Вкупниот буџет за медиумската кампања што ја спроведе ВМРО-ДПМНЕ по повод една година откако дојде на власт изнесувал околу 33.000 евра (2.019.075,19 денари). Оваа информација партијата ја даде за БИРН, неколку часа по објавувањето на текстот „ВМРО-ДПМНЕ ги крие трошоците на кампањата за една година власт“, каде што детално објаснивме колку тешко партиите даваат информации за трошењето партиски пари, иако имаат законска обврска тоа да го направат.
Одговорот на ВМРО-ДПМНЕ пристигна 2,5 месеци по првото барање за пристап до информации од јавен карактер и 24 дена по неговото препраќање, бидејќи од партијата тврдеа дека првично не го примиле мејлот. Законскиот рок за одговор е 20 дена.
Во меѓувреме, БИРН поднесе жалба до Агенцијата за заштита на правото на пристап до информации, која одлучи во полза на медиумот и ѝ наложи на партијата да ги достави бараните податоци.
Од ВМРО-ДПМНЕ побаравме само две информации: колку чинел вкупниот буџет за кампањата „Доаѓа времето на Македонија! Ги градиме темелите на промените“ и колкав дел од него бил наменет за емитување.
Во одговорот, што пристигна по јавниот притисок, се наведува и дека нешто под 23.000 евра од вкупниот буџет, биле потрошени за билбордите кои се појавија непосредно по одбележувањето на годишнината, а дека не биле трошени пари за реклами на социјални мрежи и други медиуми.
Предвесник на кампањата беше собирот пред Владата на 23 јуни, кога премиерот Христијан Мицкоски даде отчет за сработеното во првата година од мандатот на новата влада. Во отчетот пред јавноста не изостанаа фалбите за изградените километри патишта, зголемените плати и пензии, како и издвоените средства за бизнисите, општините и животната средина.
Овие пораки потоа се префрлија на социјалните мрежи и билбордите, обликувани во медиумската кампања финансирана од ВМРО-ДПМНЕ.
Податоците за тоа каде партиите ги трошат своите пари станаа достапни по 2019 година, кога со новиот закон за пристап до информации од јавен карактер за првпат беа опфатени и партиите.
Целта на оваа измена беше поголема транспарентност во трошењето на партиските средства, особено затоа што од државниот буџет годишно се издвојуваат големи суми. Само оваа година, по 0,15 проценти од буџетот, за работата на партиите ќе бидат потрошени над 7 милиони евра.
Сепак, проблемот со транспарентноста остана. Според досегашното искуство на БИРН, вклучително и последното со ВМРО-ДПМНЕ, партиите и натаму тешко се решаваат да откријат како ги трошат парите за медиумски кампањи.