Истражувањa

Скапите насмевки на политичарите од раскрсниците

Само за билборди во кампања отидоа речиси пола милион евра

  • 9
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Речиси две недели по крајот на изборната кампања, изборните билборди и рекламните паноа сè уште потсетуваат дека во земјава до скоро се одржувале избори.

Некои од нив веќе се заменети со реклами на телефонските оператори, банкарските и автомобилските понуди и друго, но на многу улици сè уште политичари нè гледаат „од високо“.

Изборите завршија, но сметките за наплата на политичката пропаганда стигнаа.

Освен во неколку случаи, оваа изборна кампања ја одбележа тоа што немаше големи митинзи и партиски настани заради заштита од корона вирусот. Сепак, партиите и коалициите ги искористија сите други можности што им стојат на располагање за да се рекламираат.

Една од нив, покрај социјалните мрежи, беше рекламирањето преку фирмите што стопанисуваат со закуп на билборди и рекламни паноа.

На крстосниците низ Скопје можеше да се забележи како на густо растојание од десетина метри беа поставени неколку билборди на политичките ривали. Па така, пред Железничката и меѓуградска станица во Скопје, долго време еден во друг „гледаат“ носителите на листите во првата изборна единица, Гордана Силјановска-Давкова и Никола Димитров, а „друштво“ од спротивната страна на улицата им прави лидерот на Интегра, Љупчо Ристовски.

Освен портретите со насмевки, од пораките со кои партиите им се додворуваа на гласачите уште може да се прочита: „Прочистување на судството“, „Рамен данок 8%“, „Ако останеш дома, ќе се врати Груевски“, „Просечна плата од 34.000 денари“…

Извештаите што двете компании „Акцент медиа“ и тетовската „Скрин медиа“ ги доставиле до државните ревизори за да си ги наплатат парите за рекламирањето на партиите, чинат пола милион евра, односно 440 илјади евра со вклучен ДДВ.

За билбордите низ сите шест изборни единици, повеќе фактурирала „Акцент медиа“ (приближно 268 илјади евра), бидејќи имала и повеќе закупен простор, а „Скрин медиа“ треба да наплати приближно 171 илјада евра.

Во нив може да се прочита дека еден дел од износите е веќе наплатен, а кај друг дел сè уште има побарувања.

Судејќи според досегашната ажурност на менување на содржините на билбордите, „честењето“ екстра денови за реклама на партиите ќе потрае уште.

Овие две фирми, вкупно за сите партии и коалиции издале рекламен простор на 599 билборди и паноа. Од партиите и коалициите што влегоа во парламентот, најмногу рекламен простор закупиле ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова за Македонија“ (246 билборди), а потоа СДСМ со коалицијата „Можеме“ (191).

Трета е ДУИ со 53, потоа Левица (20), па ДПА (14) и најмалку од парламентарните партии се рекламирала коалицијата „Алијанса – Алтернатива“ (11 билборди).

Скопје – таргет за билборди и паноа

ВМРО-ДПМНЕ закупи најмногу билборди | Фото: БИРН

Анализата на БИРН, за тоа како се сконцентрирани, односно распоредени билбордите, покажа дека најголемите партии најмногу се фокусирале во главниот град и во неговите општини за да се рекламираат на овој начин.

Во приложените извештаи пишува дека купувањето на овој рекламен простор се тарифира за 19 дена кампања, плус три дена за гласањето: од 24 јуни до 15 јули. Всушност, тој период меѓу 24 јуни и 15 јули се единствените бројки што се повторуваат во сите извештаи.

Ветување на ВМРО-ДПМНЕ со кое се бараше гласот на граѓаните | Фото: БИРН

Коалицијата „Обнова“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, од вкупно 246 билборди, повеќе од половината, односно 134 ги закупиле во Скопје. Од нив, во Општина Центар се рекламирале на 23 места, на 14 места во Карпош, 5 во Аеродром… Во градовите во внатрешноста, ваков тип пропаганден материјал имало и во Охрид, Штип, Струмица и во другите поголеми градови.

Клучното ветување на СДСМ од кампањата | Фото: БИРН

Само 13 од 131 рекламно пано на  „Акцент медиа“ закупени од коалицијата „Можеме“ биле надвор од Скопје. По општини, 22 билборди имало низ улиците на Центар, 19 во Карпош, а 6 во Аеродром. Ваква рекламна пропаганда од победничката коалиција има и во речиси сите градови: Битола, Прилеп, Струмица, Куманово…

За пропаганда може да се користат половина од билбордите

Максималниот број рекламни места за политичко рекламирање е 50 проценти од вкупниот број билборди и паноа на територијата на одредена општина и градот Скопје.

Кај албанските партии, рекордер во рекламирање е победникот во овој блок, ДУИ. Нивниот рекламен материјал го има на 23 места Скопје. По општини, билборди со постери од партијата има таму каде што претежно живее албанскиот електорат, во Чаир, Ѓорче Петров, Центар… Од внатрешноста, тука се и Тетово и Гостивар, градови од шестата изборна единица, каде што партијата освои седум од 15 пратенички мандати.

Локациите во Скопје, каде што граѓаните може да ги видат овие рекламни содржини, се пред стоковната куќа „Мост“, односно пред споменикот на Скендер-бег, на плоштадот Македонија пред зградата на T-хоум, пред трговскиот центар Сити мол…

Локациите по пат на ждрепка

Локациите што се нудеа за политичко рекламирање се распоредувале преку ждрепка, а слично како и со медиумите, ако политичката партија, коалиција или независен кандидат не го искористат вкупниот процент за закуп или извлечените локации, другите имаат право да го купат тој рекламен простор.

Левица закупила 20 билборди, од кои речиси половина (9) се поставени во Скопје: Центар, Гази Баба, Аеродром, а останатите во другите градови: Штип, Куманово, Охрид и Прилеп. Во главниот град, тие беа на семафорите пред Железничка, на булеварот Св. Климент Охридски…

Половина од вкупно 14 билборди што ги закупила ДПА се во Тетово, град во шестата изборна единица, од каде што во новиот парламент повторно влезе лидерот на партијата, Мендух Тачи. Другата половина главно во Скопје (Чаир) и Куманово.

Од политичките субјекти што влегоа во новиот десетти парламентарен состав, најмалку билборди oд сите партии има коалицијата меѓу Алијанса за Албанците и Алтернатива. Само 11. Од нив, два билборда има во Тетово, а другите се во Чаир, Центар, Ѓорче Петров, Кичево, Охрид…

Кампањата ве следи и ако патувате

Политичарите ќе ви бидат друштво низ Македонија | Фото: БИРН

Насмеаните ликови на политичарите и нивните пораки не ги „пресретнуваа“ само минувачите во градовите, туку и возачите кои се движат низ државата.

Ако влегувате или излегувате од Скопје, привремено ќе ве следат билборди на ВМРО-ДПМНЕ. Такви има на делницата Скопје – Петровец кај наплатната рампа, Кичево – Охрид, патните правци Скопје – Велес, пред и по наплатните рампи, и на други места.

Билборди на коалицијата „Можеме“ има од двете страни на патниот правец Охрид – Свети Наум, на патот Велес – Штип, Гостивар – Кичево, Куманово – Крива Паланка и други.

И ДУИ купила рекламен простор на патни правци, и тоа: Скопје – Блаце, пред граничниот премин, Кичево – Охрид.

Алијанса за Албанците го добиле за реклама патниот правец Скопје – Миладиновци кај Бунарџик, а ДПА закупила два билборди на правците: Тетово – Јажинце.

Од останатите вонпарламентарни партии што учествуваа на изборите, билборди кај двете фирми нарачале и конзервативната партија Интегра, потоа Глас за Македонија, Единствена Македонија на Јанко Бачев, ГДУ и Социјалдемократската унија. Најмногу рекламен простор од сите нив има Единствена Македонија (29 билборди).

Од 5.000 денари до над 5.000 евра за закупен билборд

Рекламите со различни цени: од 250 денари до над осум илјади денари од ден | Фото: БИРН

Зависно од локацијата и од видот на закупениот билборд варираат и единечните цени. Најниската просечна цена на билбордите со вклучен ДДВ е приближно 500 евра. На пример, билбордот на патниот правец Велес – Штип, кај селото Кадрифаково, за коалицијата предводена од СДСМ чинел 32.378 денари со вклучен ДДВ.

Можеби изгледа чудно, но купувањето рекламен простор во срцето на градот, односно на улицата Македонија, кај кафулето „Плеј“, за коалицијата „Обнова“ било поевтино од оној билборд поставен на фреквентниот патен правец Велес – Штип. Со вклучен ДДВ, вредноста е 10.938 денари.

Четириесет проценти за власта, 40 проценти за опозицијата

Изборниот законик пропишува дека 40 проценти од вкупниот број билброди и паноа им се достапни на двете најголеми партии од власта, кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови, односно СДСМ и ДУИ. Исто толку, 40 проценти за двете најголеми политички партии во опозиција, односно ВМРО-ДПМНЕ; 10 проценти се достапни на парламентарните партии што немаат пратенички групи во парламентот и 10 проценти за вонпарламентарните партии и независни кандидати.

Билбродот во центарот на Скопје, во близина на соборниот храм „Свети Климент Охридски“, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата го закупиле по цена од 335.883 денари, односно приближно 5.400 евра. Тоа е најскапиот закупен билборд од оваа коалиција во Скопје. Најниската сума, пак, наведена во извештајот е 5.562 денари за реклама и со неа треба да се платат неколку билборди во центарот на Скопје.

СДСМ и коалицијата го закупиле најскапиот билброд на булеварот Партизанска кон мостот Обединети нации, односно кон Ѓорче Петров. Чини 191.425 денари, или 3.112 евра.

Најскапите билборди, ДПА ги закупила во Тетово и во Гостивар и чинат 51.265 денари, односно 833 евра. Истиот износ треба да се плати за најскапиот билборд на Левица, кој се наоѓа во Охрид.

За коалицијата меѓу Алијансата за Албанците и Алтернатива, најскапо тарифираната „улична реклама“ чини 83.497 денари, или 1.357 евра и е на патниот правец Скопје – Миладиновци, пред Бунарџик.

Заедно со извештаите за билбордите, до ревизорите за плаќање почнаа да стигнуваат и другите сметки за наплата. Оние од рекламите на телевизиите, весниците и порталите.