Истражувањa

Да не се родеше „Скопје 2014“, ќе се преродеше цела економија

БИРН истражува за што можеа и какви економски ефекти ќе дадеа 633 милиони евра потрошени за промена на ликот на главниот град да беа вложени во патишта, железници, хидроцентрали или гасовод

Дури 40% од сите народни пари што ги потрошила власта за капитални инвестиции во последните шест години завршиле за изградба на споменици, скулптури, фасади, подземни и катни гаражи, плоштади, фонтани и сите други зданија што ги опфаќа проектот „Скопје 2014“. Од вкупно 1,58 милијарди евра реализирани капитални инвестиции од 2010 година до денес, 633 милиони евра се потрошени за промена на ликот на главниот град.

Економистите велат дека тоа се непродуктивно потрошени пари што државата ги собира преку даноци од граѓаните или пак ги позајмува од домашните и странските кредитори и притоа плаќа камата.

Податоците на Државниот завод за статистика, покажуваат дека просечниот економски раст во последните пет години додека се градеше „Скопје 2014“ е само 2% годишно. Проценките на Светската банка пак, покажуваат дека со оваа стапка на раст ќе треба да поминат над 60 години додека Македонија го стигне европскиот просек на развој.

Неспорно е дека голем дел од економскиот раст од 2010 до 2014 година е последица токму на експанзијата во градежништвото, односно градежните компании коишто државата преку тендери ги ангажираше да го градат проектот „Скопје 2014“, меѓутоа, економистите проценуваат дека доколку властите ги инвестираа парите продуктивно во изградба на автопати, железнички пруги, хидроцентрали или гасовод, државата ќе создадеше подобри услови за водење бизнис со помалку трошоци и основа за многу поголем економски раст.

Велат, да не се родеше „Скопје 2014“, ќе се преродеше цела економија.

„Скопје 2014“ еднакво на стотина километри нов автопат или железница

За двата автопати што власта почна да ги гради минатата година од Миладиновци до Штип и од Кичево до Охрид во должина од 104 километри се задолжи кај кинеската Ексим банка за 580 милиони евра / Фото: Министерство за транспорт и врски

За двата автопати што власта почна да ги гради минатата година од Миладиновци до Штип и од Кичево до Охрид во должина од 104 километри се задолжи кај кинеската Ексим банка за 580 милиони евра / Фото: Министерство за транспорт и врски

Да не беа потрошени за „Скопје 2014“, на пример, 633 милиони евра би биле доволни за изградба на двата автопати што власта почна да ги гради минатата година од Миладиновци до Штип и од Кичево до Охрид во должина од 104 километри, а за кои се задолжи кај кинеската Ексим банка за 580 милиони евра.

Притоа би останале уште педесетина милиони евра доволни за реконструкција на околу 40 километри автопат, делниците Смоквица – Гевгелија, Неготино – Демир Капија и Куманово – Миладиновци ко што се предвидени во планот на Министерството за транспорт и врски.

А бројките до денес се поразителни. Последниот Извештај за напредокот од Европската унија покажува дека додека се градеше „Скопје 2014“, во Македонија се изградени само осум километри нов автопат, делницата Куманово – Табановце. Со тоа Македонија денес има 259 километри автопат.

Парите потрошени за барокната маска на главниот град можеа да се инвестираат и во железничката пруга од Куманово до бугарската граница, дел од Коридорот 8, која се проценува дека ќе нѐ чини 550 милиони евра.

Од оваа пруга засега се гради само првата делница од 30 километри од Куманово до Бељаковце со инвестиција од 45 милиони евра. За изградба на втората делница од Бељаковце до Крива Паланка, Владата се задолжи со 147 милиони евра, но изградбата се очекува да почне дури следната година. За последниот и најскап дел од оваа пруга долга 90 километри, од Крива Паланка до границата со Бугарија за којшто ќе ни требаат уште 350 милиони евра, допрва ќе се бара проектантска куќа да изработи проект.

Да беше изградена, денес трговската размена со Бугарија ќе беше три пати поголема. Ова е официјална проценка на владините претставници кога ги удрија темелите на оваа пруга минатата година.

Реализирани капитални инвестиции
Од вкупно 1,58 милијарди евра реализирани капитални инвестиции од 2010 година до денес, 633 милиони евра се потрошени за промена на ликот на главниот град

Денес железничката мрежа во Македонија брои 27 функционални линии на 1.000 квадратни километри.

Да не беше „Скопје 2014“, Македонија досега можеше да има и гасоводна мрежа. Според владините пресметки, за да се поврзат сите 80 општини во еден систем, потребна е дистрибутивна мрежа за природен гас од 650 километри чија изградба се проценува дека ќе чини околу 150 милиони евра, што е четири пати помалку отколку што чини „Скопје 2014“.

Владата веќе донесе одлука да позајми 90 милиони евра од Deutsche bank и Erste bank со коишто се предвидува да се изградат 204 километри гасоводна мрежа. Дополнително, со 75 милиони долари од клириншкиот долг од Русија, се градат уште 60 километри гасоводна мрежа.

Во замена за проектот „Скопје 2014“, Македонија денес можеше да ги има и двете легендарни хидроцентрали Чебрен и Галиште за коишто со години се распишуваат тендери и се бараат приватни инвеститори што ќе ги изградат или пак, нова термоелектрана којашто ќе покрива околу третина од годишниот увоз на струја. Според пресметките на ЕЛЕМ, двете хидроелектрани Чебрен и Галиште би чинеле 519 милиони евра, а би произведувале нешто над 1.000 гигават часови струја.

Парите потрошени за проектот „Скопје 2014“ се еквивалентни, на пример, и на 9 нови клинички центри како комплексот „Мајка Тереза“ што почна да се гради лани во вредност од 70 милиони евра, или пак, на стотина нови студентски домови какви што воопшто не се изградија додека се поставуваа спомениците, се градеа плоштадите, фонтаните, фасадите на зградите во барок.

Доколку пак, парите за „Скопје 2014“ беа искористени како државна помош за домашни и странски инвестиции, можеа да се отворат стотина нови фабрики со илјадници нови работни места.

„Скопје 2014“ ќе нè чини повеќе од потрошените пари

Денес железничката мрежа во Македонија брои 27 функционални линии на 1.000 квадратни километри. Да не беше „Скопје 2014“, Македонија досега можеше да има и гасоводна мрежа. Според владините пресметки, за да се поврзат сите 80 општини во еден систем, потребна е дистрибутивна мрежа за природен гас од 650 километри чија изградба се проценува дека ќе чини околу 150 милиони евра, што е четири пати помалку отколку што чини „Скопје 2014“. Владата веќе донесе одлука да позајми 90 милиони евра од Deutsche bank и Erste bank со коишто се предвидува да се изградат 204 километри гасоводна мрежа. Дополнително, со 75 милиони долари од клириншкиот долг од Русија, се градат уште 60 километри гасоводна мрежа. Во замена за проектот „Скопје 2014“, Македонија денес можеше да ги има и двете легендарни хидроцентрали Чебрен и Галиште за коишто со години се распишуваат тендери и се бараат приватни инвеститори што ќе ги изградат или пак, нова термоелектрана којашто ќе покрива околу третина од годишниот увоз на струја. Според пресметките на ЕЛЕМ, двете хидроелектрани Чебрен и Галиште би чинеле 519 милиони евра, а би произведувале нешто над 1.000 гигават часови струја. Парите потрошени за проектот „Скопје 2014“ се еквивалентни, на пример, и на 9 нови клинички центри како комплексот „Мајка Тереза“ што почна да се гради лани во вредност од 70 милиони евра, или пак, на стотина нови студентски домови какви што воопшто не се изградија додека се поставуваа спомениците, се градеа плоштадите, фонтаните, фасадите на зградите во барок. Доколку пак, парите за „Скопје 2014“ беа искористени како државна помош за домашни и странски инвестиции, можеа да се отворат стотина нови фабрики со илјадници нови работни места. „Скопје 2014“ ќе нè чини повеќе од потрошените пари

Фото: БИРН

Економистите коментираат дека инвестициите во „Скопје 2014“ се непродуктивни од секој аспект, бидејќи степенот на развој на Македонија бара приоритетни да бидат инвестициите во јавната инфраструктура.

Методија Несторовски, универзитетски професор чија специјалност е токму инвестиционата политика, вели дека парите потрошени за проектот „Скопје 2014“ се изгубени пари од економски аспект, затоа што спомениците, зградите или плоштадите не се основа за пораст на економијата на долг рок.

„Овие инвестиции имаат ефект врз порастот на економијата само во моментот додека се реализираат преку интензивирање на градежните активности. Градежните компании ги собрале парите, прикажале профити и тоа се квантифицирало во зголемување на бруто домашниот производ (БДП). Тоа е единствениот ефект за економијата“, вели Несторовски.

Тој појаснува дека кога се вложува во автопати, железница или други инфраструктурни проекти „се создаваат услови на долг рок бизнисите да ги намалуваат трошоците на работење, на пример, преку заштеда на гориво, време за транспорт, и за сметка на тоа тие ќе работат со поголеми добивки, ќе отвораат нови работни места, па дури и ќе го шират бизнисот“.

Европската комисија во последниот Извештај за напредокот исто така нотираше дека „јавната инфраструктура има потреба од модернизација. Состојбата на транспортната и енергетската инфраструктура и понатаму го попречува економскиот развој“.

Притоа, со цел да се поддржи долгорочен економски раст, Брисел сугерира „подобро приоретизирање на инвестициите и усогласување на транспортната стратегија со регионалната агенда за поврзување“.

Универзитетскиот професор Трајко Славески, кој беше и министер за финансии до периодот кога почна да се реализира проектот „Скопје 2014“, вели дека приоритет во трошењето на народните пари треба да имаат проекти што го зголемуваат долгорочниот потенцијал за економски раст.

„Јавните инвестиции во автопати, во железнички пруги, во образование,.. се единствено економски оправдани и тие се основа за долгорочен економски раст со повисоки стапки од 6% или 7% што би дошле по 10 – 15 години. Инвестициите како во проектот „Скопје 2014“ даваат економски ефекти на краток рок. Сепак, што се однесува до овој проект, мислам дека долго време централното градско подрачје беше запоставено од нови инвестиции“, вели професор Славески.

Тој додава дека, сепак, во меѓувреме се реконструираа и рехабилитираа многу регионални патишта, а во моментов и се градат неколку автопатни делници.

„Понекогаш подготовката за изградба може да трае многу долго, од аспект на обезбедување финансии, изработка на проекти. На пример, изградбата на делницата Демир Капија – Смоквица од Коридорот 10 е актуелна уште додека јас бев министер за финансии. Но, долгите подготовки ја оддолжија изградбата“, вели Славески.

Меѓународните финансиски институции како ММФ и Светска банка, исто така постојано укажуваат на потребата да се инвестира во изградба на модерна патна и железничка инфраструктура.

Светска банка, на пример, сугерира земјите во развој да инвестираат околу една четвртина од БДП (што во нашиот случај би било над 2 милијарди евра) во капитални проекти за да се забрза економската активност. Кај нас, ниту една Влада досега, не одвоила повеќе од 3%-4% од БДП за јавни инвестиции.

Академикот Абдулменаф Беџети вели дека целиот проект „Скопје 2014“ чини и многу повеќе од 633 милиони евра ако се пресмета цената на капиталот и изгубената заработувачка, поради тоа што парите се потрошени непродуктивно, а не за изградба на патишта, хидроцентрали или инвестиции во железничкиот транспорт.

„Изгубена е потенцијална заработувачка од инвестиции во опортунитетни алтернативи како во патишта, хидроцентрали, гасовод или железнички пруги и сето тоа ќе ја чини државата многу повеќе. Освен тоа, во сите овие години државата постојано се задолжуваше, со високи камати, а парите меѓу другото ги потроши и за „Скопје 2014“, така што цената што на крајот ќе ја платиме ќе биде уште повисока“, коментира академик Беџети.

Пресметките покажуваат дека доколку се заштедеа парите за „Скопје 2014“, власта комотно ќе можеше две години да помине без задолжувања. Со тоа јавниот долг денес би бил 3,3 милијарди евра што би било околу 39% од БДП.

Туристи има, ама не колку во 1987 година

Фото: БИРН

Фото: БИРН

Еден од главните аргументи на владините претставници кога ја објаснуваа потребата за проектот „Скопје 2014“ беше развојот на туризмот.

„Јас мислам дека е добро да се гради. Не само што се дава работа на градежната оператива туку и се создава општо добро. Проектот ‘Скопје 2014’ има повеќе димензии. Има димензија на развој на туризмот, за привлекување на повеќе туристи, односно има што да се види, што да се покаже. Туристите сакаат да видат нешто интересно, атрактивно, нешто што е уникатно“, изјави премиерот Никола Груевски во 2010 година кога беа поставени првите споменици од овој проект.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека бројот на туристите што го посетиле Скопје во последните пет години расте.

Ако во 2010 година, бројот на туристи во Скопје изнесувал 126.327, лани главниот град го посетиле 181.835 туристи, што е 44% повеќе. Нема прецизни податоци колку изнесуваат приходите од туризам, меѓутоа едноставни математички пресметки покажуваат дека сите туристи што го посетиле Скопје во последните пет години, требало да потрошат просечно по 1.000 евра за да се стигне до сумата што властите ја потрошија за спомениците, плоштадите, фонтаните и сите други зданија во проектот „Скопје 2014“.

Според последните процени на Народната банка, учеството на целиот туристички сектор во БДП изнесува 1,3%, што е еквивалентно на околу 90 милиони евра.

Сепак, ниту по „Скопје 2014“, бројот на туристи во Македонија ни оддалеку не е колку што бил во минатото. Статистиката регистрира дека најмногу туристи, околу еден милион луѓе, ја посетиле Македонија во 1987 година.