Композиторката Валентина Велковска-Трајановска се нашла на двата краја од одлуката, гудачкиот оркестар „Ајга“ на почетокот на годината да добие околу 10 илјади евра поддршка од Министерството за култура и туризам за музичкиот проект наречен „Копнеж.“
Таа членувала во комисијата што одлучувала, и покрај тоа што е основач на здружението „Ајга“, и тоа го документираат објавите на Министерството и податоците од Централниот регистар.
БИРН инсистираше, но не доби информација од Велковска-Трајковска како таа постапила при одлучувањето, односно дали се изземала од гласање со што би избегнала директен судир на интереси.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, пак, бурно реагираше на прашањата на темава.
Кога првично го прашавме дали има судир на интереси, рече дека според документите што се поднесени до Министерството, името на Велковска-Трајановска не се појавува во документите поднесени за „Ајга“, меѓутоа нашата дополнителна проверка покажува дека тоа не е точно.
Според условите за учество во конкурсот на Министерството, се бара секое здружение да поднесе документ за тековна состојба, која се издава од Централниот регистар.
А Велковска-Трајановска е една од петте основачи, чии имиња стојат во овој документ од основањето до денес.
Односот на министерот Љутков денес е дијаметрално спротивен на оној на опозиционерот Љутков.
Сега тој коментираше дека нашите прашања се на ниво на „техникалии“, додека, пак, во опозиција, од партиската говорница на ВМРО-ДПМНЕ, детално се занимаваше со проектите на Министерството и жестоко обвинуваше за распределба на пари по партиски клуч.
Прашања без одговор

Велковска-Трајановска е втората жена на масата од лево на средба каде јавно се објавиле членовите на комисиите за 2025 година | Фото: Фејсбук на Министерство за култура
Велковска-Трајановска е композиторка, професорка на музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и доскорашна претседателка на Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ).
На своите профили на социјалните мрежи, таа повеќепати ја има промовирано работата на здружението. Инаку, здружението „Ајга“, во 2022 година е регистрирано на иста адреса со СОКОМ.
Таа, во 2023 година, за Слободен печат, објаснила дека го формирале гудачкиот оркестар за да ја пополнат празнината на музичката сцена откако згаснале повеќе вакви ансамбли.
Гудачкиот оркестар беше дел и од државната делегација што ја претставуваше Македонија на светскиот саем ЕКСПО 2025 во Осака, Јапонија, додека, пак, деновиве се најавува концерт во декември на „Ајга“ со Игор и Ана Дурловски.
Оркестарот „Ајга“ и во претходните години добивал пари од Министерството, меѓутоа она што ја прави спорна годинешнава поддршка е што Велковска-Трајановска била член на комисијата што одлучувала и нема објаснување како гласала.
На ист датум во април годинава, Велковска-Трајановска и другите две членки на музичката и музичко-сценска комисија добиле исплати од речиси 2.000 евра од Министерството за култура и туризам.
Кога ја контактиравме пред две недели, таа побара прашањата да ѝ ги доставиме писмено. Одговори не добивме, додека сите последователни повици и пораки ги игнорираше.
Законот за спречување корупција и судирот на интереси го дефинира судирот на интерес како „состојба во која службеното лице има приватен интерес што влијае или може да влијае врз непристрасното вршење на неговите јавни овластувања или службени должности.“
А, според Законот за култура, носител на проект не смее истовремено да е член на комисијата што одлучува за доделувањето на средствата.
Членовите од комисиите, исто така, доставуваат писмена изјава дека немаат судир на интереси во однос на пристигнатите апликации.
Според објавените листи на веб-страницата на Министерството за култура, комисиите годинава имаат по три членови.
Поради односот на министерот Љутков, кој се налути зошто новинари воопшто го бараат, меѓу другото, не успеавме да дознаеме како се избирани членовите на комисиите и процедурите за проверка на податоците во апликациите.
Важноста на конкурсите

Министерот Љутков на средба со членови на комисиите за 2025 година | Фото: Фејсбук на Министерство за култура
Годишните конкурси се посебно важни за малите ансамбли и слични културни организации бидејќи публиката и пазарот се мали во нашата земја. Односно, ваквите здруженија не би можеле да преживеат без помош од државата.
Апликациите за ваквите проекти се доставуваат електронски, а потоа ги разгледуваат членовите на комисијата. Минатиот месец беше крајниот рок за доставување апликации за 2026 година.
Резултатите обично се објавуваат на крај на јануари или во почетокот на февруари.
Вкупниот овогодишен буџет за Министерството за култура и туризам за музичка и музичко-сценска дејност е речиси 26 милиони денари, или околу 420 илјади евра.
Но, многу често има незадоволство по конкурсот бидејќи Министерството добива илјадници апликации, а средствата се ограничени.
Вакви примери на очигледен судир на интереси, но и одбивањето и на Велковска-Трајановска и на министерот Љутков да одговорат на основни прашања, за жал само дополнително ги хранат сомнежите за легитимноста и транспарентноста на конкурсите.

