Истражувањa

Повеќе од милион евра е цената на изборната ТВ-пропаганда

Нема изненадувања во поглед на тоа која партија каде се рекламирала

Само петте национални телевизии Сител, Канал 5, Алсат-М, Телма и Алфа ќе инкасираат вкупно милион и 100.000 евра од предизборните спотови на партиите и на коалициите што учествуваа на предвремените избори за пратеници на 15 јули годинава.

Овој податок произлегува од истражувањето на БИРН на медиумските побарувања, кои неделава континуирано ги објавуваат државните институции надлежни за регулирање на изборниот процес.

Сумата што сите учесници на изборите треба да ја платат за медиумска презентација, во моментов надминува два милиони евра, но таа не е конечна, бидејќи сѐ уште се очекуваат податоците за рекламите што се емитувале на помалите телевизии и на дел од порталите и од радијата.

Националните телевизии се најгледаните и воопшто најпопуларните медиуми во Македонија и затоа сосема очекувано е што повеќе од половина од изборниот рекламен колач отишол кај нив.

Телевизија со најголем изборен приход е Сител, со нешто околу 283.000 евра, втора е Канал 5 со 281.000, па следат Алсат – М со 262.000, Телма со 160.000 и најмал приход од телевизиите со национална концесија има Алфа ТВ, вкупно 125.000 евра.

Loading...

Loading…

Солидни приходи има и Телевизија 24, која нема национална концесија, туку се пренесува преку кабелските оператори. Таа од изборните реклами ќе „изброи“ 119.000 евра.

Нашата обработка на медиумските извештаи не открива изненадувања во поглед на тоа која партија каде се рекламирала.

Коалициите на СДСМ (Можеме) и на ВМРО-ДПМНЕ (Обнова на Македонија) се релативно изедначени со рекламниот простор на Сител и на Канал 5, со мала предност од неколку процентни поени на владејачката партија, додека на Алфа буквално доминирале рекламите на партијата на Христијан Мицкоски – со дури 86 проценти од времето наменето за изборни пораки.

На, Телма, половина од рекламното време одвоено за избори го откупила коалицијата на СДСМ, а 30 проценти коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, додека на Алсат-М, која емитува програма претежно на албански јазик, очекувано доминирале пропагандните пораки на најголемата партија од албанскиот блок, ДУИ, со преку 60 проценти од просторот за изборни реклами.

Loading...

Loading…


Според податоците, преку 80 проценти од потрошените пари за изборни реклами отпаѓаат на парламентарните партии или на тие што учествуваа на изборите во 2016, што практично значи дека тие трошоци ќе ги плати државата.

Ова се вторите избори, први парламентарни, на кои државата преку Државната изборна комисија (ДИК) им ги плаќа медиумските промоции на партиите што учествувале на претходните избори за пратеници.

Ваквиот систем за првпат беше искористен на претседателските избори во 2019 година, откако претходно, во 2018 рекламите на државна сметка беа воведени во Изборниот законик.

Така, правилата велат дека партиите заедно може да потрошат најмногу по две евра од запишан гласач во избирачкиот список (1.814.263 гласачи) и оваа сума е без пресметан ДДВ. Резултатот на оваа равенка во евра покажува дека ДИК за изминативе избори им даде на партиите на располагање околу 4,28 милиони евра.

Сите партии што учествуваа на изборите во 2016 година не можеа еднакво да трошат пари од фондот вреден 4,28 милиони евра.

Коалициите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, како што предвидува законот, можеа да потрошат по околу 800.000 евра, додека партиите што немаат доволно пратеници за да формираат собраниска група или воопшто не влегле во законодавниот дом во 2016, можеа да потрошат по околу 40.000 евра.

Вкупната сума што партиите ја потрошиле на предизборно рекламирање ќе ја дознаеме деновиве, кога институциите конечно ќе ги објават сите побарувања на медиумите што биле дел од кампањата, иако не се очекува да има драстично зголемување на сумата од два милиони евра, зашто во неа веќе се пресметани парите што партиите ги потрошија за промоција во големите медиуми.

Loading...

Loading…

Овие нецелосни податоци, сепак, покажуваат дека коалициите на двете најголеми македонски партии потрошиле добар дел од она што им припаѓало, Можеме нарачала реклами за вредност која во овој момент достигнува 673.000 евра, додека Обнова на Македонија е на бројката од 658.000.

ДУИ е трета, со потрошени 324.000 евра.

Државната изборна комисија, во име на партиите, има обврска да им плати на медиумите најдоцна 90 дена по завршувањето на изборите.

На претседателските избори, партиите заедно потрошија 3,6 милиони, односно вкупно 3,8 милиони евра, ако се додадат и трошоците за предвремените локални избори во три општини што се одржаа паралелно со гласањето за нов шеф на државава.

Министерот за администрација и информатичко општество, Дамјан Манчевски, кој е одговорен и за медиумските реформи, во јунското интервју за БИРН обвини дека начинот на финансирање на политичките партии, и годишното финансирање и финансирањето на изборните реклами, денес е ваков поради уцената на ВМРО-ДПМНЕ во 2018.

Партијата, според Манчевски, со овие придобивки го условувала формирањето на новиот состав на ДИК, кој беше неопходен за реализирање на референдумот истата година.

Министерот, исто така, најави дека неговата партија, СДСМ, по изборите ќе се заложи да се укине системот на државно спонзорирани реклами за време на изборите.

„Идејата е да се напушти целосно овој дел, каде што директно од буџетот се финансира кампањата, затоа што и на ДИК му прави многу проблеми. И тие не сакаат да се занимаваат со извештаи и со фактури“, ни кажа пред изборите Манчевски.