Анализи

Погледот кон 2021 е привидно светол

Со вакво темпо, економијата ќе се врати на преткризното ниво дури за година и пол

Брзо спласна новогодишниот оптимизам дека со календарската промена на годината ќе се промени и перспективата за 2021, која сѐ уште е заробена од пандемијата.

Корона вирусот е неутрализиран со брзото пронаоѓање вакцини, кои покажаа ефикасност и до 95 отсто, но само во научна смисла. Сепак, сѐ уште сме далеку од моментот кога ќе може да се каже дека пандемијата е целосно под контрола.

Ширењето на новата позаразна мутација на корона вирусот што го продолжи карантинот во повеќе европски држави, слабата динамика на имунизација и уште послабата позиција на земјите во развој, меѓу кои и нашата, кои сѐ уште не добиле ниту едно шишенце, ги уриваат надежите дека бргу би го достигнале масовниот имунитет како предуслов за конечно завршување на пандемијата.

Технички, веќе во 2021 година, но очигледно, оваа нова година ќе почне да се смета, не според Грегориј, туку по Фајзер или Модерна.

За да закрепне економијата, клучно е прво да запре пандемијата, а токму таканаречениот „имунитет на стадото“, кој, според некои епидемиолози, ние би можеле да го имаме веќе напролет по природен пат, е основата на која се темели економскиот модел за оваа година.

Прилично замаглена е засега прогнозата за оваа 2021 година, имајќи ги предвид билансот на заразени и сите придружни проблеми на вакцинацијата, така што и економистите и меѓународните финансиски институции, поучени токму од целосните промашувања на прогнозите лани, сега се оградуваат од прецизност и се воздржуваат кога предвидуваат каква ќе биде оваа година.

Со задршка дека прогнозите може да се променат, зависно од неколкуте ризици поврзани со здравствената криза, пронаоѓањето на вакцините, сепак, влеа оптимизам дека економското заздравување ќе почне напролет, една година по избувнувањето на пандемијата.

Очекувано, македонската економија во вториот квартал од оваа година, статистички ќе прикаже поголема стапка на раст бидејќи економската активност ќе се споредува со динамиката од истиот период лани, кога имавме драматичен пад од речиси 15 отсто.

Технички, веќе во 2021 година, но очигледно, оваа нова година ќе почне да се смета, не според Грегориј, туку по Фајзер или Модерна

За цела година, се проценува дека растот на бруто домашниот производ (БДП) ќе биде околу 4 отсто и оваа стапка изгледа како блескава прогноза во споредба со длабоката рецесија во 2020 година. Но, релативно е, како што докажува и познатата теорија на Ајнштајн, колку е брзо ова економско закрепнување, особено што го набљудуваме од позиција на назадување.

Со вакво темпо, економијата ќе се врати на преткризното ниво, дури во првата половина од 2022 година.

Универзитетскиот професор Марјан Петрески вели дека проценките за економското заздравување се целосно зависни од справувањето со пандемијата.

Според него, особено е важно вакцинирањето да почне во јануари за најризичните групи, за потоа постепено да тече и вакцинирањето на пошироката популација со цел стекнување колективен имунитет.

„Информациите околу вакцинирањето во Македонија, во моментов не се стабилни, меѓутоа за економијата нема друг излез, освен вакцинирањето. Под овие претпоставки ќе може да зборуваме за почеток на економска стабилизација во вториот квартал од 2021 година. Ако вакцинирањето значајно задоцни, тогаш ќе имаме уште една тешка економска година, во која доминантни теми ќе бидат спасување на фирмите и работните места, наместо да зборуваме за раст“, предупредува професорот Петрески.

Имунитетот на Европа клучен и за нашето оздравување

Закрепнувањето на економијата се очекува да биде поддржано и од домашната побарувачка | Фото: МИА

Народна банка, исто така, своите прогнози ги темели на оптимизмот што произлегува од превенцијата на заразата со вакцини.

„Побрзиот напредок во третманот на корона вирусот, како и во развојот на вакцина се фактори на оптимистичката страна. Доколку заканата од корона вирусот се надмине побргу од очекуваното, зајакнатата доверба би можела значително да ја поттикне економската активност“, оценува Народна банка.

Според проценките на централната банка, на среден рок се предвидува постепено, но поумерено закрепнување со стапки на раст од 3,9 отсто во 2021, 3,6 отсто во 2022 и 4 отсто во 2023 година. Овие проекции значително се разликуваат од владините, според кои, економијата во истиот период би растела годишно и по 5,2 отсто.

Народна банка, исто така, смета дека последиците од кризата ќе се чувствуваат и во 2021 година, додека целосно закрепнување и надоместување на економските загуби се очекуваат во текот на 2022 година.

„Закрепнувањето на економската активност во 2021-2022 година се очекува да биде поддржано и од домашната побарувачка, во услови на стабилизирање на пазарот на трудот, континуитет на кредитирањето, зголемување на довербата, како и натамошна фискална поддршка на потрошувачката, а особено на инвестициите. Воедно, импулс врз растот се очекува и од извозниот сегмент, кој релативно бргу закрепнува, поддржан од брзото реактивирање на глобалните синџири на производство, а во следниот период и од закрепнувањето на странската побарувачка“, оценува Народна банка.

Се проценува дека растот на бруто домашниот производ (БДП) ќе биде околу 4 отсто. Со вакво темпо, економијата ќе се врати на преткризното ниво, дури во првата половина од 2022 година

Очигледно е дека проценките за заздравувањето на домашната економија, во голема мера, се потпираат на закрепнувањето на европскиот пазар, каде што се извезуваат над 80 отсто од нашите производи.

Но, изгледите за Стариот континент отсега гледано се целосно неизвесни. Иако се проценува раст од 4,7 отсто годинава, сепак голем дел од земјите се соочуваат со огромен бран на пандемијата, кој ги натера уште во ноември да воведат целосен локдаун и кој очигледно се продолжува и во првите месеци од 2021 година.

Германија ги продолжи најстрогите рестриктивни мерки до крајот на јануари, додека, пак, Велика Британија до средината на февруари.

Во такви услови, странската побарувачка за македонските производи е неизвесна бидејќи луѓето вообичаено трошат само за неопходните работи.

Германската автомобилска индустрија веќе го сподели песимизмот сумиран во проценката на состојбата, која поради продолжениот локдаун падна на минус 5,4 поени. За споредба, месецот претходно, овој индикатор беше во позитива и изнесуваше 5 поени.

Ваквите песимистички прогнози особено ги засегаат странските инвеститори што имаат фабрики во индустриските зони, чии производи главно се наменети за автомобилската индустрија токму во овие земји. А овие фабрики, пак, се главни носители на огромен дел од домашниот извоз.

Владата ја чека годината на економијата

Според премиерот Заев 2021 ќе биде година на квантен економски скок | Фото: Flickr на Владата на РСМ

За разлика од меѓународните финансиски институции, кои постепено ги ревидираат кон понегативни своите прогнози за 2021 година, согласно околностите, владата има оптимистички став за следниот период.

Премиерот Зоран Заев, кој откако дојде на власт, постојано ја истакнува економијата меѓу неговите врвни приоритети најавувајќи дека ќе „држи лекции по економија“, за 2021 зборува како за „година на економски рестарт и квантен економски скок“.

„Сакам да ве уверам дека владата долг период работи на создавање услови за излез од кризата, која треба да се искористи како неповторлива, уникатна можност за економски скок. Сѐ што имаме како ресурс да се стави во функција на развој, а конечниот импакт да биде стандардот на граѓаните. Сѐ што е потенцијал, ќе се стави на располагање, а доминантна ќе биде енергетиката“, најави премиерот Заев во своето прво обраќање годинава.

Според него, по божикните празници, ќе почне дебатата со сите релевантни чинители, за да се димензионираат следните пакет-мерки за помагање, кои би требало да се усвојат во февруари.  

Но, капиталните инвестиции, меѓу кои посебно ги истакнува изградбата на Коридорот 8, кој патно и железнички нѐ поврзува со Бугарија и со Албанија, и новиот клинички центар за кој побара поддршка од опозицијата во Собранието, според Заев ќе бидат моторот на економското забрзување.

Економистите посочуваат дека клучен предизвик за властите е да се стремат кон целосна реализација на развојните проекти, но и на планираните антикризни мерки

„Најголемиот дел од проектираните пари во буџетот се расходи наменети за капитални проекти, конкретни проекти што значат подобрување на животот на граѓаните. Тоа значи дека ќе продолжиме да инвестираме во патната и во железничката инфраструктура, енергетиката, гасификацијата, градинките, болниците, училиштата, животната средина и комуналната инфраструктура“, истакна премиерот Заев и додаде дека државата има избалансиран буџет, скроен да одговори на предизвиците во претстојната година, со дополнително обезбедена буџетска резерва и во случај на продолжено траење на пандемијата.

Во буџетот за годинава, капиталните инвестиции се планирани на ниво од околу 375 милиони евра, што доколку се реализираат во целост, ќе бидат за 43 отсто повеќе отколку лани.

Економистите посочуваат дека клучен предизвик за властите е да се стремат кон целосна реализација на развојните проекти, но и на планираните антикризни мерки.

Професорот Марјан Петрески вели дека по надминувањето на здравствената криза, ќе биде важно да дискутираме за тоа како да ги поттикнеме моторите на растот – инвестициите и извозот – да забрзаат за побргу да ја поткренат економијата и да ја вратат на старата патека.

„На таа тема, која е релевантна и во нормални услови, ќе треба да го додадеме она што го наметна кризата, географските реалокации на компаниите, регионалното поврзување и структурните реформи, чија приоритизација кризата веројатно ја промени“, вели Петрески.