Интервјуа

Манчевски: По изборите, напуштање на моделот – државни пари за изборни реклами

„За реформите во МРТ и во АВМУ, ВМРО- ДПМНЕ бараше чисто партиско пазарење“ | Фото: Архива на БИРН

Изборите, кои би требало да се случат во преостанативе шест месеци, се повод да се потцрта сето она што е направено и да се сумираат резултатите од работата на една влада. Оваа владејачка гарнитура многу ветуваше на полето на медиумски реформи, а уште повеќе и се очекуваше од неа. Се очекуваше да направи сериозен отклон од децениската опресија врз новинарството од страна на поранешната власт предводена од Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ и промена на коруптивните практики, кои ги доведоа медиумите во улога на политички послушници.

Вистинскиот соговорник на оваа тема е министерот за администрација и информатичко општество, Дамјан Манчевски, кој е одговорен и за медиумските реформи во општествово. Со него преку Скајп разговаравме за тоа што е направено и ги разглобивме причините зошто некои крупни ветувања, сепак, не беа спроведени.

Зборувавме што е тоа што оваа власт можеше реално да го протурка како промена, колку опозицијата имаше свој удел во статус кво ситуацијата во која се наоѓаме и кој е одговорен за спорните решенија за финансирање на изборните кампањи на партиите во медиумите со парите на граѓаните.

Изборите спас за реформата на МРТ

Промените во Македонската радио-телевизија и во институцијата што ги регулира и контролира електронските медиуми, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги, беа на врвот од листата на реформи што беа ветувани и очекувани. Се донесоа потребните законски промени, меѓутоа повеќе од една година никако да се изберат нови членови на Програмски совет на МРТ и Совет на АВМУ.

Во меѓувреме, стариот Програмски совет на МРТ работи со истечен мандат, а претходно го реизбра стариот директор од 2012, Марјан Цветковски, и постави нов Надзорен одбор.

Тука, вели Манчевски, блокирала опозицијата, со тоа што пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, упорно не ја свикуваше надлежната собраниска комисија.

„Се обидовме и да зборуваме со Илија Димовски, и јас и пратениците, меѓутоа не можевме да се договориме.“

„ДПМНЕ бараше чисто партиско пазарење. Велеа нека седнат Заев и Мицкоски да се договорат и ќе помине изборот. Најдиректно и најбезобразно го бараа тоа. Меѓутоа, најмалку ни беше целта да си правиме списочиња зад затворени врати со ВМРО.“

Дамјан Манчевски вели дека идејата било новите совети да се избираат на начин на кој се состави Антикорупциската комисија, на јавна седница, на која ќе може сите присутни да им поставуваат прашања на кандидатите и да има систем на бодување.

„Идејата беше ако дојде некој партиски намесник, кој не е соодветен за позицијата, преку јавното интервју да бидат доведени пратениците во ситуација да не можат да изберат таков човек.“

Од целата оваа фама дека сите се заинтересирани и се загрижени за МРТ, на крај испадна дека и не се баш толку. Колку што разбрав, проблемот бил во тоа што надоместокот за членовите во ова тело им бил многу мал на многу луѓе за кои се очекуваше дека ќе се пријават на конкурсот

Министерот објаснува дека тоа што Алијанса за Албанците излегла од владината коалиција, тотално им ги врзала рацете во Собранието по ова прашање.

„Има механизам ако не сака претседателот на комисијата да свика седница, тогаш тоа го прави собранискиот спикер. Но, и да свикаше тој седница, ние сега немаме мнозинство во комисијата откако Алијансата за Албанците излезе од владата. Нивниот член едноставно не доаѓаше на седниците.“

„Да бидам искрен, тука има уште еден проблем“, потенцира Манчевски.

Тој објаснува дека ако за АВМУ, за едно место во Советот се пријавиле четворица, меѓу кои имало и квалитетни луѓе, за Програмскиот совет на МРТ, конкуренцијата е многу мала – седумнаесетмина се пријавиле за 11 места, од кои речиси половина се од стариот состав на советот, кој беше толку критикуван и кој се очекуваше да биде сменет.

„Од целата оваа фама дека сите се заинтересирани и се загрижени за МРТ, на крај испадна дека и не се баш толку. Колку што разбрав, проблемот бил во тоа што надоместокот за членовите во ова тело им бил многу мал на многу луѓе за кои се очекуваше дека ќе се пријават на конкурсот.“

Што се однесува до тоа дали власта има план како да ја надмине оваа мат-позиција, Манчевски е дециден:

„Што е планот? Избори, нема друг план. Се надеваме дека по изборите ќе имаме поинаков распоред на силите во комисијата и оти ќе ги избереме членовите на советите.“

„Не купуваме предизборен мир на телевизиите“

„Не помагавме само на медиумите, помагавме секаде“ | Фото: Архива на БИРН

Еден од принципите што ги застапуваше СДСМ како опозициска партија, кој се преточи и во предизборно ветување, е тоа дека државата повеќе нема да им дава пари на приватните медиуми. Меѓутоа, во овие три години откако СДСМ е на власт, прво печатените медиуми добија субвенции, а сега поради корона-кризата, помош ќе добијат и телевизиите.

На почетокот од својот мандат како министер, и самиот Манчевски имаше дилеми за тоа дали треба да им се дадат директно пари на весниците, како што тоа во изјава за БИРН пред две години тој го срочи – поради лошото искуство од минатото, мислејќи на целиот систем на поткуп на медиумите што се случуваше во времето на Никола Груевски.

Што се смени?

Манчевски потсетува дека за поддршка на печатените медиуми имаше неколку јавни дебати, во кои учествуваа сите заинтересирани страни, вклучувајќи ги новинарските здруженија и синдикатот.

„Никој од нив не беше против да им се помогне на весниците зашто тие се во незавидна ситуација секаде во светот и во многу држави се субвенционирани.“

„По јавните дебати, излезе дека само ние ја кочиме таа работа и затоа дадовме субвенции.“

Владата прво сакала само да им олесни некои трошоци на печатените медиуми, но потоа, во консултации со даночните експерти, УЈП и со Царината сфатила дека тој механизам ќе биде многу сложен да се направи само за овие фирми.

Државата годишно им дели по околу 700.000 евра на десетина весници и неделници, односно им дава најмалку по половина од висината на трошоците што ги имаат за печатење и дистрибуција. Весниците веќе втора година по ред добија ваква помош, меѓутоа нема контрола како печатените медиуми ги трошат овие пари, не се знае дали нивните сопственици ги вложуваат парите во медиумот и тие немаат обврска да покажат каков било резултат во смисла да го подобрат квалитетот на страниците, да не го намалуваат тиражот или бројот на вработените и да не ги намалуваат платите.

„Ако ставиш какви било критериуми и човечки фактор што ќе одлучува, тоа е прилично предмет на субјективизам. Меѓутоа, сега од аспект на корона-кризата може да се размисли да се додадат условите овие медиуми да не отпуштаат работници, да не ги намалуваат платите и слично.“

На нашето директно прашање дали министерот има чувство дека овие субвенции ја отворија Пандорината кутија и оти токму поради нив се појавија апетитите и на другите медиуми, тој вели:

„Имам. Ама другото сценарио ќе беше да немаме ниту еден дневен весник.“

Ако се сеќавате, ние влеговме во предизборие и немаше никаков абер, никаква најава за каква било помош на телевизиите. Се распушти собранието без ваква одлука

Минатата недела, владата донесе уредба што предвидува да им се покријат трошоците на телевизиите што ги имаат за преносот на дигиталниот сигнал што тие го плаќаат секоја година на операторот „А1 Македонија“. Оваа уредба тежи вкупно половина милион евра и таа ги опфаќа петте национални телевизии и уште шест помали локални и регионални ТВ-станици. Владата во нивно име ќе ги уплати овие трошоци, парите нема да легнат на сметката на телевизиите.

Пред и по оваа уредба, дел од медиумската заедница реагираше дека на ваков начин, владата го купува мирот на телевизиите пред изборите, откако тие неколкупати ја уцениле со бојкотот на министрите во своите вести.

Манчевски вели дека спорот што го имаат телевизиите и операторите околу почитувањето на авторските права не е никако поврзан со оваа парична помош.

„Ако се сеќавате, ние влеговме во предизборие и немаше никаков абер, никаква најава за каква било помош на телевизиите. Се распушти собранието без ваква одлука.“

Тој аргументира дека кризата силно удрила во телевизиите, на кои им откажале големи рекламери и дека токму овие телевизии што сега ќе се поддржат, имаат најголеми трошоци.

„Ама не помагавме само на медиумите, помагавме секаде. Ако логиката е ваква, како што велат тие критичари, ние тогаш вршиме предизборен поткуп на сите. Ама што беше другата опција? Да не помагаме никому? Да остануваат луѓето без работа во оваа криза. Сами да се снаоѓаат?“

Манчевски потенцира дека парите не доаѓаат од буџетот, туку од фондот за справување со кризата со Ковид-19, кој, пак, се наполнил со донација од Агенцијата за електронски комуникации.

„Разгледуваме предлози и идеи со кои би се помогнало и на останатите медиуми.“

Промена на моделот за државно финансирање на партиите

„Идејата е да се напушти целосно овој дел, каде што директно од буџетот се финансира кампањата“ | Фото: Архива на БИРН

Кога се во прашање предизборните ветувања, има уште една недоследност на СДСМ како владејачка партија. Имено, таа вети дека ќе го забрани политичкото рекламирање на медиумите надвор од изборната кампања, меѓутоа тоа не се случи.

„Имаше отпор кај другите политички субјекти. Разговаравме на оваа тема и немавме гласови во Собранието. Никој не даде поддршка за ова. Меѓутоа, ако во иднина има поддршка, ние остануваме на тоа ветување“, вели Манчевски.

СДСМ, спротивно на своето залагање, сепак, минатата година направи две кампањи, по телевизиите одеа спотовите „Зборот важи“ и „На прав пат“.

Манчевски вели дека овие кампањи биле одговор на лажните вести што се пласираат од медиумите блиски до опозицијата и оти не биле скапи и не биле со интенција да се влијае врз медиумите.

„Гледате дека уредувачката политика на медиумите е прилично критичка кон власта. Не држат обвинувањата дека се обидуваме да влијаеме врз медиумите.“

Тој потенцира дека владата целосно го спровела ветувањето дека медиумските кампањи нема да се финансираат од буџетот.

„Дури и оние кампањи во кои имаше јасен јавен интерес, беа финансирани од страна на УСАИД, УНИЦЕФ и ЕУ и други партнери од меѓународната заедница. И тие беа малку.

„Минатата власт, секоја кампања ја плаќаше по 600.000 евра, односно вкупно потроши над 35 милиони евра на рекламирање, само од јавно достапните податоци, кои тогаш и не беа баш достапни. Така што секоја споредба, па во одредени случаи и изедначување, не е коректна и нема никаква врска со вистината.“

Многу критики од јавноста и од новинарските здруженија претрпеа одлуките законски да се зголемат годишните приливи на партиите од буџетот и плус да се овозможи државата преку Државната изборна комисија (ДИК) да плаќа за предизборните програми на партиите.

Партиите сега годишно делат меѓу четири и пет милиони евра, додека за овие избори тие може да потрошат вкупно повеќе од три милиони евра на реклами.

Манчевски вели дека сега во неговата партија има расположение ова да се смени. Ако не да се укинат парите од буџетот, тогаш сериозно да се намали сумата што ја добиваат партиите, додека изборните реклами целосно би се тргнале од државниот трошок.

Тој вели дека сега пред овие избори не може да се направи промената зашто не може да се смени Изборниот законик в очи на гласањето, меѓутоа тоа секако би се направило по изборите.

„Идејата е да се напушти целосно овој дел, каде што директно од буџетот се финансира кампањата, затоа што и на ДИК му прави многу проблеми. И тие не сакаат да се занимаваат со извештаи и со фактури.“

И ние со прераспределбата на парите во буџетот, со уредба поради корона-кризата, ги скративме парите за политичките партии за 80 проценти. И тоа што е исплатено до сега, тоа е

Што се однесува до намалувањето или до целосното укинување на годишното финансирање на партиите од буџет, Манчевски вели дека одредени партии се навикнале на државните суми, како што вели тој – убаво им дошле, и се противат на оваа идеја, меѓутоа министерот смета дека горе-долу сите прифаќаат значително да се намали сумата, ако веќе не се укинува целосно.

„Тука не зборувам за ВМРО-ДПМНЕ, тие не се согласуваат со укинувањето или со намалувањето на финансирањето на политичките партии.“

„Веќе излеговме со предлог, и тоа веќе го промовираа Заев и Дескоска, за напуштање на овој модел. И ние со прераспределбата на парите во буџетот, со уредба поради корона-кризата, ги скративме парите за политичките партии за 80 проценти. И тоа што е исплатено до сега, тоа е.“

Манчевски за овој модел на финансирање на партиите повторно ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ.

Тој потсетува дека пред референдумот се растури составот на Државната изборна комисија поради скандалот со трошоците. И во тој момент, за да се одржи референдумот, мораше да се формира нов состав на ДИК, што не може да се реализира без опозицијата.

„Начинот на финансирање на политичките партии, денес е ваков поради многу едноставна и директна уцена на ВМРО-ДПМНЕ дека, или ќе се финансираме од државата и тоа во вакви рамки, поради тоа што немале пари – што јас не верувам во тоа, или нема да има ДИК.“

„Барањата им беа многу помегаломански, овие суми се скратувани неколкупати.“