Истражувањa

Добро дојдовте во „Градот на смртта“

По пуштањето во употреба на Градскиот водовод до денес поминаа две години, источното гратче сè уште е рекордер по бројот заболени лица и смртни случаи од рак, нивниот број стопроцентно се зголемува секоја година, а жителите и натаму се измачуваат од сомнежите дали е исправна водата што ја користат за пиење и јадење и со која се капат и перат?

Дваесет и деветгодишниот Александар Р. од Свети Николе останал без мајка и татко и сам се снаоѓа низ лавиринтите на животот. На 27 ноември поминале три години од смртта на неговата мајка, која боледувала од рак на градата, кој подоцна и се проширил на црниот дроб.

Тој и ден-денеска се сомнева дека водата што ја користат е неквалитетна.

– Мајка ми случајно отиде на преглед за да изврши контрола. Така открија дека боледува од рак. Првично и беше зафатена градата, која подоцна и ја отстранија, меѓутоа по некое време се префрли на црниот дроб. Таа година и пол боледуваше, а моите главни сомневања се дека причината од која таа се разболе е водата и никој не може да ме убеди во спротивното – тврди Александар.

Тој додава дека, воопшто не ја користи водата за пиење, туку си носи вода од бунари која е проверена и испитана. Таа од Градскиот водовод вели дека ја користи само за капење и перење.

Според него, ако уште еднаш се направи детално испитување на водата, ќе се докаже дека таа не е квалитетна.

Александар не е единствениот во Свети Николе кој размислува на ваков начин.

Светиниколци се плашат да не заболат од рак

Свети Николе е гратче во источниот дел на Македонија кое брои околу 15 илјади жители. За да ги провериме сомнежите на граѓаните се упативме таму.

По пристигнувањето во Свети Николе нè пречека голема раздвиженост во центарот на градот. Граѓаните беа собрани на плоштадот и разговараа едни со други, го прераскажуваа работниот ден и фрлаа по некое окце накај нас, бидејќи видоа непознати луѓе во нивниот град, во кој речиси сите се познаваат.

Во самиот центар на градот можеше да се забележи градската чешма на која со големи букви пишува „Водата не е за пиење“, а на мало растојание од чешмата, има табла со некролози, на која се поставени стотина имиња на млади и стари кои починале.
Повеќето од граѓаните со кои разговаравме се сомневаат дека пијат канцерогена вода, која содржи трихалометани во неа, но никој јавно не смее тоа да го каже.

– Ви го кажавме нашиот став. Знам дека, водата што ја пиеме не е здрава и дека таа е главниот предизвикувач на малигните заболувања, но ве молиме да не го објавувате ова или не нè кажувајте со име и презиме – вели 46-годишен светиниколец.

По посетата на центарот на градот, се упативме во црквата „Свети Никола“. Таму накратко ни објаснија дека од година в година, бројот на погреби е поголем од бројот на крштевки.

Дневникот за евиденција е жив доказ за зголемената смртност во овој град, чии бројки достигнаа рекорд од 200 до 300 жртви годишно

– Лани имаше повеќе од 200 погреби, а околу 130 крштевки. Бројките секоја година се сè пострашни – велат од црквата.

Инаку, поминаа неполни четири години откако водата во Свети Николе доби „амин“ за употреба, а забраната беше симната на 6 февруари 2010 година. Со чаша вода, светиниколци наздравија за квалитетната и исправна вода.

Речиси цела деценија таа беше забранета за користење, а жителите на Свети Николе околу седум години користеа вода од цистерни, сè додека локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во 2010 година не ја пресече црвената лента на Градскиот водовод и ја пушти водата во употреба.

Во тоа време градски татко на општината беше Роберт Ѓорѓиев од владејачката партија. Со делење летоци низ целиот град, општинската власт се фалеше дека решила еден од најгорливите проблеми во ова источно гратче.

Проблемите со водата почнуваат уште во далечната 2003 година, како последица на присуството на канцерогени материи, трихалометани и енормно присуство на хемиски недозволени материи, кои се над максимално дозволената граница.

Водата од водоводот во Свети Николе беше забранета за употреба од Републичкиот завод за здравствена заштита поради хемиска и бактериолошка неисправност. Мостри од водата беа испратени на испитување дури во Белград.

Но, овој капитален проект за Владата на ВМРО-ДПМНЕ преставува една од најдобрите 100 инвестиции. Тие на своја сметка си ја додаваат и „чистата“ и „квалитетна“ вода, која моментално ја пијат граѓаните.

По толку години, жителите на овој град сè уште имаат сомнежи дали е исправна водата што ја користат за пиење и јадење и со која се капат и перат?

Ракот зема замав, здравствените власти молчат

„Ракот го суши Свети Николе“ – велат граѓаните на ова гратче, кое во последните неколку години го доби и името „Град на смртта“. Постојат неколку улици во кои нема дом, нема семејство каде нема барем еден починат од ова кобно заболување, без разлика дали е тоа рак на матката, рак на дојката, рак на црниот дроб или дебелото црево.

И бројките говорат за страшната здравствена слика на жителите на ова гратче. Според статистичките податоци, секоја година просечно се регистрираат околу 100 нови случаи на рак, од кои 60 проценти се жени. Во 2008 година од рак заболеле 98, а починале 19.

Во 2009 година тој број се зголемил на уште 109 пациенти, од кои 26 починале, а во 2010 година само до осми месец имало 118 нови случаи на заболени од рак, од кои 14 починале. Последните три години бројот на заболени се зголемил за 100 проценти, но страшно е тоа што бројките на заболените и починатите сè почесто се кријат.

Додека ракот секојдневно галопира, надлежните здравствени власти пред повеќе од година и пол ветија организирани скрининзи низ градовите, но од нив ни трага ни глас, а сè останува само на промотивните кампањи.

– Факт е дека Свети Николе е град со најголема смртност во Македонија од повеќе видови рак. Со пилот-проект, со кој треба да се прават скрининзи, е опфатен и нашиот град, а Владата секоја година најавува програма за прегледи, но сè уште ништо не функционира – објаснува 35-годишна светиниколка.

Министерот за здравство Никола Тодоров, уште пред две години, најави дека од 1 април, ресорното министерство ќе почне со организиран скрининг за рак на грлото на матката, со кој во следните три години ќе бидат опфатени сите жени на возраст од 24 до 35 години.

Во последниот извештај на Државниот завод за ревизија се потврдуваат повеќето од сомнежите за исправноста на водата што ја пијат светиниколци. Според државните ревизори стои и констатацијата дека испораката на водата од 2010 до 20 јануари 2012 година за Свети Николе нема добиено употребна дозвола од државните институции.

Значи, употребата на водата од реката Злетовица е пуштена на диво и не постои дозвола за привремено користење на водата.

– Квалитетот на испорачаната вода во одредени периоди не ги задоволува критериумите утврдени со подзаконските акти и припаѓа на категоријата на трета и четврта класа, наместо на втора класа. Исто така, не е извршен технички преглед и не е обезбедено одобрение за употреба – се наведува во извештајот на ДЗР, за кои наводи не слушнавме некаква реакција.
Од Министерството за здравство не одговорија на ниту едно од прашањата на БИРН, поставени на оваа тема дали некој ја испитал водата во Свети Николе, откако беше пуштена во употреба и ако е испитана, а се докаже дека не е квалитетна, што ќе се преземе?

До шефовите на кабинетот на Тодоров, овие прашања беа испратени уште пред еден месец, но досега никој не се осмели ниту да крене слушалка, ниту да одговори на е-пошта.

Водата во Свети Николе е она што беше воздухот во Велес

Одговор не можат да добијат ниту пратениците. Таков е случајот со пратеничката од опозициската СДСМ, Станка Анастасова, која по професија е лекар. Таа со документи во рацете и преку пратенички прашања се труди да дојде до одговорите: „Дали граѓаните на Свети Николе пијат загадена или квалитетна вода?“.

Анастасова, ова прашање од собраниската говорница честопати го поставуваше до премиерот Никола Груевски и бившиот министер за здравство Бујар Османи. И до ден-денеска, таа нема никакви одговори. Но нејзините сомнежи сега се уште поголеми.

– Кои се тие релевантни институции кои ја симнаа забраната, знае само локалната власт. Во објавената копија за пуштање во употреба, се работи за објект – филтерна станица. Таа е пуштена во употреба, а не водата. Едната филтерна станица од комбинираниот модел за водоснабдување на градот Свети Николе, а другото алтернативно решение воопшто не се споменува, кое што два – три пати се пушташе во употреба, а ние сè уште немаме квалитетна вода за пиење – истакна Анастасова.

Таа тврди дека ниту една државна институција од Министерството за здравство нема издадено документ за безбедност на водата, дека не е штетна врз здравјето на граѓаните и дека може да се употребува за пиење и готвење.

Засега со водата од хидросистемот „Злетовица“ се снабдуваат само жителите на градот Свети Николе, а во скоро време на него ќе му се приклучат уште 120.000 жители, односно пет општини во североисточниот регион: Кратово, Пробиштип, Штип, Карбиници и Лозово.

– Зарем ќе дозволиме и жителите од другите градови да пијат неквалитетна вода, која може да биде опасна за нивното здравје, па и тие на секој чекор да почнат да умираат од малигни заболувања. Водата во Свети Николе е исто она што беше воздухот во Велес кога работеше Топилницата. Тоа може да предизвика уште поголем број малигни заболувања и раѓања на деца со деформитети – вели доктор Анастасова.

Јапонската студија за загадување со тешки метали се крие во фиока?

За сомнежите дека водата е загадена и неквалитетна, потврдува Јапонската студија „За развивање капацитет за управување со загадувањето на почвата поврзано со рударството во земјава“, која сè уште не ја видела светлината на денот.

Студијата по пет години сè уште фаќа прашина во владините фиоки и се крие од очите на јавноста, иако за неа беа потрошени еден куп пари.

Студијата е направена за потребите на Министерството за земјоделство и водостопанство од страна на Јапонската агенција за меѓународна соработка.

БИРН располагa и со оваа студија, а во неа точно се означени подрачјата во кои водата и почвата околу хидросистемот „Злетовица“ содржат тешки метали, како: кадмиум, арсен, олово, манган, никел, бакар и цинк, кои според медицинските истражувања се крајно токсични.

Власта цело време знае дека површинската вода и почвата во регионот, кој го покрива хидросистемот „Злетовица“, содржат тешки метали опасни врз човековото здравје.

– Зошто цели пет години овие сознанија од јапонската студија се кријат од македонските граѓани? Тоа ли е искреноста на Владата кон сопствениот народ? Сега станува многу појасна трагедијата, која му се случува на Свети Николе, град кој неколку години по ред е на прво место во Македонија по бројот на малигни заболувања по жител – прашува пратеничката Станка Анастасовска.

Според податоците, кои можат да се забележат во јапонската студија, за некои од металите е утврдена поврзаност на загадувањето со јаловиштата и старите рударски окна.

Дел од радиолозите велат дека доколку заболувањата се под влијание на средината, вообичаено неколку години подоцна се манифестираат промените кај човекот.

– Пример од изложување на јонизирачко зрачење, како еден од канцер факторите -леукемијата, се јавува во првите десет години од изложувањето, а првите дваесет години се појавуваат канцер – заболувањата. Тоа се слични параметри, значи треба време, па да се измени клетката и да се трансформира во малигна – тврди радиолог кој сакаше да остане анонимен.

Освен тоа, се појавуваат промени на кожата, дерматовенеролошки инфекции и многу гинеколошки проблеми. Светиниколци се сомневаат дека сето тоа е „благодарение“ на водата за пиење и капење.
Владата има добиено околу три милиони евра од Јапонија за санација на овие јаловишта и стари рударски окна, што сè уште не е направено.

БИРН неколку пати досега се обиде да стапи во контакт со новиот градоначалник на Свети Николе од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Тасев, за да поразговараме на темата, која и ден-денес ги мачи жителите на овој град. Но, градскиот татко не успеавме да го добиеме.

Од Општината ни потврдија дека тој прима странки само во среда. Испративме прашања според Законот за слободен пристап до информации, но досега не добивме повратен одговор.

Додека надлежните молчат, градот продолжува да живее во страв од смртоносната болест. Александар од Свети Николе тагува по рано починатите родители, но истовремено се плаши за своето здравје. Се надева дека државата конечно посериозно ќе пристапи кон решавање на овој проблем со тоа што ќе спаси многу човечки животи.