„Командантот нареди центарот за врски повеќе да не прима повици“, стои во забелешката внесена на 09.11.2001 година во 17.10 часот во дневникот на центарот за комуникации во Кула, штаб на Единицата за специјални операции (ЕСО) на ДБ.
До тогаш, ситуацијата во штабот на ЕСО веќе била напната: командантот Душан Маричиќ Гумар ги собрал своите помошници и им рекол дека донел одлука единицата да помине во состојба на „протест“ и им наредил на сите нејзини офицери да се вратат во Кула, северна Србија, и таму да останат. Припадниците на ЕСО ги напуштиле своите должности како обезбедување на официјални лица или како обезбедување на службени објекти и се вратиле во својот штаб.
Тоа бил почеток на она што набрзо ќе стане познато како бунт на ЕСО, кога припадниците на единицата ги блокираа главните патишта во два града во Србија, барајќи оставка на министерот за внатрешни работи, Душан Михајловиќ, и усвојување на новиот закон со кој би се регулирале односите на Србија со Хашкиот трибунал.
Една година претходно, со бунт е симнат од власт режимот на Слободан Милошевиќ, а новата влада на чело со премиерот Зоран Ѓинѓиќ почна да соработува со Хашкиот трибунал, што ги налути националистите. Милошевиќ веќе беше приведен и префрлен во Хаг поради судење. ЕСО соопшти дека донела одлука да преземе акција затоа што била принудена да уапси двајца браќа кои беа барани од страна на Хашкиот трибунал поради, сомневање дека извршиле воени злосторства.
Бунтот траеше од 09 до 11 ноември. Беше завршен со оставки на началникот на ДБ, Горан Петровиќ и на неговиот заменик, Зоран Мијатовиќ. И министерот Михајловиќ ја понуди својата оставка, но владата ја одби, а на ДБ ѝ беше одземена надлежноста врз ЕСО.
Шеснаесет месеци подоцна, премиерот Ѓинѓиќ беше убиен во заверата која ја поттикнаа припадниците на ЕСО и моќната криминална група, Земунски клан.
Некои од учесниците на бунтот на ЕСО беа замешани во убиството на Ѓинѓиќ, извршено во март 2003 година, меѓу кои беа и Звездан Јовановиќ, човекот кој го повлече чкрапалото.
Јовановиќ беше обвинет за бунт, заедно со припадниците на ЕСО, Милорад Улемек Легија, Веселин Личиќ, Миќо Петраковиќ, Драгослав Крсмановиќ, Драгиша Радиќ и Владимир Потиќ. Поголемиот дел од нив ја признаа својата вмешаност, но сите беа ослободени од обвиненијата.
Потрага по бараните близнаци
Во јули 1998 година, возилото кое ја превезувало елитната специјална единица на специјалната воздухопловна служба на британската војска, застанало на главната улица во Приедор. Од него излегле неколку претставници на САС, зграпчиле двајца мажи, ги уфрлиле во возилото и се оддалечиле. Тие двајца, близнаците Мирослав и Милан Вучковиќ, потоа се качени во авион и префрлени во притворскиот центар на ООН во Хаг.
Меѓутоа, овие близнаци се уапсени по грешка. Близнаците кои ги бараше Хашкиот трибунал, всушност беа Предраг и Ненад Бановиќ.
Предраг Бановиќ пред војната работел како келнер во Приедор, неговиот роден град. Од 20 јуни до 06 август 1992 година, бил стражар во логорот Кератерм кај Приедор, еден од најозлогласените логори за затворање на Бошњаци и Хрвати. Бановиќ тогаш имал 23 години.
Според пресудата во неговиот случај, „властите во Кератерм, како и ‘посетителите‘ редовно ги подложувале затворениците на тешки претепувања, испитувања и сурови и понижувачки постапки. Многу затвореници се убиени“.
Кога, во 2003 година, Предраг Бановиќ одлучи да ја признае вината, призна дека е одговорен за учество во пет убиства, претепување на 25 затвореници и убиство извршено со огнено оружје на уште две лица.
По апсењето на Мирослав и Милан Вучковиќ, браќата Бановиќ побегнаа од Приедор и, како и во многу други случаи, најдоа безбедно засолниште во Србија. Предраг Бановиќ до 2001 година се ожени и имаше тригодишно дете.
Неуспешниот напад на САС и на британската разузнавачка служба МИ6 опишан е во книгата „Трагот на крвникот“ од новинарот Џулијан Борџер, денес уредник во британски Гардијан.
„Грешката од 1998 година беше голем срам за МИ6, така што (тие), по мое сфаќање, на некој начин ја дуплираа својата решителност да ги пронајдат близнаците Бановиќ, кои им побегнаа во Приедор“, вели Борџер за БИРН.
„За МИ6 ова беше прашање на искупување“, додаде тој.
МИ6 браќата Бановиќ ги лоцираше во Србија. Уапсени се на 08 ноември 2001 и веќе утредента се префрлени во Хашкиот трибунал.
Борџер објаснува дека МИ6 бил во контакт со премиерот Ѓинѓиќ и вршел притисок врз него да ги приведе браќата. Ѓинѓиќ за таа задача ја одбрал ЕСО, затоа што „не можел да му верува на никој друг“. Всушност тоа значи, додава Борџер, дека „индиректно, грешката направена три години претходно во Приедор, придонесе за падот на Ѓинѓиќ“.
Ненад Бановиќ е пуштен на слобода во април 2002 година, откако обвиненијата против него беа повлечени поради недостиг на докази. Предраг Бановиќ прво се изјасни дека не е виновен, но потоа го измени признанието и ја призна вината, и беше осуден на осум години затвор.
Сомнежи за мотивите на единицата
ДБ на Србија ја формирала својата специјална вооружена единица во 1991 година, на почетокот на војните во поранешна Југославија. Таа, под различни имиња, делуваше во повеќе зони на судири во Хрватска и во Босна и Херцеговина. Нејзините припадници беа познати како Црвени беретки, поради карактеристичните беретки кои ги носеа нејзините припадници, или како луѓето на Френки, што се однесуваше на нивниот шеф, Франко Симатовиќ Френки.
Механизмот за меѓународни кривични трибунали, во јуни 2021 година, ги осуди началникот на ДБ на Србија, Јовица Станишиќ, и неговиот заменик, Симатовиќ, на по 12 години затвор поради помагање и подржување на злосторствата кои единицата ги извршила на подрачјето на Босански Шамац, за време на војната во БиХ, во 1992 година. Меѓутоа, никој од припадниците на ЕСО не е поединечно осуден за воени злосторства.
Во Србија, во воените деведесетти години, за време на владеењето на Слободан Милошевиќ, организираниот криминал и политиката се испреплетоа. ЕСО разви блиски врски со Земунскиот клан, најозлогласената криминална банда во државата во тоа време. Заедно или одвоено, припадниците на ЕСО и на Земунскиот клан учествуваа во политички убиства, киднапирања и во разни други злосторства.
Но, кога со масовни протести во 2000 година, Милошевиќ беше симнат од власт, ЕСО не интервенираше за да му помогне, бидејќи водачот на единицата, Милорад Улемек Легија, се договори со опозицијата. Сепак, криминалните врски на ЕСО продолжија и по падот на Милошевиќ, кога на власт дојде демократската влада на чело со Ѓинѓиќ.
Така што, кога припадниците на ЕСО рекоа дека причина за нивниот бунт е апсењето на браќата Бановиќ, во јавноста се појави сомнеж дека позади ова можеби стои нешто друго. Сепак, за време на судењето, судот заклучи дека причината за бунтот на припадниците на ЕСО, било незадоволството поради апсењето на браќата Бановиќ.
Сите обвинети изјавија дека се лути бидејќи биле „злоупотребени“ за апсењето на близнаците, кое некои од припадниците на ЕСО дури го опишаа и како „киднапирање“. Тие истакнаа дека не знаеле кого требало да уапсат.
Меѓутоа, тогашниот началник на ДБ на Србија, Горан Петровиќ, сведочеше дека на состанокот во штабот на ДБ, на кој присуствувале и припадниците на ЕСО заедно со офицерите на белградскиот центар на ДБ, се зборувало за апсењето.
Петровиќ рече дека на припадниците на ЕСО им е кажано дека Хашкиот трибунал ги бара близнаците Бановиќ и дека „еден од тие двајца браќа тепал луѓе во затвор“, се наведува во пресудата донесена на судењето.
Меѓутоа, судот поверува на она што го кажаа обвинетите Маричиќ, Јовановиќ и Лечиќ, како и на исказите на еден оперативец од белградскиот центар и на уште еден припадник на ЕСО, кои биле на состанокот; сите тврдеа дека не им бил соопштен идентитетот на целите за апсење.
Премиерот не е сигурен во полициската поддршка
Ѓинѓиќ, во декември 2001 година, изјави оти ситуацијата е опасна, но се обиде да ја смали вината на ЕСО. Тој ги пофали активностите на единицата во сузбивањето на сепаратистичкото востание на етничките Албанци од Ослободителната војска на Прешево, Медвеѓе и Бујановац на југот на Србија и истакна дека ЕСО „има кредит кај мене“.
„Тој инцидент кој го предизвика (бунтот на ЕСО), или можеби тоа беше изговор, не знам дали тоа беше вистинската причина, е дека уапсиле двајца осомничени од страна на Хаг, а притоа не им било кажано што прават“, нагласи Ѓинѓиќ во телевизиско интервју.
„Применетата сила била непримерна. 15 Вооружени луѓе уапсиле двајца невооружени и тоа сред бел ден на пазар, што е неприкладно“, додаде тој, чинејќи се дека ги поддржува замерките упатени до ЕСО, поради апсењето на браќата Бановиќ.
Ѓинѓиќ нешто слично кажа и на седницата на владата во ноември, а неговите изјави во јавноста од страна на Вишиот суд во Белград во 2018 година, беа користени како аргументи да се поткрепи судскиот заклучок, дека бунтот на ЕСО не бил вооружен бунт.
Судот наведе и дека владата на Ѓинѓиќ „никогаш не ја процесирала (единицата), ниту таквото однесување го окарактеризирала како вооружен бунт, а обвинетите, припадниците на единицата за специјални операции, не се ниту дисциплински казнети“.
Судот наведе и дека „Владата на Србија не прогласила вонредна состојба, што би била логична последица кога станува збор за вооружен бунт“.
Еден од најблиските сојузници на Ѓинѓиќ во собранието во тоа време, Чедомир Јовановиќ, се обиде да му објасни на судот зошто владата толку слабо реагирала на оспорувањето на нејзиниот авторитет.
Јовановиќ наведе дека Ѓинѓиќ не можел да застане пред својата влада и да каже дека „нема контрола над МВР, дека нема контрола над ресорот на државната безбедност“ и дека го поткопува претседателот на земјата, бидејќи тоа ќе го покренело прашањето “кој, во оваа земја, тогаш би видел во него некаков сериозен политички авторитет“.
Во тоа време не било јасно дали некоја друга полициска единица би се согласила да делува против ЕСО, ако Ѓинѓиќ донесеше одлука да тргне против побунетите.
Друга вооружена единица која теоретски би можела да делува против ЕСО била Војската на Југославија, која во тоа време беше под контрола на претседателот на Југославија, Воислав Коштуница.
Во 2001 година, иако Ѓинѓиќ и Коштуница, една година претходно, заедно со уште 16 политички лидери ја поведоа Демократската опозиција на Србија против Слободан Милошевиќ, стана јасно дека јазот помеѓу нив е голем.
На конференцијата за новинари на 11 ноември, Коштуница го минимизираше бунтот, споредувајќи ги вооружените и униформирани припадници на ЕСО кои ги блокираа патиштата, со доктори кои протестираат во мантили. Поради тоа се чинеше малку веројатно дека тој ќе испрати сили да интервенираат против ЕСО.
Во обвинението на судењето за подоцнежното убиство на Ѓинѓиќ, бунтот од ноември 2001 е опишан како „прв тест“ на командантот на ЕСО, Милорад Улемек Легија, и на водачот на Земунскиот клан, Душан Спасојевиќ, да ја поткопаат демократската влада на прозападниот премиер.
Срѓа Поповиќ, денес покоен поранешен правен застапник на мајката и на сестрата на Ѓинѓиќ, во 2008 година изјави дека обвинителот многу јасно ги објаснил мотивите на бунтот во своето обвинение.
„Тој сметал дека бунтот бил напад на уставниот поредок. Дека имал за цел рушење на владата и дека успехот на бунтот ги охрабрил учесниците да продолжат кон истата цел, што значи кон напад на уставниот поредок, но сега и на друг начин“, рече Поповиќ во емисијата „Инсајдер“ на ТВ Б92, во 2009 година.
На бунтот, заклучи тој, може да се гледа како на „прва фаза на уривање на владата“, која, бидејќи помина неказнето, на крај, 16 месеци подоцна, доведе до убиството на Ѓинѓиќ.
Хронологија на бунтот
07 ноември: Припадниците на ЕСО, Звездан Јовановиќ, Веселин Лечиќ, Душко Маричиќ, заминале на состанок со претставници на белградскиот центар на ДБ, заради планираното аспење.
08 ноември: Браќата Бановиќ се уапсени на пазарот во Обреновац, општина Белград.
09 ноември: Командантот на ЕСО, Душко Маричиќ, го повикува началникот на Државната безбедност, Горан Петровиќ, и го замолува да дојде во Кула, но Петровиќ одбива. Маричиќ на Петровиќ и на министерост за внатрешни работи, Душан Михајловиќ, им испраќа факс дека таа единица одбива да ги почитува наредбите. ЕСО ги повлекува своите припадници од обезбедување на официјалните лица. Вечерта, припадникот на ЕСО, Владимир Потиќ, ги чита барањата на единицата, на конференцијата за новинари во Кула. На униформата му стои името „М. Батиќ“.
10 ноември: Припадниците на ЕСО го блокираат патот во близина на Врбас на северот на Србија, облечени во униформи, со оружје и користејќи воени возила. Блокадата трае два часа. Владата соопшти дека протестот е завршен. Владимир Потиќ чита второ соопштение за јавноста од ЕСО, а овој пат на униформата му стои името „Д. Михајловиќ“.
11 ноември: Премиерот, Зоран Ѓинѓиќ, се враќа од официјална посета на САД. По состанокот со министерот за внатрешни работи, началникот на државната безбедност и полициски официјални лица, но и откако сфаќа дека нема полициски сили кои би се справиле со ЕСО, тој оди на преговори во штабот на единицата во Кула, водејќи го со себе и Чедомир Јовановиќ.
12 ноември: Униформираните и вооружени припадници на ЕСО, во раните утрински часови блокираат дел од автопатот Белград-Загреб во Белград, кој е еден од најфрекфентните патишта во главниот град на Србија.
13 ноември: Министерот за внатрешни работи, Душан Михајловиќ, оди во Кула да се обиде да преговара, затоа што едно од барањата на ЕСО е неговата оставка. Оставката ја пишува на парче хартија и треба да ја прочита на конференција за новинари, но Чедомир Јовановиќ ја кине хартијата. Михајловиќ, на конференцијата за новинари најавува дека наредното утро ќе ја поднесе оставката до Ѓинѓиќ.
14 ноември: Владата на Србија ги прифаќа оставките на началникот на државна безбедност, Горан Петровиќ, и на неговиот заменик, Зоран Мијатовиќ, но ја одбива оставката на министерот Михајловиќ. Таа носи одлука, надлежноста над ЕСО да се префрли на Ресорот за јавна безбедност, кој е исто така дел од Министерството за внатрешни работи.
15 ноември: Владимир Потиќ го чита третото соопштение на ЕСО, негирајќи дека е постигнат каков било договор и инсистирајќи дека компромис нема да има.
17 ноември: Министерството за внатрешни работи соопшти дека е завршен, како што го нарече, „протестот“на ЕСО.