Анализи

Северна Македонија во 2021 – броење глави и крпење огради

Уште еднаш, историјата го стави македонското пристапување кон ЕУ на листата на чекање. Скопје ќе ја помине 2021 година во обид да го заживее овој процес, додека го спроведува одамна задоцнетиот попис

Освен што ќе се занимава со трнливото прашање за пребројување на населението, Северна Македонија, веројатно, ќе го помине поголемиот дел од 2021 година, ако не и целата, во обиди да ги подобри односите со Бугарија за повторно да го одблокира патот кон членство во Европската Унија.

Бугарија, која е веќе членка на ЕУ, ја обвинува својата помала соседна држава за лажно пријателство, фалсификување на историјата и за негување антибугарски говор на омраза. Таа, исто така, го оспорува постоењето на македонскиот јазик како посебен јазик, велејќи дека е бугарски дијалект, со што задира во чувствителните идентитетски прашања и предизвикува силни реакции кај Македонците.

Премиерот Зоран Заев веќе вложи голем дел од својот политички капитал во постигнувањето историски договор со соседна Грција во 2018 година, менувајќи го името на својата земја во замена за чист пат кон НАТО и кон ЕУ по повеќе од една деценија во застој.

Сега бугарското противење може да ги разгори националистичките чувства и уште повеќе да ја ослабне довербата на Македонците во нивната европска иднина, што ја прави дипломатската задача на Заев уште потешка.

Згора на тоа, се чини дека владејачките социјалдемократи на Заев се решени да го одржат веќе долгоодложуваниот попис на населението, нешто што е формалност во многу држави, но минско поле за политички и етнички судири во Северна Македонија. Последното пребројување на населението, нешто што е клучно за планирањето политики, беше спроведено во 2002 година.

Како и остатокот од балканскиот регион, Северна Македонија ќе се бори со економското пропаѓање предизвикано од пандемијата со ковид-19, а локалните избори предвидени за наесен ќе бидат тест за популарноста на владата и за способноста на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да ја предизвика власта.

Малинка Ристевска Јорданова од скопскиот тинк-тенк Институт за европска политика, ја споредува задачата на Заев со одење по јајца.

„Клучниот ризик оваа година ќе биде апсурдната бугарска блокада и уште поапсурдните бугарски барања да станат извор за внатрешни поделби по секоја основа – не само политички, туку меѓуетнички, и најшироко во општеството. Секако дека државата односно нејзините надлежни органи ќе мораат да продолжат со проактивна политика не само кон Бугарија, туку воопшто на меѓународен план – особено затоа што нашиот простор за некаков ‘компромис’ е минимален, скоро непостоечки. Меѓутоа, колку и да е тешко, не смее да се дозволи ова прашање да доминира во нашата домашна агенда, а уште помалку да предизвикува поделби со долгорочни последици. Затоа е клучно колку мудро Владата ќе ја води домашната политика, која на крајот на краиштата, наоѓа свој одраз во надворешната политика“, вели таа за БИРН.

„Наместо (или барем напоредно со) одење „по јајца“, потребно е градење цврсти патеки – и тоа на долгорочен план, пред се’ – на домашен терен“.

Приоритет број 1 – надминување на бугарската блокада

Спорот со Бугарија ќе биде една од главните теми во 2021 | Фото: БИРН

Претседателството со Европската Унија преминува од Германија на Португалија на почетокот од оваа година, поради што политичките аналитичари во Северна Македонија предупредуваат дека Скопје нема време за губење во обидите да го надмине спорот со Бугарија, бидејќи во спротивно ризикува да надвладеат апатијата и национализмот.

„Разговорите помогнати од земји од ЕУ, како и билатералните напори да се решат отворените прашања мора да продолжат, без разлика на тоа колку се тешки или апсурдни бугарските барања, посебно оние што задираат во идентитетските прашања“, вели политичкиот аналитичар Борјан Ѓузелов.

„Да се добие бугарска согласност за почетокот на разговорите со ЕУ е врвен приоритет за да се одржи жива европската агенда и да не се дозволи националистичката реторика да воскресне и да фати корен во нашето и во бугарското општество“, додава Ѓузелов.

Според него, ако динамиката на овој процес се загуби во Северна Македонија, а европските држави го загубат интересот за проширувањето, се ризикува уште еден долготраен спор, како тој со Грција, со кој се изгуби многу време.

Во обиди да ја одржи таа динамика и да ја отстрани опасноста од замор на овој пат, владата на Заев, во декември го претстави планот за постигнување на европските стандарди во 10 области во 2021 година, вклучувајќи го правосудниот сектор, борбата против корупцијата, животната средина, енергијата и инвестициите во инфраструктурата. Пописот, предвиден за април, е уште една обврска што ја бара ЕУ.

„Целта е да ги подигнеме очекувањата од самите себе, да постигнеме европски стандарди дома“, рече Заев, претставувајќи го планот.

Но, сѐ уште стои ризикот тој да се заплетка во тензиите со Бугарија.

„Секој нормален човек што прочитал повеќе од пет страници историја за Македонија, знае дека не постои македонски идентитет одвоен од бугарскиот пред 1944 година“, рече во декември бугарскиот министер за одбрана и лидер на десничарската партија ВМРО, Красимир Каракачанов, посочувајќи ја годината кога бугарските сили се повлекле од територијата на која е денес Северна Македонија, откако Софија, која беше сојузник со нацистите, ја смени страната во Втората светска војна.

Заев на тоа одговори: „Не може да сме си легнале како Бугари еден ден во 1944 година и да сме се разбудиле како Македонци следното утро“.

Пописот како „тест за зрелост“

Пописот ќе ги стави меѓуетничките односи во центарот на вниманието | Фото: Роберт Атанасовски

Освен Бугарија, другата голема главоболка за Заев ќе биде пописот.

Последниот се одржа во 2002 година, веднаш по етничкиот конфликт, што ја доведе земјата на работ на граѓанска војна. Според тој попис, земјата има два милиони жители, од кои 25 отсто се етнички Албанци.

Некои аналитичари, пак, сметаат дека вистинскиот број на Албанците е сигурно повисок, што би им дало поголема тежина на албанските барања за поголеми малцински права од оние што ги добија со мировниот договор од 2001 потпомогнат од НАТО. Последниот обид да се одржи попис беше во 2011 година, кога владејачката десничарска партија ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, беше прекинат поради етнички несогласувања.

ВМРО-ДПМНЕ е против пописот да се одржи во април, тврдејќи дека социјалдемократите на Заев, кои владеат во коалиција со партијата на етничките Албанци, Демократска унија за интеграција (ДУИ), ќе дозволат лажно да се зголеми бројот на етнички Албанци во земјава.

Додека ВМРО-ДПМНЕ има мала поддршка меѓу етничките Албанци, социјалдемократите се обидуваат да ги премостат етничките поделби. ВМРО-ДПМНЕ предупредува дека Албанците ќе се обидат да ги регистрираат како „жители“ своите роднини што живеат и работат надвор од земјата. Владата инсистира дека пописот ќе биде спроведен во согласност со најдобрите практики на Евростат, статистичката агенција на ЕУ.

Пребројувањето, според Ристевска Јорданова, ќе биде „тест за зрелоста на меѓуетничките односи, но и на политичките партии“.

„Нема бегање и од фактот дека пописот во нашата држава заради специфичното уставно уредување има влијание на меѓуетничките односи. Сепак, постојат меѓународни и европски стандарди за спроведување попис, постојат национални институции со големо искуство и тие се основата да се избегне негова политизација. Ако енергијата (а и дискусијата) се насочи кон исправно спроведување на стандардите и силен капацитет на институциите кои ќе го спроведуваат, ќе се стеснат можностите за политизација“, вели таа.      

Националните прашања ќе ги одлучат локалните избори

Кампањата од парламентарните избори делумно ќе се преслика и кај локалните | Фото: Роберт Атанасовски

Есенските локални избори ќе бидат првиот тест за поддршката на владата.

Социјалдемократите победија со голема разлика во 2017, преземајќи ја контролата врз општините од ВМРО-ДПМНЕ низ целата земја.

„Локалните теми овој пат ќе доминираат во поголема мера во однос на 2017 затоа што електоратот веќе е зрел, но сепак во голем дел изборот повторно ќе се сведе и на тоа како гласачите ги гледаат владејачките партии и опозицијата, како, според нив, тие се поставуваат во врска со големите национални прашања“, вели Ѓузелов. Во таа смисла, додава тој, „локалните резултати ќе бидат индикатор за тоа колку добро стои владата“.

Експертите очекуваат тесна трка меѓу социјалдемократите и ВМРО-ДПМНЕ, слична на таа од парламентарните избори во 2020 година, кога владејачката партија победи за влакно, за да остане на власт.

На економскиот фронт, владата вели дека го скроила буџетот за 2021 година за да ги покрие здравствените потреби во борбата против пандемијата со ковид-19 и за да ги постави темелите за економско закрепнување, кое, како што се надеваат властите, во 2022 ќе ги врати стапките на раст на нивото од пред кризата. Откако регистрираше драматичен пад од 12 проценти во вториот квартал од 2020 година, владата се надева дека ќе се врати на раст од два отсто во 2021.

Од буџетот, тежок четири милијарди евра, владата планира да потроши 1,14 милијарди за заживување или за директна поддршка на економските активности преку субвенции за компаниите, за вработувањата и за стартапи.