Анализи

Допрва ќе стигнуваат сметките за Законот за јазиците

Двојазични табли се употребуваат подолго време, но наскоро тоа ќе стане законска обврска | Фото: БИРН

Затскриен зад високите борови во вилата Водно, претседателот Ѓорге Иванов донесе одлука, напиша писмо и ги повика медиумите да им соопшти дека нема да го потпише указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците. Во триминутното обраќање тој рече дека Законот е репресивен, го фаворизира албанскиот јазик и воведува паралелизам во државните органи, дека со него се злоупотребило европското знаменце и дека предизвикува промени во системски закони за кои е потребно двотретинско мнозинство. Во писмото напишано на 15 страници тој изнесува 21 забелешка зошто смета дека Законот за јазиците не е во согласност со Уставот.

Собранието сега има рок од дваесетина дена за повторно да го разгледа Законот и да гласа за него. Се очекува во овој период, а и по него, да продолжи жестоката дебата што се разви во јавноста поради содржината на Законот.

Од 11 јануари, кога со 69 гласа „за“, парламентот го усвои Законот за употреба на јазиците, околу содржината се кршат копја помеѓу политичари, универзитетски професори, новинари и други јавни личности од различни политички провениенции во која нема дефицит од тешки зборови.

Сè укажува на тоа дека приказната со Законот за јазиците нема набрзо да заврши. Јавноста и натаму ќе мери дали и колкава штета тој ќе предизвика врз меѓуетничките односи, статусот на македонскиот јазик, унитарноста на државата. Со други зборови, ќе пресметува колкави сметки ќе треба да се платат. А сметките не се само политички, туку и финансиски.

Претседателот Ѓорге Иванов не го потпиша законот, па пратениците ќе треба повторно да го изгласаат | Фото: МИА

Владата ќе ги вклучи дигитроните

Во Законот за употреба на јазиците пишува дека неговото спроведување за оваа година ќе чини 106 милиони денари (1,7 милиони евра) од буџетот. Но, во Владата сè уште се разработуваат деталите како ќе биде распределена оваа сума и дали таа навистина ќе биде доволна за да се покријат сите трошоци. Суспензивното вето овозможи повеќе време за да се утврдат точните суми додека Законот стапи во сила, ако пратениците повторно го изгласаат.

Со 16 милиони денари од вкупната сума, или 260 илјади евра, треба да се финансира работата на двете нови државни институции што треба да се формираат – Агенцијата и Инспекторатот за употреба на јазиците. Преостанатите 90 милиони денари треба да бидат распределени меѓу другите институции за да ги спроведат одредбите од овој Закон.

„Сумите се проекции кои се внесени во Буџетот за 2018 година, затоа што работните групи процениле дека толку пари се потребни за имплементација на Законот. Колку тоа ќе се реализира, ќе видиме. Во моментов немаме детали, не е утврдена динамиката за имплементација на Законот “, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Бошњаковски за БИРН вели дека сè уште се дефинираат деталите како ќе се трошат 90-те милиони денари (1,46 милиони евра) за подготовка и приспособување на сегашните институции, но најавува дека сето тоа ќе се реши за кратко време.

Дополнително ќе се утврди колку вработени ќе имаат двете нови институции што ќе се формираат, Агенцијата за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и Инспекторатот за употреба на јазиците. Во Законот е наведено  дека еден дел од вработените ќе се преземат од други институции како Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор. Агенцијата ќе вработува судски преведувачи, лектори, лингвисти и филолози по албански јазик.

Бошњаковски за БИРН вели дека сè уште се дефинираат деталите како ќе се трошат 90-те милиони денари (1,46 милиони евра) за подготовка и приспособување на сегашните институции, но најавува дека сето тоа ќе се реши за кратко време.

„И досега се работеше на подготовките за имплементација, но останува да се утврдат конечните детали“, вели Бошњаковски.

Кампањи, нови табли, преводи и двојазични судења

Во различни членови од Законот веќе се наведени конкретни обврски за институциите, како и рокови до кога тие треба да ги исполнат. Во првите шест месеци треба да се спроведат одредбите од членот 7, што значи промена на називите, натписите и на печатите. Така, сите институции и подрачни единици во Скопје и во општините каде што живеат најмалку 20 отсто Албанци ќе треба да постават табли со името на установата напишано и на македонски и на албански јазик.

Ќе има преуредување и во внатрешноста. Во истиот рок во објектите на сите подрачни единици во Скопје и во општините каде што ќе се спроведува Законот ќе треба и табличките на секоја канцеларија да се напишат на двата јазика. Ќе се изработуваат и нови печати што ќе ги содржат двата јазика, и верзии на албански јазик на интернет страниците за сите институции.

Членот 23 предвидува и дека веднаш откако Законот ќе стапи во сила, Владата ќе развие програма за подигнување на јавната свест за неговата примена. Портпаролот Бошњаковски тврди дека за тоа нема да се трошат пари.

„Ставот на Владата останува ист – ние нема да плаќаме за кампањи и за реклами. За кампањата ќе се користи јавниот радиодифузен сервис, но и за тоа деталите дополнително ќе се утврдат“, додава Бошњаковски.

Владата треба да ги дефинира и трошоците за изработка на нови униформи, поштенски марки, како и книжни и ковани пари. Тоа е предвидено во осмиот член. Ќе треба да се стават двојазични табли со имињата на улиците, плоштадите, мостовите и на другите објекти во Скопје и во сите општини каде што има најмалку 20 отсто Албанци.

Сите интернет страници на институциите ќе имаат верзија на албански јазик, која ќе се плати од буџетот

Меѓу нејаснотиите што треба дополнително да се расчистат е и како ќе се финансира спроведувањето на Законот во судовите. Членот 9 предвидува дека ако кој било учесник во судската постапка е Албанец (односно „лице кое го зборува јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните“), тој може да го користи својот јазик, а за другите ќе се обезбеди симултан превод. Ова не се однесува само на странките, туку и на судиите, обвинителите или другите учесници.

Претседателот на Републичкиот судски совет Зоран Караџовски вели дека ова може многу да го погоди судскиот буџет. Но, додава дека тоа е само еден од проблемите што Законот ќе ги предизвика во функционирањето на судовите.

Послабиот закон го потиснува посилниот

За Караџовски е спорно тоа што процесните закони, како Законот за кривична постапка, треба да се донесат со двотретинско мнозинство во парламентот, а овој Закон, изгласан со просто мнозинство, определува како ќе се водат постапките во судовите во врска со користењето на јазиците. Тој укажува дека во случај на неусогласеност меѓу два закона, важат одредбите на овој закон.

„Практично, послабиот закон се наметнува над посилниот, односно законот за кој се потребни помалку гласови го потиснува оној за кој условот е да се донесе со двотретинско мнозинство“, вели тој.

Караџовски додава дека никој не побарал мислење од Републичкиот совет кога се подготвувал Законот за употреба на јазиците, иако во него се наметнуваат обврски за судовите и се наведува дека трошоците за водење на постапките на два јазика со симултан превод ќе паднат на товар на самите судски институции.

Спроведувањето на Законот ќе предизвика трошоци на многу институции, меѓу кои и на судовите, а претседателот на Републичкиот судски совет, Зоран Караџовски, вели дека нив никој не ги прашал дали имаат пари да ги покријат дополнителните обврски.

„Тешко е да се претпостави колкави ќе ни бидат дополнителните трошоци. Судскиот буџет за годинава е утврден, а бидејќи овие обврски не постоеја кога тој се подготвуваше, за нив не се предвидени пари. Но сосема е сигурно дека тие тешко ќе ги погодат судовите, затоа што буџетот и онака не е на нивото на кое треба да биде, и 90 отсто од него се троши за плати и за надоместоци. Спроведувањето на овие обврски ќе подразбира не само ангажирање преведувачи, туку и обезбедување соодветна техничка опрема во судниците, како кабини, слушалки и друго. Треба да видиме кои решенија ќе ги понуди Владата за тоа и колку тие ќе бидат економски одржливи“, вели Караџовски.

Тој додава дека Законот може да предизвика и одолговлекување на постапките, бидејќи ќе бидат потребни преводи на одлуките. И други критичари на Законот го земаа решението за судските постапки како пример дека тој е неповолен и дека ќе предизвика штетни последици.