Пишува: Свен Милекиќ, Загреб
Документа – Центар за справување со минатото, со седиште во Загреб, поднесе кривична пријава до Државното обвинителство на Република Хрватска (ДОРХ), за воени злосторства извршени за време и по победничката воена операција на ХВ, “Бура”, спроведена во август 1995 година. Овој викенд, во Хрватска ќе биде одбележана 22-годишнина од оваа операција.
Документа поднесе тужба против непознати извршители, кои во селото Уздоље и околните населени места, кои се наоѓаат во близина на хрватскиот град Книн, убиле десет, претежно постари, српски цивили.
Додека собирале податоци за човечките загуби во војната во Хрватска во 90-тите години, истражувачите на Документа разговарале и со сведоци кои ги информирале за убиства извршени на 6 август 1995 година. Како што соопшти Документа, на 5 и на 8 август, припадниците на ХВ ги запалиле куќите во овие населени места.
Според изјавите на овие сведоци, еден хрватски војник, во Уздоље отворил оган и ги убил Милица Шаро, Стево Бериќ, Јања Бериќ, Ѓурѓа Бериќ, Крсто Шаро, Милош Ќосиќ и Јандро Шаро, кои биле на возраст помеѓу 62 и 79 години.
Војниците, потоа, на куќниот праг, ја убиле и 73-годишната Сава Шаро.
Во Врбник, село во непосредна близина на Уздоље, неидентификувани припадници на ХВ ги убиле Лазо Дамјаниќ, кој имал 61 или 62 години, и 28-годишниот Предраг Зариќ.
Хрватска ја врати контролата
За време на операцијата „Бура“, хрватските сили повторно ја вратија контролата над територијата што од крајот на 1991 година, беше во рацете на бунтовничките хрватски Срби, на кои им помагаа Југословенската народна армија (ЈНА) и српските паравоени единици.
Освен големите злосторства извршени над Хрватите, српските бунтовнички властите на самопрогласената Република Српска Краина (РСК), од оваа територија протерале меѓу 200.000 и 250.000 лица кои не биле Срби.
Откако мировните преговори не успеале, помеѓу 4 и 7 август 1995 година, хрватските специјални полициски и армиски единици, ги разбиле српските бунтовнички сили и повторно ја презеле сета своја територија, со исклучок на онаа во источна Хрватска.
Операцијата довела до хуманитарна криза, бидејќи за време и по операцијата, Хрватска ја напуштиле околу 200.000 српски цивили. Комитетот за бегалци на ООН, процени дека во 1995 година, Хрватска ја напуштиле околу 250.000 Срби.
Исто така, хрватските сили и други непознати лица, за време и по операцијата „Бура“, убиле српски цивили.
Зариќ, наводно, претходно некое време поминал во притвор во кој го ставиле бунтовничките Срби од Книн, бидејќи одбил да се бори во нивните редови. Но, и покрај тоа што имал потврда дека одбил да се бори на страната на српската востаничка власт, тој бил убиен.
„Пријавата е поднесена против непознати сторители, иако сведоците открија некои работи во своите изјави. Идентификувани се тројца (сторители) кои биле облечени во униформи и биле во директен контакт со нивните претпоставени, од одредени единици на ХВ“, изјави за БИРН, Еуген Јаковчиќ, од Документа.
Јаковчиќ нагласува дека со овој потег Документа има за цел да покаже дека „постојат факти (за злосторствата) и оти правните органи треба само да ги процесираат.
Во обвиненијата против хрватските генерали Анте Готовина, Младен Маркач и Иван Чермак, во случајот што се водеше пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, беа вклучени и убиствата на седумте српски цивили во Уздоље. Судскиот совет го ослободи Чермак во април 2011 година, а Жалбениот совет ги ослободи Готовина и Маркач во ноември 2012 година.
Од ДОРХ, сепак, во 2012 година, изјавија дека биле извршени 27 воени злосторства над 167 лица. Од нив, 24 биле извршени од страна на непознати сторители и во нив настрадале 155 жртви.
Одговарајќи на прашањето на БИРН, за можноста нивниот број денес да е поголем, од ДОРХ велат дека поради „тековните работи на подобрување на информативниот систем”, кој се користи за добивање на информации во врска со воените злосторства, „не можaт да ни дадат точни податоци за бројот на воени злосторства, извршени од непознати сторители“.
Што се однесува до злосторствата со познати сторители, наведоа дека се покренати вкупно пет истраги против 11 сторители и четири обвиненија против 7 лица.
Во случајот што се водеше против Готовина, Хашкиот трибунал заклучи дека со операцијата „Бура”, била предизвикана смрт на 44 цивили.
Во меѓувреме, хрватското судство процесирало само дел од воените злосторства извршени за време и по операцијата.
Единстваната пресуда за воените злосторства извршени од хрватските сили за време на „Бура”, ја донесе Врховниот суд во Загреб, во мај 2014 година.
Божо Бачелиќ, поранешен командант на извидничката чета на 113 шибенска бригада на ХВ, беше осуден на седум години затвор за убиство на брачниот пар Никола (76) и Милица (74) Дамјаниќ, извршено на 11 август 1995 година, пред нивната куќа крај Прокљанско езеро.
Врховниот суд го осуди и за убиство на заробениот српски војник, Вук Мандиќ, во селцето Мандиќи, кое се наоѓа околу 40 километри од Прокљан, извршено на 9 или на 10 август.
Бачелиќ првично им наредил на своите потчинети, Анте Мамиќ, Лука Вук и Јурица Равлиќ, да го убијат брачниот пар, но бидејќи тие не го сториле тоа, тој самиот ги застреал.
Врховниот суд на Хрватска, во март 2016, по две повторени судења, ги ослободи Мамиќ, Вук и Равлиќ, за кои судовите во претходните постапки донесоа одлуки дека за делото за кои биле обвинети, помагање во убиство, настапила застара.
Пред хрватските судови се водат уште два случаи за злосторства извршени во операцијата „Бура”.
Во првиот случај, обвинет е Рајко Кричковиќ, поранешен член на 118 домобранска гарда на ХВ, за убиство на брат и сестра, 43-годишниот Радомир Совиљ и 45-годишната Мира Совиљ. Исто така, се товари дека ја запалил нивната куќа, во која била нивната 73-годишна мајка, Мара Совиљ.
Делото е сторено помеѓу 15 и 28 август, во селото Кијани, во местото Грачац, во регионот Лика, во кое е роден и Кричковиќ.
Наводно, Кричковиќ ги извршил овие злосторства како одмазда за неговите другари, кои биле убиени во операцијата Бура.
Неговото судење започна во јануари оваа година, пред окружниот суд во Риека. Кричковиќ се изјасни за невин.
Второто судење, кое започна во 2011 година, се однесува на злосторствата извршени во селото Грубори, во областа на Книн.
Обвинети во овој случај, беа поранешните членови на полициската антитерористичката единица Лучко, Франо Дрљо, Божо Краина и Игор Бенет. Обвиненијата беа поднесени во декември 2010 година. Бенет, во тоа време, се наоѓаше во бегство, но во ноември 2011 година, медиумите објавија дека тој извршил самоубиство. Судењето на Дрљо и на Краина продолжи.
Убиствата биле извршени среде „антитерористичката” операција во која учествувале 560 полицајци, веднаш по операцијата „Бура”, со која требало да се обезбеди премин на „Возот на слободата”, со кој од Загреб преку Книн во Сплит, требало да пристигне хрватскиот претседател Фрањо Туѓман.
Тие се обвинети дека на 25-ти август, во Грубори, убиеле шест, претежно постари, српски цивили – Милица Грубор, Марија Грубор, Јово Грубор, Јован Грубор, Милош Грубор и Ѓуро Карановиќ, кои биле во своите кревети, а потоа го запалиле нивниот дом.
Во јуни 2014 година, Окружниот суд во Загреб ги ослободи Дрљо и Краина, иако судијата Здравко Мајеровиќ заклучи дека „нема сомнение оти биле убиени шест постари лица и дека убиствата ги извршиле членови на антитерористичката единица Лучко.
Сепак, Врховниот суд во декември 2015 ја поништи првостепената пресуда, со образложение дека изјавите на Дрље биле „контрадикторни” и наложи, поранешните припадници на овие единици, од кои повеќемината изјавија дека не се сеќаваат на операцијата, повторно да сведочат. Врховниот суд, исто така, наложи, случајот пред Окружниот суд во Загреб да го води друг судија.
Во февруари 2016 година, судијата на Окружниот суд во Загреб, Иван Турудиќ, повторно ги ослободи Дрљо и Краина, образложувајќи дека единствен „неоспорен факт е дека во Грубори биле извршени ужасни воени злосторства … ѕверски злосторства против цивилите”.
ДОРХ поднесе жалба, но Врховниот суд сѐ уште не закажал рочиште.
Во вториот случај поврзан со настаните во Грубори, во јануари 2015 година, беше поднесено обвинение против Жељко Сачиќ, поранешен заменик командант на хрватската специјална полиција, бидејќи не презел никаква акција за да ги спречи убиствата, да ги казни сторителите и да поднесе извештај за злосторствата на единицата Лучко.
ДОРХ го обвини дека тој ѝ забранил на полицијата, да бара докази во оваа област и дека на тој начин ја попречил истрагата.
Според обвинението, поднел и лажен извештај до својот претпоставен, во кој навел дека војниците биле пресратнати од вооружена група од 8 до 10 непријателски војници и дека како последица на тоа, еден од нив загинал, а четворица цивили биле убиени како „колатерална штета”.
Во истиот случај беше обвинет и Дрљо, кој се товареше дека како командант на Лучко, учествувал во палењето на голем број куќи во селото Рамљани, на патот од Книн, до Дрниш.
Меѓутоа, во февруари 2015 година, ДОРХ го повлече обвинението, со образложение дека има „значајни недостатоци” и на крајот го отфрли случајот.
Сепак, некои сметаат дека недоволниот број на пресуди за воени злосторства во Хрватска, се компензира со фактот дека судовите во оваа држава, имаат донесено пресуди за убиства и други злосторства извршени за време на конфликтот.
Од ДОРХ за БИРН велат дека по операцијата „Бура”, биле покренати неколку илјади кривични предмети.
Како што истакнаа, кривични постапки се поведени против 3.728 лица, за убиства, насилство, сексуални злосторства, за кражби и за уништување на имот.
Од нив, 2.380 лица биле осудени.
Вкупно 14 лица, меѓу кои 10 војници, биле осудени за убиства, но не и за воени злосторства.
Сепак, адвокатот на Готовина, Лука Мишетиќ, вели дека обвинетите за убиство биле осудени на долгорочни затворски казни, слични на оние што би ги добиле доколку биле осудени за воени злосторства.