Албанија, БиХ, Хрватска и Косово соопштија дека нивните дипломати ќе ја бојкотираат свеченоста на доделување на Нобеловата награда во Стокхолм, каде наградата за литература за 2019 година ќе ја добие, Петер Хандке, австриски писател чии симпатии кон Милошевиќ предизвикаа огромно незадоволство кај воените жртви.
Турција, исто така, ќе ја бојкотира церемонијата, а и Северна Македонија нема да испрати својот претставник, иако таа овој свој став не го опиша како бојкот.
Министерот за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли, во саботата соопшти дека бојкотот е всушност поддршка за човековите права, додека албанскиот министер за надворешни работи, Гент Цакај, на Твитер вчера напиша дека „оправдувањето на воените злосторства извршени за време на распадот на Југославија, не треба да се наградува“.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека наградата за литература на Хандке „не е ништо друго освен наградување на кршењата на човековите права“.
Хрватското Министерство за надворешни работи соопшти дека нејзиниот амбасадор нема да присуствува на церемонијата „заради доделување на наградата на личност, политички ангажирана во давањето на поддршка на големосрпската политика на Слободан Милошевиќ во 1990-тите“.
Претседателот на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, на вработените во амбасадата во Шведска им даде инструкции да не присуствуваат на церемонијата и истакна дека „Претседателството на БиХ не заземало став со кој се овластува некој да присуствува на Нобеловата награда во име на Босна и Херцеговина“.
Инаку, се очекува стотици луѓе да присуствуваат на протестите во Стокхолм, што ќе ги предводат здруженијата на бошњачките воени жртви.
Повеќе од 58.000 лица ја потпишаа петицијата на интернет, со која се бара одлуката да биде повлечена. Некои новинари кои известуваа од БиХ за време на војната, исто така, се спротивставија на доделувањето на наградата на Хандке. Дописникот на Си-Ен-Ен, Кристин Аманпур, е една од нив.
„Јас бев таму. Сите знаеме кој е виновен“, напиша, Аманпур, вчера на Твитер.
Во 1997 година, Хандке ја напиша, како што беше оценето, просрпска книга за балканските војни, насловена како „Патување до реките: правда за Србија“, а во март 2006 година, присуствуваше на погребот на Милошевиќ во Пожаревац, при што одржа говор.
Исто така, беше обелоденето дека Хандке добил југословенски пасош, за време на владеењето на Милошевиќ.
Сепак, шведската академија ја бранеше својата контроверзна одлука, да му ја додели наградата на Хандке. Матс Малм, секретар на академијата, соопшти дека Хандке дал „провокативни, несоодветни и нејасни коментари“, но не го величел насилството, ниту ги поддржувал масакрите во Сребреница, објави Ројтерс.
Вчера, Хандке, за јавниот сервис на Република Српска, РТРС, изјави дека не очекувал ваква кампања против него и оти имал идеја „да ги помири ставовите“.
„Би сакал да запознаам една мајка од една и една од другата страна. Една мајка од Кравица, каде што е почетокот на сите масакри и една мајка од околината на Сребреница. Тоа беше мојата идеја, но мислам дека беше малку наивна“, истакна Ханке.