Истражувањa

Транспарентност на партиите: Патот по кој безволно се оди

Купување време и бедем од изговори, карактеристики на партиската отчетност во Македонија

  • 5
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Политичките партии безволно и на „лажичка“ или, пак, воопшто не откриваат информации поврзани со своите пари, иако од лани тоа им е законска обврска. Вакво е искуството на БИРН, откако повеќе од еден месец се обидуваме од партиите да дознаеме кој сѐ и за колку пари им ги осмислил и им ги изработил кампањите за изборите што се одржаа на 15 јули годинава.

Бргу по почетокот на кампањата, на 25 јуни испративме барање до петте најголеми партии – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса за Албанците и до БЕСА да ни ги достават договорите што ги потпишале со фирмите и лицата за осмислување и за изработка на реклами.

Речиси сите партии во принцип се затворија, иако манифестацијата им беше различна.

Некои се обидуваа да се надмудруваат кој закон важи за изборите, други одбивањето да одговорат го закопаа во правнички флоскули, останатите или не нѐ разбраа или не сакаа да сфатат што бараме.

Сите купуваа време, и само во еден случај, бескорисен одговор добивме во законскиот рок, и тоа на последниот 20-ти ден.

„Па, Вие ни пративте барање сред кампања“, вака заврши еден од десетиците телефонски разговори што ги имавме со партиските лица одговорни за обезбедување информации од јавен карактер.

Купување време и бедем од изговори

Првата инстинктивна реакција од СДСМ беше дека сме ја згрешиле адресата. Сме барале отчетност од партијата, а сите трошоци околу изборите ги покривала коалицијата „Можеме“.

„Ние се водиме според Изборниот законик, а не според Законот за слободен пристап. Сите податоци ќе ги доставиме до институциите“, нѐ подучуваше партискиот офицер за информации од јавен карактер, откако му објаснивме што бараме.

Ваквата аргументација, меѓу редови, значеше дека ништо нема да добиеме, па затоа продолживме да се јавуваме и да ги потсетуваме партиските административци која им е обврската.

Дваесет и третиот ден по испраќањето на барањето добивме имејл со ветување дека ќе добиеме „податоци за вредноста на договорите“. Никаде не се спомнуваа договорите и затоа воопшто не се изненадивме кога неколку дена подоцна или точно кажано 27-от ден по испраќањето на барањето ги добивме само имињата на продуцентските куќи со кои партијата соработувала и договорените суми.

Договорите не ги добивме. Меѓутоа, инсистиравме, и во следните неколку дена, офицерот за информации, сепак, ни ги даде документите.

Потоа владејачката партија ги објави истите податоци во извештајот за изборните трошоци.

Информација може, но не „црно на бело“ | Фото: БИРН/ В.Апостолов 

Со ВМРО-ДПМНЕ одеше потешко и комуникацијата. И покрај сите обиди, не можевме да утврдиме дали партискиот офицер за информации воопшто го добил барањето, кое, согласно законот, го пративме по пошта и преку имејл.

„Ќе Ве известам до крајот на денот“, ветуваше дамата одговорна за информации во ВМРО-ДПМНЕ и редовно не го исполнуваше ветувањето.

Десеттиот ден од рокот, откако повторно се заинтересиравме за судбината на нашето барање, добивме сув одговор по СМС.

„Барањето е добиено и соодветно, согласно законските рокови ќе бидете информирани.“

Не беше баш така.

Писмото го пратиле два дена по рокот, а го добивме по пошта дури на 32-от ден од барањето. Во него немаше договори, ниту каква било информација во врска со кампањите. На квалитетен картон, во боите и со шарите на коалицијата Обнова за Македонија, со потпис од генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев, нѐ информираа:

„Барањето информација во својата природа претставува облигационо правен однос Inter partes и во својата содржина е различна од описот на информации од јавен карактер наведен погоре во ова известување, а согласно наведениот позитивно-правен законски пропис.“

Во писмото се бараше да го конкретизираме барањето, поради што претпоставивме дека можеби би биле расположени да ги откријат сумите, но не и продуцентските куќи со кои соработувале. Тоа и го сторивме.

По вториот обид, точно на истекот од вторите дваесет дена, добивме допис од ВМРО-ДПМНЕ во кој нè подучуваат дека информацијата можеме да ја добиеме на нивниот сајт во деталниот извештај за изборните трошоци.

Во тој документ ја има само вкупната сума потрошена за „реклама и пропаганда“, што е далеку од целосната информација што ја баравме.

ДУИ беа единствените што одговорија во предвидениот рок, меѓутоа немаше многу фајде од тоа зашто одговорот немаше допирни точки со она што нѐ интересираше. Ние баравме информации за ангажманот на продуцентските куќи што им ги направиле рекламите, а тие нѐ упатуваа на медиумите што им ги емитувале рекламите.

Слична беше комуникацијата и со Алијанса за Албанците. Оттаму, по рокот ни ги пратија договорите што ги потпишале со телевизиите, кои, секако, не беа интерес на нашето барање.

Со БЕСА само си го разменивме формуларот што се користи во административната процедура при барање за слободен пристап на информации. Им го пративме формуларот со конкретното барање, а тие ни го вратија истиот документ само со нивен потпис, убедени дека тоа е сѐ што требало да направат.

Секој со свое видување на „отчетност“

Како никогаш досега, институциите задолжени за следење на изборите се полни со извештаи од партиите и од медиумите, меѓутоа тој квантитет веднаш не резултира со квалитетни информации.

На хартија изгледа сосема добра идејата партиите и медиумите да објават со кого и за колку пари соработувале во кампања, бидејќи така се намалува просторот за маневар на секоја од страните.

Меѓутоа, овој систем не функционира во целост. Се покажа дека транспарентноста е невозможна без закони и без политичка волја, но потребно е и нешто повеќе – знаење, обучени луѓе и време за да се „прележат детските болести“, односно да се воспостави систем, кој бргу и без грешки ќе овозможува квалитетни и целосни информации.

БИРН изброи 90 медиуми, чиј извештај не е објавен на некоја од надлежните институции, а ги има во партиските „рипорти“. Половина и повеќе се портали.

ДИК им го продолжи рокот за извештите до 7 август, меѓутоа оттаму неофицијално велат дека, според претходното искуство, целиот процес ќе потрае до крајот на месецов.

Дополнително, различни медиуми различно ги пополнуваат извештите. Или не е специфицирано дали е пресметан ДДВ во цената за реклами или недостасува појаснување дека зад правното лице што го поднесува извештајот, стојат повеќе портали.

Програмите „полни“ со транспареност | Фото: Facebook на СДСМ

Истото важи за партиите.

Сите не ги пополнуваат извештаите на ист начин и целосно. СДСМ, на пример, во својот извештај ги нема нотирано медиумите каде што се рекламите, иако со нас ги споделија тие информации доставувајќи ни табела на медиуми со кои се склучени договори.

Вкрстената анализа на објавените извештаи на медиумите и оние на партиите покажува дека три портали, или недостасуваат, или се поинаку заведени во „рипортот“ на ДУИ. Слична е ситуацијата и со едно радио во извештајот на ВМРО-ДПМНЕ, во кој воочивме и грешки во презентацијата на сумите одвоени за одредени медиуми.

Никако не може да се дојде до конкретна информација и за тоа колку партиите потрошиле на спонзорирани фејсбук-постови. Поминат е рокот од 20 дена од барањето на БИРН за информација околу трошоците за спонзорирани објави, меѓутоа одговор има само од ВМРО-ДПМНЕ.

Тие повторно упатуваат на партискиот извештај.

Меѓутоа, во делот околу Фејсбук, партиските извештаи не помагаат да се добие целата слика.

Во нив, покрај ВМРО-ДПМНЕ, и Алијанса за Албанците пријавиле сума за Фејсбук, меѓутоа од Белата палата за БИРН појаснија оти тоа е сумата што ја планирале (47.000 евра), но сѐ уште не можат да кажат колку точно потрошиле.

СДСМ нема ваков отчет, но за БИРН велат дека сумата се движи околу 17.000 евра.

Транспарентноста не живее овде

Неколку години наназад, на инсистирање на новинарскиот синдикат и невладините организации, се наметна идејата, партиите, исто како министерствата, општините и другите државни институции да бидат носители на информации од јавен карактер, со што ќе имаат обврска да одговараат на сите прашања за своето дејствување. 

Меѓутоа, конечното законско решение ги обврзува партиите да откриваат информации само во делот на приходите и расходите.

И се покажа дека таквата формулација ја исцрта онаа „мала врата“ преку која партиите ќе ги скријат конкретните услови и барања во склучените договори, а доколку е неопходно, ќе ги соопштуваат само сумите – но ним ќе треба да им се верува на чесен збор, без конкретен документ и договор што би го потврдил податокот.

Освен Законот за пристап до информации од јавен карактер, партиските финансии се регулирани и со други четири закони: Законот за политичките партии, Законот за финансирање на политичките партии, Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и Изборниот законик, меѓутоа како што веќе пишувавме, транспарентноста живее најчесто само во предизборните програми на партиите.