николај Василев, заменик-премиер на Сакскобурготски меѓу 2001 и 2005, а подоцна министер за транспорт и врски и министер за државна администрација и административна реформа.
Но, лошото управување со јавните пари и сомнителните договори од тоа време ја поткопаа репутацијата на Василев.
„Изненаден сум што повеќето од критиките доаѓаат од десничарите. Тоа го сметам за пријателски оган“, рече Василев на 16 јули, додавајќи дека веќе не се бори за премиерското место.
„Разочараноста на гласачите на Трифонов ќе се зголемува и мислам дека со секој следен изборен круг ќе има помалку гласачи. Со последните настани, аурата на Трифонов полека, но сигурно избледнува. Ќе ги задржи своите посветени поддржувачи, слично како Борисов и ГЕРБ. Шоуто продолжува, време е демократските партии да најдат начин да се вклучат во него“, вели Николов.
Еден од гласачите што се веќе разочарани од одбивањето на Трифонов да направи коалиција и да ја води државата на поизбалансиран начин е 29-годишниот Борис Руменов.
„Гласав за „Има таков народ“ поради нивниот јасен став дека нема да ги зголемуваат даноците, во споредба со другите партии што се двоумеа во врска со оваа тема, или со ГЕРБ, кои имаа хаотични изјави во врска со тоа“, вели Руменов за БИРН. Приходите заработени во Бугарија, во моментов се оданочуваат со рамна стапка од 10 отсто.
„Работам во приватниот сектор за странски инвеститор и во плановите на партијата видов надежи дека мојот животен стандард ќе остане каков што е“, додаде Руменов.
Од едни до други избори
Ситуацијата, исто така, е напната бидејќи може да се случи Бугарите да гласаат четирипати до крајот на 2021 година, а веќе го губат интересот за гласање (излезноста беше 50,61 отсто во април и 42,2 отсто во јули).
По априлските парламентарни избори и јулските повторени избори, можно е трет круг да се одржи во ноември, а претседателските избори се очекуваат во декември.
„Изгледа дека се движиме кон трет круг избори наесен, кои би се одржале речиси истовремено со претседателските избори. Мислам дека следните парламентарни избори ќе го сменат интересот за претседателските и ќе ги направат помалку предвидливи“, смета Николов.
Досега, претседателот Румен Радев, еден од најгласните противници на Борисов и поддржувач на протестите во 2020 и 2021, е единствениот што најави дека ќе се кандидира.
Но, одлуката на Трифонов да не се кандидира за пратеник од својата партија често се толкува како знак дека го мерка претседателското место. Шпекулациите, исто така, кружат и околу боксерската ѕвезда Кубрат Пулев, кој основаше своја партија летово.
Култура на избегнување тешки прашања
„Фејсбук република“, „Фејсбук демократија“, „владеење од џипот“ и „ТВ парламент“ се чести фрази со кои се коментира навиката на Борисов да им се обраќа на новинарите додека го вози својот џип, но и на одбивањето на Трифонов да има какво било излегување во јавноста, освен на своите канали на социјалните мрежи или на приватниот ТВ канал.
Некои се прашуваат колку политичките личности во Бугарија можат да одолеат на критиките и на одбивањето да одговорат на прашањата.
„Повеќе од една деценија, медиумската состојба во Бугарија беше подложена на систематско пропаѓање и ова „менаџирање од џипот“ е само едно поглавје во таа приказна“, вели за БИРН, комуникацискиот експерт Александар Крастев, член на Демократска Бугарија.
Крастев вели дека е лесно за следниот херој на денот да ги стекне истите навики и на тој начин да избегне да се најде во ранлива ситуација.
„Трифонов не се појавил никаде со години, освен во неговото шоу и на неговите концерти. За него е дури полесно да оди по овој пат“, вели тој.
Иако Крастев смета дека е разбирливо да се користат социјалните мрежи како платформа за дијалог со гласачите и да се користат само за долгоочекувани објави, како старовремска радиопрограма, сепак повлекува споредба меѓу Трифонов и Борисов дека ги третираат гласачите како маса.
„Реакциите од понеделникот покажуваат дека голем дел од гласачите на Трифонов и на „Има таков народ“ не сметаат дека треба да бидат третирани на овој начин“, рече тој.
„Тие гласаа против овој однос, кој е заштитен знак на Борисов. Но, токму поради тоа сум оптимист дека може да се промени овој модел на комуникација“, заклучува тој.