Џејми Шеј беше јавно лице на кампањата на НАТО, која за цел имаше да ги потисне српските сили од Косово во 1999 година. Иако во Косово му се восхитуваа, а во Србија го презираа, тој неизбежно со месеци се појавуваше на телевизија.
Денес, овој пензиониран ветеран на НАТО, има помала јавна улога. Тој е професор по стратегија и безбедност на Универзитетот Ексетер во Југозападна Англија.
Во интервју за телевизиската емисија на БИРН Косово, „Животот во Косово”, во која се разговараше за кампањата на НАТО, со која заврши српското владеење во Косово, тој говореше за „шокантните и напнати моменти” во јуни 1999 година, кога руските сили, преку Босна и Херцеговина, влегоа во Косово, и пред пристигнувањето на силите на НАТО, го зазедоа аеродромот во Приштина.
Со денови се разговарало за пресметка, па дури и за војна, помеѓу НАТО и Русија, врзано за тогашната српска покраина.
„Вистинската опасност што ја имавме тој ден, беше загриженоста дека Русите ќе испратат специјални сили, повеќе сили, директно од Русија, преку Источна Европа во Косово, за да се зајакнат руските трупи што веќе беа стационирани, така што ќе се справувавме со многу поголем руски контингент, што можеби ќе го заземеше северниот дел од Косово или некој друг сектор“, изјави Шеј.
Оваа можност го загрижи НАТО дека Косово ќе се подели, како што беше поделена и Германија, на руска и на западна зона.
„Помислете на Берлин за време на Втората светска војна”, рече Шеј, алудирајќи на поделбата на Берлин на источен и на западен дел, која траеше речиси половина век.
За Шеј, овој напнат момент траел сѐ додека Чешка, Унгарија и Полска, кои штотуку ѝ се приклучија на Северноатлантската алијанса, не го блокираа својот воздушен простор, со што ја спречија Русија, преку копно или воздух, да испрати дополнителни трупи.
Рускиот воен контингент, по неколку месеци, конечно се повлече, истакна Шеј, оставајќи ја територијата на Косово под целосна контрола на НАТО. Со ова се излезе од ‘ќор-сокакот’.
Илјадници Срби избегаа од Косово по падот на српското владеење, но Шеј нагласува дека НАТО го спречил целосното етничко чистење, како што тоа беше случај во БиХ.
„Мило ми е што НАТО успеа да го спречи етничкото чистење во Косово и да ја научи лекцијата од Босна, која навистина беше многу трагична”, додаде Шеј.
Дваесет години подоцна, Шеј не го потценува ризикот, Русија да го прошири своето влијание во регионот.
Сепак, тој, исто така, нагласува дека Балканот е ориентиран кон евроатланските интеграции, и дека тука Русија малку добила.
„Ако се вратите наназад, особено во последните 20 години, ќе видите која беше генералната насока, ќе видите дека 99% од регионот се приближи кон НАТО, кон структурите на ЕУ и евроатланските интеграции”, нагласи тој.
„Да бев јас претседателот (Владимир) Путин, сигурно ќе видев дека не сум победник во овој процес”, рече тој.
Шеј вели дека е горд што придонел, како што истакна, кон ослободувањето на косовските Албанци.
Сепак, тој не ги поддржува сите неодамнешни настани во оваа земја, особено во врска со формирањето на војската на Косово, поради што НАТО упати критики.
Тој, уште во 2017 година, во едно интервју за БИРН, го постави прашањето, колку е мудро трансформирањето на лесно вооружените Косовски безбедносни сили (КБС), во војска.
И денес е скептичен околу начинот на кој работата се заврши.
Наместо војската да биде формирана со промена на уставот, за што ќе беше потребна поддршка од пратениците на српското малцинство, Косово одлучи да влезе на задната страна, само со менување на постоечките овластувања на КБС.
Шеј нагласи оти повеќе би сакал редовна уставна трансформација на КБС, наместо трансформација со посебен закон, усвоен во декември минатата година.
Тој додаде дека со придржување кон постапките, што подразбира широки консултации со НАТО, со локалните актери и со малцинствата, војската ќе беше повеќе „мултиетничка сила”.
Сепак, Шеј истакнува оти Косово е меѓународно заштитена земја и изрази надеж дека косовското општество ќе се концентрира повеќе на прашањата како што е образованието, а не безбедноста.
„Постојат некои членки на НАТО кои би биле среќни да имаат 5.000 војници на НАТО на нивна територија, така што Косово е меѓународно заштитена земја”, заклучи тој.