Истражувањa

Го снемува македонското архитектонско наследство

Пред очите на институциите пропаѓа еден значаен дел од македонското културно историско наследство

Седејќи покрај капиџикот во собата на горниот кат од раскошната куќа на Тренчови, 72-годишниот Лазо ја раскажува приказната за една од најубавите куќи во сокакот на Врналиите. Се присетува на минатото кога во истата соба седел како дете под автентичната розетна на таванот, помеѓу свежо бојосаните греди, долапите со резба и преубавите касели кои денеска го загубиле сјајот поради негрижата на државата. Тој, неговите браќа и сестри се сопственици кои не смеат ниту клинец да заковаат без дозвола на институциите што се удираат в гради и велат дека е под нивна заштита, но досега за тоа не дале ниту еден денар.

А, цели 49 години во истата соба сè стои на свое место, пеглата на жар, бакарните тепсии, котлите покрај огништето, тавите, дрвената софра, софите за спиење и газиената ламба. Лазо е горд што е сопственик на сите овие предмети, вели тие се моето наследство исто како и оваа куќа стара 150 години, прогласена за заштитена од државата уште од 1964 година.

– Тоа значи дека без согласност на државата не смеам да направам ниту една интервенција. Штиците на чардаците се гнили, дрвената ограда на скалите скапува, се распадна влезната порта, а јас не можам ништо да сторам. Овде, на овие три чардаци, седеле многу велешани и гости од странство, а сега јас се плашам да одам по нив. Исто како што стравувам дека влагата што се појави на камените ѕидови во подрумите може да ја урне куќата. И не можам да го разберам тоа, никој да не ме  праша што е потребно за одржување. А јас секој месец морам да издвојам сто евра од мојата скромна пензија за одржување“ – вели Лазо.

Добри за сликање, но не за реставрирање

Поради својот прекрасен изглед и автентичноста, куќата беше дел од спотовите  на режисерот Милчо Манчевски како и филмот за Мис Стоун кои го обиколија светот.

– Во нив мојата куќа изгледа велелепно, но не е така кога ќе влезеш во неа. Пред да стигне Милчо Манчевски со камерата, ненајавени стигнаа експерти, а потоа и мајстори. Тие ништо не ме прашаа, туку на ѕидот над портата ставија нов малтер и го варосаа, се качија на покривот и сменија дел од ќерамидите, а за останатите ми рекоа ќе барале спонзори. До денеска не ги најдоа. И тоа е сè што куќата на Тренчови доби од државата до денеска, рече Лазо.

Згора на сè, тој го изгубил и судскиот процес во кој го тужел соседот поради штетата  што му ја нанел од поплавата при изградбата на новата куќа. Сега тој ја отплаќа и глобата од две илјади евра. Многу е револтиран и вели дека не му преостанува ништо друго освен куќата на Тренчови да ја продаде или да ја урне.

– Не знам како поинаку да ја наречам освен како тотална негрижа на државата која се прави стопан само кога нејзе и одговара, огорчен е стопанот на куќата.

Со ист проблем се соочува и 67-годишниот Стојан Дончев. Тој бил принуден да се врати во куќата во која се родил за да може колку-толку да ја одржува за да не се распадне целосно. Стара е преку двесте години и се наоѓа веднаш на кејот од левата страна на реката Вардар.

Изградена на карпа, двокатната куќа на Дончови сè уште го одзема здивот на велешани и добронамерните патници. Стојан раскажува како странци застанувале и ја фотографирале, некои дури се интересирале и за нејзината историја. Тој се потсети на минатото кога неговата баба му раскажувала како била изградена. Товари јајца биле потребни за да се изгради. Се користела белката од јајцата и се мешала во малтерот за да го зацврсти, бидејќи тогаш немало цемент.

Денеска многу малку останало од автентичноста на куќата, ги нема повеќе чардаците и мусандрите кои ја краселе. Наместо нив сега се простираат бетонските  тераси, кои Стојан морал да ги направи за да не се урне куќата. Фасадата полека се распаѓа, а се уништува и покривот. Единствен белег што потсетува на куќа со стара архитектура е каменото корито во нејзиниот двор, во кое домаќинките во минатото ги переле алиштата.

– Морав да се вратам во куќава бидејќи татко ми почина и за неа веќе немаше кој да се грижи. Стара е, почна да се распаѓа. Јас колку-толку успеав малку да ја приспособам за живеење и еве сега десетина години сум тука со мојата сопруга. Се сеќавам порано кога бев дете, па и ерген, во куќава доаѓаа многу луѓе: архитекти, студенти, стручни лица. Постојано беше полна. Таа е заштитена од државата, но досега никој ништо не направил за неа. Тоа е, додека сум жив, ќе ја одржувам колку што можам, потоа како Господ ќе ѝ даде, ни вели Дончев.

Без никаква грижа од државата, оставена на забот на времето е и куќата на Шоптрајанови. Од неа ќе остане само видеозаписот од спотот на уметниците Калиопи и Васил Зафирчев. Поставена со поглед кон Вардар, но и кон стариот дел на градот, таа е типичен пример на велешка староградска куќа. Десната страна на ова велелепно здание завршува со аголен дел во кој на долниот кат се наоѓа бањата, а над неа и тераса. И тоа не се единствените делови чиј малтер полека се рони. Гнилеж ги јаде дрвените подови и дограмата. Негрижата јасно се гледа уште на влезната порта на која здрави останале само синџирот и катанецот.

Пред две години до темел изгоре и куќата на Габерови во населбата Дворови, во центарот на Велес. Со неа изгоре и прекрасната розетна на таваницата, долапите, миндерлакот и рачно изработениот под, стар повеќе од еден век. И таа беше заштитена од државата, но не успеа да се спаси од пламените јазици.  И тогаш никој не изреагира, ниту се огласија, ниту прашаа што се случи, кој е виновен и може ли нешто да се спаси од автентичната градба. Непроценлива штета која не може никој и ништо да ја надомести.

Стручната јавност бара спас

Со правилна методологија за изработка на проекти ќе обезбедите средства со кои ќе создадете градови на иднината преку интегрирање на минатото. Не се живее во минатото, но од таму доаѓа нашиот идентитет, а тоа ни е потребно за да ја изградиме иднината.

Антоан Бругерол, архитект и експерт во УНЕСКО

Овие бисери на старата велешка архитектура се само дел од четиринаесетте заштитени куќи во градот кои сè уште можат да се спасат и во иднина да сведочат за досетливоста и умешноста на тогашните архитекти.

Лазо Тренчов ја има поддршката на архитектите и историчарите на уметност кои не ја оправдуваат состојбата во која што се наоѓаат прекрасните градби во Велес. Професор Донка Барџиева-Трајкоска е една од оние кои бараат начин да го спасат ова непроценливо културно наследство со или без помош на државата.

– Куќите ги знам уште од своето детство бидејќи Велес е мојот втор роден град. И тогаш и сега сметам дека велелепните зданија не се заштитија и не се сочуваа. А тие ги собраа сите воздишки на архитекти кои кога ќе дојдеа во Велес беше неизбежно да го видат овој комплекс на стари куќи под Стар мост. Беа фасцинирани од глетката во која куќите како да излегуваа од реката. Така и ги опишуваа и ги споредуваа со куќите во Венеција. Сега, за жал, остана само уште една и таа мора да се зачува -нагласува Барџиева.

Таа со тим експерти побара поддршка од Народниот музеј во Велес за да се изработи комплетен проект за заштита на единствената куќа, во која ден-денес живеат семејствата на Стојан Дончев и на Кочови. Со проектот потоа да се конкурира во Министерството за култура за обезбедување на финансиски средства за реновирање на куќата.

Колку се значајни за Велес овие куќи и во колку автентични пејзажи се вклопуваат, зборуваа и експерти од Франција, архитекти, градежници и историчари на уметност. Тие преку француската национална асоцијација на градови со историја и уметност, пред пет години дојдоа во Велес, се фрапираа од глетката и понудија помош како да се заштитат автентичните градби. Препорачаа веднаш и неодложно да се почне со инвентаризација на објектите за да можат да се спасат. Група архитекти од Велес доброволно го почнаа овој процес, ги собраа документите, ги фотографираа и ги евидентираа околу Градскиот саат. Процесот тука заврши.

Препораката на францускиот архитект и експерт во УНЕСКО, Антоан Бругерол, и тогаш и сега е иста.

– Со правилна методологија за изработка на проекти ќе обезбедите средства со кои ќе создадете градови на иднината преку интегрирање на минатото. Не се живее во минатото, но од таму доаѓа нашиот идентитет, а тоа ни е потребно за да ја изградиме иднината. Сакаме да ги пренесеме нашите искуства во зачувување на старите квартови бидејќи тие се богатството на еден град – вели тој.

Министерството за култура не одговори на нашите прашања зошто дозволи старите куќи со архитектонско наследство да се избришат од картата на Велес, ниту пак за тоа што ќе направи да ги спаси оние што сè уште не се урнале.

При последната посета на министерката Канческа-Милевска на Велес, меѓу другото, таа најави дека годинава заедно со општината планира да откупи стари куќи кои по реновирањето ќе се користат како дополнителен простор за одржување на културни манифестации во градот.

Општината нема надлежност во заштитата на културното наследство. Единствено се надева дека Министерството ќе откупи дел од куќите што се распаѓаат и ќе ѝ ги отстапи. Дури потоа ќе размислува како да ја искористи нивната историска и културна вредност.

– Општината ќе се обрати со допис до Министерството за култура во кој ќе наведе кои објекти треба да бидат откупени, а доколку министерството ги откупи, ќе станат сопственост на општината – рече Славчо Чадиев, градоначалник на Велес.

Но, куќите што се ронат и полека исчезнуваат од видик, ја немаат истата судбина како оние на Касапови и на Џинот. Пред тринаесет години Општината стана сопственик на двете куќи кога претходните газди одлучија првата да ја подарат, а втората и да ја продадат. Тогаш со десет илјади евра, пари од општинскиот буџет, Градот стана сопственик на родната куќа на Јордан Хаџи Константинов-Џинот. Потоа со проект од Светска банка, вреден сто илјади евра, целосно се реконструираа двете куќи и столбовите на соброниот храм Св. Пантелејмон. Тогашниот градоначалник, Аце Коцевски, вели дека Општината сама успеала да заштити барем две од многубројните куќи со културно историска вредност за градот.

– Јас сум многу горд на тие проекти. Тогаш Општината беше пример за успех во процесот на менаџирање на средства добиени од Светска банка. И како резултат на тоа бевме домаќини на педесетина градоначалници од Романија кои дојдоа во Велес за да ги видат позитивните искуства од реализацијата на овој проект – рече Коцевски.

Тој жали што овој пример не го продолжија неговите наследници. Исто како и велешани стравува дека Велес, град со големо културно и архитектонско наследство, полека, но сигурно го губи идентитетот.

Велешкиот Народен музеј за разлика од штипскиот, струмичкиот и уште неколку други, никогаш  не доби статус на Конзерваторски центар. Затоа немаше можност да евидентира и интервенира на културно-историските споменици, па и на куќите со стара архитектура.

Според директорката на музејот, Елица Николова, тоа е една од причините што состојбата е алармантна, а на институцијата и се врзани рацете. Таа вели дека прво треба да се направат проекти за реконструкција или реставрација, со што директно ќе им се помогне на сопствениците на куќите. Така тие ќе можат да планираат поправки и реновирање. Потоа со готови проекти да се конкурира пред државните институции за финансиски средства или со помош на граѓански здруженија кај странски донатори и фондации.

– Од Конзерваторскиот центар веќе е побарана интервенција за куќата на Аликарови, но досега немаше интерес. Веројатно Велес не е дојден на ред. Кога јас би одлучувала, прво би ја заштитила оваа куќа, затоа што поседува специфична надворешна и внатрешна архитектура, рече Николова.

Битолските куќи – мета на локалните богаташи

И додека во Велес куќите со староградска архитектура полека ама сигурно се уриваат и не му е грижа никому, во Битола тие се откупуваат речиси за без пари, се уриваат и на нивно место се градат модерни градби. На удар се куќите во строгиот центар и старото градско јадро. Тие се опачината на Широк сокак, бидејќи лицето на главната битолска улица со куќи и убави фасади ги крие од очите на јавноста. Но штом завлезете во кривулестите улички, ќе ве пресретне глетка на целосно урната стара битолска куќа, на чие место се гради нова градба со бетон и други современи материјали.

За оваа зачестена појава став побаравме од Завод музеј Битола, но од таму не добивме одговор. Директорката Лилјана Христова вети, но не го одржа зборот да одговори што презеде институцијата за да го спречи процесот на масовно уништување на архитектонското наследство. Инаку и таму состојбата е идентична како и во останатите градови во Македонија. Во некои од заштитените куќи сè уште живеат граѓани кои самите крпат што можат, други се напуштени, со заклучени порти и препуштени на времето.

Куќата во која некогаш бил сместен англискиот конзулат се уште е дом на битолско семејство кое плаќа кирија за неа. Тие досега успеале да закрпат по некоја дупка, но се немоќни да интервенираат на покривот кој постојано прокиснува. Лани министерката за култура Канческа-Милевска најавила реконструкција на оваа куќа, парите биле обезбедени, но завршиле за поправка на зградата на Битолскиот музеј.

Нерешените имотно-правни односи, пак, ја довеле во лоша состојба куќата на поранешниот српски конзулат. Неа со државата ја дели битолско семејство кое, поради тоа, не може да интервенира.

Лажна реставрација ја уништува автентичноста

За разлика од редовната слика на руинирана и запуштена стара градска архитектура, навидум, во Охрид состојбата е поинаква. Таму општиот впечаток е дека државата се погрижи да заштити, обнови и реставрира многу споменици на култура и куќи со староградска архитектура. Сепак, стручните мислења на експертите се дијаметрално спротивни од впечатокот на обичните граѓани и туристи за изгледот на Куќата на Робеви, Куќата на Уранија и Куќата на Митрополијата. Тие сметаат дека овие куќи претставуваат само макети на реалните поранешни градби.

– Целата грижа за автентичност се насочува само кон фасадата на објектот, но и тука се прават компромиси во изгледот и конструкцијата на опремата (прозорци, врати, гелендери, стилизирање на деталите). Резултатот од оваа постапка не може да се нарече ни конзервација ни реставрација, затоа што не ги задоволува основните, а најмалку високите стандарди на автентичност на објектот и тоа автентичност на нејзината внатрешност, автентичност на конструкцијата и материјалите и автентичност на својствата на изворниот објект –  вели археолог Никос Чаусидис.

Не се поразлични мислењата и за реновираните куќи во Штип и Кратово. Куќата на Арсови, во која е сместен Народниот музеј во Штип и Староградската куќа во Кратово, сегашен Дом на културата.

Градиме лажни стари згради додека ни пропаѓаат вистинските

Велес, Битола, Штип, Охрид не се единствените градови во Македонија кои имаат богато архитектонско наследство. Но, тоа од година во година се губи како и последните автентични куќи изградени во 19 век или првите децении на 20 век. Поради немањето на план и стратегија, во последните неколку децении направена е вистинска инвазија со градби на современи објекти. Така се разнебитуваа урбаните јадра, старите чаршии и автентичните градби. Единствено преживеаја поединечни објекти

Како што посочува Чаусидис, оваа состојба го достигнува својот најголем аспурд ако се стави во релација со проектот „Скопје 2014“ – вели Чаусидис.

– Со сите оние огромни средства потрошени во него, со цел да се изгради божемна т.е. лажна традиционална архитектура, ќе можеа да се заштитат и обноват буквално сите најважни реални староградски градби и амбиенти во македонските градови изградени во изминатите два века – вели тој.

Со други зборови, градиме лажни стари згради, а вистинските бисери на староградската архитектура пропаѓаат.