Ракопис

„Димитрие Туцовиќ“

Раскази: Улиците што ги нема

 

nebeska-skopjanovna1

– Раните осумдесетти години, не можеа, на пример, да се купат хулахопки во боја. Имаше само обични, безбојни, што тогаш ги викавме кожа-боја, едни грдo сиви што сите ги викавме „миш“ и црни. Ама црните беа наменети само за робитни госпоѓи – рече Веско и го оближа конецот со јазикот за да може полесно да го вдене во иглата. – Робитни госпоѓи беа сите кои жалеа некого, маж, родители,.. или кого било за кого што сметаа дека заслужува да бидат облечени во црно од глава до петици и тоа, на пример, најретко и најмалку – една недела, т.е. до првата сабота по смртта; четириесет дена или најчесто – цела година; најдолго три, пет, седум години или засекогаш – со вешт раскажувачки глас и со уште повешти прсти, Веско веќе правеше јазолче на крајот од конецот за да почне да везе.

le-dimitrie-tucovic-risto-siskov1a

– А што е фазонот со хулахопките во боја? – праша најмладата учесничка на работилницата за везење, речиси дете, која прв пат се соочуваше со приказните на Веско како пролегомена во уметноста на везењето оваа неталентирана есен на поранешната улица „Димитрие Туцовиќ“, сегашната „Ристо Шишков“, зад сегашната Влада, поранешниот ЦК.

– Е, тогаш, на пример, фазон беше да се носат хулахопки во боја. Сите поинтересни девојки во гимназиите носеа такви. На пример, жолти, црвени, зелени, сини… Јас бев стручњак за боење зелени и виолетови хулахопки! – Веско веќе го држеше белото платненце на кое требаше да им ги демонстрира основните бодови при везењето со црн конец.

– Убава зелена боја не се добиваше лесно. Најдобро беше лете, а лете, пак, не се носеа хулахопки, туку девојките одеа боси, уф, уф, боси ножиња во сандалчиња… На пример, итрите си правеа зелени хулахопки лете, за да им е убава нијансата наесен. Зашто, лушпите од пченка даваат најубава зелена боја на свет некаде кон крајот на август. Се лупат кочаните, лушпите сосе косата, знаете, онаа свилата на пченките, се потопуваат во тенџере, отстојуваат неколку часа и потоа сето тоа се вари на умерена температура. Кога ќе се постигне саканата зелена нијанса, на пример, лушпите и косата се фрлаат, сѐ се процедува и се враќа во тенџерето, се потопуваат хулахопките и се чека да ја примат бојата.

– Ах! – се боцна со иглата и вресна најмладата учесничка.

Веско знаеше на што се однесува тоа „ах“, ама зборот си го впрегна во својот раскажувачки јарем. – Ах, не ах, така се добиваа зелени хулахопки.

– Ама јас…

– Тебе те интересира како се правеа виолетови хулахопки? На пример, тоа беше полесно. Се земаше срце од мастилав молив, се ставаше во врела вода и се внимаваше да се постигне саканата нијанса на водата. Потоа само се потопуваа хулахопките, кожа-боја, секако, и требаше да се знае што да се очекува. Секогаш треба да се знае што да се очекува, не можеш да се залетуваш во ѕидот на очекувањата како брав! Бојата на хулахопките задолжително е за нијанса побледа од бојата на водата… Ајде сега доста приказни! Дали сите ги вденавте иглите со по две нишки конец? На пример, да, така? Должината на конецот ве одредува како жени, како судбини, не како везилки!

– Како мислите? – потпраша една темерута повозрасна жена која беспрекорно правеше сѐ, иако беше запишана во почетничка група.

– Едноставно…. – Веско за миг се поколеба дали да им го каже суеверието дека девојките што вденуваат предолги конци в игла, ќе се омажат далеку; жените кои вденуваат предолги конци, ќе си ги испратат децата далеку од своите огништа; дека кратките вденати конци значат мажење блиску до дома… Сепак, си одмолча.

– Ајде, вденавте?

– Колку по правило треба да биде долг конецот? – праша една убава, тукушто расцутена девојка.

– Нема правила за тоа! Зависи само од тебе! – загадочно се насмевна Веско и додаде: – Вдени бескрај или вдени ништо во иглата. Како сакаш.

Така секогаш почнуваа часовите по рачна работа кај Веско. Се разбира не со истата приказна за хулахопки, туку за најразлични други практики и тактики од времето на неговата младост. Веско беше пораснал со две баби, мајка и четири постари сестри и немаше што не знае да работи. Од везење до раскажување. Од озборување до хеклање, од плачење до ткаење. Кога остана во пензија во Државниот завод за статистика, Веско реши да престане скришно да биде рачноработен и својата страст да ја обзнани, дури да ја претвори и во смисла и во професија каква што никогаш, всушност, и немал. Дел од својата куќа на поранешната „Димитрие Туцовиќ“, сегашната „Ристо Шишков“, од десната страна ако доаѓате од центар или од лева, ако се враќате од парк, ја адаптираше во работилница за десетина жени. Или девојки. Или речиси деца. Или мешано, како оваа неталентирана есен… Предминатата зима ги учеше да плетат со две игли, минатата да хеклаат со една, со чингелакија, еве, годинава ќе ги учи да везат полн вез. Ќе објавеше на Фејсбук, ќе се пријавеа и толку. Најважно од сѐ беше што Веско повеќе не го криеше она што најмногу го сакаше и што најдобро знаеше да го прави.

Убавата, тукушто расцутена девојка добро напредуваше во везењето, ама времето премногу ѝ се тенчеше на вденување. Везеше со прекратки конци, сечеше по одвај десетина сантиметри од чилето, ќе навезеше два-три бода, па пак вденуваше и сѐ така… Веско првин само ја набљудуваше, но, кога почна да ѝ паѓа и иглата од рацете, а таа брзо-брзо ја креваше одземи, не водејќи сметка дали врвот или ушите се од нејзината страна („Ако ви падне иглата за време на везење, мора првин да видите како е падната! Ако врвот ѝ е накај вас, не смеете да ја кренете, зашто тоа носи несреќа! Мора да земете нова игла! Ако е падната со ушите накај вас, си ја кревате и си продолжувате!“), реши да ја скара.

– Зошто сечеш толку кратки конци? Никогаш ништо нема да навезеш, зашто… Убавата девојка му ја пресече реченицата со својот наострен и вжештен љубовен поглед и Веско во нејзините зеници наѕре дека таа…

– Знаеш за суеверијата поврзани со должината на конецот со кој се везе? – ја праша со шепот.

– Да, како не! Баба ми ми раскажуваше многу такви работи… Знаете – се приближи кон Веско непристојно близу – вљубена сум до болка во соседот што живее во станот до нас… Ќе умрам по него, морам да везам со толку куси конци, за да останам засекогаш со него. Во станот до нашиот. Видете, дури и врвците си ги скратив, одвај ги врзувам патиките!

Веско ја погледна во нозете и ја виде нејзината љубов врзана во слеп јазол. На машничка не можеше ни да се помисли! Токму тогаш, по којзнае кој пат, ѝ падна и иглата. Со врвот накај неа! Девојката махинално се наведна, ама Веско ѝ свика:

– Не земај ја, еве ти нова!

– Зошто нова?

– За да му се вденеш во срцето и ти нему! За да останеш засекогаш во соседниот стан. И за да не ги кратиш врвците на патиките никогаш повеќе. Да си врзуваш машнички како сите изнасакани луѓе.

mac1-dimitrie-tucovic-risto-siskova

Фотоилустрација: З.Р.