Истражувањa

Тетовско Селце – Универзитетски град

Во Македонија сè уште циркулираат фалсификувани дипломи што успеале да се провлечат незабележано, а со нив некои луѓе без труд и мака си обезбедиле подобра иднина. Некои случаи пак се откриваат

Фалсификувани дипломи од Државниот универзитет во Тетово (ДУТ) се продавале „на кило“ во тетовското село Селце. Во ноември, минатата година, Министерството за внатрешни работи (МВР) во куќа откри мини-работилница, во која се изработувале лажни дипломи. Жител на селото, на возраст од 30 години, во подрумските простории „штанцал“ факултетски уверенија и им ги продавал на италијански државјани. Најголем дел од дипломите го носеле називот на Факултетот за медицински науки при Државниот тетовски универзитет.

Кога дипломите биле готови, со ставен потпис и печат, фалсификаторот ги носел на превод кај овластен преведувач, а потоа ги заверувал кај нотар. Така, тој успеал да протне 6 уверенија, но кога стасале на ред следните 16, нотарот се посомневал во нивната оригиналност и случајот го пријавил во полиција. Во работилницата на фалсификаторот, МВР пронајде фотографии од лица од Италија, документи за Хрватска и две тетратки со списоци на потенцијални „академци“, „дипломци“, „доктори“. Истрагата треба да покаже дали селанецот од Селце бил сам во бизнисот или во шемата се вклучени и луѓе однатре.

– Истрагата за овој случај е сè уште во тек. Приведени се неколку лица и се преземаат дополнителни мерки и дејствија за докажување на сите дипломи и документи што биле незаконски изготвени и фалсификувани и за пронаоѓање на сите лица коишто ги злоупотребиле овие документи, изјави за БИРН, портпаролот на МВР, Иво Котевски.

Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, иако најави засилени контроли на високообразовните институции, не е посебно загрижен по последниот случај во Селце, оти, според него, тоа не е организиран криминал и фалсификатите биле наивно изработени.

– Конкретниот случај го квалификувам како недораснатост и израз на глупост на тој што се обидел да го направи. Беа фалсификувани дипломи на Факултетот за медицински науки, а првата нелогичност е што тој факултет никогаш не издал диплома, затоа што студиите по медицина се активни нешто повеќе од три години. Второ, самата диплома беше очигледен фалсификат. Беше употребен стар печат, значи сите работи беа провидни – вели Ристовски за БИРН

Тетовскиот универзитет | Фото: Зоран Андонов

Тетовскиот универзитет | Фото: Зоран Андонов

Но, сепак, ова не е прв откриен случај на фалсификување на дипломи поврзан со Тетовскиот универзитет. Во 2006 година, СВР Тетово поднесе кривична пријава против три лица и тоа две девојки од тетовското село Нераште, но и за генералниот секретар на ДУТ. Вработениот на универзитетот на двете осомничени им издал дипломи од Факултетот за хуманистички науки и уметност при ДУТ, иако тие сè уште ги немале завршено студиите.

БИРН побара одговор од Државниот тетовски универзитет за сите досегашни случаи на фалсификување на документи, за начинот на кој Универзитетот се справува со овој криминал, како и за истрагата за последниот случај во Селце, но одговор не добивме. Она што сега МВР го проверува е дали обрасците на кои се печателе дипломите се оригинал или пак и тие ги изработувал самиот. Оти ако се докаже првата претпоставка, тогаш во овој црн бизнис биле инволвирани структури од ДУТ. Истовремено случајот го истражува и италијанската полиција за да ги открие лицата кои купиле фалсификат дипломи од Селце и да спречи тие дипломи да минат низ системот на легализација во Италија.

Наплив на фалсификувани дипломи од Бугарија

Првпат Македонија сериозно се соочи со проблемот со фалсификувани дипломи во периодот помеѓу 2000 година и 2001. Тогаш се појавија куп фалсификувани бугарски дипломи како и дипломи од Косово. Најголем дел од нив беа откриени на Економскиот факултет во Скопје, каде што чекаа нострификација. Но, подоцна се докажа дека наводните дипломци во Бугарија, не само што не го завршиле соодветниот факултет, туку воопшто и не биле запишани како студенти. По 14 години, од денешна временска дистанца, професорот Ненад Новковски, кој тогаш беше министер за образование, вели дека и до ден-денес има многу нејасни ситуации за скандалот со фалсификуваните дипломи.

– Многу пати се зборуваше дека во Ќустендил има печатени фалсификувани дипломи. Кога зборував со одредени колеги од тие институции, на чие што име беа водени такви дипломи, тие ми велеа дека се работело за неовластено користење на печатот на институцијата од страна на лица вработени кај нив. Поточно станувало збор за некои секретарки. Тоа беа објаснувањата – се сеќава Новковски.

Случајот тогаш доби и политичка димензија. Тогашното раководство на Економскиот факултет побара одговорност од министерот Ненад Новковски бидејќи не ги спровел законските обврски за регулација на нострификацијата. Во групата лажни академски граѓани се шпекулираше и со имиња на политичари и на бизнисмени, кои наместо да загреат столче и да учат, тие со купена диплома сакале посилно да ја зацементираат функционерската фотелја. Опозицијата бараше оставка од министерот, а Новковски и деканот на Економски факултет Шуклев, си ја префрлаа одговорноста кој е виновникот, оти наеднаш се појавиле над 200 сомнителни дипломи.

– На почетокот имаше голема пратка која беше доставена до МВР, а се работеше за дипломи од поранешна Југославија, поточно од Косово, а подоцна и дипломи од Бугарија. Според сите сознанија се работеше за тоа дека дипломите се водеа во соодветни институции под одредено бројче како да се работеше за завршени студенти“, вели Новковски.

Како што се појави наеднаш и бомбастично, така овој случај стивна и не доби никаква завршница. Ни истражна, ни судска, ниту беше откриен каналот по кој фалсификуваните дипломи од Бугарија и Косово стигнаа на македонските факултети.

Поранешни и сегашни службеници во Министерството за образование за БИРН вака го објаснуваат патот по кој доаѓале дипломите од Бугарија во Македонија. Дипломата морала да мине низ сите филтри, па така во овој организиран криминал се вклучени луѓе од повеќе институции и во Бугарија и во Македонија. Цената на една диплома се движела од 2.000 до 4.000 евра. Дел од парите се плаќале во Софија, дел во Скопје. Откако ќе се плател целиот износ, тогаш во Софија се заверувала дипломата во матичните книги, а во Скопје без проблем минувала низ процесот на нострификација. Пари на рака, диплома без мака.

Но, ако ова било можно пред десетина години, актуелниот министер за образование уверува дека сега нема шанси да мине незабележано фалсификувана диплома.

Спиро Ристовски, Министер за образование на РМ | Фото: Министерство за образование

Спиро Ристовски, Министер за образование на РМ | Фото: Министерство за образование

– Сме имале, на пример, ситуација кога поради сомнеж сме почувствувале потреба да комуницираме со надлежниот факултет од одредена држава за да провериме дали е издадена таква диплома и дали таа диплома е издадена во рамки на редовни процедури, така што во тој дел има една регулирана постапка што навистина ги стеснува можностите за изигрување на законот – објаснува Ристовски.

Во 2011 година тогашниот министер за образование Никола Тодоров направи измени во начинот на нострификација на дипломите со што, според Ристовски, е направен силен одбранбен механизам против фалсификаторите.

– Тодоров направи крупен исчекор во тој дел бидејќи се поставени критериуми што ја уредуваат постапката за нострификација на диплома од странство. Во рамки на тие законски измени е предвидена една цела листа на документи – додава Ристовски.

И од Универзитетот ФОН велат дека кај нив фалсификувањето на оценки и дипломи е невозможно бидејќи постоел тристепен систем за проверка во текот на студирањето.

– Пријавувањето на испитите се одвива во посебен студентски портал. Втората контролна база до која имаат пристап само професорите служи за внесување на оценки од положените колоквиуми и испити. Секој професор има своја лична сметка за најавување во системот. Контролор, вработен на студентски прашања, во посебна база врши независна контрола на внесените оценки од страна на професорите. Во случај на несовпаѓање на оценката внесена на печатената пријава и оценката што е заведена во систем, се свикува комисија што го разгледува случајот – објаснува Леон Бакрачески, портпарол на ФОН.

Тој додава дека самиот систем има заштита за генерирање на дипломи, архивски броеви и тие, по дипломирањето, автоматски се внесуваат во матичната книга на академци. Дополнително печатените дипломи се изготвувале на посебна холографска хартија што била невозможно да се фалсификува.

Дипломи и свидетелства за вработување, за виза, па дури и за полагање на возачки испит

– Во 2002 година се вработив во државна институција. Ме примија на работа со завршено средно образование. Бев вреден работник и сакав да напредувам во службата. Се оженив и добив три деца, па подобро работно место значеше и поголема плата. Решив да продолжам со образованието и во 2008 година се запишав на Педагошкиот факултет во Скопје“, за БИРН говори 33-годишен маж од Скопје, кој скапо платил за грешките од минатото. Тој не сакаше да го открие својот идентитет поради срам од стореното.

– За година и половина положив 13 испити. Запишав и втора година, но во институцијата во која работев се посомневаа во моето образование. Како и зошто по толку време и ден-денес не знам, но важно решија да ми ја проверат дипломата за завршено средно образование. Знаев дека сум готов. МВР откри дека дипломата од средното училиште ми е фалсификат. Веднаш добив отказ од работа и на суд – признава тој.

Скопјанецот бил осуден на три месеци затвор, казна што нема да се изврши ако во рок од една година не стори друго кривично дело. Соговорникот на БИРН вели дека цел живот ќе се кае за стореното дело. Не сакаше да открие кој му ја дал дипломата и свидетелствата, дали ги купил или сам ги фалсификувал.

Ова е само еден случај на фалсификување на диплома што е откриен од МВР и казнет од судот.

Според информациите до кои дојде БИРН, неодамна е откриен уште еден случај на фалсификувани свидетелства од средното медицинско училиште „Никола Штејн“ во Тетово. Дојавата до Министерството за образование дека нешто е сомнително со дипломата на турски државјанин стасала од Македонскиот генерален конзулат во Истанбул. По ова Државниот инспекторат за образование извршил инспекциски надзор во училиштето и утврдил дека има голем број неправилности во начинот на пријавување на испити, полагање на испитите, во водење на педагошка евиденција, како и при издавање на диплома и свидетелства за прва, за втора, за трета и за четврта година, издадени на име Елиф Касап од Турција. Министерството за образование донесе решение за поништување на документите и поведе постапка за разоткривање на случајот.

– Беа издадени четири фалсификувани свидетелства во една година, практично како да завршил целокупно средно образование за период од една година – вели за БИРН, министерот Ристовски.

Истрагата за овој случај уште е во тек. МВР не сакаше да даде повеќе детали оти сè уште се испитува кои луѓе од внатре од училиштето се поврзани со овој случај.

Дипломи, и средношколски и факултетски, се купуваат за секакви потреби. Некој плаќа за да дојде до подобра позиција при вработувањето, но има и такви кои фалсификуваат потписи од професори за да отпатуваат во странство или, пак, купуваат свидетелства за да добијат возачка дозвола. Минатата година МВР обелодени случај кога двајца студенти од штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ фалсификувале потписи на професори и уверенија за да добијат виза од една странска држава и да заминат на програма за студиска размена.

На интернет-страницата на Апелацискиот суд во Штип е објавен случај во кој едно лице е осудено за фалсификување на свидетелство за завршено основно образование во вечерното училиште „Макаренко“ во Скопје, со цел да може да полага возачки испит за Б категорија. Обвинетиот признал дека свидетелството го купил за 3.500 денари. Во 2013 година полицијата фати на дело еден вработен во ЈП „Македонија пат“. При вработување во претпријатието доставил лажна диплома од Вишата школа „Вељко Влаховиќ“ од Пеќ. И не само што се вработил туку со дипломата успеал и да напредува во службата.

– Според статистиката на МВР, во периодот од 2008 година до 2013, се поднесени повеќе кривични пријави. Притоа се откриени 18 фалсификувани дипломи и 49 фалсификувани свидетелства – вели Котевски.

БИРН дојде до судска пресуда, според која во минатата година е откриено лице кое со лажна диплома се вработило во МВР и тоа во Оддел за обезбедување на личности и внатрешно обезбедување на објекти. Во 2007 година, при вработувањето, лицето со иницијали А.Љ. поднел лажна диплома од училиштето ЕМУЦ „Никола Тесла“ во Скопје. Но, подоцна е утврдено дека под бројот по кој е заведена дипломата во Главната книга на училиштето е запишано друго лице. Судот го осудил на казна затвор од шест месеци, односно условна казна од две години, период во кој не смее да стори друго кривично дело.

Сепак, министерот за образование вели дека не чувствува загриженост. Фалсификувањето и злоупотребата на документи што произлегуваат од образовните институции, според него, се сведени на минимум.

– Министерството за образование и наука во последниот период нема значаен проблем со фалсификувани дипломи. За разлика од пред десетина години кога имаше наплив на фалсификувани дипломи, сега ситуацијата е многу постабилна – изјави Ристовски.

За Ристовски ова се изолирани случаи и во нив не гледа организиран криминал и вклученост на повеќе луѓе, вработени во институции, туку само обид за изигрување на законот од поединци. Но, статистиките на МВР и на судовите велат дека фалсификување на дипломи е зачестено кривично дело.

– Факт е дека МВР континуирано открива вакви случаи. Дури бевме сведоци и на ситуации кога функционери при вработувањето на позицијата на која што се именувани се послужиле со диплома што не е оригинална – вели Котевски.

Но, и до ден-денес кај поранешниот министер Новковски постојат сомневања дека многумина незаслужено се китат со лажни перја, а некои од нив се дел од академската фела.

– Клучниот проблем е квалитетот на образование. Кај нас е загрозено со приватните универзитети што не се на ниво. За жал. А, многу често професори на тие институции под сомнителни околности имаат добиено дипломи. Дали тие воопшто би требало да бидат во образовниот процес?- се прашува Новковски.

Ако се направи ревизија на сомнителните случаи, сигурно ќе се најдат многу нелогичности, многу политичари со црно петно, директори со средно образование, професори со десетки на „стаклени нозе“. Последниот случај со ДУТ повторно ги подгреа сомневањата, ги засили шпекулациите, упати на недоверба во високообразовните институции и покажа на постоење на „црни дупки“ во системот. Луѓе кои пренесуваат знаење, а всушност својот статус го купиле со пари.