Истражувањa

Финансиски извештаи на партиите: грешка 404

Ретки се партиите што не ги кријат парите како змијата нозете

  • 6
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Веб-страниците на партиите функционираат како рекламни паноа. Може да најдете од ринг-тонови на партиски химни, до интервјуа, колумни и банери, но ако сакате да видите колку пари потрошиле во изминатите години, обидот кај многу од нив ќе ви биде залуден.

Проверката на БИРН покажа дека кај четири од шесте најголеми партии што влегоа во парламентот, годишните финансиски извештаи што им се законска обврска, или ги нема, или не се отвораат на партиските веб-страници.

Транспарентноста е задолжителна во партиските говори, но кога тие ќе стивнат, се сведува на празни зборови.

Транспарентност „на мускули“

Веб-страницата на ВМРО-ДПМНЕ

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ фрли многу пари за реклами и пропаганда за последните избори. Но, ако се заинтересирате да видите како оваа партија, која важеше за една од побогатите кај нас, низ годините ги трошела парите, таков податок на нивната страница нема да најдете.

„Не знам на што се должи тоа. Ќе им јавам на АјТи“, ни кажа Марија Митева, задолжена во име на партијата да доставува информации од јавен карактер, откако претходно партискиот портпарол не одговори ниту на повикот, ниту на пораката на БИРН.

А се обидовме да добиеме одговор зошто партијата на која Судот ѝ го „замрзна“ имотот, токму поради обвинение за незаконско финансирање, нема ниту трага од финансиски извештај на нивната веб-страница. Ниту напредното пребарување не резултираше со успех.

Но, затоа редовно се ажурираат рубриките „Твит на денот“, „Фејсбук-статус на денот“, а може да се симне и партиската химна како ринг-тон. Веб-сајтот ги има и тазе-ветувањата од последниот изборен мегдан, како што се оние  за „4 милијарди евра странски инвестиции“ и „25% повисока плата“.

Проверката на БИРН покажа дека и во минатото, кога партиите не беа носители на информации од јавен карактер, ВМРО-ДПМНЕ не доставувала копии од годишните финансиски извештаи кога тоа ѝ го барале граѓански организации, повикувајќи се на законот. Taква пресуда лоциравме во архивите на Управниот суд од 2011 година.

Истовремено, во програмата на коалицијата „Обнова за Македонија“, со која ВМРО-ДПМНЕ го бараше гласот на граѓаните, зборот отчетност се споменува на девет места, а „транспарентност“ и неговите варијации дури на 42.

Во согласност со заложбата за транспарентност, на која е особено горд, но и чувствителен ако се критикува, Социјалдемократскиот сојуз, во посебно мени на веб-страницата ги прикачил сите извештаи за финансиското работење од 2015 година, заклучно со последните парламентарни избори. Во листата ги има и извештаите за примени донации.

Но, освен регистрите и извештаите за донации за штотуку завршениот изборен циклус, не може да видите како партијата лани и низ годините ги трошела парите. Финансиските извештаи ги има како активен линк, ама на него пишува дека пребарувачот не може да ги пронајде.

Со пребарување на старата веб-страница, сепак, можат да се пронајдат постари извештаи за финансиското работење, ама за да успеете во тоа, треба да тргнете „пеш“ во обиколка на постарите верзии на партискиот веб. Но, дури и така, на линковите за некои од извештаите ќе го добиете познатото – грешка 404.

Одговорот што ќе го добиете на веб-страницата на СДСМ

„Го редизајниравме сајтот“, ни рече Бранко Георгиевски од СДСМ, појаснувајќи дека оваа обврска порано ѝ била доверено на компанија, но сега тоа го прават самите. Посочија дека сите извештаи најдоцна до утре ќе бидат објавени на веб-страницата и дека доколку во меѓувреме ни требаат, може да ни ги достават.

На веб-сајтот на ДУИ доминираат насловите „Али Ахмети се сретна со министерот за надворешни работи на Италија“, „Али Ахмети го честита Божик“, „Али Ахмети од Дебар: ветинг за сите“…

Го има Oхридскиот рамковен договор на албански јазик, па дури и имињата на државните секретари што биле назначени додека партијата била на власт низ годините. Сепак, ако сакате да проверите како партијата годишно ги трошела парите – потрагата нема да открие ништо.

Тоа е случај и во двете верзии на веб-страницата: и албанската и македонската. И од таму побаравме став, но не успеавме да воспоставиме контакт.

Слично е и со ДПА, од каде што во десеттиот парламентарен состав влезе лидерот на партијата, Мендух Тачи. И таму веб-страницата е полна со фотографии од неговите интервјуа, може да се најдат и колумни, но и овде нема податоци за тоа колку и како се трошело.

Aлијанса за Албанците, всушност, е единствената албанска партија што влезе во парламентот и што објавила годишни финансиски извештаи за две години, 2018 и 2019. Партијата е формирана на крајот од 2016 година, што значи дека недостасува извештај само за 2017 година.

Oд извештаите може да се види колку потрошила партијата за различни ставки од изнајмување простор и опрема, комунални услуги и греење…Ова особено е важно ако се знае дека партиите имаат и вработени членови на кои им исплаќаат плата и други надоместоци, се трошат пари за интелектуални и за други услуги.

Новата парламентарна партија „Левица“, која доби над 37 илјади гласови на последните избори и освои двајца пратеници, ветува дека ќе биде транспарентна, ако се суди по веб-страницата каде што прегледно ги објавила годишните финансиски извештаи за три години и една годишна сметка. Во нив има многу бројки: oд уплата на членарини, расходи за интелектуални услуги, трошоци за плати и сл.

Освен партиите што влегоа во парламентот, годишни финансиски извештаи тешко може да се најдат и на партиските страници на другите помали партии.

Закони по мерка на изборните победници

Многу закони, а малку транспарентност | Илустрација: БИРН

Дури четири закони ја регулираат отчетноста на партиските финансии: Законот за политички партии, Законот за финансирање на политичките партии, Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и Изборниот законик. Од лани, во делот на финансиското работење, партиите треба да бидат отчетни и според Законот за пристап до информации од јавен карактер.

Но, законите во Македонија често се менуваат. Честите, но скриени мотиви зад оваа појава можат да се илустрираат преку Законот за градење, кој за 11 години е изменет 29 пати. БИРН, во истражувањето за тоа како се дојде до маркицата за хотелот Мериот, покажа како менувањето на одредбите се прави за да се легализира, односно озакони желбата на некој инвеститор, зад кој всушност стои нечиј личен, односно партиски интерес.

Слично со Законот за градење, мошне често се менувал и Изборниот законик. Од 2006 година, кога бил донесен, до последното распуштање на парламентот, овој клучен закон претрпел 25 промени, или во просек – двапати годишно, односно на секои шест месеци.

Како последица на честите измени, во оптек се толку многу верзии, што прочистените и усогласени закони со измените се вистинска реткост, а последните промени веројатно ги знаат само тие што на преговарачка маса директно ги дизајнирале. На таа маса секогаш седат изборните победници, односно најголемите политички партии.

Законот за финансирање на политичките партии, исто така, има долга историја. Првпат е донесен во 2004 година, стапил во сила следната, 2005 година, а досега бил менуван седумпати, односно далеку помалку од Изборниот законик. Последната измена што ја дава регистарот на Министерството за правда е направена во 2018 година.

Хронолошкиот преглед што го направи БИРН на измените на овој закон покажа дека, наместо кон зголемување, промените се насочени кон намалување на отчетноста на финансиското работење.

Така, со законските измени од 2009 година, партиите имаа обврска да го објават годишниот финансиски извештај, не само на партиската веб-страница, туку и во еден од дневните весници и во Службен весник. Целта била да се зголеми транспарентноста и јавноста да има увид во финансиското работење на партиите.

Што, каде и кој објавува | Илустрација: БИРН

Меѓутоа, две години подоцна, односно во 2011 година, пратениците одлучиле дека оваа обврска е непотребна, па наместо во дневните весници и во Службен весник, партиите сега се должни извештаите да ги објават само едно место – на своите веб-страници.

Идентично со ова, наместо кварталните извештаи за донации, кои порано беа обврска, сега партиите се должни да поднесат само еден годишен извештај, па така, наместо да се следат неколкупати годишно трошоците, тоа е сведено на само еднаш годишно.

Освен тоа, годишната сметка за финансиското работење партиите ја доставуваат до Управата за јавни приходи, Централниот регистар и до Државниот завод за ревизија, а со законски измени од 2011 година, таа повеќе не се доставува до Министерството за финансии.

Сега Министерството e надлежно само да го пропише правилникот за обрасците за водење на регистарот на донации и годишниот финансиски извештај на партиите и еднаш годишно да спроведе обуки за материјално-финансиското работење и начинот како да се пополни извештајот.

А токму Законот за финансирање на политичките партии е клучен дел од легислативата, кој овозможува контрола врз трошењето на парите, бидејќи преку него директно се гледа колкав износ се исплаќа за изнајмување простории, опрема, за плати и за други расходи.

Партиите мора да изготват годишен финансиски извештај за претходната година, каде што треба да бидат наведени и потсметките на локалните ограноци и потсметката на партиско истражувачко-аналитичкиот центар.

„Согласно член 27-а, годишниот финансиски извештај политичката партија е должна јавно да го објави на својата веб-страница, најдоцна до 30 април во тековната година за претходната година“, пишува во законот.

Нема извештаи, нема пари, нема проблем

Постојано се суспендира исплата на државни пари за партиите | Илустрација: БИРН

Државниот завод за ревизија е надлежен да врши надзор над материјално-финансиското работење на политичките партии. Ако утврдат неправилности, ревизорите имаат одврзани раце, не само да побараат запирање на исплатата на државни пари, туку и да поднесат барање за поведување прекршочна постапка или, пак, да пријават до јавен обвинител.

Еден од клучните механизми за контрола е токму суспендирањето на финансиите што партиите ги добиваат од државата кога нема да ги поднесат финансиските извештаи.

„Независно од прекршочната одговорност, политичката партија која во пропишаниот рок нема да го објави годишниот финансиски извештај согласно со членот 27-а од овој закон, го губи правото на редовно годишно финансирање од Буџетот на Република Македонија, за период од три месеци“, пишува во законот.

Е арно ама и тоа може да се отповика ако во меѓувреме партиите ги исполнат обврските.

Во 2018 година, министерот за правда, Билен Салији, по предлог на ревизорите, потпиша решенија за суспензија на годишното финансирање за 26 партии. Тогашното образложение беше дека партиите не доставиле еден или сите три потребни документи до ДЗР: годишен финансиски извештај, извештај за донации и годишна сметка.

Го прашавме Министерството за правда каква била состојбата лани. Од таму ни испратија податоци, според кои, првично за 14 партии било суспендирано годишното финансирање поради не достава на финансиските документи.

Но, некои партии ги доставиле дополнително, па конечната листа на суспендирани партии се свела на шест: „Oбединети за Македонија“, „Македонска алијанса“, „Сојуз на Титови леви сили“, „Демократски сили на Ромите“, „Српска напредна странка“ и „Единство – Унитети“. Со тоа запрена била исплата од буџетот на над 113 илјади евра.

Кратења пари има, глоби нема

ДЗР лани направил ревизија на пет партии | Фото: БИРН

Како и во секој друг закон, така и во Законот за финансирање на партиите е предвидена не само суспензија на државните пари за партиите, туку и прекршочни глоби за недоставување на финансиските документи.

Партиите овде биле особено внимателни кон определување на висината на глобата, па така, од 400 до 800 евра е глобата за лицето од партијата aко не достави финансиски извештај, а за самата партија како правно лице износот е меѓу 2.500 евра до 5.000 евра.

Низ текот на годините, партиите со измени на законот си овозможиле и т.н. „вонсудско порамнување“, односно директно договарање со органот кој бара да бидат казнети, надвор од судот, што значи без судски трошоци за постапката.

БИРН го праша Државниот завод за ревизија, како надлежен орган, дали за некоја од партиите што не ги доставила финансиските документи, покрај барање за суспензија на исплатата од буџетот, побарале и прекршочна одговорност.

Од ДЗР ни рекоа дека не поднеле прекршочни пријави за партиите. Образложија дека во „конечните ревизорски извештаи не се констатирани состојби кои би претставувале основа за поднесување барање за поведување прекршочна постапка или пријава до надлежниот јавен обвинител“.