Регион

Дали и натаму има потреба од присуство на мисијата на ООН во Косово?

УНМИК, цивилна мисија, беше на чело на привремената администрација на Косово со цел „да обезбеди услови за мирен и нормален живот на сите жители”. Сепак, мислењата се разликуваат во однос на прашањето, дали УНМИК беше успешен во остварувањето на овие цели

Сербезе Хаџиај, Приштина

Кога во мај 2000 година, во село во близина на Гњилане во источно Косово, беа убиени три лица од српска националност, меѓу кои беше и едно четиригодишно дете, мисијата на Обединетите нации, која недолго претходно беше распоредена во Косово, за прв пат интервенираше во работата на локалното судство.

Имено, со извршна наредба потпишана од страна на специјалниот пратеник на генералниот секретар на ООН за Косово, на лицето осомничено за овие убиства, му беше продолжен притворот, во кој тоа остана повеќе од две години, по што, поради недостиг на докази, беше ослободено.

Оттогаш, па во следните осум години, привремената администрација на мисијата на ООН во Косово, позната како УНМИК, во голема мера ги надѕираше случувањата во земјата, која само што се оттргна од владеењето на Белград.

ООН ја распореди својата привремена административна мисија во Косово, УНМИК, по воздушните напади на НАТО, со кои заврши контролата на Белград во Косово. Мисијата беше востановена врз основа на Резолуцијата 1244 на ООН, усвоена во јуни 1999 година.

УНМИК, цивилна мисија, беше на чело на привремената администрација на Косово со цел „да обезбеди услови за мирен и нормален живот на сите жители”. Сепак, мислењата се разликуваат во однос на прашањето, дали УНМИК беше успешен во остварувањето на овие цели.

Денес, речиси 20 години по неговото распоредување и една деценија откако ги предаде поголемиот дел од своите надлежности на мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС, а по прогласувањето на независноста на Косово, секојдневните одговорности на УНМИК се релативно мали.

Меѓутоа, неодамна повторно се отвори дебата за иднината на мисијата, откако во октомври, американската амбасадорка во ООН во заминување, Ники Хејли, побара повлекување на УНМИК од Косово, наведувајќи дека неговата мисија е завршена.

Хејли се повика на неколку пати претходно „повторените изјави на повеќето членки на Советот за безбедност, дека УНМИК веќе го исполнил својот мандат“.

Нејзиниот став беше поздравен од Приштина, каде што на УНМИК се гледа како на остаток од времето кога меѓународните претставници го имаа последниот збор за сѐ во Косово, но не и од Белград, каде што нејзиниот повик предизвика незадоволство кај српските официјални претставници, кои сметаат дека со ова, Србите во Косово, ќе останат без заштита. Русија, која има право на вето во Советот за безбедност на ООН, ја поддржа Србија.

Блерим Река, професор по меѓународно право, вели дека мисијата на УНМИК, завршила кога Косово прогласило независност на 17 февруари 2008 година, но оти таа, и покрај отсуството на овластувања, останала во земјата, поради недостиг на едногласност меѓу членките на Советот за безбедност.

„Парадоксално е што ООН сè уште ја држи на сила Резолуцијата (1244), која и натаму ‘вештачки’ го признава суверенитетот на Србија над Косово, а во исто време друг орган на ООН, Меѓународниот суд на правдата, со давање на мислење во 2010 година, ја оспори оваа Резолуција”, вели Река за БИРН.

Во советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата, донесено во 2010 година, се вели дека со прогласувањето на независноста на Косово, не се крши Резолуцијата 1244, бидејќи во указот на Советот за безбедност не е наведен конечниот статус на Косово.

Градење држава од странство

Генералниот секретар на ООН, Кофи Анан, и шефот на УНМИК, Михаил Штајнер, на средба со Албанките кои држејќи фотографии на исчезнати лица, протестираа пред зградата на УНМИК во Приштина, во 2002 година. Фото: ЕПА/ Валдрин Џемај

УНМИК имаше четири основни столба или области на контрола – судскиот систем, јавната администрација, демократизацијата (под надзор на мисијата на ОБСЕ) и економијата. Безбедноста беше оставена во рацете на мировната мисија на НАТО, КФОР.

Осум години пред прогласувањето на независноста, граѓаните на Косово беа единствените во светот кои имаа пасош на ООН, документ кој нудеше многу ограничени можности за патување во странство.

УНМИК, ширум Косово, беше критикуван поради видните неуспеси, иако оние што ја предводеа мисијата, веруваат дека таа направила колку што можела, во согласност со својот мандат.

„УНМИК го постигна она што можеше да се постигне во рамките на неговиот мандат, можеби дури и повеќе. Јас би рекол дека наследството е измешано, а не дека се работи за неуспех“, изјави за БИРН, германскиот дипломат, Јоаким Рикер, кој беше на чело на УНМИК, во времето кога Косово прогласи независност.

Рикер истакнува дека УНМИК завршил добра работа во поставувањето на темелите на демократијата, базирана на владеењето на правото и на функционалната пазарна економија.

„Тоа беше троен предизвик што произлезе од Резолуцијата 1244 (на Советот за безбедност на ООН), имаше управувачка улога – да обезбеди привремена администрација, мировна улога – да допре до сите заедници, како и статусно процесна улога – да го олесни процесот, но не и да го имплементира”, објаснува тој.

Рикер беше последниот од специјалните претставници на генералниот секретар на ООН за Косово, кој имаше позначајна надлежност, бидејќи четири месеци по прогласувањето на независноста, во Косово стапи на сила уставот на оваа земја, со што УНМИК беше ставен на периферијата на настаните.

Мисијата, која се наоѓа во една зграда во предградието на Приштина, во моментов ја води авганистанскиот дипломат, Захир Танин.

„Иако мисија веќе не извршува толку многу функции, со мандатот што го има од ООН, ѝ е дадена одговорност да придонесува за зајакнување на мирот и на стабилноста. Другите меѓународни актери, особено ЕУ, имаат многу поголеми улоги. УНМИК продолжува со поддршка на дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина“, изјави за БИРН, портпаролката на УНМИК, Санам Долатшахи.

УНМИК денес „го олеснува функционирањето на косовските институции”, извршувајќи задачи кои му помагаат на Косово да работи со земјите, кои не ја признале неговата независност, посочува Долатшахи.

„Ова вклучува обезбедување на врски со Интерпол, како и други барања кои произлегуваат од улогата на УНМИК, како потписник на меѓународните договори, во името на Косово”, објаснува таа.

Судски систем на патерици

Полицаец на УНМИК врши проверка на возило, кое влегува во Косово, на косовско-македонската граница, во 2001 година. Фото: ЕПА/Валдрин Џемај

Една од критиките што му беа упатени на УНМИК, е дека Мисијата не изградила ефикасен судски систем во Косово.

Жан-Кристијан Кеди, француски адвокат и поранешен претставник на УНМИК задолжен за судството и полицијата, вели дека „и покрај тоа што УНМИК го создал правосудниот систем на Косово, тој се покажал како неуспешен, бидејќи судиите биле пристрасни и неефикасни”.

Кеди додава оти присуството на меѓународните судии во Косово, не било доволно за да се ублажат овие недостатоци. „Вие не можете да изградите судскт систем во земја која е постојано со патерици”, изјави тој за БИРН.

Поранешни официјални претставници на ООН, како Кеди, ја опишуваат ситуацијата во која повоено Косово стана жртва на неконтролирани вооружени банди, кои извршуваа сѐ поголем број на кривични дела. „Меѓународната заедница на зборови ја поддржуваше идејата (за мултиетничка стабилност). Но, никој навистина не веруваше во тоа“, истакнува Кеди.

Обвинителите и судиите на ООН не успеаја да процесираат лица за воени злосторства, за политички атентати и за организиран криминалот, a заштитата на сведоците и нивната преселба, во пракса беа тешко изводливи.

Амнести интернешнал (АИ), во својот извештај од 2013 година, за наследството на УНМИК во областа на човековите права, вели дека Мисијата на ООН не започнала со брза и темелна истрага, кога по војната, семејствата го пријавувале изчезнувањето на нивните членови. Ова открива „шокантно непочитување на правата на исчезнатите лица и на членовите на нивните семејства”, се вели во извештајот на Амнести интернешенел.

Бидејќи тие имаа имунитет од гонење пред домашните судови, Косово, исто така, стана зона на комфор за некои претставници на ООН, а дел од нив во голема мера беа вклучени и во корупција.

Роберт Дин, поранешен американски обвинител и шеф на правосудниот оддел на УНМИК, во периодот од 2006 до 2008 година, вели дека некои грешки биле резултат на нејаснотиите во судската пракса.

„Меѓународните судии во мешаните совети, се користеа со процедурален закон, кој беше мешавина од југословенските процедури и оние кои беа наметнати од страна на ООН. Така, судиите со различен ‘бекраунд’, различно и ги толкуваа“, вели Дин за БИРН.

„Беше тешко да се мешаат различните правни методологии: правната структура од поранешна Југославија, од Србија и од земјите на ЕУ, не можеше да коегзистира”, додава тој.

Кога УНМИК на ЕУЛЕКС му ја предаде својата надлежност, бројот на заостанати случаи на воени злосторства, на исчезнати лица и на организиран криминал, беше огромен.

Во економската сфера, УНМИК не можеше да ги убеди инвеститорите да ги инвестираат своите пари во Косово, бидејќи не може да гарантира стабилна законска рамка, со оглед дека не беше јасно, колку долго мисијата на ООН ќе биде распоредена.

„Во економската сфера, доста ќе помогнеше, доколку УНМИК имаше јасна временска рамка, наместо што беше само привремена администрација без конкретен датум на завршување на мисијата”, објаснува Рикер, кој во еден момент беше и на чело на економскиот „столб” на УНМИК.

Економскиот експерт, Кујтим Добруна, за БИРН вели дека УНМИК, не го решил на адекватен начин, заживувањето на уништената повоена економија во Косово, наведувајќи ја приватизацијата на јавните претпријатија, како најголем неуспех на мисијата.

„Политичкото влијание на интересните групи во процесот на приватизацијата беше константно. Се покажа дека овој процес не му помогна на економскиот развој“, истакна Добрун.

Процесот на приватизација „не создаде никаква претприемачка основа, која ќе ги мобилизира знаењето, капиталот и пазарот, во насока на развој на економијата”, додаде тој.

Немирите го сигнализираа почетокот на крајот

Албанец поминува покрај припадници на специјалната полициска единица на УНМИК, во Приштина, во 2002. Фото: ЕПА

Во текот на петата година од вложувањето на напорите на Мисијата на УНМИК, за подобрување на повоените односи меѓу двете непријателски заедници во Косово, во март 2004 година, во земјата изби меѓуетничко насилство.

За време на немирите беа убиени 19 лица, 11 Албанци и 8 Срби, 900 беа повредени, многу објекти на српското православно наследство беа запалени и уништени, а дводневните напори на ООН станаа ирелевантни.

Ова го натера генералниот секретар на ООН, да го назначи норвешкиот дипломат, Кај Еиде, за пратеник кој ќе оцени, дали е дојдено време да се разговара за прашањето за конечниот статус на Косово. Неговиот одговор беше позитивен, што ја поттикна Приштина да прогласи независност во 2008 година.

Додека бројот на припадници на УНМИК на теренот и натаму се намалуваше, а мисијата ги пренесуваше своите надлежности на косовските власти, Белград го зајакнуваше своето институционално присуство меѓу Србите во Косово, преку „паралелни структури”, кои функционираа надвор од контролата на Приштина.

„Политиката на УНМИК беше толерирање на паралелните структури во областа на образованието и здравството, отфрлање на паралелните структури во администрацијата и остро одбивање на паралелните безбедносни структури”, објаснува Рикер.

Русија и Кина против промените

Рускиот амбасадор во ООН, Василиј Небензја, се обраќа на состанокот на Советот за безбедност во Њујорк, во 2018. Фото: ЕПА-ЕФЕ/Џејсон Зенес

Иако Србија сака УНМИК и натаму да биде присутен во Косово, врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност, други се согласуваат со американската амбасадорка, Ники Хејли, дека времето на мисијата е истечено.

„Одлуката на Меѓународниот суд на правдата (од 2010) е јасен показател дека Резолуцијата 1244 е на крајот на своето патување”, нагласува Рикер.

Блерим Река смета дека развојот на настаните, по усвојувањето на Резолуцијата 1244, ги поништуваат сите причина, таа да остане на сила.

„Југославија, чиј дел, според резолуција, е Косово, престана да постои; нејзината држава наследничка (краткорочната државна заедница Србија и Црна Гора) не постои од 2006 година; Косово прогласи независност, а Меѓународниот суд на правдата пресуди дека независноста на Косово не е спротивна на меѓународното право“, истакна Река.

Меѓутоа, за да се укине Резолуцијата, потребна е согласност од сите пет постојани членки на Советот за безбедност. Меѓу нив се и Русија, и Кина, кои не ја признаваат независноста на Косово и ги поддржуваат барањата на Србија за понатамошно присуство на УНМИК во Косово.

Отпорот кон секоја промена на сегашната ситуација, беше нагласен и за време на состанокот што се одржа за Косово во седиштето на ООН во Њујорк во октомври, со коментарите на рускиот и на кинескиот амбасадор во ООН.

Кинескиот амбасадор, Ву Хаитао, изјави дека Резолуцијата 1244, треба да остане на сила, додека рускиот амбасадор Василиј Небензја истакна: „Постојат големи проблеми во провинцијата (во Косово) и меѓународната заедница треба внимателно да ги следи”.

Меѓутоа, Велика Британија, како постојана членка на Советот за безбедност, соопшти оти улогата на УНМИК е зрела за промени и дека мисијата треба „повторно да се конфигурира” и да се намали.

„Како што Косово мора да се помири со минатото, така мора и УНМИК. ООН треба да признае дека Косово денес не е истата земја, како во времето кога УНМИК првпат дојде во неа“, изјави во ноември, Дејвид Клеј, заменик политички координатор на Британија, во Советот за безбедност.

„Затоа треба да видиме целосна и ефикасна транзиција на УНМИК, врз косовските институции, или врз други меѓународни организации, кои ги презедоа историските улоги на УНМИК, вклучувајќи ги и исчезнатите лица”, нагласи Клеј. „Ова е време кога УНМИК треба да прави помалку, а не повеќе”.