Досие Телеком

ДОСИЕ ТЕЛЕКОМ 4: Контоминас, од приватизација до либерализација

БИРН во неколку продолженија ги пренесува резултатите од истражувањето на обемниот доказен материјал кој е дел од постапката што пред судот во Њујорк се води против поранешните водечки луѓе на Маѓар Tелеком обвинети за поткупување на владини функционери во Македонија. Во ова продолжение за улогата на грчкиот бизнисмен Димитриос Контоминас

Грчкиот бизнисмен Димитриос Контоминас е речиси неодминлив лик во сите контроверзи кои ја следат приватизацијата на Македонски Телекомуникации, а подоцна и во „соработката“ на новиот сопственик Маѓар Телеком со македонските влади. Во долгодишната бизнис кариера се јавува како сопственик на „Алфа медиа“- медиумска компанија во чиј посед е грчката ТВ „Алфа“ и која во еден период беше сопственик и на скопската ТВ-Алфа, но неговиот основен бизнис е осигурувањето преку неговата компанија „Интерамерикан“.

n

Димитриос Контоминас

Токму „Интерамерикен“ на Контоминас во соработка со „Дебител“ се јавуваше како кандидат за приватизацијата на Македонски Телекомуникации, за потоа неговата фирма „Космотелко“ во соработка со Маѓар Телеком да стане мнозински сопственик на МТ во јануари 2001 година..

Во 2004 година, Контоминас им го продава на Унгарците својот удел од 7,44 отсто во Телеком за 31,4 милиони евра, но и натаму останува нивни близок соработник и доверлив лобист.

Според интерната ревизија која Маѓар Телеком ја изврши во 2009 година во својата филијала во Македонија, во периодот од 2000 до 2006 година, од фирмата се одлеале околу 24 милиони евра на сомнителни договори за консултантски услуги, лобирање и други „нелегитимни“ договори.

За тоа говори една преписка меѓу Кефалојанис до Балог од 9 јуни 2005 година, кој пак, потоа му ја препраќа на Штрауб со објаснување: „ова се македонските логистички фирми. Сите се од Кипар…“ Подолу во преписката се наведени имињата на петте кипарски компании кои треба да послужат како логистика. Интересно е што меѓу нив е и фирмата „МеКартур Лојд консалтинг“. Пет години претходно, оваа иста компанија се јавува како консултант и при приватизацијата на МакТел и кај неа завршиле најмалку еден милион евра за „трансакциски трошоци“.

Преписката меѓу Штрауб, Балог и Кефалојанис во која се наведуваат кипарските „македонски“ фирми кои треба да послужат како логистика за исплатата

Преписката меѓу Штрауб, Балог и Кефалојанис во која се наведуваат кипарските „македонски“ фирми кои треба да послужат како логистика за исплатата

Препораките на Љубчо Георгиевски

Во 2000 година кога започнува процесот на приватизација на Телеком, Контоминас е конкурент на Маѓар Телеком. Од преписката меѓу Хано Хаусман, еден од водечките менаџери во Маѓар и Дојче Телеком со менаџерскиот тим на компанијата во август 2000 година, може да се дознае дека првичните обиди на Контоминас да соработува со Дојче Телеком во процесот на приватизација биле неуспешни, иако неговата „Интерамерикан“ во пораката е опишана како компанија „со значително влијание“.

TelekomZ_R_txt_zaedit

На 30 јули 2000 година, Хаусман имал средба со Љупчо Георгиевски на која тогашниот македонски премиер го информирал дека на тендерот гледа сериозни инвеститори во „Матав/Дојче Телеком, Вивенди и во Дебител/Интерамерикан. На интересот на Словенците гледа со потсмев, додека интересот на грчките и турските компании не е во согласност со неговите политички цели.

Внатрешен брифинг во Дојче Телеком и Маѓар Телеком за резултатите од средбата со Љупчо Георгиевски

Внатрешен брифинг во Дојче Телеком и Маѓар Телеком за резултатите од средбата со Љубчо Георгиевски

Претставниците на германско-унгарскиот конзорциум барале совет од тогашниот премиер како да постапат по понудата на Интерамерикан заеднички да настапат на тендерот. Георгиевски ги советувал гостите од Дојче Телеком да не соработуваат со Интерамерикан во првиот круг од тендерот туку да почекаат до вториот круг, кога ќе биде јасно кој конзорциум пројавува сериозен интерес.

Во додатокот на истата преписка, која е дел од доказниот материјал против поранешните менаџери во Маѓар Телеком, се наведуваат и „главните играчи и носители на одлуки“ во Македонија во однос на приватизацијата на Телеком.

Тоа е период кога се распаѓа коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и Демократска алтернатива. Идниот сопственик на на МакТел тогаш веќе поранешните функционери, вицепремиерот Васил Тупурковски и министерот за транспорт Боби Спирковски, ги смета за поддржувачи на грчки ОТЕ.

Останатите клучни фигури кои се наведени се премиерот Георгиевски, заменикот премиер Бедредин Ибраими, претседателот Борис Трајковски, министерот за финансии Никола Груевски, за транспорт Љупчо Балковски, како и Ден Дончев и Кирил Трендафилов како менаџери во Телеком, и едно Н.Н. лице за кое во заграда е наведено дека е доверливо и дека е член на ВМРО.

Два милиони евра за тендерот за МакТел?

Спомнатиот ревизорски извештај за работењето на Маѓар Телеком открил и уште една преписка од 2000 година чиј автор бил Херман. Во неа се дискутирало за приватизацијата на МакТел, и за исплаќањето на неодредена сума пари како „трансакција“ кон непознати лица со цел „да се влијае на исходот на тендерот за МакТел, откако сите понуди ќе бидат на маса“. Содржината на преписката е достапна, но деталите за лицата кои биле вмешани не се отворени за јавноста.

Од прашањата кои обвинителството и одбраната ги испраќаат до бројните сведоци во процесот, може да се насети дека сумата исплатена за можниот поткуп при приватизацијата на МТ е најмалку 2 милиони евра. Имено, тоа го покажала и внатрешната истрага во Маѓар Телеком на која во прашањата се повикува Американската агенција за хартии од вредност – СЕК, врз основа на чии докази се води постапката пред судот во Њујорк, но и се отвора можност за претпоставена рекострукција на процесот.

Договорите за наводниот поткуп ги спровел Херман. Во е-порака до Штрауб испратена на 14 декември 2000 година која се однесува на приватизацијата на Македонски Телекомуникации, Херман пишува: „Во разговорот со Нико (Ставридис) спомнав колку е болна оваа сума за нас, и дали е можно да ја намалиме. Тој рече дека во моментов тоа е само принципиелно и дека таа сума доаѓа предвид доколку сме во тешка ситуација откако сите понуди ќе бидат на маса“.

Е-порака од декември 2000 од Херман до Штрауб и Хаусман во која се дискутира за „трансакциските трошоци“ за приватизацијата на МТ

Е-порака од декември 2000 од Херман до Штрауб и Хаусман во која се дискутира за „трансакциските трошоци“ за приватизацијата на МТ

Ревизорскиот извештај на Маѓар Телеком, според СЕК, заклучил дека Херман „покажал волја за сметка на водечките менаџери на Маѓар Телеком да префрли големи суми пари на компанијата до неидеинтификувани приматели за да се влијае врз јавниот тендер за МакТел“.

Дел од тие средства, во износ од над еден милион евра биле префрлени на сметката на фирмата „ЦА-ИБ Инвестментбанк“, која пак, како свој „подизведувач“ во процесот на приватизацијата на МакТел, ја ангажирала фирмата „МеКартур Лојд“. „ЦА-ИБ Инвестментбанк“ и „МеКартур Лојд“ се ангажирани од унгарско-германскиот конзорциум како лобисти во процесот на приватизацијата на МакТел.

Во распитот пред ревизорската комисија на Маѓар Телеком, Херман изјавил дека не се сеќава на ваков договор. СЕК се сомнева дека двете фирми никогаш не извршиле никакви услуги.

Преписката меѓу Балог и Штрауб од 9 јуни 2005 година која веќе ја објавивме, всушност, покажува дека „Мекартур Лојд“ е лажна фирма на Кипар која се користи како „логистика“ при исплатата на разни договори.

Спомнувањето на Никос Ставридис во преписката од 2000 година меѓу двајцата менаџери на Дојче и Маѓар Телеком укажува дека најблиските соработници на Контоминас, а веројатно и тој самиот, уште тогаш тесно соработувале со идните сопственици на МакТел, но и со водечките македонски политичари, со оглед на тоа што Маѓар Телеком ги сметал за клучни лобисти, како што покажува и писмото што тогашниот тогашниот менаџер во Маѓар Телеком, Хорст Херман, му го испраќа на Зигфрид Плајнер, еден од водечките менаџери во Дојче Телеком достапно во документите за случајот пред њујоршкиот суд.

Пресек на „клучните играчи“ во Македонија во приватизацијата на МакТел, изработен од Хано Хаусман

Пресек на „клучните играчи“ во Македонија во приватизацијата на МакТел, изработен од Хано Хаусман

Клучен лобист

Во 2002 година односите меѓу Матав и Македонската влада во тој период има сериозни проблеми, а кризата се влошува откако премиерот Георгиевски во јуни таа година јавно зборува за притисоците за отстапки од страна на Унгарците. Во тој контекст, повторно се спомнува името на Контоминас:

Херам ги информира Плајнер и врвот на Маѓар Телеком за улогата на Контоминас

Херам ги информира Плајнер и врвот на Маѓар Телеком за улогата на Контоминас

„Во основа сите најголеми лоби активности се водат преку Космотелко и сопственикот Димитрис Контоминас. Ова се должи на фактот што Контоминас има многу други бизниси со Владата, можност која ние ја немаме; и не би сакале да ја копираме. Всушност, грчко-македонската врска беше и причината поради која го вклучивме Космотелко како стратешки партнер во конзорциумот ‘Камени мост’. Затоа што ова е во моментов единствениот брз и ефективен канал кој го користиме кога сакаме да ја обезбедиме вредноста на МакТел“, пишува Херман.

За волја на вистината, Херман ја завршува пораката со забелешка дека за подобрување на односите потребна е мешавина на „западноевропски рационален тип на работа и бизнис во балкански стил“ кој го опишува како „ти мене јас тебе“ стил. Но, на крајот заклучува: „Да бидам јасен: тоа не значи нарушување на американскиот Закон за корупција“.

Околу разјаснувањето на улогата на Контоминас, веројатно исто така ќе треба да се почека целосното отворање на документацијата за случајот, по завршувањето на судењето.

Во декември 2008 година, грчкиот бизнисмен во Вашингтон два дена бил испитуван од надлежните во американското министерство за правда. Во 2014 година, при претресот на грчките власти на неговиот дом во Атина, пронајдени се потпишаните два оригинали на Протоколот за соработка меѓу македонскиот премиер Владо Бучковски и министерот за транспорт Џемали Мехази со Матав.

И од сведочењето на Богоески и од документите на судењето се потврдува дека никој, освен Контоминас, не ги добил оригиналните потпишани документи. Тоа, всушност, било и дел од договорот. Освен гаранција дека договорот нема да се открие во јавноста, тие биле и инструмент со кој Контоминас можел да обезбеди негово целосно спроведување.

За одлучноста, по секоја цена да се одржи тајноста на Протоколот, говори и преписката меѓу членот на Бордот на Телеком, Германецот Михаел Гинтер и менаџерот на Маѓар Телеком, Андраш Балог. На 31 мај 2005 година, неколку дена откако е потпишан Протоколот, Гинтер бара од Балог да добие копија од договорот. Преписката продолжува сѐ до 22 јуни истата година и содржи 10 пораки со исти барања, но без конкретен одговор. На крајот, Гинтер не ја добива бараната копија, но добива објаснување, телефонско, од Балог за „специјалните околности“ поради кои тоа не е можно.

Бројните истраги и сомнежи за корупција не се пречка за Контоминас да ја продолжи соработката со властите во Македонија и по 2006 година. Напротив. Сѐ до апсењето во Грција во 2014 учествува на тендери за изградба на хидроцентрали и е сопственик на земјиштето во центарот на Скопје на кое се градат хотел „Мериот“ и Офицерскиот дом, но потоа ги продава на рускиот бизнисмен Самсоненко.

Последните вести за него велат дека има здравствени проблеми и дека во октомври 2014 го продал својот луксузен апартман во Њујорк за 21 милион долари.