Регион

Денот на белите ленти ги истакна повоените поделби во БиХ

Денот на белите ленти, со кој се одбележува сеќавањето на децата убиени во Приедор за време на војната во Босна и Херцеговина, стана светски познат настан, но противниците на одбележувањето тврдат дека не е точно оти со одлука донесена во мај 1992 година

Неколку стотици лица, со бели ленти на раката, се собраа во Приедор, во знак на сеќавање на децата убиени во овој град, за време на војната во БиХ.

Одбележувањето на овој ден почна со прошетка по главната улица, а потоа присутните се собраа на градскиот плоштад, во знак на поддршка на кампањата на родителите, на настраданите деца да им се подигне споменик во центарот на градот.

Организаторите велат дека носат бела лента, затоа што властите на босанските Срби во Приедор, во мај 1992 година, издале наредба, која била емитувана на локалното радио, несрпското население, своите куќи да ги обележи со бели знамиња или чаршафи, и доколку излегува од дома, да носи лента околу раката.

Некои активисти ја споредуваат оваа наредба со нацистичкиот декрет, со кој на Евреите им било наредено околу рака да носат лента со жолтата Давидова ѕвезда.

Месуд Блажевиќ, пензиониран професор по математика во раните седумдесетти години, се сеќава дека во ретки случаи, кога го напуштал својот дом во Приедор, на раката ставал бела лента.

„Најмногу се сеќавам на стравот. Се плашев да носам бела лента, но се плашев и да не ја носам. Ако ја носам, има снајперисти на високите згради, на кои можам да им станам цел бидејќи ја носам; а ако не ја ставам, некој може да ме препознае и да ме одведе, бидејќи одбивам наредба“, вели Блажевиќ за БИРН.

Денот на белите ленти почна да се одбележува во 2012 година, а комеморацијата секоја година ја организираат активистите на групата „Бидејќи се грижам“, кои објаснуваат оти сето ова започнало како резултат на забраната за одржување на јавни комеморации, наметната од полицијата и од локалните власти на Приедор, во мај 2012 година, со што лицата што ги преживеале злосторствата во овој град, биле спречени да го одбележуваат сеќавањето на 3.176 лица, убиени на подрачјето на Приедор, од кои 256 биле жени, а 102 деца, повеќето Бошњаци.

Од самиот почеток, Денот на белите ленти стана глобално познат настан и луѓето низ целиот свет објавуваат своите фотографии на интернет, на кои носат бели ленти, како знак на солидарност со жртвите од војната во Приедор, кој се наоѓа во Република Српска (РС).

Но, како и многу други прашања поврзани со војната од 1992-1995, во етнички поделената Босна и Херцеговина, овој настан и причините за одбележувањето на Денот на белите ленти, се оспоруваат од страна на противниците, кои негираат дека силите на босанските Срби се одговорни за воени злосторства од голем обем, кои вклучуваат убиства, прогон и незаконско затворање на цивили, и ги отфрлаат пресудите на меѓународните судови и судовите во БиХ.

Наредба преку радио

Денес тешко можат да се најдат документи врзано за наредбата за носење на бели ленти, а единствено што се знае во јавноста е објавата на оваа наредба на локалната радио станица во Приедор на 30 мај 1992 година.

Таа била прочитана по неуспешниот обид на вооружените Бошњаци и Хрвати, да ја преземат контролата врз Приедор, еден месец откако Србите го зазеле овој град, без отпор.

За нападот се известувало преку радио, со зборовите: „Нема потреба од страв и паника, а граѓаните кои се лојални на Српската Република на Босна и Херцеговина, мора да стават бели знамиња на своите домови”.

Не биле конкретно спомнати бели ленти, само бели знамиња, ниту пак биле спомнати несрби, Бошњаци или Хрвати, само „лојални” граѓани.

Сепак, за носењето на белите ленти, во неколку наврати, искази дале сведоци, а тоа се спомнува и во пресудите на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во Хаг.

Во текот на судењето на поранешниот политичар на босанските Срби, Душко Тадиќ, сведокот, Емир Бегановиќ, во 1996 година, изјави оти имало две различни радио соопштенија за Бошњаците. Едното, за обележување на нивните куќи со бели знамиња, а другото, за носење на бели ленти. Денес ниту едно од овие соопштенија не е јавно достапно.

Со пресудата со која Тадиќ беше осуден, сведоштвото на Бегановиќ беше прифатено како факт: „По чистката во Приедор, сето преостанато несрпско население, за да се разликува, морало да носи бели ленти”, се вели во пресудата.

„Оние што останале, морале да носат бели ленти на ракавите, за да се разликуваат, и тие постојано биле изложени на малтретирање, тепање и уште полоши постапки, а тактиката на заплашување била вообичаена”, се додава во неа.

Нусрет Сивац, сведок, кој во 2002 година сведочеше на судењето на поранешниот политичар на босанските Срби, Миломир Стакиќ, изјави дека на 30 мај 1992 година, во Приедор, видел несрби, кои, како знак на идентификација, биле принудени да носат парче бела ткаенина околу раката.

„Цело време седев во станот, видов кога тие (Србите) донесоа луѓе во долги колони пред мојата зграда, од Рашковац и Скела. Сите се движеа во колона по двајца. Имаа бели ленти на рацете, а секоја колона ја предводеше човек, кој носеше бело знаме“, изјави Сивак пред Хашкиот трибунал.

Божица Радиќ, Србинка кој живее во Приедор, вели оти на 1 јуни 1992 година, била сопрена додека одела на работа во локалната болница, бидејќи не носела бела лента околу раката.

„Додека одев, полицаец ме застана на раскрсницата ‘Кај Стака’ и ме праша зошто не носам бела лента”, вели Радиќ за БИРН. Полицаецот не ја познавал, па затоа не можел да знае дали е Србинка или Бошњачка, додава таа.

„Подоцна, тој ден, ги прашав колегите во болницата, дали и ним им се случило истото додека оделе на работа. Некои рекоа да, некои не. Се сеќавам дека најдовме и зедовме некакви завои, за секој случај“, се присетува таа.

Комбинацијата на зборовите „бели” и „ленти” (или „врвки”, „знаме”, „чаршав”, „ткаенина”, итн) се појавува во документите на меѓународните и на босанските судови, што не се однесуваат само на воените злосторства извршени во Приедор, туку и на случаи во другите делови на БиХ. Во некои случаи, наредбата за носење на бели обележја се однесувала на цивилите, а во други на вооружените сили или важела во логорите.

Во пресудата на Хашкиот трибунал донесена во јули 2003 година, на судењето на поранешниот политичар на босанските Срби, Миломир Стакиќ, се вели: „радиските соопштенија … ги обрвзувале несрбите, на своите домови да обесат бело платно, како знак на лојалност кон српските власти”.

Во пресудата се додава: „Вработените (во логорот Омарска, кој го воделе босанските Срби) носеле бели ленти околу ракавите, за да се разликуваат од затворениците”.

Пресудата на Хашкиот трибунал во случајот против Благоја Симиќ, Мирослав Тадиќ и Симо Зариќ, за воени злосторства во Босански Шамац, вели дека сведоци на обвинителството сведочеле дека „кризниот штаб, набрзо по насилното преземање на власта во Босански Шамац, на граѓаните од муслиманска и од хрватска националност, им наредил да носат бели ленти на ракавот“, иако сведоци на одбраната го оспорија ова тврдење.

Противниците ги отфрлаат пресудите на меѓународниот суд

 

Противниците на Денот на белите ленти, тврдат дека луѓето во Приедор, во 1992 година, не биле принудени да носат бели ленти, со цел да бидат означени за прогон, како Евреите во нацистичка Германија. Некои го доведуваат под знак прашалник и емитувањето на наредбата за носење на бели ленти, преку локалното радио.

Тие велат дека нема формално напишани наредби, фотографии или видеоснимки на лица кои носат бела лента во Приедор во 1992 година.

Адвокатот од Приедор, Синиша Дакиќ, нагласува дека Хашкиот трибунал го прифатил сведочењето за белите ленти, на судењето на Душко Тадиќ, бидејќи одбраната не го оспорила тоа на суд.

„Адвокатите на одбраната не го зедоа предвид ова усно сведочење за белите ленти и затоа тоа стана дел од пресудата”, вели Дакиќ за БИРН.

„Овој дел е овековечен во многу други пресуди што следеа, како пред МКТЈ, така и пред Судот на БиХ, но и преку медиумите”, додаде тој.

Сепак, активиститете на Денот на белите ленти, велат дека овие аргументи се само обид да се девалвираат или негираат фактите утврдени од страна на меѓународниот суд и дека, на тој начин, се минимизира широко распространетиот прогон на несрпското население во Приедор во 1992 година, каде што многумина биле затварани и малтретирани во околните српски логори, Омарска, Трнопоље и Кератерм.

Тие истакнуваат дека никој, иако поминаа две децении по завршувањето на војната, не можел да ги оспори фактите утврдени пред судовите.

Милорад Којиќ, директор на Центарот за истражување на војната, воените злосторства и пронаоѓање на исчезнатите лица на Република Српска, кој го финансираат властите на овој ентитет, нагласува дека во мај 1992 година, на луѓето во Приедор им било речено да ги обележат своите домови со бела ткаенина и да носат бели ленти, но не за да бидат идентификувани за прогон од страна на српските сили.

„Во тоа време беше донесена одлука, луѓето на домовите да постават крпи или други бели ознаки, на пример, како потврда дека никој нема да пука на легитимните полициски сили (на босанските Срби) од овие станови. Исто така, луѓето ги носеа овие ленти, како порака дека нема да ја нападнат полицијата“, истакнува Којиќ за БИРН.

„Сега тие се обидуваат да го претворат ова во нешто што не се случило”, вели тој.

Драгослав Периќ, адвокат кој ги претставувал Србите обвинети за воени злосторства во регионот на Приедор, потенцира дека семејствата на жртвите имаат право да се сеќаваат на своите најблиски кои ги изгубиле и оти тоа „не треба да се политизира”.

„Секој треба да ги обележи местата и времето на смртта на своите жртви. Ова е демократски принцип и, барем досега, не сум забележал никаков национализам во тоа“, додава Периќ.

Полициската забрана предизвикала импровизирана акција

Во 2012 година, активистот, Един Рамулиќ, бил член на одборот, кој, по повод 20-годишнината од почетокот на војната, планирал одржување на неколку комеморации во Приедор.

Рамулиќ го впишал датумот 23 мај, како ден на сеќавање на 256 жени и десетте девојчиња убиени во овој регион во конфликтот, но локалната полиција го забранила собирот.

„Оваа забрана, всушност, го иницира Денот на белите ленти. Разговарав со мој пријател за да видиме што да направиме. Тој ме праша, дали знам за сведочењето дека луѓето во Приедор морале да носат бела лента во 1992 година? Тој сугерираше дека и сега можеме да го сториме истото, бидејќи никој не може да ви забрани да ја носите, додека шетате, ниту пак морате да барате дозвола од полицијата“, објаснува Рамулиќ.

Тие собирот, кој им бил забранет, го планирале за пладне. Но, наместо 266 бели вреќи (во кои се ставаат посмртни останки) кои планирале да ги стават на главниот плоштад во Приедор, за да се драматизира комеморацијата, просторот останал празен.

Но, во четири часот попладне, на плоштадот се појавил Емир Хоџиќ. Тој застанал сам, на раката му била врзана бела лента, а пред него, на земја, поставил бела вреќа.

Фотографијата од овој негов чин, брзо се прошири на интернет, а осум дена подоцна, на 31 мај 2012 година, на главниот плоштад се појави мала група луѓе, кои, исто така, носеа бели ленти. Меѓу нив беше и Рамулиќ.

„Воопшто не баравме дозвола, претпоставувајќи дека нема да ја добиеме”, нагласува Рамулиќ.

Горан Зориќ, од групата „Бидејќи се грижам“, вели дека последниот обид за забрана на Денот на бели ленти, се случил во 2013 година, и дека притисокот врз активистите што го организираат овој настан, се намалувал со текот на годините, бидејќи овој настан станал познат.

„Во почетокот, се плашев. Имаше закани, физички напади, говор на омраза, графити против нас, а беа напаѓани и луѓето околу нас. Сепак, успеавме да мобилизираме огромен притисок преку медиумите, јавноста и меѓународните организации, па дури и полицијата сфати дека имаме исти права како и сите други“, додава Зориќ.

Главното барање на активистите на оваа група, е поставување на споменик во или во близина на центарот на градот, за 102 деца, кои биле убиени или сѐ уште се водат за исчезнати.

Општинските власти на Приедор на активистите им понудија други локации за споменикот, одбивајќи тој да биде поставен во центарот на градот, поради што секоја година, на главниот плоштад, како потсетник, активистите ставаат 102 бели рози во круг.

„Протест против негирањето“

Огромното мнозинство од оние кои го поддржуваат или се противат на Денот на белите ленти, никогаш немале заедничка јавна дискусија, на која би ги изразиле своите ставови. Рамулиќ се обидува да го промени тоа.

Така, тој присуствуваше на јавниот собир организиран минатата година од страна на локалните Срби, со кој беше одбележана годишнината од нападот на бошњачките и на хрватските сили, извршен на 30 мај 1992 година, кога биле убиени 15 српски војници и полицајци, а 26 биле ранети, по кој настан на локалното радио била прочитана наредбата, лојалните граѓани да стават бели знамиња на своите домови.

На собирот, Рамулиќ ги покани противниците на Денот на белите ленти на јавна расправа за ривалските комеморации. Тој најави дека и оваа година, ќе се обиде да воспостави дијалог меѓу спротивставените групи.

Тој додава дека дури и ако нема документи за формалната наредба, несрпското население да носи бели ленти, тоа „не значи дека тоа не се случило”.

„Имаше неколку начини на комуникација, не беа само пишаните уредби. На пример, секоја зграда, секоја улица, имаше лице кое беше задолжено за ширење на информациите“, истакнува тој.

„Друг алтернативен начин (за ширење на информациите) беа мегафоните поставени на возила кои кружеа низ Приедор. Ако немате фотографија или видеоснимка, не значи дека тоа не се случило. Ние немаме фотографии од Кератерм, што не значи дека тој не постоеше“, додава тој.

Рамулиќ истакнува оти извештаите дека бели ленти, чаршафи или други слични обележја за идентификација, биле користени од различни групи за време на војната, потврдуваат дека тоа се случило.

„Ако нешто не се случи, нема да има вести за тоа. За жал, тоа се случи“, заклучува тој.

Николас Мол, историчар кој се занимава со прашањето за справување со минатото, вели оти ако дојде до помирување, претходно властите на босанските Срби треба да ги признаат злосторствата извршени во Приедор за време на војната.

„Во Приедор сѐ уште не е стигната оваа фаза на признавање и токму во овој контекст треба да се гледа на Денот на белите ленти”, вели Мол.

„Оваа ситуација не е специфична за Приедор, тоа е всушност нешто што постои во многу општества во кои биле извршени масовни злосторства, особено кога постои силно негирање во врска со извршените злосторства, првата желба на голем број преживеани е да се борат за признавање на злосторствата извршени над нив“, додава тој.

Мол нагласува дека Денот на белите ленти е протест против негирањето, против одбивањето на властите во Приедор, да прифатат дека во 1992 година, против несрпското население, биле извршени сериозни злосторства.

„Имаше различни иницијативи на преживеаните за спротивставување на тоа негирање, како што се постојаните обиди да се излобира поставување на споменик во Омарска, Трнопоље и Кератерм, или различните демонстрации на одбележување на сеќавањето на жртвите во градот Приедор. Денот на белите ленти е уште една иницијатива во оваа серија на напори, која има за цел да воспостави култура на сеќавање на злосторствата и на жртвите во Приедор и околината“, објаснува тој.

Сепак, континуираното оспорување на Денот на белите ленти, што го предводат некои Срби, и одбивањето на локалните власти во Приедор, да овозможат поставување на споменик за децата кои беа убиени во војната, во центарот на градот, покажува дека некои сѐ уште не сакаат да прифатат дека биле извршени такви злосторства.

„Тоа е еден маѓепсан круг од кој не можеме да излеземе, додека повторно не бидеме хуманизирани. Луѓето, за време на војната, беа дехуманизирани поради нивната националност“, истакнува Зориќ.

Тој додава дека годишната комеморација е „обид за отстранување од националистичката матрица” со фокус на предложениот споменик.

„Што во светот може да биде поневино од децата?”, прашува тој и додава: „Тие беа убиени пред да станат свесни за својот национален идентитет”.

Овој текст е напишан како дел од програмата за грантови на Балканската транзициска правда на БИРН, со поддршка на Европската комисија.