Александар Даштевски, човекот што пред четири-пет години се бореше против „дестабилизацијата“ на Македонија од тогашната опозиција и од невладините организации „потпомогнати од Џорџ Сорос“, против „федерализацијата“ и „доаѓањето на власт без избори“, од 12 јануари годинава е избран за нов претседател на Државната изборна комисија.
Тринаесеттиот претседател, кој доаѓа како трет Александар на чело на оваа институција (по Новаковски и Чичаковски), долго време во јавноста е познат како заштитник на ликот, делото и особено на азилантската слобода на човекот што паралелно со култот кон историскиот Александар Трети градеше култ кон себе – Никола Груевски.
Не дека е новина наклонетоста на првите луѓе на ДИК кон една или кон друга политичка партија. Особено ако се знае дека на столчето на кое ќе седне Даштевски порано биле и бивши пратеници и истакнати активисти, кои, иако го исполнувале условот да не бидат дел од партиските органи во моментот на назначувањето и за време на службата, сепак имаат биографии од кои неодвоив дел се исполнетите партиски задачи.
Назначувањето кадар познат по својата пристрасност на чело на институцијата што е клучна за законитоста и за легитимноста на најважниот процес во една демократија – изборите, не беше гром од ведро небо. Тоа беше последен чин на еден подолг процес на системска разградба на Државната изборна комисија во орган што прво им припаѓа на партиите, а потоа на државата.
Делител на обединувачка позиција
Професорот Даштевски дури и немал класична политичка кариера како поранешните претседатели на ДИК, Борис Кондарко, Никола Рилковски или Оливер Дерковски, ако се исклучи учеството на парламентарните избори во 2011 година, кога како кандидат на Демократска десница на Филип Петровски освои 378 гласа во втората изборна единица. Бил адвокат, помошник-директор на Царината, директор на Трготекстил малопродажба, професор на Универзитетот за туризам и менаџмент, директор на Универзитетот Евро Балкан. Беше и член на Државната изборна комисија, кога со неа раководеше сегашниот уставен судија Јован Јосифовски.
Дополнителниот „квалитет“ што тој сега го носи во ДИК е тоа што на оваа позиција доаѓа како човек, кој во период на тешка политичка криза и длабока поделба на општеството, цврсто стоел на едната страна и силно се борел против другата, па стана препознатлив како дел од факторите што придонесуваа кон таа поделба.
Беше еден од најистакнатите и најактивни членови на ГДОМ (Граѓанско движење за одбрана на Македонија). Заедно со повеќемина истомисленици, во време на сѐ погласниот отпор против владеењето на Груевски преку движењето „Протестирам“ и подоцна Шарената револуција, одржуваше собири на кои од „непартиска“ позиција го кажуваше тоа што секоја власт би сакала да го слушне – дека опозицијата работи против државата.
Неговото назначување за претседател на Комисијата за заштита од дискриминација во 2016 година беше протолкувано како надомест за заслугите кон власта на ВМРО-ДПМНЕ. Совршено се оддолжи со издавањето на решението дека Груевски е дискриминиран во судските процеси против него, што му послужи на поранешниот премиер да добие политички азил во Унгарија.
Преку бројните гостувања на дебатни емисии, Даштевски покажа дека останал верен на застапувањето ставови блиски до ВМРО-ДПМНЕ, и откако оваа партија си замина од власта. Дека не престанале врските меѓу него и партијата, пак, покажа анкетата што ја објави неговиот институт Хабеaс Корпус, со која се покажа водство на ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на парламентарните избори 2020. Како што пишуваше ИРЛ, неговиот соработник Сотир Костов изјавил дека нарачател на анкетата била самата партија.
Даштевски, пак, се правдаше дека Костов е тој што ја спровел анкетата преку неговата невладина организација, која, пак, била во процес на припојување кон институтот Хабеас Корпус, па затоа резултатите се објавиле како да ги издал институтот.
Тој е еден од основачите и на Институтот Балкан про Европа, како и на Центарот за политики засновани врз знаење, заедно со Оливер Андонов и Иванка Додовска.
Со богатата биографија што ја има Даштевски зад себе, очекувани беа и силните реакции што ги предизвика неговиот избор.
Судии и/или партијаши
Долг беше патот на претворањето на Државната изборна комисија од тело составено исклучиво од судии и на централно и на локално ниво во раните 1990-ти под водство на Никола Коневски, во орган каде што му се даваше предност на балансот меѓу спротивставените, но јасно изразени партиски интереси, наместо на професионализмот и на стручноста.
Тој пат се отвори откако и дел од припадниците на судската фела што ја водеа комисијата не успеаја да се снајдат во неколку турбулентни и контроверзни изборни процеси во првата деценија од независноста.
На Петар Најданов во 1994 година му се случија избори што се сметаат за најскандалозни во досегашната историја на земјата, со насилни инциденти и со бојкот на опозицијата, по што се избра едностран парламентарен состав. Јосиф Луковски, во 1999 ја предводеше комисијата што ги спроведе претседателските избори со најголем пресврт досега, кога Борис Трајковски ја „стопи“ предноста на Тито Петковски од 125 илјади гласови од првиот круг, со бројни обвинувања за полнење кутии, поради што СДСМ не го призна претседателот. Остана запаметен и по изјавата од локалните избори во 2000 година дека „секој сам треба да си ги изброи гласовите“.
Стево Пендаровски, сегашниот шеф на државата, во 2004 стана првиот претседател на ДИК што не бил судија. Пендаровски ги спроведе претседателските избори во 2004 (предвремени поради загинувањето на Борис Трајковски) и локалните следната година, први со новата територијална организација.
По краткото враќање на комисијата во рацете на судиите со Јован Јосифовски на чело во 2006 година, следуваа класичните партиски решенија, како Александар Новаковски, Борис Кондарко и Никола Рилковски. Сите тие биле на државни или на партиски функции во СДСМ пред да застанат на чело на ДИК како кандидати предложени од таа партија.
Фактот дека не успеале да направат ништо за да се спречат изборните скандали што се случиле во нивно време, а за кои се слушаше во „бомбите“ на СДСМ, покажува дека моделот со претседател на ДИК предложен од опозицијата не дава никаква гаранција против злоупотребата на моќта од оние што се на власт за да постигнат подобар изборен резултат. За дел од скандалите се водат судски процеси, како Титаник 2, во кој се обвинети членовите на комисијата предводена Кондарко – Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев. Кондарко е член и на новиот состав на ДИК предводен од Даштевски.
Бонусите што ја убија професионализацијата
Не отфрлајќи ја можноста дека и порано се избирале кандидати со желба да бидат професионални, единствениот формален и структуриран обид да се тргне во професионализација на комисијата беше преку пржинското решение од 2015 година, кога беа избрани тројца професионалци (Александар Чичаковски како претседател и Реџеп Прекопуца и Атанас Урумов како потпретседатели) и уште шестмина партиски предложени членови, неславно заврши со скандал.
Откако ги спроведоа најдолго подготвуваните избори во Македонија досега (двапати одложувани поради политичката криза со едногодишни меѓупартиски преговори за дотерување на правилата), членовите на оваа комисија си изгласале бонуси во висина на пет месечни плати, а откако ги завршија локалните избори си додале уште четири екстра плати. Оваа информација во јавноста ја откри поранешниот американски амбасадор Џес Бејли пред крајот од 2017 година, па следуваше покајание со оставки и со заложби за враќање на парите.
Две години подоцна, Чичаковски стана судија во Управниот суд. Виолета Дума, која, исто така, беше дел од „комисијата со бонусите“, стана надворешен соработник на премиерот Зоран Заев за правосудство. Нејзиниот колега и сопартиец Игор Милев е советник на директорот на Царината. Субхи Јакупи, пак, стана виш управен судија. Реџеп Прекопуца е раководител на сектор во службата на Собранието, а Атанас Урумов продолжи во ДИК, но како раководител во подрачната канцеларија во Гевгелија.
Овој настан не беше важен само од аспект дека еден коруптивен чин остана без поголеми последици за сторителите. Распадот на пржинската комисија го означи и враќањето на старата пракса да се составува изборна комисија исклучиво од партиски кадри, со поставувањето на поранешниот пратеник и директор од ВМРО-ДПМНЕ, Оливер Дерковски, на нејзиното чело.
Имено, итноста да се состави нова комисија во пресрет на референдумот за договорот од Преспа на 30 септември 2018 година, не им остави време на партиите да се договорат за нов независен состав, па се врати старото решение на прифаќање на тоа што ќе го предложи опозицијата. По референдумот имаше кратко време пред да почнат подготовките за претседателските избори што се одржаа во април и во мај 2019, па ни тука немаше ниту простор, ниту иницијативи да се разговара за нови решенија во насока на професионализација на ДИК.
По овој изборен процес имаше време, шест месеци не се ни зборуваше за избори пред Заев да најави предвремени поради француското вето за преговори со ЕУ во октомври 2019. Но иницијатива за разговор околу составот на ДИК немаше.
Кога стана јасно дека репартизацијата на ДИК не била само инцидентна, туку се враќа системски, се отвори простор да се избере кој било кандидат што опозицијата ќе го предложи ако ги исполнува минималните услови – да не биде во партиски орган и да е правник со најмалку осум години искуство. Дури и ако кандидатот има реноме на партиски агитатор.
Потребата да се има целосно функционална изборна комисија во пресрет на локалните избори наесен повторно не остави многу простор за партиите да разговараат за ново решение. Колку волја имаше да се разговара за ова прашање, пак, покажа тоа што само еден пратеник, Кастриот Реџепи од Беса, спомена дека сегашниот модел, иако е законски, е несоодветен и не е според препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
„Можеби е потребно да се изгласа нов модел, кој ќе биде стабилен и нема да има притисок според моменталните констелации. Добро би било сите заедно, собранието, но и владата, да размислуваат за реформирање на ова прашање за избор. Би сакал во иднина да се имплементира идејата на ОБСЕ, ДИК да има професионални членови, да бидат непартиски, и таа да биде тело што не може да се оспорува од никој“, рече Реџепи непосредно по изборот на Даштевски.
Препораката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР за професионализација на составот на ДИК е содржана во сите нивни постизборни извештаи.
По локалните наесен, нови избори нема на календарот сѐ до 2024 година, освен ако се случат вонредни. Две и пол години ќе нема простор да се правда сегашното статус кво со недостиг од време за партиите посериозно да се занимаваат со прашањето за ДИК. Или можеби ќе има?