Анализи

Децении реформи – учениците со сè послаби резултати

Шеснаесетте години реформи го сместија македонското образование на дното во светските рангирања

Ако беше човек, ќе имаше шеснаесет години и сега ќе завршуваше прва година средно. Ќе се подготвуваше за последните испитувања на наученото во оваа учебна година за да си обезбеди што е можно подобри оценки во свидетелството.

Но, станува збор за образовен систем, кој од 2006 година, веќе 16 години по ред постојано се реформира. А ефектот на тие реформи е мерлив и познат.

Па, така, на пример, истражувањето ТИМСС (Trends in International Mathematics and Science Study), меѓународната студија по математика и природна група предмети, која ги мери знаењата и способностите на учениците во четврто и во осмо одделение, покажа дека во математичка писменост, од 58 држави, Македонија е на 45-то место, а во природни науки од 58 учеснички е на 51-то место. Тестирање е спроведено во 2019 година.

Резултатите од меѓународната студија ПИСА (Programe for International Student Assessment), кои се од тестирањето на учениците во 2018 година, покажаа напредок во однос на 2015 година, но повторно Македонија е на дното.

Македонските ученици, од 77 држави-учеснички во читање со разбирање и математика, се на 67-то место, а во природни науки на 63-то место.

Државава учествува во уште едно меѓународно истражување ПИРЛС (Progress in International Reading Literacy Study), со кое се мери оспособеноста на учениците на девет и десетгодишна возраст за читање со разбирање. Ова истражување е спроведено со македонски ученици во 2001 и во 2006 година, а последното е во 2021 година, но резултатите од него сѐ уште не се објавени.

Душко Стојановски, професор во средно училиште | Фото: БИРН

Душко Стојановски е професор по македонски јазик во средното училиште „Орце Николов“ во Скопје. Во своето 32-годишно работно искуство предавал и во основното и во средното образование. Го прашавме какви ученици се тие што сега имаат 16 години и што учат во реформиран образовен систем.

„Замолчени. Не знаат да кажат свое мислење. Како апарат на копче се. Совршено ќе ја кажат лекцијата, но свое мислење и критички ставови немаат“, вели Стојановски.

Тој, причината за ваквите генерации ја лоцира во „наставниците преоптоварени со администрација“, па вели немаат време навистина да им се посветат на учениците и на тоа што го предаваат. Но, посочува и друга причина зошто образованието и по толку реформи се чини дека станува сѐ полошо. На немањето систем.

„Кај нас сѐ е сведено на ентузијазмот на индивидуата. Ако професорот сака да работи, ќе работи, а нема да гледа само да му помине денот и никој нема да го спречи во таквиот пристап кон работата“, вели Стојановски.

На прашањето каков образовен систем е македонскиот, професорот вели „никаков, ова е систем што не постои никаде“.

Ако се анализира она што се направи во образованието, во последниве 16 години, од 2006 до денес, се покажува дека реформите имаат континуитет  кога во МОН се менуваат министри од иста влада, но кога ќе се смени власта, се оди кон сосема нов концепт.

Десет министри за образование се сменија од 2006 година, кога првпат власта ја формираше ВМРО-ДПМНЕ, до денес кога веќе петта година владее СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ – дисперзирани факултети, деветолетка, Кембриџ програма…

Поголемите реформи што предизвикаа промени во македонското образование се случија за време на првата влада на Никола Груевски, кога министер за образование беше Сулејман Рушити од тогашниот владин коалициски партнер ДПА.

Студенетски протести во 2016 година | Фото: БИРН

Тој беше на позицијата од 2006 до 2008 година и за време на неговото министерување стартуваше девотолетката во основното образование и задолжителното средно образование.

Во 2007 година беше усвоен Законот за основно образование, со кој се воведоа два изборни предмета во шесто одделение – веронаука и историја на религиите. Во 2009 година, веронауката „падна“ на Уставен суд, но како изборни беа воведени предметите: Етика на религиите, Запознавање на религиите и Класична култура во европската цивилизација.

Овие две реформи воведени во времето на Рушити сѐ уште се живи во македонскиот образовен систем.

По него, на раководното место во Министерството за образование дојде Перо Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ. Toj беше на позицијата помалку од една година и за време на неговото раководење почнаа да се спроведуваат дисперзираните студии и факултети, чекор за кој, и покрај стравувањата дека ќе значи неквалитетно високо образование, надлежните убедуваа дека немало да влијае.

Во 2009 година, министер стана Никола Тодоров. Стартуваше со најава за целосна промена на структурата на образованието. Во 2011 година, пред да ја напушти министерската позиција, се спроведе и пробното екстерно тестирање, кое потоа стана задолжително.

Тодоров, кој се сметаше како „човек за сѐ“ на тогашниот премиер Груевски,  ги најави и ги постави темелите на реформите што подоцна беа спроведени, како на пример нови учебници, електронски дневник, бесплатни учебници, нов закон за високо образование.

Дел од овие работи ги реализираше наследникот на министерската позиција, Панче Кралев. Во негово време се отворија најмногу приватни факултети за кои тој тврдеше дека ќе ја зголемат конкуренцијата, а со тоа и квалитетот.

По него дојде Спиро Ристовски од истата партија и го продолжи најавениот концепт. Тој, на позицијата беше во 2013 и во 2014 година, време во кое се воведе учењето по таканаречената Кембриџ програма поради што и се сменија учебниците. 

Абдулаќим Адеми од ДУИ стана следен министер за образование во 2014 година. Тој требаше да ја спроведе идејата за нов закон за високо образование, за кој се сметаше дека ја намалува автономијата на универзитетите и кој не помина поради големите протести на студентите и на професорите.

Последен министер во владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ беше Пиштар Љутвиу. Назначен е во 2016 и тој во својот едногодишен мандат, јавно не туркаше реформски процеси. Една од ретките работи што Љутвиу можеше јавно да ја промовира како свој успех беше отворањето на државниот универзитет „Мајка Тереза“.

Сево ова беше силно критикувано од тогашната опозиција предводена од СДСМ. Тврдеа дека образованието се упропастува, најавуваа нова европска концепција и подобрување на резултатите од меѓународните рангирања.

СДСМ – укинување на екстерното и нов концепт за основно образование

Прва министерка за образование во владата на СДСМ, која дојде во 2017 година, е Рената Дескоска. Професорката од Правниот факултет „Јустинијан Први“ веднаш го реализира она што беше ветено во изборната програма на партијата од 2016 година, го укина екстерното тестирање воведено од владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Истата година, владата донесе одлука да биде одложена имплементацијата на Кембриџ програмата за прва година на гимназиското образование, средното стручно четиригодишно образование и за средното стручно тригодишно образование.

Во 2018 година, Дескоска формира  и работна група за реформи во образованието. Накусо, препораките на таа работна група беа наставниот час до петто одделение да трае 55 минути од кои 40 минути за учење и 15 за одмор, учениците од прво одделение да не смеат да имаат повеќе од четири часа дневно, да нема домашни задачи, да се намалат тестовите, паралелките да бидат со помал број ученици…

Ништо од сето тоа не стигна на дневен ред за реализација. Дескоска, по една година во образованието, се пресели во Министерството за правда.

На нејзино место дојде кадар од ДУИ, Арбр Адеми. Тогаш се чини реформите што ги најавуваше СДСМ во својата програма не беа приоритет на Министерството за кое доминантна тема беше образованието на почетокот на пандемијата.

По предвремените избори во 2020 година, министерка стана Мила Царовска, за која се имаше впечаток дека е упорна и истрајна според реформите што ги спроведе на претходната министерска позиција во Труд и социјала.

Реформите почнаа од оваа учебна година и ги опфаќаат учениците од прво и од четврто одделение. Тие требаше да го зајакнат критичкото размислување, воспитниот процес и да дадат широка понуда на изборни предмети. Реформите требаше да се спроведуваат по меѓународен рецепт, кои, како што изјави Царовска, „давал високи резултати на меѓународни тестирања“.

Продолжува ли Шакири со реформите на Царовска?

Ученици во средно училиште, | Фото: Роберт Атанасовски

Најавениот почеток веднаш предизвика и отпор. Најгласните противници се бунтуваа главно поради две работи – дигитализацијата на учебниците и внесувањето на родово-сензитивното образование во училиштата. Аргументите беа дека ништо не можело да ги замени учебниците и дека преку родово-сензитивното образование, всушност, ќе се пропагирала сексуална определба.

Тие неформални групи организираа и протести. Но, реформите почнаа, а поранешната министерка за образование упорно ги бранеше, наведувајќи дека се неопходни. Тоа е и периодот во кој состојбите во образованието беа повторно една од главните медиумски содржини.

Сега, темата не е во фокусот на јавноста. Наследникот на позицијата на Царовска, актуелниот министер Јетон Шакири, неодамна рече дека спроведуваат темелна реформа на образовниот систем. Го спомена и терминот што Царовска често го споменуваше како министерка – дека со реформите учениците учат за граѓанските права, толеранцијата и различностите, со што навести дека тие реформи, иако се стишени, не се запрени.

БИРН, минатата недела испрати прашања до Министерството за образование и наука поврзани со тоа дали и со какво темпо продолжуваат реформите, но до објавување на текстот одговори не стигнаа.

Како своевиден знак за продолжување на реформите, оптимистот може да го толкува тоа што на страницата на Министерството за образование и наука, каде што е објавен конкурс за учебници за основното образование, во кој се наведува дека треба да ги исполнуваат условите и стандардите согласно „Концепцијата за учебник за основното и средното образование“ усвоена со последните измени на Царовска. За конкурсот објавен во март, неодамна е продолжен рокот за доставување материјали.

Но, за другото инсистирање на својата претходничка, а тоа е дигитализацијата на учебниците, Шакири јавно кажа дека нема да се држи.  

„Печатената верзија на учебниците, согласно постоечкиот Закон за учебници во основното и во средното образование, е неопходна во наставата, но тоа не ја исклучува и важноста на дигиталната форма“, рече Шакири.

Сите партии, повеќе или помалку во своите настапи и предизборни ветувања, говорат за системски реформи, за „светски стандарди“. Во овие 16 години се сменија 10 министри, а македонското образование и натаму е на дното во светските рангирања.